- Лани го поставивме неславниот рекорд како најзадолжени од 2002 година до сега.
- Анализата покажува дека ова е очекувано, бидејќи со децении сите македонски влади имаат буџетски дефицити, односно генерираат нови задолжувања за да може да ги финансираат расходите предвидени во буџетот.
- Во математичките пресметки на предвидениот раст на БДП и реализираното задолжување (буџетски дефицит) се крие главната игра околу неточните податоци за јавниот долг.
- Рапидниот раст на јавниот долг од 3,7 процентни поени во 2023 се должи на епското потфрлање на растот на Бруто домашниот производ за истата година.
- Со години постои пракса на нереални проекции на повисок раст на БДП отколку што ќе се реализира, со што јавниот долг процентуално се намалува.
Македонија 2023 година ја заврши со рекорден јавен долг од 62,1 отсто од бруто домашниот производ. По 2021 година, кога првпат беше пробиена границата од 60 отсто, лани го поставивме неславниот рекорд да сме најзадолжени од 2002 година (од оваа година има официјални податоци на веб страната на Министерството за финансии, која е релевантен извор на податоци), па до сега.
Официјалните податоци покажуваат дека јавниот долг расте секоја година (Извор: Министерство за финансии)
Но, анализата на порастот на јавниот долг покажува неколку елементи.
Јавниот долг во апсолутна вредност расте секоја година.
Ова е очекувано, бидејќи со децении сите македонски влади имаат буџетски дефицити, што значи дека секоја година генерираат нови задолжувања за да може да ги финансираат расходите предвидени во буџетот. Со задолжување се покриваат парите кои не може да се соберат со даноци и други давачки или со години трошиме далеку повеќе отколку што е силината на економијата и на граѓаните.
Освен во апсолутен износ, расте и процентуалното учество на задолжувањето во однос на бруто домашниот производ, односно расте јавниот долг.
Но, и да не расте процентуално, како што се обиде кон крајот на 2023 година да прикаже се уште актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими, генерално, никогаш не се намалува апсолутниот износ на долгот, туку со поголем раст на бруто домашниот производ од нивото на растот на задолжувањето, процентуално се намалува јавниот долг.
Тука, во овие математички пресметки на предвидениот раст на БДП и реализираното задолжување (буџетски дефицит), кој никогаш со начинот на владеење на нашите влади не се намалува, се крие главната игра околу неточните податоци за јавниот долг.
Оптимизам или можеби залажување на јавноста?
За да стане појасно, Министерството за финансии во октомври 2023 година се пофали дека јавниот долг во третиот квартал е намален за 55,8 отсто од БДП.
Министерство за финансии
Потоа, на почетокот на годинава, од Министерството за финансии тврдеа дека јавниот долг за 2023 е 58,4 % од БДП, за вистината да исплива во март, кога се дозна дека сме рекордно задолжени од цели 62,1% или во апсолутен износ 8.477 милиони евра.
Извор: Министерство за финансии
Ваквиот рапиден раст на јавниот долг од 3,7 процентни поени се должи на епското потфрлање на растот на Бруто домашниот производ за 2023 година.
Цело време, значи за цела 2023 година Финансии оперираа со податокот дека БДП – то ќе порасне за 2,9 %, а инфлацијата за 7,1 % во споредба со 2022 со што апсолутниот износ на Бруто домашниот производ ќе изнесуваше 14 милијарди и 520 милиони евра.
Основни макроекономски индикатори | 2008 | 2009 | 2010 | 2011 | 2012 | 2013 | 2014 | 2015 | 2016 | 2017 | 2018 | 2019 | 2020 | 2021 | 2022 | 2023 | 2024 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
реална стапка на раст (во %) | 5.5 | -0.4 | 3.4 | 2.3 | -0.5 | 2.9 | 3.6 | 3.9 | 2.8 | 1.1 | 2.9 | 3.9 | -4.7 | 4.5 | 2.2 | 2.3 | 3.4 |
во милиони денари* | 414.890 | 414.622 | 437.296 | 464.186 | 466.703 | 501.891 | 527.631 | 558.954 | 594.795 | 618.106 | 660.878 | 692.683 | 669.280 | 729.445 | 803.141 | 894.727 | 980.860 |
во милиони евра* | 6.772 | 6.767 | 7.109 | 7.544 | 7.585 | 8.150 | 8.562 | 9.072 | 9.657 | 10.038 | 10.744 | 11.262 | 10.852 | 11.836 | 13.033 | 14.520 | 15.917 |
во милиони долари* | 9.910 | 9.407 | 9.413 | 10.495 | 9.744 | 10.817 | 11.361 | 10.072 | 10.681 | 11.311 | 12.679 | 12.606 | 12.364 | 13.998 | 13.705 |
Тврдењата на МФ за раст на БДП од 2,9 % за 2023, завршија со скромни 1%
Во реалноста, прогнозите потфрлија. Растот на БДП беше само 1%, а на инфлацијата 9,4 насто. Но, во апсолутна бројка, 2023 ја завршивме со БДП од 13 милијарди и 650 милиони евра или 870 милиони евра помалку од планираното. Со ова, иако јавниот долг не растеше во апсолутна бројка, драстично се зголеми процентуално поради помалиот БДП.
БДП | Пораст во апсолутни бројки на БДП | Пораст на БДП во % | Јавен долг | Јавен долг % | Остварен економски раст | Инфлација | |
2015 | 9.070 | ///////// | 4.227 | 46,6% | 3,9% | -0,3% | |
2016 | 9.653 | + 583 | +6,4% | 4.711 | 48,8% | 2,8% | -0,2% |
2017 | 10.099 | + 446 | +4,6% | 4.787 | 47,7% | 1,1% | 1,4% |
2018 | 10.748 | + 649 | +6,42% | 5.202 | 48,4% | 2,9% | 1,5% |
2019 | 11.280 | + 537 | +4,99% | 5.541 | 49,1% | 3,9% | 0,8% |
2020 | 10.889 | - 426 | - 3,77% | 6.483 | 59,7% | -4,7% | 1,2% |
2021 | 11.832 | + 973 | +8,96% | 7.135 | 60,3% | 4,5% | 3,2% |
2022 | 13.033 | + 1.201 | +10,15% | 7.703 | 59,1% | 2,2% | 14,2% |
2023 | 13.650 | + 617 | + 4,73% | 8.477 | 62,1% | 1% | 9,4% |
2024 | 14.965 | + 1.315 | + 9,63% | 8.770 | 58,6% | 3,4% | 3,6% |
Дополнително, Бесими процени дека не е потребен ребаланс на Буџетот за 2023 со што проекциите за износот на БДП, значи за растот, инфлацијата и буџетскиот дефицит си останаа исти, а реалноста и повеќе финансиски институции велеа дека тешко ќе се реализираат очекуваните параметри.
Министерот Бесими наспроти фактите тврдеше дека ребаланс за 2023 не е потребен
И ова, не е случајно. Ваквата пракса на нереални проекции на растот на економијата се провлекува со години, децении. Едноставно, се проектира повисок раст на БДП отколку ќе се реализира, со што јавниот долг процентуално се намалува. Кога нема да се реализира предвидениот пораст, а многу често и тоа се случува, на пример лани кога наместо 2,9 имавме само 1% раст на БДП, бидејќи буџетскиот дефицит (ново задолжување) но и постојаниот долг автоматски го зголемуваат своето учество во однос на бруто домашниот производ.
Со децении „случајно“ се прогнозира поголем раст
Според универзитетскиот професор на катедрата за економија при УКИМ Борче Треновски, јасно се забележува оваа „игра“ со бројки која на крајот ќе ја платат граѓаните, дали порано, дали подоцна, односно ние или нашите деца и внуци.
„Најопштата метрика за јавниот долг е неговото мерење во однос на БДП – односно домашниот производ што се поврзува со динамиката на економијата и посредно со капацитет да се враќа земениот долг. Се разбира зборуваме за ‘дропка’ од која се гледа дека, ако се зголеми БДП и при исто ниво на јавен долг (апсолутен), неговото учество во БДП ќе се намали. Или хипотетички, доколку БДП се зголеми значително повеќе од зголемувањето на јавниот долг - овој индикатор може да покаже намалување дури и при номинално зголемен долг. Оттука, сосема сте во право за ‘играта’ со проекциите на БДП. Доколку ги земете наназад скоро две децении податоците за јавниот долг, БДП и буџетскиот дефицит, јасно ќе видиме дека скоро секогаш БДП е ‘преценет’, утврден на повисоко ниво при првичното буџетско планирање, а од друга страна пак буџетскиот дефицит бил ‘потценет’ и со исклучок на неколку години истиот секогаш бил повисок, што влијае на кумулација на долгот. Ваквото пооптимистично проектирање на БДП често овозможува вие да планирате и поголем буџет, да претпоставите дека ќе соберете поголеми приходи, а тоа ќе во овозможи потенцијално да планирате/реализирате повеќе расходи. Проблемот настанува кога БДП е значајно понизок од проектираниот, кога предвидените приходи не се реализирани според планот, а кога граѓаните и бизнисите очекуваат да се направат расходите – тогаш растат буџетските дефицити, јавниот долг се кумулира, а идните генерации останува да го враќаат“, објаснува за Само прашај професорот Треновски.
Министерството за финансии и за оваа 2024 година е со оптимистички прогнози за економскиот раст, секако проследено со висок буџетски дефицит со кои ќе треба да се финансираат трошоците на државата за кои нема покритие, па ќе мора да се задолжуваме дополнително.
Така, оваа година растот на БДП се планира да биде 3,4%, инфлацијата 3,6%, а во апсолутен износ, економијата би пораснала за една милијарда и 315 милиони евра или за 9,63 насто повеќе од 2023. Односно, БДП би бил 14.965 милиони евра.
Во моментов, јавниот долг изнесува 8.770 милиони евра или со вакви проекции 58,6% од БДП што е под максималната цел од 60% задолженост.
Ако се промаши прогнозата само за еден отсто, долгот расте
Но, ако потфрли некој од параметрите, односно ако не се реализира оптимизмот на Министерството за финансии и се остварат, на пример, последните прогнози на Народната банка за раст и инфлација, кои изнесуваат за 2024 година 2,6% и 3,5%, што значи за 0,9 процентни поени (п.п.) помалку и на ова се додаде дека во првите три месеци од годинава се реализирани 239 милиони евра (43,73%) од буџетскиот дефицит, што значи дека остануваат уште 306 милиони за реализација или нов долг кој треба да се додаде на постојниов, јавниот долг годинава би се зголемил 61,1 отсто.
ПРОЕКЦИИ | |||
2024 ГОДИНА | МИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ | НАРОДНА БАНКА | РАЗЛИКА |
Раст на БДП | 3,4 % | 2,6 % | 0,8 п.п. |
Инфлација | 3,6 % | 3,5 % | 0,1 п.п. |
Раст на БДП (апсолутна бројка во 2024) | 14.965 милиони евра | 14.842 милиони евра | - 123 милиони евра |
Јавен долг | 8.770 милиони евра | 8.770 милиони евра | |
Учество во БДП | 58,6 % | 59 % | + 0,4 п.п. |
Јавен долг до крајот на 2024 | 9.076 милиони евра | 9.076 милиони евра | |
Учество во БДП | 60,44% | 61,15 | + 0,71 п.п. |
Груба проекција за да се илустрира што значи потфрлање во пресметките на Министерство за финансии
Што е поголемо потфрлањето во пресметките на Финансии, јавниот долг е поголем.
Инаку, професорот Треновски посочува дека треба многу да се внимава околу јавниот долг поради „фискална одржливост“ – која често се дефинира како фискална состојба во која една земја може нормално да функционира без притоа да има потреба од поголема рационализација на својата расходна страна, промена на своите политики со „кратења“, намалување на дел од јавните услуги кои ги обезбедува или потреба да ги зголемува даноците за да обезбеди нормалниот функционирање.
„Често во историјата имало економии кои се нашле во неповолна положба ‘пред банкрот’ и на ниво на јавен долг понизок од нашиот – што значи важна е структурата на економијата и се разбира начинот на употреба на јавниот долг кој е поврзан блиску со градење на капацитетот за враќање на долговите. Нашите анализи покажуваат дека најголем дел од балканските земји во услови на криза (корона, енергетската криза итн.) долговите ги искористиле за тековни расходи (плати пензии, субвенции, социјалниот бенефиции) за разлика од западноевропските економии кои ги вложиле во капитални расходи (инфраструктура, технологија, истражување и развој) – што понатаму значајно влијае на нивото на развој на овие економии. Дополнително, историските податоци кај нас покажуваат и дека со секое зголемување на приходите на државата (преку даноци, такси итн.) ние не сме го намалувале долгот, туку ги зголемуваме расходите, во сооднос 1:1,2“, вели професорот Треновски.
Но, потенцира дека оваа каузалност е невозможно да се одржи на долг рок и ќе дојде сметката за плаќање.
„Високите нивоа на јавен дел во една економија како македонската се важни и од причини што во иднина може да предизвикуваат бројни ‘притисоци’ како што се: намалено национално штедење, чување на парите во домашни услови; поголеми каматни стапки на домашните финансиски пазари; поголем товар врз идните генерации, бидејќи долгот ќе се враќа од нивниот доход; истиснување на виталните инвестиции и концентрација на помалку продуктивните трошоци; намалување на потенцијалот за раст; намалување на инвестициите во инфраструктурата и на капиталните проекти; ограничувања за преземање контрациклични мерки во наредниве години ако има уште една криза и тешко дека би имале можности повторно да се задолжиме доволно за да ги санираме последиците. Оттука во изминатиот период како резултат на бројните кризи и портфолио на политики кои се преземаа нашиот фискален простор е значајно потрошен и секое понатамошно задолжување треба да биде исклучително добро одмерено и внимателно - имајќи го предвид фискалниот ефект, капацитетот за раздолжување, затегнатиот глобален пазар на пристап до финансии и се уште турбулентното глобално окружување“, објаснува тој.
Министерството традиционално си молчи
Инаку, прашања беа испратени до Министерството за финансии и, врз основа на досегашните искуства, очекувано, не добивме одговор. Веројатно, според „највисоки европски“ практики, на кои со години се повикува сè уште актуелниот министер Бесими, ниту остварија било каков контакт со нас.
Неодговорените прашања од Министерството за финансии
- Зошто 2023 година ја завршивме со Јавен долг од 62,1%?
- Дали една од причините за вака висок Јавен долг е големото потфрлање за растот на Бруто домашниот производ, со што процентуалното учество на Долгот се зголеми повеќе од планираното?
- Зошто потфрливте во проекциите за растот на БДП во 2023, кога наместо првично планираните 2,9% изнесуваше само 1%?
- За 2024 година планирате раст од 3,4% на БДП и 3,6% инфлација. Но, според пресметките, БДП во 2024 година планирате да се зголеми во апсолутен износ за 1.315 милиони евра, што значи зголемување во споредба со 2023 за 9,6%. Од каде ваква проекција за зголемување на БДП?
- Дали со нереални проекции се искривува сликата за реалната задолженост на државава?
И ова не е првпат, да не се добие одговор од Министерството за финансии.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.