Изгради си на диво, па легализирај го криминалот

Досие Охрид, Струга, Матка: Барајќи одговори за дивоградбите во овие заштитени подрачја стигнавме до колабиран систем

Изгради си на диво, па легализирај го криминалот

Невозможна мисија

Дивоградбите го преземаат приматот на староградските куќи како заштитен знак на Охрид. Бесправно изградени викендички, семејни куќи, поткровја, станбени згради, па дури и хотели се распослани во срцето на Националниот парк Галичица, на крајбрежјето и во централното подрачје на градот на УНЕСКО.

Еден од најатрактивните делови на Охридското Езеро од автокампот Градиште до автокампот Љубаништа, вклучително и селото Трпејца, е под постојан притисок од бесправно градење

Во последните препораки, УНЕСКО, меѓу другото, побара да се направи детален инвентар на сите бесправно изградени објекти и да се спроведат постапки за оцена на влијанијата врз животната средина (ОВЖС) и оцена на влијанијата врз културното наследство (ОВКН), за да се процени целосното влијание на дивоградбите врз исклучителната универзална вредност на доброто . Беше побарано и да се отстранат сите бесправни изградени објекти, а особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки, ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста.

Од Општината одговорија на првото барање, но бавно оди отстранувањето на бесправните објекти. Повеќето дивоградби сѐ уште се на истото место, а голем дел од нив најверојатно ќе се легализираат доколку се утврди дека немаат негативно влијание врз природното наследство.

Slide

Илјадници бесправно изградени објекти во Охрид

15.700 барања за добивање правен статус на 19.624 објекти во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти се евидентирани во Општина Охрид до октомври 2019 година

5.645 барања се веќе одобрени

2.432 барања се одбиени, а 2.414 барања биле доставени без
потребната документација или истите биле повлечени.

11.059 барања се однесуваат на семејни куќи

420 барања се однесуваат на станбени згради

28 барања се однесуваат на хотели

279 барања за земјоделски објекти

414 барања за кои тече постапката за легализација се евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро

2.321 барање се за објекти во границите на Националниот парк ,,Галичица“.

Извор: План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020-2029

Во овој план, на чиешто донесување се чекаше десет години, се потенцира дека во Охрид има несоодветна урбанизација. Се зафаќаат слободните простори покрај брегот на езерото и се пополнуваат слободните зелени површини во старото градско јадро со нови градби.

Со интензивната урбанизација се уриваат постојните градби и на нивно место се градат нови, со зголемен габарит и фасаден изглед којшто не ги одразува традиционалните карактеристики на урбаното јадро.

Претежно се градат индивидуални семејни ку%1и, коишто честопати се со несоодветен габарит и висина, како и несоодветна архитектонска форма. Со овие градби се менува препознатливата силуета на градот.

Slide

Несоодветна урбанизација на градот

драстично зголемување на висините со катови и некарактеристични поткровја

внесување нови локации на слободните зелени површини, без анализи на просторот на старите јадра со нерешена инфраструктурна мрежа и без претходно извршени анализи за станбен, односно урбанистички максимум

легализирање на дивоизградени објекти, доградби и надградби на узурпирани простори, без решена нова инфраструктура на градовите, без соодветен сообраќаен концепт

Извор: План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020-2029

менување на ликот на старата градска чаршија со промена на фасадите и излозите на дуќаните, како и зголемување на нивната висина со несоодветното поплочување

внесување нови локации на слободните зелени површини, без анализи на просторот на старите јадра со нерешена инфраструктурна мрежа и без претходно извршени анализи за станбен, односно урбанистички максимум

Во Општина Охрид велат дека станува збор за наследени проблеми коишто се обидуваат постепено да ги решаваат. Градоначалникот Константин Георгиески вели дека уривање на сите бесправно изградени објекти е невозможно. Тој укажува дека промените на законската регулатива со која се овозможи легализација на бесправно изградените објекти создала аномалии. Според него, државата во некои случаи би била принудена да плати отштета доколку реши да отстрани одредени дивоизградени објекти.

