fbpx

Европската иднина на младите во Македонија е само на хартија

  • Иако има Национална стратегија за млади до 2025 година, во тек е изработка на нова.
  • Скорешно истражување покажува дека дури 90% од младите сакаат да се иселат.
  • Само малкумина најупорни успеваат да го остварат својот професионален сон.
  • Од Владата признаваат дека досегашните политики не дале резултат и во новиот документ ќе се поправат грешките.
  • Клучен проблем во спроведувањето за политиките за млади е имплементацијата поради ограничениот буџет.
 

Состојбата на младите во Македонија со децении сè повеќе се влошува што е причина повеќето да бараат начини да си заминат. Секој има своја причина да си купи карта најчесто во еден правец, но сè генерално се сведува на бесперспективноста. Најновото истражување во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ спроведено на 5 декември минатата година во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), всушност ја дава целосната слика за лошата состојба на младите во држава.

Најфрапантниот податок во ова истражување е дека 90 проценти од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат. Причините за тоа се отсликани во податокот дека во 2021 година невработеноста кај младите била 28,3 проценти, а секој четврти млад човек во земјава (27,3%) се соочува со сиромаштија. Трет фактор за незадоволството е и нереформираното образование. Освен стратегии со познатите флоскули за просперитетна иднина на младите, Владата не прави ништо во пракса за запирање на овој тренд.

Хартијата трпи сè

Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Лани го доби признанието „Успешни млади“ за најдобар млад научник во хуманистичките науки што го доделува македонскиот Претседател.

И покрај неговата успешна професионална приказна, на прашањето дали состојбата на младите во Македонија е задоволителна, одговара со – не. Тој не гледа резултати во пракса од националните стратегии за подобрување на состојбата на младите и вели дека тоа е само „листа со желби“.

Не ни требаат стратегии на хартии

„Не се потребни стратегии коишто се или би останале само на хартија. Потребни ни се стратегии коишто ќе се темелат на конкретни согледувања на состојбите сега и на конкретна визија каде сакаме да бидеме како нација, како општество, како култура, како држава, во одреден временски период во времето пред нас, ама и остварлива визија како реално да дојдеме до тоа. И најважното, таквата стратегија подразбира влог од секого поединечно, и од институциите и од поединците. Вклучително и од нас, младите – тоа што постојано за нешто им забележуваме на генерациите пред нас, не нè ослободува од обврската дека во своето време ние треба да дадеме свој влог“, вели тој.

Признава дека неговиот пат до она што е денес воопшто не бил лесен. Додека одел кон остварување на својот професионален сон, работел во многу други професии - за да обезбеди семејна егзистенција, а притоа стекнувал и професионално и животно искуство. Како едни од главните препреки на овој пат ги споменува новиот Закон за високо образование, кој го нарекува демотивирачки за дипломираните млади кадри, пред сè поради високата цена за заокружување на докторските студии од близу 5 000 евра, без концепт за стипендирање и поддршка за оние кои се издвојуваат по својата посветеност на науката.

Иако Антоновски од 2021 година е дел од Катедрата за македонска книжевност и култура и сега секојдневно, професионално е посветен на неговата животна определба, вели дека проблемите како што е невработеноста и неквалитетното образование во државава кои со децении не се решаваат, влијаат кај младите да сакаат да си заминат од земјата.

„Неспорно е, ние, генерациите растени или родени во периодот на тнр. транзиција, постојано сме во некаков процес на транзиција и во исчекување таа да заврши. И во период кога сега, чинам и светот воопшто е во некаков период на транзиција и неизвесност, вели Антоновски.

Имаат национална стратегија, но не и просперитетна иднина

Актуелната Национална стратегија за млади како документ ги отсликува токму овие суштински проблеми кои ги споменува Антоновски и нуди решенија за подобрувања во сите области каде се засегнати младите. Иако таа го покрива периодот од 2016 до 2025 година, сепак во меѓувреме започна изработка на нова, овој пат за периодот од 2023 до 2027 година, која генерално ги опфаќа истите цели. Што се сменило во меѓувреме за да се појави потреба од нејзино ревидирање?

За претседателот на Универзитетско студентско собрание на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје Славчо Темелковски тоа укажува дека моменталната стратегија не дала резултати.

„Очигледно е дека воочиле дека има некаква грешка со старата, па одлучиле да прават моментално некоја нова стратегија, бидејќи очигледно старата не вродила со некаков плод“, вели Темелковски.

И претседателката на Универзитетското студентско собрание на Американскиот универзитет на Америка ФОН Мила Петрушевска, исто така, смета дека моменталната Национална стратегија не придонела лошата состојба во оваа област да се поправи.

„Стратегија има, испланирана е, но останува на крајот на денот само на зборови, јас како студент можат да кажам дека во пракса, односно на дело ништо од тоа не е покажано“, вели Петрушевска.

Советникот за млади и младински политики на претседателот на Владата, Ѓорги Тасев, признава дека досегашната Стратегија не ја остварила целта и тие грешки сега треба да се поправат. Она што е новина во новата стратегија, е вметнување на политики за поголемо младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образованието и културата.

„Во однос на претходната стратегија за млади, можам да кажам дека дефинитивно можеше да се искористи многу повеќе и да се даде еден дополнителен импакт на оваа стратегија, и да се даде поголемо внимание на самата стратегија за млади, и сметам дека оние научени лекции од претходно сега ги имплементираме како една добра пракса овде и настојуваме она што било и како погрешен пристап, она што не можело да се имплементира, она што е реална состојба, да го имплементираме со новата стратегија за млади. Затоа ја потенцираме важноста дека со ова опфаќаме поголеми тематски целини кои што на еден начин ќе ја детерминираат улогата на младите во нашето општество“, вели Тасев.

За директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, пак, главниот фокус во новата Национална стратегија за млади ќе биде да се задржат младите во државата преку намалувањето на невработеноста.

„Се надевам дека со оваа стратегија ќе се опфати буквалноста, целината и тежината на младите за да можат полесно да почнат со своите вработувања, тоа е нели примамлива цел за младите да останат кај нас. Ако им даде државата соодветна работа, соодветно место за вработување каде тие студирале и знаат што треба да работат, мислам дека така ќе го намалиме иселувањето од државата за умовите, убавите деца, перспективните деца да останат тука“,вели Мојсоски.

Карта во еден правец

Во изработката на новата национална стратегија се вклучени младинските претставници, како и поединци кои изразиле желба да дадат придонес. Од работилниците кои досега ги организирала Агенцијата за млади и спорт за мапирање на проблемите, произлегол заклучокот дека младите сакаат европска иднина, а преку стратегијата тој нивен глас треба да допре до институциите.

„Досега немавме некоја пресвртница, но од сега гледам дека оваа стратегија букваlно ја бараат младите за европска иднина, европската иднина можеме да ја слушнеме само од нив, да ја слушнат и институциите. Така што, ние сме двигател, од тука почна Националната стратегија, но без институците кои се во Владата, кои треба да ја спроведат оваа стратегија. Ако другите министерства не се вклучени, залудно ја правиме“, вели Мојсоски.

И додека во Македонија се разговара за европската иднина, многу млади одамна купија карти во еден правец - за надвор.

Податоците од Државниот завод за статистика кои произлегуваат од последниот Попис покажуваат дека иселувањето има драматични последици на демографската слика - за разлика од 2002 година кога сме имале 764.251 млади до 29 години, денеска нивниот број е 638.000 или 126.171 помалку.

За разлика од тоа, има зголемување на бројот на популацијата над 60 години - ако во 2002 година имало 303.000 или 15 проценити од населението, денес тие се над 440.000 луѓе или скоро четвртина од жителите во земјава.

Населението во изминатите 20 години старее: Извор: ДЗС

Дополнително на ова, на јавната дебата организирана од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) за иселувањето на младите, беа споменати анализи кои покажале дека во последниве 20 години над 500 000 млади ја напуштиле земјата. И во Извештајот за глобална конкурентност објавен од Светскиот економски форум, Македонија е на врвот, односно на третото место, во светот по процентот на „одлив на мозоци“. Како системски слабости кои придонесуваат за ваквата состојба, во Извештајот се посочуваат лошата инфраструктура, квалитетот на образованието, квалификација на работната сила и финансискиот систем, области од кои младите се особено засегнати.

На трето место во светот по одливот на мозоци (Извор: Светски економски форум)

За актуелната стратегија нема финансиска рамка

Ако еден документ во пракса не направи суштински промени, тој останува само парче хартија, вели претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Петар Барлаковски. Според него, Националната стратегија досега не успева да дојде до завршниот чекор, имплементацијата.

„Ние ги имаме тие документи, меѓутоа за жал тоа е еден огромен проблем на ниво на цела држава каде што имаме супер решенија, закони, стратегии и било какви стратешки документи, меѓутоа кога доаѓа чекор за нивна имплементација, за жал, тука е делот каде што настанува проблем и најчесто тоа и се случува каде што гледаме дека и самата држава нема доволно средства да ја имплементира таа стратегија, па тука сме зависни од различни донатори, дали се тоа меѓународни организации амбасади и слично, што сметам дека е недозволиво. Па оттука е приоритетно за самата држава не само да одвои средтсва за изработка на оваа стратегија туку и дополнително да одвои средства за нејзина имплементација“, вели Барлаковски.

И тука доаѓаме до клучниот момент за имплементацијата, а тоа се финансиските средства. За актуелната стратегија нема финансиска рамка.

Како што појаснуваат од Агенцијата за млади и спорт, фискалните импликации треба да бидат предвидени во акциските планови за одредени активности, но тие се донесени без финансиска рамка со објаснување дека активностите ќе се реализираат во рамки на веќе предвидените буџетски средства на секоја институција. Меѓутоа, стратегијата засега нема „канал“ за спроведување и следење. Она што го има е само политичка волја.

Студентски марш: Реалноста е спротивна на моменталната политика

Дека носењето на европската иднина за младите е само желба покажува и последниот студентски марш на 17 ноември лани, на кој учествуваа околу 200 студенти, на кој младите луѓе порачаа дека моменталните младинските политики во државава се спротивни од изразените ставови и ветувања за градење европска иднина.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарки: Симона Србиноска и Викторија Петровска
Сниматели: Славче Анѓелков и Александар Карпузовски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