fbpx

Нема институција што ќе спречи бубачките да се користат како лек

  • Три институции кои по својата дејност би требало да се одговорни за справување со ваков вид измами велат дека немаат надлежност.
  • Експертите се децидни дека внесувањето на толку голем број живи бубачки во организмот, дури и како храна, носи ризик од други болести.
  • Носењето бубачки од други поднебја може дополнително да предизвика и еколошки, но и низа социјални и економски проблеми за општеството.
 

Огласот преку кој на социјалните мрежи се продаваат бубачки за лекување на разни болести е сѐ уште активен. Не е променета ниту цената. По нашата сторија објавена минатата недела, во која консултиравме и експерти и лекари кои предупредуваат дека нивното консумирање е ризично по здравјето, овој пат бараме одговор: Кој и како може да ги заштити граѓаните од ваквите трговци со лажни лекови?

Нема јунак да пресече

Прво, се обративме до Агенцијата за храна и ветеринарство. Таму, добивме одговор дека ниту еден од деветте сектори не е надлежен за овој проблем, бидејќи, како што ни рекоа бубачките се продавале како лек, а не како храна, што е нивен фах.

Втора станица ни беше Санитарниот инспекторат. Таму пак, ни кажаа дека никогаш досега немале ваков случај, бидејќи едноставно не постои регулатива за ова.

Последната надеж ни беше Агенцијата за лекови. Но, и таму ни кажаа дека ова не е нивна надлежност, бидејќи тие се одговорни само за она што се продава во аптеките, а не и на социјалните мрежи. Ни го посочија соопштението на нивната веб-страница во кое апелираат до граѓаните да не земаат непроверени лекови.

МАЛМЕД само предупредува на можноста за набавка на лекови од непроверени извори на портали и социјални мрежи

И конечно, се обративме до Министерството за внатрешни работи. Објаснувањето беше дека за да реагираат, или некој треба да се пожали на нарушено здравје или да има смртен случај како последица на консумирањето бубачки.

Од оваа наша турнеја по институциите, заклучокот е поразителен: И покрај предупредувањата на штетноста од консумирање на овие бубачки како лек, кај нас нема надлежна институција што би запрела ваков опасен експеримент.

Со 1.640 бубачки до излекување на дијабетес

Според инструкциите на „трговецот“ од кого за потребите на првиот дел од нашата сторија без никаква пречка купивме една кутија брашнари за 100 евра и ги добивме со достава до врата, за 80 дена ќе се излекувате од еден куп болести како дијабетес, псоријаза, па дури и карциноми, ако испиете точно 1.640 бубачки.

Постои ризик да се предизвикаат други болести

Отидовме на Технолошкиот факултет. Професорката Јана Клопчевска предава фармацевтска технологија, храна и изолација и пречистување на био-продукти. И таа, како и нашите претходни соговорници е децидна дека внесување толку голем број живи бубачки во организмот, дури и како храна, носи голем ризик.

„Прво се нарушува оној автохтон начин на исхрана. Можеби во тој дел од Азија, можеби и за други земји, бубачките се автохтони, кај нас не! Нашиот организам реагира на не автохтона исхрана. Ќе се наруши автохтоноста и на нашите инсекти. Во превод, можеби преку храната се внесуваат, но што ако останат спори на нешто што е несакано па да се предизвикаат одредени други болести?! Дури може да дојде и до менување на ДНК. Ние ќе внесеме лек, но што ќе му донесеме на организмот? Не може да претставуваат лек доколку од нив не се изолира потребната активна компонента!“, објаснува Клопчевска.

Ентомофагијата, односно исхраната со инсекти не е непозната, а особено сега поради зголемувањето на популација и потребата од алтернативна и поевтина исхрана. Оваа појава е особено карактеристична за земјите од Југоисточна Азија, Јужна Америка, Африка, но е сѐ поприсутна и во Европа. Но, биологот Александра Цветковска – Ѓоргиевска, вели дека загрижува пренесувањето на вид кој не е карактеристичен за ова поднебје и кој може да донесе и економски и општествени штети.

Бубачките од „надвор“ ги нарушуваат и автохтоните еко системи

„Доколку се внесат овие алохтони видови и уште поголем проблем, доколку истите се инвазивни, тоа значи дека тие поседуваат јак, силен биотички потенцијал кој има адаптибилна способност, со што многу лесно можат да ги истиснат автохтоните видови од нивните еколошки ниши и да предизвикаат не само нарушување во синџирите на исхрана, туку и во комплетното функционирање на еко системите, што од друга страна може да предизвика не само еколошки туку и низа социјални и економски проблеми за општеството“, вели Цветковска – Ѓоргиевска.

Сите ние сме потенцијални пациенти, но болен човек се фаќа за сламка. Во недостиг на институционална заштита, на граѓаните им останува само сопствената свест за да си помогнат тогаш кога најмногу им треба.

Продолжува...

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова
Сниматели: Иван Поповиќ и Марјан Петковски
Монтажер: Борче Крстевски

Поврзани написи