fbpx

Врсничко насилство: Сеопфатна стратегија наместо ад хок мерки

За само десетина дена серија случаи на врсничко насилство ја вознемирија јавноста. Малолетник беше прободен со нож во близина на училиште во Гази Баба, девојчиња нападнаа нивни врснички во Центар и во Аеродром. Видеото кое со молскавична брзина се прошири на социјалните мрежи ни покажа дека состојбата е многу сериозна. По масакрот во белградското училиште „Владислав Рибникар“ од 3 мај, кога 13-годишник застрела 9 соученици и чуварот, и кај нас почна многу повеќе да се зборува за врсничкото насилство. Надлежните веднаш се фрлија на изработка на препораки за поголема безбедност во училиштата, а се и отвори електронска адреса каде што насилството може да се пријави. Пријавите стигнуваат, се организираат дебати и форуми, ама насилството никако да се искорени.

Насилството во училиштата е алармантно

Два месеца откако Коалицијата на младински организации „СЕГА“ ги претстави фрапантните резултати за врсничкото насилство во Македонија, добиени преку истражување во 26 основни и 24 средни училишта, не се преземени никакви мерки. А, ситуацијата е алармантна - само 32% од учениците во училиштата се чувствуваат безбедни, 13% биле жртва на физичко насилство, 58% се соочиле со психичко насилство или таканаречен „булинг“. Кога ќе се сумираат податоците - дури 40% од  учениците во Македонија се жртва на физичко или на психичко насилство за време на нивниот образовен процес. Од друга страна, 43% од децата сметаат дека на физичкото насилство треба физички да се возврати, а за речиси 37% е нормално проблемите да се решаваат по пат на насилство. Но, прашање е дали овие податоци ја отсликуваат реалната состојба затоа што само 14% од учениците во Македонија умеат да го препознаат насилството што значи дека ако овој процент се зголеми, ќе растат и другите бројки.

„Насилството е алармантно во училиштата, а мораме тука да ги земеме предвид и дополнителните информации што се однесуваат на онлајн или сајбер-насилството, вербалното директно насилство, физичкото директно насилство. Под итно треба да се преземат чекори во образованието што ќе придонесат кон едукација за превенција од врсничко насилство меѓу учениците, како и за едукација на наставниот кадар и стручните служби за препознавање и превенирање на насилството во училиштата. Протоколите што ги имаат усвоено Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) што се однесуваат на насилство треба правилно да се интегрираат и имплементираат во училиштата. Но, училиштата сѐ уште не се стручни и не се доволно јасни процедурите како треба училиштето да постапува кога ќе се појават овие ситуации на насилство“, вели Зоран Илиески, директор на Коалицијата на младински организации „СЕГА“.

Оние кои се во првата борбена линија на фронтот и кои секојдневно работат со децата потврдуваат дека кај младите е популарно таканареченото „роустање“ или исмејување, со што се стекнува некаков статус во друштвото или колку повеќе ги задеваш твоите врсници, толку поголем фраер си. А, ако жртвата на „булингот“ или на насилството се пожали тогаш таа е цинкар и слабак.

„Децата многу ја бранат појавата на „роустање“. Тие мислат дека е добро да се навредуваат себеси. Јас се расправав на еден час кога си велеа „глуп“ - тоа им е изрека во секојдневната комуникација. И велат - тоа не е ништо, тоа е другарство. Не, да си кажуваш со некој „глуп си“ не е другарство. Тоа дете може да каже „не прифаќам да ме викаш глуп“. Ако си ми другар, викај ме поинаку. Така што, и на концептуално и на терминолошко ниво треба да им се нудат други модели на размислување на децата“, објаснува Гордана Блажевска - Спиридонова, психолог во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје.

За да се прекине кругот на насилство, насилството мора да биде пријавено. А, за да се пријави е потребна храброст, но и верба во одговорните луѓе на училиштата - од директорот преку стручните служби до предметниот наставник и класниот раководител, дека системот ќе реагира кога насилството ќе биде пријавено.

„Децата ќе се осмелат да пријават кај возрасен и да се пожалат само ако се свесни дека соодветно ќе се реагира таму каде што пријавиле, дека има систем што има слух, што нема да ги искара, што нема да ги осуди и ќе го охрабри и оснажи. Ова ми е еден од главните предизвици. Со децата е лесно да реализираш работилница за врсничко насилство. Тие многу коректно го дефинираат насилството, ги прецизираат формите на насилството, начините со коишто се прави насилството, кругот на насилството со улогите во него, па дури се доста спремни да размислуваат како влијае на менталното здравје – емоционално, на когнитивните капацитети, па и социјално на детето коешто трпи некоја форма на насилство. Знаат да се анализираат себеси, но потоа исто толку некоректно продолжуваат да си ги прават овие работи во својата средина. Притоа, она што јас сфатив дека морам да ја обезбедам поддршката. Мораме да реагираме. Ако не реагираме, децата самите ќе си ги решаваат своите работи на детски начин, а тоа е суровост“, додава психологот Гордана Блажевска - Спиридонова.