„По законот за бесправно изградени објекти и нивна легализација, во 50 метри може да се легализира само А1, значи домување, меѓутоа и тој бесправен објект не се вклопува во урбанистичкиот план. И тоа е еден, да речам меѓу-простор, значи тој објект ќе е легален но нема да биде во урбанистички план, за утре државата ако реши тој потег да го чисти, ќе треба да го отстрани и ќе треба да му плати отштета на сопственикот на тој објект којшто претходно по закон го легализирал. Сѐ друго ќе биде предмет на отстранување и тоа е една процедура којашто ќе продолжи цела година, ќе продолжи и наредната година, може јас нема да сум градоначалник, друг градоначалник ќе треба да продолжи“.

Од Општината признаваат дека за сегашната состојба вина треба да се бара и во бавното урбанистичко планирање. Но, загрижувачки е што оттаму најавуваат дека во иднина ќе евалуираат дали одредени дивоградби можат да се вклопат во новите урбанистички планови, што остава простор за сомнеж дека при планирањето главна водилка може да биде желбата да не се урне нечија дивоградба.

И покрај сите слабости, во Охрид и понатаму се гради. Општината продолжува да издава одобренија за градба иако една од препораките на УНЕСКО беше да се прогласи мораториум на каква било урбана и крајбрежна трансформација во рамките на светското наследство.

Мораториумот требаше да важи додека не се донесат сите релевантни плански документи (план за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, план за крајбрежјето што е заснован врз исклучителната универзална вредност итн.), да се усвојат сите правни акти што се неопходни за ефективна заштита на доброто и да се воспостават соодветни контролни механизми.

Од сите наведени работи, донесен е само Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Од Општината велат дека одобренија за градба за издаваат само за објекти коишто се усогласени со овој план.

Видете повеќе на темата

Георгиески: не е возможно да се отстранат сите дивоградби

Дивоградби го менуваат срцето на Галичица и Охрид

Безвластие

За разлика од Охрид, каде што локалната самоуправа барем покажува свест за потребата да се задржи статусот на Светско природно и културно наследство, во соседната Општина Струга на дивоградбите и уништувањето на крајбрежјето гледаат со изместена диоптрија, односно го игнорираат овој проблем.

Во Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион е објавена мапа од анализата на крајбрежната трансформација за периодот 2012 – 2018, преку следење промени на сателитски снимки што се однесуваат на изведување градби на крајбрежјето и поставување платформи во езерото, како и промени (намалување) на ареалот на трската.

На мапата јасно се гледа дека токму кај Струга и во нејзината околина има најинтензивно уништување на трската и најзабележителни се крајбрежни градби и платформи.

Се констатира дека во поединечни подрачја трската е неконтролирано уништувана од страна на човекот со сечење, палење, корнење, натрупување со земјиште и градежен шут, со цел добивање на т.н. „корисни површини“ за различни цели (обработливи површини, места за депонирање земја и градежен шут, плажи, хотелски комплекси и друг вид сместувачки капацитети, паркиралишта и др.).

Број на нелегални објекти на струшкото крајбрежје

 

 

36 нелегални градби

19 урбана опрема, од кои 18 во државна сопственост

2 огради во приватна сопственост

2 потпорни ѕида, еден во државна, еден во приватна сопственост

2 автокампови во приватна сопственост

2 натстрешници во приватна сопственост

1 бунгалов во државна сопственост

2 помошни објекти во приватна сопственост

1 верско обележје во приватна сопственост

1 објект на Црвен крст во државна сопственост

1 деловен објект


Уште еден доказ за постоењето на дивоградби во заштитениот дел на струшкото крајбрежје е одговорот што во јануари годинава го добила од Општина Струга невладината организација Охрид СОС, на барањето за пристап до информација за тоа колку нелегални градби се изградени во овој појас во периодот март 2011 – август 2019 година

Неволноста за соработка во однос на прашањето за дивоградбите се гледа и по тоа што Општина Струга, наместо инвентар на бесправно изградени објекти, до Министерството за транспорт и врски достави Регистар на барања за стекнување правен статус за 3.330 објекти.

„Од Регистарот не може да се определи за колку од овие барања Општината дала одобрение, колку биле одбиени и колку се во постапка. Исто така, не може да се утврди колку бесправно изградени објекти се лоцирани во крајбрежниот појас. Доколку Општина Струга не постапи по задолжувањето од Министерството за транспорт и врски и не достави детален инвентар на бесправно изградени објекти, ќе се применуваат други правни инструменти што ги овозможуваат позитивните законски прописи“, се вели во Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

На сите овие забелешки, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во негов стил одговара дека извештај за дивоградбите е поднесен, дека има 18 платформи во заштитената зона и 250 во останатиот дел од општината. За него, една мала платформа или шанк не е дивоградба бидејќи може да се отстрани во секое време.

Тој неодамна „блесна“ во јавноста со изјавите дека ги отстапува надлежностите околу урбанистичките пршања на државата бидејќи бил под притисок. Но, потоа ретерира со сосем спротивен став дека тој е на власт во Струга и дека нема намера да урива, туку дека ќе поттикнува градење.

„Секако, во државата постојат и други институции кои постапуваат за секое кршење на законите. И во таа смисла нема дилеми, правната држава мора да функционира и секој оној што постапува спротивно на законите треба да поднесе одговорност. Носителите на јавни функции исто така се еднакви пред законот и доследно мора да ги почитуваат сите законски прописи во државата“, вели поранешниот министер Горан Сугарески.

Во однос на прашањето дали има конфликт меѓу локалната и централната власт во однос на урбанизацијата и градењето во Струга, министерот вели дека не постои конфликт со ниту една општина.

„Со процесот на децентрализација, интенцијата е на општините кои ги исполнуваат одредбите од Законот за градежно земјиште да им се предаде на управување земјиштето за да може подобро да менаџираат со него. Струга веќе ги има преземено сите ингеренции и во тој контекст, локалната самоуправа сама ги одредува развојните планови во општината, било да се урбанистички, економски или социјални“, вели Сугарески.

Тој додава дека никогаш не ни било побарано од Министерството за транспорт и врски да ги преземе ингеренциите во делот на градежното земјиште од Општина Струга, ниту, пак, има таква одлука од Владата.

Иако Владата во Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион најавува примена на други правни прописи доколку Општината не достави инвентар на дивоградби, а министерот Сугарески порачува дека законите мора да се почитуваат, на терен ништо не е сменето.

Против градоначалникот на Струга или Општината не се преземени никакви мерки во однос на непостапување по дивоизградените објекти.

Едмонд Адеми, претседател на Националната комисија за УНЕСКО, вели дека градоначалникот на Општина Струга покажал дека е некооперативен и објаснува дека преземањето на ингеренциите не е толку едноставно, но дека ќе се случи доколку продолжи ваквото однесување.

„За да се одземат ингеренциите од општините по прашање на урбанизмот, надлежно е Министерството за транспорт и врски. Има редица законски процедури коишто општините не треба да ги испочитуваат за да може Владата, односно Министерството за транспорт да ги преземе тие ингеренции. Иако доколку тоа така продолжи, новата Влада тоа ќе го направи, јас повеќе се залагам за можноста, откако ќе се формира Владата, да се донесе лекс специјалис за Охрид и Охридскиот Регион, за заштитениот дел, за да може државата целосно да стави капа на сите процеси таму, сѐ со цел да можеме поефикасно да ги завршуваме работите. Но, еве да почекаме да се формира новата влада. Тоа е мое лично размислување и мислам дека на тој начин, институциите ќе можат да ги спроведат препораките на УНЕСКО, од една страна, и нема да може, да речеме, да се префрлува вината од едните на другите. Имавме и таква ситуација, една институција вели таа е надлежна, оваа вели другата е надлежна и на крајот на краиштата работата останува незавршена, а поентата е работата да се заврши.“

Повеќе на темата

Државни и верски објекти меѓу дивоградбите во Струга

Адеми: Државата да стави рака врз Охрид и Струга

Гнил систем

Кањонот Матка е уште еден споменик на природата којшто поединци сакаат да го искористат за личен профит, спротивно на законите за заштита на вакви подрачја. Тоа најдобро го покажаа бесправно изградените платформи.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети вели дека барањето за легализација на платформите е одбиено и дека придржувањето кон законските процедури е главната причина за одолговлекување на постапката. Тој зад целата врева што се крена во јавноста гледа политички игри.

„За жал, имало пристапи од различни централни власти во име на средства, на пари, да се одземат надлежностите. Тоа ниту е коректно, ниту во ред, ниту коренспондира со развојот. Бидејќи идејата на локалните власти и европскиот ред на децентрализација е спротивно на ова што се зборува. Затоа, уште тогаш најодговорно сум тврдел дека е поврзано со политиката и дека зад таа врева што се крена нема ништо конкретно.“

Беџети додава дека барањата за легализација на овие објекти биле одбиени во текот на летните месеци, но не прецизира кога истекува рокот за поднесување жалби до Министерството за транспорт и врски, а потоа и до Управниот суд како последна инстанца, по што би следувало нивно уривање во зависност од решенијата на овие две институции.

На прашањето зошто не се отстранети бесправно изградените платформи на Матка, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека Министерството, според своите законски надлежности, ниту е инспекциски орган, ниту пак има ингеренции да врши уривање на дивоградби.

„Бидејќи надлежностите за управување со градежното земјиште се пренесени на Општина Сарај, општината е должна да ги спроведува постапките во согласност со закон. Во однос на жалби поврзани со предметите за платформите, до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски нема пристигнато жалби“, вели Сугарески.

Академик Владо Матевски, кој учествуваше во Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, вели дека негрижата за ова подрачје трае подолг период.

„Ненавременото донесување законска регулатива за заштита на одреден простор со големи природни вредности е проблем сам за себе од една страна, меѓутоа, од друга страна, и во случаи таа да е донесена, ние сме сведоци многу често на нејзиното непочитување, така што од сето тоа не е исклучен ни просторот на кањонот Матка. Денес сме сведоци дека таму на тој простор, постојано се преземаат дополнителни интервенции, кои претставуваат еден груб, насилен незаконски пристап, кој долго време се толерира и не може да биде санкциониран, што покажува дека зад тоа стои политичката моќ, која е често посилна од законот“, вели Матевски.

Повеќе на темата

Од платформите на Матка „мириса“ на расипан систем

Институции дивоградби

Заедничко за Охрид, Струга и Матка е што со години се чека да се донесе потребната регулатива која би требало да овозможи механизми за нивна заштита. По десет години чекање, беше донесен План за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, а цели осум години се чекаше да се формира Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

Сѐ уште се чека донесување на потребниот закон за Матка. Уште еден голем проблем се преклопувањето на ингеренциите меѓу локалната и централната власт, нејасната надлежност на општинските и државните инспектори и процедурите што се одолговлекуваат до бескрај. Убедливо најголем проблем е што постојано се носат закони коишто овозможуваат градење на диво, засилена урбанизација или легализација на бесправно изградени објекти.

Slide

Легализирање на криминалот

Се укинува Генералниот урбанистички план за крајбрежниот простор на Општина Охрид со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што предизвикува појава на поголеми проблеми со зголемувањето на урбанизацијата во крајбрежниот простор.

Стапува на сила нов Закон за просторно и урбанистичко планирање, што доведува до зголемување на урбанизацијата.

Стапува на сила Законот за постапување со бесправно изградени објекти, којшто без исклучок се однесува за целата територија на државата и којшто овозможи легализација на бесправно изградените објекти. Единиците на локалната самоуправа беа задолжени за нивно вклопување во соодветните плански документации.

2005
2009

Се менува Законот за просторно урбанистичко планирање и се овозможува фрагментација на планирањето. Планови може да се изработуваат и да се донесуваат без претходно да се дефинира рамка на просторниот развој на повисоко ниво.

Извор: План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020-2029 2011 2014

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, многу прецизно ги објаснува состојбите со дивоградбите во Охрид, Струга и Матка. Таа вели дека политичките партии во меѓусебен договор го кочат уривањето на утврдените дивоградби и носат закони коишто раѓаат корупција.

„Честопати, би рекла, дека општинските инспектори изглегуваат на терен и прават решенија. Зошто потоа не се руши, тоа веќе ќе ги прашате политичките сили и партии коишто се договараат меѓусебе. Тоа е резултат само на политичко договарање. Затоа, за да се справиме со корупцијата воопшто, пред сѐ е потребна политичка волја којашто ќе се отслика во Парламентот. Којашто ќе има доблест да ги промени законите што значат законска корупција. И политичка волја што ќе престане со договарање меѓу политичките партии за лични и партиски интереси и ќе застане на страна на граѓаните, односно на страна на јавниот интерес.“

На прашањето што мисли за впечатокот дека во земјава е многу полесно да се изгради дивоградба отколку да се урне, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека дивоградбите во државата се состојба која се провлекува не со години, туку со децении и децении наназад.

„Претходно имавме еден Закон за легализација на бесправно изградените објекти. Ние, како влада, ги продолживме роковите за легализација и сметам дека дадовме доволно голем простор на сите што имаат вакви објекти да ги легализираат.  Верувам дека  состојбата со дивоградбите е намалена, можеби оваа состојба се јавува поради малата екипираност на градежните инспекции во општините, но сепак тоа е мое лично мислење. Секако, сведоци сме и на изолирани случаи каде што поединци грубо го кршат Законот за градење, но пак ќе спомнам, во оваа држава има закони и институции. Никој не е над законите и секој што ќе ги прекрши треба да одговара за тоа. Нашата интенција во периодот што следи е сериозно да ги засилиме капацитетите на инспекциските органи заради поефикасно спроведување на постапките“, вели Сугарески.

Еден од проблемите во однос на ефикасното функционирање на општинските инспектори е што тие им се подредени на градоначалниците, односно на некој начин треба да ја контролираат работата на нивните претпоставени и колеги од администрацијата кои ги издаваат одобренијата за градење. Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателката на Инспекцискиот совет, укажува  дека овој проблем може да се реши со воведување регионални инспекциски служби.

Според д-р Донка Барџиева Трајковска, поранешен член на Комисијата за заштита на светското природно и културно наследство, континуираното уништување на вредностите во Охридскиот Регион се случува поради отсуство на контрола по вертикала на централната и локалната власт и на институциите за заштита.

„Доколку постоеше контрола по вертикала со континуирано следење на работата на институциите, повикување на  одговорност за непостапување, проверка на квалитетот и откривање на врските со дивоградителите, сега ќе можевме  да ги лоцираме конкретните причини/причинителите за  уништувањето на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Изминатите децении недостасува политичка волја на сите нивоа во однос на културното и природното наследство, недостасува елементарно чувство за нашите старини, односно минатото како да не учествува во тековите минато – сегашност – иднина. За жал, процесот на уништување на   исклучителните  универзални вредности  премногу долго трае  и крајно време е за радикални реформски зафати на целиот систем за  заштита и управување со ова наследство, бидејќи донесениот План за управување само ја одржува и ја прикрива  лошата состојба“, вели Барџиева Трајковска.

Според неа, за вистинска промена во овие сфери на прво место треба да се постави образованието бидејки необразованоста резултира со варварски однос, односно непрепознавање на високите вредности.

Дивоградбите во Охрид, Струга и Матка откриваат дека кај голем број граѓани на Македонија владее лош менталитет. Од себичност или за остварување профит, тие се подготвени да приграбат за себе дел од природното и културното наследство коешто ни припаѓа на сите. Трагично е што институциите коишто се надлежни да го спречат уништувањето на македонските убавини покажуваат дека немаат капацитет да се справат со негативните трендови.

Уште потрагично е дека политичките елити не покажуваат волја за решавање на проблемите, туку се нивниот извор. Тие го избираат полесниот пат и гледаат да ги озаконат нелегалните дејствија.

Јасно е дека е неопходно низ образовниот процес да се работи врз промена на лошиот менталитет, иако образованието со децении неуспешно се реформира. Јасно е и дека граѓаните ќе мора да ги земат работите во свои раце и да вршат континуиран притисок врз политичарите и институциите за спроведување на законите и казните. Но, тешко ќе може да се реизгради систем за заштита од бесправно градење, којшто и самиот сега е дивоградба.

Повеќе на темата

Барџиева Трајкоска: Необразованоста раѓа варваризам кон културното наследство

1. Како го коментирате фактот дека со години наназад се формираат комисии и работни групи за заштита на Охридскиот Регион, а истовремено состојбата на терен постојано се влошува?

Во изминатите децении заштитата и реставрацијата на културното наследство во целина, а посебно во Охрид, се остварува во услови на лоша законска регулатива, која се проектира во организациска поставеност што не го артикулира логичниот след на процесите во заштитата и реставрацијата со јасно дефинирани надлежности. Имено, постојната законска регулатива (која претставува предмет на ревизија од работна група за изработка на нов Закон за заштита на културното наследство) не ги дефинира, ниту ги препознава процесите во оваа област, ниту прецизно, институционално ги делегира нивните надлежности. Во вакви услови се појавува целосно мешање на надлежностите, односно узурпација на сите процеси од страна на Управата за заштита на културно наследство, која како управен орган е поставена над останатите институции/заводи/конзерваторски центри дури и во делот на конзервацијата и реставрацијата, којшто по природа на нештата не припаѓа таму. Дополнително, со долгогодишното отсуство на соодветна кадровска полититика, која доминантно е повеќе партиска отколку професионална, институциите ја изгубија својата самостојност и релевантност и станаа средство за реализација на партиско-идеолошки проекти. Управата за заштита и Завод-Музеј Охрид беа и сѐ уште се клучните институции преку кои се реализираат штетни проекти. Институции коишто, наместо да го чуваат и да го реставрираат наследството со исклучителни универзални вредности, дополнително го уништуваа(т) и деградираа(т). На сите нивоа, од заштитата и конзервацијата на археолошките локалитети, преку византиските цркви и примероците од староградската архитектура, активностите се изведуваат спротивно на конзерваторските принципи и стандарди вградени во меѓународните конвенции! Така, институциите, наместо да заштитуваат, се појавуваат како еден од причинителите за загрозување на исклучителните универзални вредности на Охрид, а работните групи и комисии служат како покритие или параван со којшто пред експертите на УНЕСКО треба да се покаже некаква грижа и активност. Да нема дилеми, потреба од експертски комисии и работни тела има секогаш, но во нив не треба да членуваат луѓе кои се вработени во истите институции. Во нашиот случај тоа се покажува како погубно, затоа што оној што е вработен да извршува одредена работа во институцијата, во комисијата се појавува како експерт кој ја оценува сопствената работа! Тоа е еден затворен круг којшто само покрива а не открива, ниту ги отстранува слабостите!

2.Зошто сте сменета од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион во чувствителен период?
Во решението кое го донесе Владата за моја смена од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не постои образложение на кое би можела да се повикам и прецизано да ви одговорам на прашањето. Но, самиот факт дека ова прашање двапати било ставано на седница на Владата говори дека на „предлагачите“ многу им значело да ме тргнат од оваа комисија. Јас сум долго време присутна во јавноста и моите ставови во однос на потребата од реформи во заштитата се познати, уште од времето додека работев во НУ Национален конзерваторски центар (поранешниот Републички завод за заштита на споменици). Во оваа смисла, постојат концепциски разлики во пристапот и начинот на работа со моите поранешни колеги кои станаа дел од новоформираната Управа за заштита на културното наследство и нивното делување во најлошиот период во историјата на заштитата на културното наследство (2006 – 2017 – 2020). Главните актери во овој период успеаја да се поврзат со новите кадри на СДСМ, да си ги задржат позициите во институциите и повторно да станат релевантни фактори во Комисијата (вклучително и претседателот кој ги изготвуваше сите извештаи за УНЕСКО)!

3. Што работи оваа Комисија?

Комисијата претставува советодавно тело на Владата кое разгледува и дава мислење за закони и прописи со кои се уредуваат прашањата поврзани со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, како што е планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион, просторните и урбанистичките планови во овој регион и др. Во отсуство на план за управување, во изминатите две години Комисијата даваше мислења за поединечни барања за градби или целини од постојните детални урбанистички планови на општините Охрид, Струга и Дебарца. Она што е потребно да се нагласи е фактот дека со донесување на Планот за управување, се заговара зголемување на ингеренциите на Комисијата во постапката за стекнување правен статус на бесправно изградените објекти. Имено, во акцискиот план е наведено дека „со изменување и дополнување на Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион ќе се даде основа, Комисијата за управување да дава мислење за секој бесправно изграден објект во заштитеното подрачје“! Со донесувањето на Планот во ваква форма и со замена на членовите на Комисијата со други кои имале директен удел во „појавата“ на дивоградби во заштитеното подрачје, основано може да се претпостави дека проблемот нема да се реши, туку ќе се легализира начинот и практиката на девастирање!

4. Во што е суштината на проблемот со континуираното уништување на природното и културното наследство во Охридскиот Регион?

Охрид и Охридскиот Регион претставуваат атрактивна локација, привлечна за градење и експлоатација од различни аспекти. Охридскиот Регион секогаш бил и сѐ уште е предмет на узурпација на локални и други моќници, кои со децении го напаѓаат и ги деградираат неговите исклучителни и универзални вредности. Континуираното уништување на неговите вредности се случува поради отсуство на контрола по вертикала на централната и на локалната власт, односно на институциите за заштита. Доколку постоеше контрола по вертикала со континуирано следење на работата на институциите, повикување на одговорност за непостапување, проверка на квалитетот и откривање на врските со дивоградителите, сега ќе можевме да ги лоцираме конкретните причини/причинителите за уништувањето на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Во оваа смисла најголем виновник е Министерството за култура, односно политичката и административна инертност, што резултира со отсуство на контрола на квалитетот на работата на институциите чија програма ја финансира. Изминатите децении недостасува политичка волја на сите нивоа во однос на културното и природното наследство, недостасува елементарно чувство за нашите старини, односно минатото како да не учествува во тековите минато – сегашност – иднина. За жал, процесот на уништување на исклучителните универзални вредности премногу долго трае и крајно време е за радикални реформски зафати на целиот систем за заштита и упрваување со ова наследство, бидејќи донесениот План за управување само ја одржува и ја прикрива лошата состојба.

5. Состојбата со Охрид ни е во постојан фокус токму поради заштитата од УНЕСКО, но се чини дека локалните власти во Струга подзабораваат дека и овој град и околината би требало да се под заштита. Како ја коментирате состојбата во Струга?

Под заштита на УНЕСКО е целиот Охридски Регион, вклучително и општините Струга и Дебарца. Состојбата во Струга е дел од комплексно прашање кое се рефлектира врз сите нивоа на функционирањето на институциите на системот. Живееме во општество кое е поделено на партиска и етничка основа. Со распределбата на министерските функции на личности со различна етничка провениенција, нивното делување се сведува исклучиво на спроведување и фаворизирање на етничките интереси. Таков е случајот со централната и локалната власт. Градоначалникот на Струга само ги следи интересите на неговите етнички сопартијци и во овој контекст ќе го посочам примерот со Министерството за култура. Во времето на министерот Роберт Алаѓозовски, започнати се реформите во дејноста заштита, вклучително и во однос на заштитата на хридскиот Регион. По осум години, формирана е Комисијата за управување со Охридскиот Регион, комисиите за ревизија на институциите за заштита на недвижно културно наследство и на Управата за заштита, комисијата за ревизија на музеите и конечно, двете клучни комисии – за изработка на нов Закон за заштита и листа на културно наследство од национално значење. Со доаѓањето на Асаф Адеми на министерската функција, целиот овој реформски процес само декларативно беше поддржан за да замре целосно на почетокот од 2019 година. Во однос на заштитата на исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион, неговиот интерес допираше само до реконструкцијата на минарето на Али-паша џамија! Во вака поделено општество, во кое премиерот не може да смени ниту еден министер без согласност на лидерот на етничката партија, а министерот за култура не може да смени ниту еден директор од друга етничка партија, однесувањето на градоначалникот на Струга е најдобра илустрација дека етничката поделба го уништува и културното наследство. Последиците од ваквиот однос ги гледаме и со уништувањето на Матка. Во дезинтегрирано општество, поделено по етнички принцип, не можеме да очекуваме заштита на културното наследство, особено на наследството со кое градоначалникот смета дека може да прави што сака! Тоа значи дека проблемот е системски и само со системски мерки може да се реши. Затоа треба да се потенцира дека не постои етнички министер или градоначалник. Министерот е државник во Владата на РС Македонија и „служител“ на сите граѓани.

6. Според вас, што треба да се преземе за да запре варварскиот однос кон светското наследство во Охридскиот Регион?

На прво место е образованието, бидејќи необразованоста резултира со варварски однос, односно непрепознавање на високите вредности. Кога во образованието суштински го нема културното наследство, нема ниту чување, ниту негување. Изучувајќи го минатото се образуваме, затоа што минатото е учител. Минатото е сигурност, а иднината е хипотетичка. Да учиме од културното наследство!

Ивановска: Со став „баш ме брига“ не се гради држава

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Уредник: Владимир Николоски
Новинари: Мартин Пушевски, Соња Петрушевска, Катерина Топалова, Ана Зафирова
Сниматели: Тони Стојановски, Здравко Петрушевски, Зоран Догов 
Монтажери: Борче Крстевски, Ристе Душковски
Фотографија: Томислав Георгиев
Веб развој и адаптација: Дарко Малиновски, Стефан Стојановски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска