fbpx

Жртвите на врсничко насилство се изложени на напади и кога јавно ќе проговорат за тоа

  • Поголемиот дел од јавноста и натаму жртвите на булинг ги третира како слаби и „плачковци“, особено ако се момчиња и со тоа продолжува да продуцира нова спирала на насилство над младите луѓе.
  • Причини за тоа се традиционалните сфаќања, социјалните мрежи, родителите кои „ги подготвуваат децата за борба“ и родители кои не сфаќаат зошто е погрешно однесувањето на нивното дете.
  • Онлајн-просторот и училиштата се главните места каде што се случува булингот.
  • Државниот проветен инспекторат и Педагошката служба во МОН не навлегуваат во детали околу тоа што се презема и како се решаваат случаите на насилство, туку само дека се прават контроли и се постапува во сите случаи на булинг.
 

„Ќе ти се расипе шминката, девојче“ – ова е еден од најбенигните коментари на објава на социјалните мрежи на момче кое неодамна ја сподели својата приказна за тоа дека било жртва на врсничко насилство. Децата жртви на булинг, покрај со врсниците, се соочуваат и со втора виктимизација кога ќе прозборат за проблемот, бидејќи наидуваат на неразбирање, на потсмев, па и повторно на булинг. Ова јасно покажува дека јавноста во земјава е неподготвена да го прифати овој проблем, дека со бројните кампањи на институциите и невладините организации речиси ништо не е постигнато и дека нивото на свеста за суштинска апсорпција на овој проблем и натаму е на многу ниско ниво.

Поголемиот дел од јавноста и натаму жртвите на булинг ги третира како слаби и „плачковци“, особено ако се момчиња и со тоа продолжува да продуцира нова спирала на насилство над младите луѓе кои и онака се во речиси безизлезна состојба, бидејќи освен семејството и најблиските и евентуално професорите никој и не им помага.

„Само ќотек за тебе“, „Само на нива за тебе пиле, ќе ти излезе таму и булинг и анксиозност“, „Мо*ка генерација, сакал инфуенсер да биде, епа плачи сега таму пред тастатура“, „Путин само за овие“... Вака, но и многу повулгарно и со пожестоки навреди се коментира на социјалните мрежи под објави за врсничко насилство. Со најпроста анализа може да се забележи дека оние кои коментираат се главно повозрасни луѓе, некои веројатно се и родители, кои треба да бидат пример за правилно однесување.

На што се должи ова, зошто јавноста во Македонија не е подготвена да го прифати врсничкото насилство како реален проблем? Има повеќе причини, традиционалните сфаќања кои уште се влијателни кај нас, социјалните мрежи кои комплетно погрешно се доживуваат, проблемот со родителите кои „ги подготвуваат децата за борба“, родители кои едноставно не сфаќаат зошто е погрешно однесувањето на нивното дете“, велат социолозите кои ги консултиравме за „Само прашај“

„Подлабоко објаснување на феноменот, односно таквите реакции се должат на силиното и долгорочно влијание на интернетот и на социјалните мрежи. Таа реакција се смета за нормална, а всушнот излегува од нормалниот колосек на заедницата, односно дека нешто во тој поглед не е во согласнст со некои елементарни човечки правила. Суштински проблемот се состои во тоа дека социјалните мрежи не се доживуваат како реалност, не се смета за нешто сериозно, па кога се пишуваат ваквите коментари се дожува дека не се прави ништо лошо, а всушнот напротив. Со ваквиот начин на однесување практично се брише границата меѓу реалното и иреалното. Корисниците на социјалните мрежи не сметаат дака со вака напишаните коментари повредуваат некого, дека повредуваат нечие елементарно право. Проблемот е што луѓето не сфаќаат дека коментарите на социјалните мрежи имаат реални последици, не е како што мислат тие дека е тоа нешто напишано на Фејсбук кое нема репрекусии. И возрасните и тинејџерите треба реално да се соочат со улогата на социјалните мрежи во нивниот живот. Возрасните да сфатат дека тоа не е безопасна игра на која можат да кажат било што, а младите пак да научат дека социјалните мрежи не се реален живот и дека виртуелнито не треба да го моделира реалниот начин на живот и на однесување“, вели универзитетскиот професор Илија Ацевски.  

Вториот проблем, додава професорот Ацевски е дефинитивно традицијата, односно сè уште релативно конзервативното сфаќање на работите, како и провлекување на мислењата кои владееле во едно друго време. Она што загрижува е дека токму поради ова врсничко насилство или булингот е уште далечен концепт кој нашата јавност не го доживува како сериозен проблем.

„Јавноста, повозрасните генерации кои треба да ги насочуваат младите на правилно однесување, практично го поттикнуваат ваквиот тип на однесување затоа што уште сметаат дека ‘закачки секогаш имало и тоа не е ништо, не треба да се плаче, ете и ние сме се тепале, па еве живи здрави сме’. Феноменот на врсничко насилство или булингот е уште за жал далечен концепт кој нашата јавност не го доживува како сериозен проблем, напротив во морето од проблеми и животни потешкотии, овој тип на проблеми со кој најчесто се соочуваат адолесцентите, за жал, сè уште се дожиува како несуштински проблем кој на кој не треба да му се посветува внимание. Дополнително, децата кои се воспитувани на правилен начин, се соочуваат со реалноста и влегуваат во кризи, затоа што сфаќаат дека насилниците поминуваат без санкции. Можно е да се повлечат во себе, да престанат да комуницираат, па дури и да имаат депресивни епизоди затоа што постојано си го поставуваат прашањето ‘каде живеам’. Се чини дека подобро поминуваат децата чии родители практично ги ‘подготвуваат за борба’“, објаснува социологот Ацевски.

Училиштата се најчесто „место на злосторството“

Онлајн-просторот е главното место каде што се случува булингот. 20 проценти од учениците биле жртви на онлајн насилство во последната година, покажува испитувањето што го спроведе Институтот за човекови права. Девојчињата се во поголем процент жртви на булинг, а според етничката припадност, најмногу на булинг се изложени младите Роми. Дури една третина од испитанците од оваа етничка заедница потврдиле дека биле жртви на онлајн врсничко насилство.

Голем дел од младите не го препознаваат булингот

Дополнителот проблем кој го отвораат резултатите од ова испитување дефинитивно е фактот дека младите во голем дел и не го препознаваат булингот. 10 проценти од испитаниците одговриле дека можеби биле жртва на врсничко насилсто, но не можат да кажат со сигурност. Од ова произлегува дека, не само што како општество имаме проблем да ги прифатиме врсничкото насилство како сериозна тема, имаме и проблем да им објасниме на младите како да го препознаат.

Злоставувачкото однесување станува вообичаено, па децата едноставно го прифаќаат ова како начин на однесување со кој едноставно мораат да живеат, објаснува професорот Али Пајазити од „Универзитетот на Југоисточна Европа“.

„Булизмот преставува една оштествена епидемија на 21-от век која подразбира еден парадокс на потценување, понижување, навредувачки зборови, агресивни акти на поединци или група кон една категорија на луѓе кои поради некое свое својство се ставени на тапет или се таргетирани, а како последица е психолошката турбуленција на лицето кое е објект на напад. Овој феномен е особено во нагорна линија во денешната ера на информатичко општество, кога преку социјалните мрежи нападаот врз одредено лице може да биде многу пофатален. За жал, освен сајбер булизмот, кај нас е многу активен и тет-а-тет булизмот кој се случува насекаде, а особено во училиштата, кои се институции на едукација и образование, кои денес се во длабока криза од аспект на реализација на мисијата, на етичката димензија на градење на подобра единка, шовек и генерација. Тука проблемот може да се надрврзува и со семејниот круг, трудот вложен од родителите за вредносната едукација. Друг негативен фактор кој го поттикнува и булизмот е медијалната агресивност, ТВ филмовите, социјалните мрежи кои шират сцени на напади, на агресивност и други елементи кои се рефлектираат во однесувањето на децата“, вели професорот Пајазити.

Она што како мерки веднаш и без одложување мора да се преземат е детето кое е жртва на булинг да се спаси од таа душевна состојба, а не да се игнорира или да се стави на тапет. Понатаму, потребни се мерки за едукација и масовна мобилност против овој феномен - повеќе работа со децата, комуникација во врска со содржината што тие ја следат, повеќе инвестиции во моралното и духовното надградување на учениците, како и кампањи за освестување за последиците и мерки за сторителите.

Во последниве месеци слушнавме за повеќе случаи на деца кои биле изложени на булинг и на насилство во кругот или во близина на училиштето. Но, многумина веќе заборавија на еден трагичен случај од 2011 година, кога тинејџерска расправија во дворот н средното училиште „Здравко Цветковски“ заврши со убиство на матурантот Мухамед Али Јашари, обидувајќи се да му помогне на својот соученик Дарко, кој бил нападнат од три момчиња.

Контроли кои не даваат резултати

Во вкупни бројки, кои се однесуваат на насилството меѓу младите, според податоците од Министерството за внатрешни работи, во земјава во изминатата деценија се регистрирани 1.096 случаи на насилничко однесување меѓу учениците. Најголем број од настаните се пријавени во текот на 2013 година -184, а најмал број е во текот на ковид-пандемијата.

Надлежните, Државниот проветен инспекторат, Педагошката служба во Министерството за образование и наука не навлегуваат во детали околу тоа што се презема и како се решаваат случаите на насилство меѓу учениците. Објаснуваат дека прават контроли и постапуваат во сите случаи на булинг.

За пријавување на врсничко насилство МОН отвори и електронска адреса за пријавување, [email protected] и [email protected] .

Од Министерството за образование,  објаснуваат дека досега се пристигнати околу  120 пораки. Најчесто родителите или старателите пријавуваат врсничко насилство.

Прва линија на одбрана на жртвите на врсничко насилство се професорите и стручните служби во училиштата. Во секое училишта има и психолог и социјален работник кои во случаите на насилство интервенираат првеснтвено преку разговри со учениците, но и со нивните родители. Но, тука се чини се појавува клучниот проблем. Наставниците и професорите имаат огромни потешкотии да ги убедат родителите дека нивните деца прават лошо.

„Наставниците имаат малку поголем проблем со уверувањето на родителот дека нивното дете не е така како тие што кажуваат, дека е културно воспитано, мирно и дека нималку не е дете коешто може да биде агресивно и да нанесува штетни последици кон некое друго дете, односно свој соученик или свое другарче. Затоа, еве би апелирал родителите многу посериозно да ги прифатат кажувањата, оценките на стручните работници, пред сè педагозите и психолозите во училиштата, како и одделенските и предметните наставници, се со цел да се осознае правата вистина за детето и навреме да се спречи можни лоши последици“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Психолошките проблеми кои се јавуваат кај жртвите на булингот траат во голем дел од животот дури и со стручна помош. Младите луѓе се особено кревки во периодот на адолесценција, па врсничкото насилство драматично влијае на комплетниот развој, но и на однесувањето во целина.

„Несомнено фактот е дека, секако дека личностите коишто се, да кажеме, жртви на булингот имаат големи потешкотии, како во своето однесување така и во фазата на стресот, дури да дојде и до појава, до промени во психијатриското односно психолошкото здравје на таа личност. Можам да кажам деструктивните растројства, па дури и појава на оние несакани последици коишто можат да предизвикаат и многу поголеми проблеми, како што е и појава на одредени стравови, појава на шизофренија итн“, смета д-р Ангелчо Андоновски, Завод за ментално здравје.

На хартија, државата има донесено законски решенија кои треба да превенираат, но и да казнуваат во ситуации на насилство во училиштата. Мерките и за превенција и за санкционирање се дел од Законот за правата на децата. Врз основа на овој Закон, формиран е Државен совет за првенција, дури и сите општински совети се обврзани да имаат вакви совети за спречување на насилството меѓу учениците.

Врсничкото насилство не е проблем со кој се соочува само земјава, напротив булингот е глобален проблем особено кај тинејџерската популација. Најакарактеристични и најдрастични примери за последиците од булингот се гледаат особено во САД каде огромен процент од масовните пукања во училиштата каде има бројни жртви се последица на булинг. И да не одиме подалеку, тука е случајот во основното училиште во Белград, каде малолетник уби со пиштол свои соученици, наводно бидејќи бил жртва на булинг. Сите примери покажуваат дека дури и поразвиените и понапредни држави тешко се борат со булингот со оглед дека возрасните не можат да следат како се однесуваат тинејџерите особено на социјалните мрежи, а жртвите се затворени во својот свет и исклучително ретко ги споделуваат проблемите, дополнително живеејќи во страв дека ако кажат некому, булингот ќе се зголеми. Оние кои не се директно дел од проблемот се неми посматрачи кои едноставно не преземаат ништо.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Наташа Јанчиќ Менковски и Катерина Ѓуровски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Давид Милошевски
Фотографии: Дарко Андоновски

Поврзани стории:

Што претставува врсничкото насилство или булинг?