Нема систематизиран пристап против врсничко насилство

Врсничкото насилство може да биде физичко, психичко или емоционално насилство, сајбер-насилство или насилство преку интернет. Значи, не се само тупаниците, туку и озборувањата, навредите, заканите, задевањата, исклучувањето од друштвото, па и она што се случува на интернет - злоупотребата на снимки, заканувачки коментар. Сево ова влегува во она што се нарекува насилство. Видеата кои кружат по социјалните мрежи само потврдуваат дека проблемот е комплексен и повеќеслоен и затоа е потребен сеопфатен пристап и соработка на сите засегнати страни.

„На овие генерации многу им е поважен статусот во општеството, да бидат прифатени од друштвото и затоа имаме неми сведоци, односно пасивно-агресивни деца кои снимаат или ракоплескаат на настанот или навиваат дали ќе победи жртвата или агресорот. Во врсничко насилство и во секој вид на насилство нема победник. Сите се губитници затоа што освен што се намалува емпатијата, поддршката и сочувството, може да настанат и трајни последици во психофизичкиот развој и кај агресорите, и кај пасивно-агресивните деца и кај жртвите. Многу е важно да им се укаже на децата зошто не треба да бидат само сведоци, туку да бидат резилијентни, а не пасивни во целата ситуација. Ако тие како неми сведоци го прекинат тој цикличен круг на ваков тип на насилство, тогаш верувам дека и самиот круг ќе се прекине. Ако денеска сум нем сведок, утре можам да бидам или агресор или жртва“, смета Клементина Добревска од Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Oд младинските организации сметаат дека она што се прави ни од далеку не е доволно бидејќи е потребен сеопфатен и систематски пристап. Очигледно е дека недостигаат јасни универзални насоки за чекорите кои училиштата треба да ги преземат кога нешто ќе се случи, или, со други збори - многу работи се оставени на квалитетот на кадарот во стручната служба и на наставниците кои навреме треба да препознаат дека нешто се случува и да реагираат. Од друга страна, стручните тимови во училиштата се преоптоварени со административна работа, па немаат доволно време целосно да се посветат на грижата за менталното здравје на младите.

„Нема редовни теренски посети од страна на инспекторат на училиштата за да видат што се случува. Насилството од ден на ден е сѐ поприсутна тема, иако има некакви напори од различни актери да се воведат телефонски линии и слично. Имавме случај да се јави родителка, наоѓајќи го случајно бројот на здружението на интернет, мислејќи дека кај нас може да пријави ваков случај, а стануваше збор за линијата на Министерството за образование. За жал, гледаме дека недоволно функционира ако родителите и учениците не се запознаени каде можат да се обратат. И не е доволна само телефонска линија. Потребен е системски пристап кога зборуваме за врсничкото насилство. Во средното образование нема никаков правилник како се постапува во случај на насилство. Тоа зависи од стручната служба, психологот, педагогот и е различно во секое училиште. Немаме унифициран пристап, немаме систематизирана методологија што се прави и кои сѐ скалила треба да се поминат во ваков случај. Оставено е на волјата на педагозите кои многу често сѐ уште се некаков коректив, закана и казна за учениците кога не се дисциплинирани, за слаби оценки и слично, а сѐ помалку се систем на поддршка“, вели Анита Николовска, директорка на „Младите можат“.

Постојат многу начини за справување со меѓуврсничкото насилство, но ако се сака проблемот да се реши во коренот, тогаш единственото нешто што е потребно е огледало, смета Добревска од „Меѓаши“.

„Насилството децата го учат од моделите, а ние сме моделите. Ако ние покажуваме агресивно однесување како модели во најрана возраст на децата и потоа во процесот на адолесценција и на растење, секако дека тоа ќе им биде механизам за однесување и на самите деца. Од особено значење е поддршката, да има координација и комуникација помеѓу родителите, наставниците, училиштето и надлежните институции и да се формира еден систем што ќе работи на поддршка. Ние во рамки на СОС линијата „Ало Бушавко“ нудиме психосоцијална поддршка на децата, така што тие можат да разговараат за секојдневните проблеми, меѓуврсничкото насилство, прекршување на други права. Секако не ги исклучуваме ниту наставниците и родителите. Можат да ни се обратат нам, но исто така да се охрабруваат преку разговор, комуникација и ненасилен пристап - сето тоа да биде спој на различни институции за да се намали меѓуврсничкото насилство“, додава Добревска.

