- Студентите се жалат на децениски нереновирани објекти, влага, неисправни тоалети, недостиг на топла вода и хигиенски небезбедна храна.
- Од девет државни студентски домови, само „Гоце Делчев“ во Скопје е делумно реновиран (пред 10 години), додека домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во моментов се во процес на реконструкција.
- Домовите се во финансиска криза поради ниската цена за сместување која не е променета од 2006 година.
- Иако се преземаат мерки, студентите сè уште се соочуваат со лебарки, недоволна топла вода, студени мензи и повремени проблеми со набавки на храна.
- Министерството за образование подготвува измени во Законот за студентски стандард со цел да се подобри финансирањето, управувањето, услугите и условите во домовите, вклучително и преку дигитализација и комерцијализација на мензите.
Стари објекти, нереновирани со децении, слабо или никакво греење и ладење, влага, лоши, а некаде и катастрофални услови во тоалетите, битка за топла вода и квалитетен оброк. Ова се „болките“ на македонските студенти кои во текот на нивното универзитетско образование се сместуваат во студентските домови во земјава.
Студентските домови можеби не се често во фокусот на јавноста и на медиумите, но одвреме навреме се појавуваат објави од студентите сместени во домовите кои шокираат. Најчесто тоа се фотографии од храната која ја добиваат, од тоалетите, од влага по ѕидовите во собите.
Само еден, студентскиот дом „Гоце Делчев“ е реновиран во последниве децении и тоа не целосно. Тоа се случи пред една деценија и во него во моментов се сместуваат најголем број од студентите кои од другите градови се на скопските факултети. Домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во моментов се во реконструкција и со овие два објекта почна реновирањето кое треба да опфати повеќе домови, дел и во внатрешноста на земјава.
„Ситуацијата со студентските домови во нашата држава не е сјајна затоа што во моментов од вкупно девет студентски дома, еден е поново реконструиран, студентскиот дом ‘Гоце Делчев’ во Скопје. Таму условите се, да речеме, задоволителни, со исклучок на мензата која исто така треба да биде реновирана. Во моментов се реновираат студентските домови ‘Стив Наумов’ и ‘Кузман Јосифовски Питу’ во Скопје, а потоа во другата фаза на тој проект, треба да се реновираат и останатите студентски домови во државата. Условите не се на ниво како што би требало да бидат. Она за што се жалат студентите се однесува на условите цеколупно, во делот на греење, некогаш во делот на топла вода. Во ‘Пелагонија’ имаше проблеми, нонстоп има предизвици. Понатаму, количеството на храна, количеството на месо во храната, чистота, но тука битен е моментот и самите студенти да го одржуваат домот, односно да не ги оштетуваат и тие услови коишто ги имаат затоа што и тоа се случува често. Сведоци бевме на реновирањето на делот од зградата од ‘Стив Наумов’ каде што по одреден период, студентите сами имаа искршено дел од тоалетите. Така што, треба од двете страни да се внимава. Она што е добро е што се надеваме дека на крајот од 2025 ќе биде отворен студентскиот дом ‘Кузман’, а потоа и ‘Стив Наумов’ во 2026 година за веќе да се подобрат одредени услови коишто за жал во моментов не се задоволителни“, објаснува за Само прашај претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Александар Николовски.
Долговите го изедоа „студентскиот стандард“
Условите во „Гоце Делечв“ се далеку од идеални, но овој дом се смета за најпосакуван меѓу студентите затоа што во однос на останатите е во драстично подобра состојба. Во реновирањето пред 10 години, не е опфатена мензата. Таа е стара 40 години, во тогашната реконструкција не се опфатени ниту, на пример, бојлерите и тие се поставени пред 40 години.

Бевме во домот „Гоце Делчев“. Дел од собите се со сопствени тоалети и нормално студентите во нив и најмногу сакаат да живеат. Во разговор со дел од нив потенцираат дека генерално се задоволни. Очекуваат конечно да биде реновирана и мензата во која нема греење, поради што, сега, кога е студено, мора брзо да се јаде.
„Условите во домот се релативно добри, овој дом е реновиран пред дестина години така што просторните услови се реалтивно добри. Персоналот и вработените се грижат за инвентарот и просториите. Така што од тој аспект ситуацијата е добра. Имавме малку повеќе проблеми во делот на исхраната поради некои нереализирани договори за јавни набавки. Конкретно, неколку месеци немаше набавка на млеко и млечни производи, свежо месо и некои други помали или поголеми проблеми. Се стабилизиравме во рок од месец - два, ги направивме тие неопходни јавни набавки и мислам дека сега студентите, барем како што кажуваат, храната е на задоволително ниво. Се соочуваме со некои финансиски проблеми, тоа се долгорочни финансиски проблеми, зборувам за период од 15/20 години. Цената е останата иста од 2005/06 година за сместување и работиме во комуникација со Владата, со министерката за изнаоѓање решение за да се надминат тие проблеми. Еднаш веќе конечно да се надминат после толку години“, вели Александар Каровски, директорот на Државен студентски дом – „Скопје".
Каровски признава дека решавањето на овие проблеми не е крајот, особено што во домот има многу студенти кои во овој момент најмногу се жалат на лебарките низ собите.
„Тоа е актуелно во моментов. Меѓутоа нормално, тоа е жива материја, цело време има фирми што работат за отстранување и ќе го решиме и тој проблем. Студентите чуваат храна по собите, но имаат право да се жалат и ние мора да работиме да го решиме тој проблем. За комплетно да се дезинфицира треба во лето кога ќе си заминат сите студенти“, објаснува Каровски.
Студентските домови со години се борат со големи дологови и неможност да се справат со реалните трошоци и средствата кои ги добиваат од партиципацијата од студентите и од државата. Според постоечкиот систем, предвиден во Законот за студентски стандард, финасирањето на домовите е по принципот 50/50. Половина од предвидената сум плаќаат како партиципација студентите, а половина од сумата плаќа државата. Сепак, оваа сума која вкупно во моментов е околу 7.000 денари по студент е многу под сумата која би била доволна за реално покривање на трошоците.
„Цената за сместување во студентските домови не е променета од 2006 година. Долговите главно се направени поради ниската цена. Таа цена не ги задволува потребите за домовите да се рентабилни и финансиски стабилни. Имало и недомаќинско работење, ние имаме најголем проблем бидејќи сме со најголем број студенти поради тоа што ние се финасираме единствено од партиципација на студентите, значи како што се зголемува бројот на студенти, така се зголемуваат и долговите“, вели Каровски.
Со сумата што ја добиваат, студентските домови ги покриваат сите трошоци, сите потреби за студентите, плати за вработените, сметки. Каровски вели дека новите законски решенија мора да предвидат некаво олеснување за домовите. Смета дека решенијата ќе одат во насока, државата да преземе дел од трошоците, за плати или за комуналии, за да се ослободат дел од средствата кои би оделе за потребите на студентите. Овие идеи се за да не мора да има драстично зголемување на сумата што ја плаќаат студентите. Тоа, според него, требало да се прави низ годините, за да биде побезболно.

Долговите на студентските домови се таложат со години. На крајот на секоја година, државата помага за да се намали долгот, објаснува Каревски.
Овие промени ќе бидат направени со измените во Законот за студентски стандард кои ги најави Министерството за образование и наука. Подготовката на измените е во тек, а според најавите ќе опфаќа неколку аспекти. „Со Законот за изменување и дополнување на Законот за студентски стандард се предвидуваат подобрувања во начинот на финансирање на студентските домови, методологија за доделување на стипендии, доуредување на начинот на сместување на студентите во домовите, статусот на вработените, дигитализација на услугите и слично“, се вели во објаснувањето од Министерството.
Дека мора да бидат направени промени се согласуваат и од Универзитетското студентско собрание на УКИМ. Тие со предлози биле вклучени во подготовката на Законот. Барале средствата од државата за домовите за да бидат одржливи, намалување на бројот на членови на управните одбори, рационализација на домовите, комерцијализација на мензите, објаснува за Само прашај претседателот на Универзитетското собрание Александар Николовски.
„Во моментов, домовите не можат да бидат одржливи затоа што партиципацијата којашто се добива од државата и од студентите е многу ниска во однос на стандардот кој е потребен. Со измените на Законот ќе се добијат повеќе средства во касите на домовите и тука студентите ќе партиципираат можеби со мало покачување на киријата, затоа што 14 години од прилика, не е сменета. Но, тоа нема да биде значително многу, затоа што најголемиот дел од товарот ќе го понесе државата. Има измени во однос на тоа како ќе се плаќа, начинот на која сега е уредено ќе биде различен со начинот кој се планира, но сето тоа ќе биде во полза на студентскиот стандард“, вели Николовски.
Поради реновирањето на „Стив Наумов“ и на „Кузман Јосифовски Питу“, најголем дел од вкупно 4.300 студенти кои аплицирале за сместување се во домот „Гоце Делчев“, а потоа и во „Пелагонија“ и во „Сениќ“. А, токму „Пелагонија“ беше во фокусот на вниманието кога студентите објавија фотографии од тоа какви се условите со објектот, каква храна добиваат и најголемиот проблем - немањето топла вода, кој беше решен по неколкунеделна битка и медиумски притисок.„Конкурсот за сместување во студентските домови во академската 2024/2025 година предвиде 4.303 легла за студенти од сите години. Ниту еден студент кој аплицираше и ги исполни условите не е одбиен за сместување. Целосно се пополнети капацитетите во студентските домови ‘Гоце Делчев’ и ‘Пелагонија’, додека во останатите е пополнет околу 90% од капацитетот. Двата студентски дома кои се реновираат, ‘Стив Наумов’ и ‘Кузман Јосифовски – Питу’, согласно договорот со изведувачот на градежните работи ќе бидат завршени кон крајот на тековната година, а следни за реконструкција се домовите во Штип и Прилеп, каде активностите очекуваме да започнат во втората половина оваа година. Во текот на мандатот на актуелната Влада сите студентски домови ќе бидат целосно реконструирани и тоа е предвидено во проектот со Германската развојна банка – KFW“, одговараат од Министерството за образование за Само прашај.
Шест години без никакви инспекции во домовите
Една од опциите за студентите е и домот „Томе Стефановски – Сениќ“ во Автокоманда. Во проверката на тоа какви се условите таму, добивме фотографии од една студентка. Вели, најмногу ми пречи мувлата на ѕидовите, храната е подборена. Но смета дека и самите жители на домот треба да бидат малку повнимателни во однос на хигиената.
Условите за живеење во „Томе Стефановски – Сениќ“ се далеку од задоволителни, освен храната која е подобрена
Но, државата шест години немала никакви информации за состојбата на студентските домови. Контролата на состојбата е обврска на Државниот просветен инспекторат. Но, Државниот завод за резвизија констатираше минатата година дека инспекции во домовите не се направени неколку години.
„Со извршената ревизија утврдени се слабости и недоследности во спроведувањето на инспекцискиот надзор, што влијае на ефективноста и законитоста на контролите во студентските домови и воспитно-образовните установи. Согласно законските одредби Државниот просветен инспекторат има обврска да врши инспекциски надзор најмалку еднаш годишно во студентските домови и да достави извештај до МОН и Владата во рок од 60 дена по завршувањето на сместувањето на студентите. Со ревизијата утврдено е дека последниот инспекциски надзор бил извршен во 2019 година, по што не се извршени нови контроли, ниту се изготвени записници за извршени надзори. Недостигот на редовни и вонредни контроли во процесот на при евидентирање и сместување на студентите, како и на точноста на податоците во документацијата на студентските домови, го оневозможува нивното правилно функционирање и исполнување на целта за обезбедување соодветни услови за студентите“, се вели во извештајот на ДЗР објавен минатата година.
Од МОН признаваат дека редовни контроли немало, но тоа во голем дел го припишуваат на недостатокот на кадар во Инспекторатот.
„И покрај тоа што Државниот просветен инспекторат се соочува со недостиг на капацитет, односно нема доволен број вработени кои ќе одговорат на сите обврски од делокругот на работа на институцијата, во изминатите 8 месеци од просветните инспектори направени се над 1.500 надзори во образовни установи, вклучително и контроли во државните студентски домови. За да не се случуваат ситуации како во минатото и да има забелешки во државните ревизорски извештаи, ќе се заложиме за надминување на ситуацијата со недостиг на кадар во ДПИ“, велат од МОН од каде уште и ни одговорија дека во претстојниот период ќе има помалу интервенции во дел од домовите кои според распоредот за реконструкција се предвидени во последната фаза од проектот за обнова на државните студентски домови.
Додека се поправат условите – младите заминуваат
Покрај битките за достоинствена живејачка на студентите кои остануваат овде, она што е исто така загрижувачко за земјава е воочливото заминување на младите на студии во странство. Секоја година, според Заводот за статистика се намалува бројот на запишани студенти на државните универзитети, а во 2024 како што објави Заводот, намален е и бројот на дипломирани. Со тоа се намалува и потребниот број сместувања во домовите.
Нашето истражување за тоа колку студенти има Македонија во странство и зошто решиле да заминат, нè доведе до податокот дека Словенија и натаму е најпривлечна земја за македонските државјани кои сакаат високото образование да го продолжат во странство. Над 1.300 македонски државјани лани побарале потврди за здравствено осигурување од Фондот за здравствено осигурување за студирање само во Словенија.

Точна бројка колку македонски државјани студираат во странство не водат ниту Министерството за образование ниту Државниот завод за статистика. Најблиска бројка до тоа колку и каде македонски граѓани студираат Само прашај ги доби од Фондот за здравствено осигуурување според бројот на потврди за користење здравствени услуги во странство. Но, и оваа бројка е приближна, бидејќи вакви потврди ФЗОМ издава само кога македонски државјани студираат во држави со кои Македонија има склучено договори за здравствено осигурување, а тоа се 18 држави.
Според податоците од Фондот за здравствено осигурување лани се издадени над 1.600 потврди за здравствено осигурување на македонски државјани кои потврдата ја побарале по основ дека студираат во тие држави. Најмногу вакви потврди се издадени за Словенија, а потоа следуваат Италија, Србија, Германија, Хрватска, Австрија, Бугарија и Турција, а потоа Холандија, Франција, Белгија, Чешка и Словачка, а по еден студент има во Црна Гора, Албанија, Унгарија и Босна и Херцеговина.
Како што веќе пишуваше Само прашај, бројот на македонски граѓани кои заминуваат да студираат во Словенија од 2017 година наваму постојано расте, бидејќи словенечката Влада ги покрива троќоците за студирање, кои се движат од 2.000 до 15.000 евра, во зависност од универзитетот и областа на студирање. Според податоците кои тогаш ги добивме од Амбасадата на Словенија, во академската 2017/2018 година 783 македонски државјани добиле стипендија и заминале да студираат во Словенија, а во 2022/2023 година на државните факултети во Словенија студирале 1.307 македонски државјани. Оваа бројка, според одговорот што го добивме со посредство на Амбасадата на Словенија веројатно е поголем, со оглед дека тука ги нема податоците од приватните факултети.
Од Министерството за образование велат дека не располагаат со прецизни податоци за бројот на македонски студенти во странство, од причина што нема можност да го следат одливот на наши граѓани кои заминуваат во странство на сопствена иницијатива.
„Располагаме со податоци за број на студенти кои добиле стипендија од МОН за студирање во странство, како на пример оние кои се запишани на некој од најдобрите 100 светски универзитети – станува збор за 400 студенти на сите три циклуси на студии во периодот од 2010 година до сега“, изјавија од Министерството за образование и наука.
Од МОН објаснуваат дека овие стипендии се доделени во повеќе држави, но дека ги издвојуваат универзитетите во Лондон, Кембриџ, Оксфорд, Утрехт, Ајндховен, Техничкиот универзитет во Минхен, Федералниот институт за технологии во Цирих, Манчестер и Единбург.
Младите од Македонија кои по завршување на средното образование одлучиле високото образование да го продолжат во странство велат дека со тоа што ќе завршат студии на некој од факултетите во високоразвиениете земји ќе добијат меѓународно признаена диплома и дека потоа можностите да најдат соодветна работа и натаму да напредуваат се многу поголеми од тие во Македонија.
Една од земјите во кои одат да студираат е и Унгарија, држава која има програма преку која стипендира и овозможува да се студира без да се плаќа школарина. За Само прашај, за студирањето во Будимпешта зборува Јулија Ѓорѓиеска која ја завршува првата година студии во главниот унгарски град.
„Одлучив да студирам во Унгарија, најпрво, бидејќи добив стипендија преку програмата Stipendium Hungaricum, која овозможува студирање без школарина и минимално покривање на трошоците за живот. Унгарија е една од најдостапните земји во ЕУ кога станува збор за трошоците за живеење, а сепак нуди ист квалитет на образование и можности како и другите развиени ЕУ држави. Будимпешта, како главен град, е многу интернационален и има богата понуда од програми, проекти и практикантства, што им овозможува на студентите да се развиваат и академски и професионално“, објаснуваа таа.
Студиите се на англиски јазик, за еден предмет има и до четворица професори што дава различни перспективни, но може да биде и збунувачко, вели Јулија.
Таа ни ги опиша условите на Универзитетот каде што студира, кои имаат многу предности во однос на она што го имаме ние тука.
„Универзитетот во Будимпешта нуди многу флексибилен систем. Наставата не е задолжителна и ако се соберат доволно поени од колоквиуми, предметот може да се положи и без финален испит, што овозможува подолг летен и зимски распуст (четири месеци лето, два месеци зима). Нема домашни задачи или групни проекти, работата е сосема индивидуална, а можност за екстра поени има преку кратки квизови за време на предавањата. Испитите и колоквиумите се одржуваат на компјутери во специјални испитни сали под строга контрола – со камери, заштитни екрани и строги правила против препишување, а колоквиумот/испитот автоматски се исклучува по истекот на ограниченото време. Кампусот има околу 10 модерно опремени згради и постојат и студентски клубови организирани од самите студенти“, раскажува Јулија за нејзиното искуство во Будимпешта.
На прашањето што прави МОН за да ги направи македонските факултети и универзитети конкурентни со оние во другите земји и привлечни за македонските државјани, од МОН велат дека високото бразование станува приоритет на Владата и дека лани е формирано Национално координативно тело за реформи во високото образование и научно истражувачката дејност, чија задача е да ја скенира целокупната состојба и да предлага политики за унапредување на квалитетот.

„Веќе се работи на подготовка на нов Закон за високо образование кој ќе обезбеди повеќе права и можности за професорите и студентите. Се разгледува можноста законот да предвиди и гарантирано вработување на најдобрите студенти во една генерација на јавните универзитети и научни установи“, велат од МОН и додаваат дека во процес на изработка е нов Закон за студентскиот стандард, во што се вклучени и студентите.
Според податоците од Државниот завод за статистика минатата академска година на македонските факултети и универзитети биле запишани над 52 илјади студенти.
Од МОН објаснуваат дека годинава буџетот за образование е за шест милијарди денари поголем од претходната година и дека сега изнесува 38 милијарди денари. Според МОН тоа значи и повеќе средства за високото образование и за унапредување на студентскиот стандард, или триста милиони денари повеќе од лани.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарки: Катерина Ѓуровски, Елица Бочвароска
Снимател: Наке Батев
Фотографии: Наке Батев, Дарко Андоновски, приватна архива
Поврзани стории
Секоја година по десет отсто од македонските студенти заминуваат во странство





