fbpx

Регрутација на 3.509 млади административци вредна 100 милиони евра

Илјадници луѓе формално поминале низ оваа институција, но најголем дел од нив, не доаѓале на работа, иако земале плата. Всушност, тие само се вработиле во некогашниот Секретаријат за Рамковен договор, а денес Министерство за политички систем и односи со заедниците, што им послужило како регрутен центар за влез во јавниот сектор. Дел од овие „рамковно“ вработени луѓе, доминантно високобразовани млади луѓе до 40 години од „помалите“ етнички заедници, е префрлен во други државни органи, а дел од нив сè уште чека да го смени статусот од формално вработени во реално ангажирани административци.

Во периодот од 2008 година досега, во некогашниот Секретаријат за Рамковен договор, кој пред година и пол се трансформираше во Министерство за политички систем, се вработиле точно 3.509 лица, покажуваат официјалните податоци што ги обезбедивме. Денес, во институцијата има 1.410 вработени, што значи дека поголем број од нив веќе се прераспределени.

Сепак, ова министерство сè уште претставува еден од најмногубројните владини ресори, што автоматски значи дека располага со еден од најголемите буџети. Колку за илустрација, во Министерството за земјоделство заклучно со ланската година имало 1.081 вработени со статус, во Финансии имало 639, а во МНР имало 451 итн.

Како што веќе објавивме во претходната сторија, од сите вработени во Министерството, сега работно ангажирани се само 44 лица, или 3 отсто од вкупниот број вработени. Од Министерството велат дека тие сè уште се во фаза на екипирање, најавувајќи дека целта им е да стасаат до бројката од 150 ангажирани лица, додека за останатите државни административци се водат постапки за нивна прераспределба во други институции.

Арно ама, додека не се финализираат процедурите, тие сè уште седат дома и земаат плата. Со оглед дека со новиот ребаланс на буџетот што е во собраниска процедура, буџетот на Министерството е репроектиран на 8,9 милиони евра, од кои што скоро сите се наменети за плати, произлегува дека граѓаните издвојуваат во просек по повеќе од 6.300 евра годишно за секој вработен, или по 526 евра месечно.

Структура на вработените во министерството

Кој е профилот на сегашните 1.410 формално вработени во Министерството за политички систем? Официјалните податоци што ги обезбедивме покажуваат дека убедливо најголем број од вработените се од албанската етничка заедница.

Имено, оваа бројка изнесува 1.231, што значи дека само 179 им припаѓаат на другите етнички заедници. По Албанците, во оваа институција најбројни се Турците со 82 вработени, по што следат Ромите со 61 вработен, Бошњаците со 22 вработени итн.

Во однос на старосната структура на вработените, како и од родов аспект, податоците со коишто располагаме покажуваат дека тоа се претежно млади луѓе до 40 години, доминантно од машки пол. Во прилог е детален приказ за структурата на вработените во Министерството.

 

Од аспект на нивното формално образование, доминираат оние со високо образование. Односно, 950 вработени се со високо образование, додека останатите 460 се со средно образование.

Она што е интересно, добиените податоци откриваат дека најголем дел од нив фигурираат во Одделението за стратешко планирање, креирање политики и следење, каде што моментално се евидентирани 1.288 вработени, од кои дури 407 се помлади референти и 811 помлади соработници. Во прилог е инфографик со функциите на вработените.

 

Просечни 500 евра по вработен секој месец

Иако моментално работно се ангажирани 44 лица, сите 1.410 формално вработени се на товар на буџетот, односно на граѓаните. За тековната 2020 година, буџетот за Министерството за политички систем првично беше проектиран на 583 милиони денари, од кои 550 милиони денари биле планирани за плати и надоместоци.

Сепак, со Уредбата со законска сила за време на вонредната состојба предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, буџетот за Министерството се намали на нецели 543 милиони денари. Сепак, моментално во тек е собраниска процедура за нов ребаланс на буџетот за годинава, со којшто буџетот за Министерството за политички систем е репроектиран на 547.7 милиони денари, од кои 529,6 милиони денари се наменети за плати и надоместоци.

Доколку се има предвид буџетската проекција на Владата и ако таа се стави во корелација со моменталната бројка на 1.410 вработени, тогаш произлегува дека граѓаните издвојуваат во просек по повеќе од 6.300 евра годишно за секој вработен, или по 526 евра месечно. Уште попрецизно, доколку се земе во обѕир само сумата издвоена за плати и надоместоци во износ од 8,6 милиони евра, тогаш може да се каже дека просечната плата во моментов во овој владин ресор изнесува 508 евра.

Regrutacija na 3509 mladi administrativci vredna 100 milioni evra 1

Инаку, точната плата на секој административен службеник се пресметува врз основа на специфична методологија, која подразбира калкулација на различни коефициенти според позицијата, образованието, стажот и сл. Упатените со кои разговаравме велат дека, во случајот со ова Министерство, вработените не се реално систематизирани, бидејќи не се реално вработени, поради што, на пример, не може да се аплицира ниту коефициентот за стаж. Од Министерството, пак, не добивме одговори во врска со платите на вработените.

Обезглавени сектори, одделенија без вработени

Од 3.509-те вработени, според податоците што ни ги доставија од МПСОЗ, досега 1.930 административци веќе се прераспределени во други институции, главно по хоризонтала, односно во други министерства. Како што ни одговорија од таму, во иднина се планира да бидат прераспределени меѓу 1.300 и 1.350 од овие 1.410 лица, а останатите 60 – 110 лица ќе останат на служба во Министерството, во зависност од потребите за пополнување на неговите капацитети.

Во таа насока, моментално само 3 сектори функционираат со раководител и плус заменик-раководител, меѓу кои Секторот за мониторинг на процесот на децентрализација, Секторот за општи и правни работи и Секторот за финансиски прашања. Неколку сектори, пак, функционираат со раководител, ама без негов заменик. Еден од нив е Секторот за политички систем, каде што раководителот всушност е единствениот вработен.

Она што е специфично е дека два сектори немаат раководител, ама имаат заменик-раководител. Таков е случајот со Секторот за следење и унапредување на правичната застапеност, каде што се наведени дури двајца заменици-раководители, заедно со уште 8 вработени во трите одделенија. Уште еден ваков орган без раководител но со заменик-раководител е Секторот за стручна и оперативна поддршка, каде што има уште 4 вработени во 3 одделенија.

На крајот, некои сектори сè уште функционираат и без раководител и без заменик-раководител. Меѓу нив е Секторот за односи со јавноста, каде што во двете одделенија, за односи со јавноста и за медиумско следење и анализа, се вработени вкупно 6 лица. Иста е ситуацијата и со двата сектори за култура и образование и за унапредување на меѓуетничките заедници, каде што функционираат вкупно 5 одделенија, во кои, пак, работат вкупно 12 лица.

За 13 години буџет од околу 100 милиони евра

Врз основа на податоците од Министерството за финансии, пресметавме дека во периодот од 2008 заклучно со изминатава 2019 година, за Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, односно денешното Министерство за политички систем, биле проектирани буџети во вкупна вредност од 96.4 милиони евра. Сепак, завршните сметки за извршување на буџетите покажуваат дека во овие 12 години, реализацијата на предвидените расходи изнесувала 91 милион евра.

Овде треба да се напомене дека за минатата 2019 година, како проектирана и воедно реализирана сума е земена сумата од 562 милиони денари утврдена со ребалансот на буџетот, имајќи предвид дека завршната сметка за оваа година сè уште не е објавена. Во секој случај, ако се земе во обѕир дека за тековната 2020 година моменталната буџетска проекција изнесува 8,9 милиони евра, тогаш може слободно да се заклучи дека на истекот од актуелната 2020 година, во рамките на институцијата ќе бидат потрошени скоро 100 милиони евра.

Regrutacija na 3509 mladi administrativci vredna 100 milioni evra 2

Анализата на финансиските податоци покажува дека убедливо најголем дел од буџетот на поранешниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор се издвојувал за плати, надоместоци и придонеси, додека издатоците за стоки и услуги, субвенции и трансфери и капитални расходи се минорни. Згора на тоа, над 90 проценти од средствата што се издвојувале за плати и надоместоци за вработените биле во рамките на програмата за соодветна и правична застапеност К5, преку која всушност се релизираат „рамковните вработувања“.

Ако во анализираниот 12-годишен период, од 2008 заклучно со 2019 година, Министерството за политички систем имал проектиран буџет од 96.4 милиони евра и реализација од 91 милиони евра, во истиот период за плати и надоместоци биле предвидени 88.9 милиони евра, чија реализација, пак, изнесувала 84.7 милиони евра. Од овие средства, во рамките на споменатата К5-програма, биле испланирани 86 милиони евра, додека исплатени биле 82.2 милиони евра.

Европска комисија: „Администрацијата е умерено подготвена за реформите“

Новата влада треба да се осигури дека реформата на јавната администрација останува приоритет, да демонстрира целосна почит кон принципите за реформа на јавната администрација и да ги следи реформските напори на претходната влада, се вели во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.

„Потребни се дополнителни напори за решавање на некои од препораките за 2019 година. Во наредниот период, земјата треба, особено: да воспостави законодавна рамка што обезбедува целосно почитување на регрутирањето засновано врз заслуги за високите државни служби и други позиции; да го финализира хоризонталниот функционален преглед и да започне да го спроведува за да се обезбеди јасни линии за отчетност помеѓу институциите и да обезбеди целосна примена на Законот за општи управни постапки.“

 

Автори: Влатко Стојановски и Кристина Озимец

Оваа содржина ја изработи ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашајкако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.