Младите се сѐ посвесни за нивното ментално здравје и потребна им е поддршка

Од Министерството за образование и наука велат дека во 362 основни училишта има по над 300 психолози и над 300 педагози, а во средните, кои се помалку на број, има по над 100 психолози и педагози. Надлежните тврдат дека во сите училишта има вработени барем по еден стручен соработник. Сепак, искуството покажува дека младите први им се обраќаат на нивните врсници.

„Младите најчесто наоѓаат поддршка во нивните врсници и најчесто се советуваат со нив или ним ги искажуваат нивните случки, што не е секогаш добро бидејќи на млад човек многу почесто му е потребна стручна служба. Кога станува збор за психичкото насилство и менталното здравје треба уште многу да се работи со младите. Исто така и со целиот наставен кадар со кој поминуваат најмногу време и потоа и со родителите, за да можат да забележат вакви случаи“, смета Николовска од „Младите можат“.

„Не само што треба да се работи со наставниот кадар, стручните служби и родителите, треба да се работи и со организираните форми на учество во училиштето, односно ученичката организација. Според Законот за основно образование, секое училиште има избрано ученик-правобранител кој треба да се грижи за обезбедување и гарантирање на детските права во училиштето и тоа треба да се вклучи во системот на превенција на насилството во основните училишта. Затоа под итно треба да се усвои Законот за средно образование каде што ученичката организација ќе биде препознаен партнер во училиштето со наставниците“, посочува Илиески од Коалицијата „СЕГА“.

Врсничко насилство може да се пријави во полиција – ако тоа е онлајн, МВР има оддел за сајбер криминал, потоа на телефонската линија во МОН, како и на телефонот „Ало Бушавко“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. Сепак, родителите се први кои треба да забележат промена во однесувањето на детето и да разговараат со наставниците за да утврдат дали врсничкото насилство се случува во школскиот двор или надвор од училиштата.

„Меѓуврсничкото насилство може да остави и трајни последици. Покрај тоа што децата-жртви се тажни, тие имаат и ниска самодоверба, можат да се исклучат, самите да се дистанцираат од комуникација со друштвото и пријателите, можеби нема да сакаат да одат во училиште, ја губат позитивната слика за себе и понатаму, низ психосоцијалниот и психофизичкиот развој, може кога ќе станат возрасни личности да покажуваат депресивно однесување, да имаат негативна слика за себе, ниска самодоверба“, објаснува Клементина Добревска од „Меѓаши“.

Младите стануваат сѐ посвесни за нивното ментално здравје, но одењето на психолог кај нас е уште баук, а и не секое дете може да си ги дозволи ваквите услуги.

„На младите, пред сѐ, им недостасуваат информации каде можат да обратат, но и финансиски средства бидејќи посетата на психолог или психотерапевт е многу скапа услуга. Затоа како организација започнуваме да се залагаме за менталното здравје како дел од државниот систем на здравство. Како што сите имаме матичен доктор, да имаме и матичен психолог кој ќе ни биде достапен и ќе биде покриен од Фондот за здравство“, вели Анита Николовска од„Младите можат“.

Таа го поздравува тоа што Националната стратегија за млади опфаќа широк спектар на теми поврзани со менталното здравје и што за првпат неодамна е донесена Национална стратегија за ментално здравје кај млади. Меѓутоа, од друга страна, вели таа, стравот е секогаш колку навистина тие ќе се реализираат во пракса зашто досегашните искуства покажуваат дека има супер стратегии на хартија што не се имплементираат.

 
ФАКТИ ПОВРЗАНИ СО ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО
  • Во 2023 година се регистрирани 102 настани на насилно однесување, од кои најголем број во Скопје (40).
  • МВР поднело 10 кривични пријави за дела во врска со физичко насилство и 5 известувања до Основното јавно обвинителство.
  • Против 102 лица била побарана прекршочна постапка за физички напад и учество во тепачка, а против родителите за занемарена грижа.
  • Постари малолетници од 16 до 18 години можат да одговараат за кривично дело и да бидат казнети со малолетнички затвор до 5 години.
  • На помлади малолетници до 14 години можат да им се изречат само воспитни мерки.
  • Судот може да упати малолетници во воспитно-поправен дом од 1 до 5 години или до наполнета 23 година.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска