fbpx

Балканските династии не познаваат закони, непотизмот цвета и се шири

  • Ако непотизмот може да го припишеме на балканскиот дух, тогаш несомнено за тоа најдрастичен пример е Србија - Александар Вучиќ е официјален претседател, додека владетел во сенка е неговиот помлад брат Андреј Вучиќ.
  • Судството е вистинско непотистичко гнездо, а тоа го покажуваат примерите во Македонија и Црна Гора.
  • За жал и многу квалитетни кадри кои се во семејна поврзаност, се жртви на бескрајната недоверба што се создава со давањето предност на „своите“ над обичните граѓани.
 

Неодамна во Македонија штрајкуваа приватните специјализанти на државната клиника. Во Македонија статусот приватен специјализант значи лекар кој што не е вработен, ја плаќа својата едукација 12 илјади евра во тек на шест години, а зема плата од 26 илјади денари. Неговите работни обврски се идентични како тие што ги има државен специјализант со разликата дека државниот специјализант зема основна плата од 44 илјади денари и платени дежурства, здравствено и пензиски е осигуран и исто така државата го покрива износот од специјализацијата кон деканатот на Медицинскиот факултет, изјави за „Слободен печат“ претседателката на Здружението на приватни специјализанти, д-р Александра Георгиева.

Она што не го кажа младата лекарка, а што го знаат сите, е дека меѓу приватните специјализанти ретко може да се најдат синови и ќерки на видни лекарски династии од државата. Тие си добиваат место како државни специјализанти затоа што тоа им обезбедува далеку поповолен статус додека ја изучуваат специјалноста што ја одбрале.

Во здравството владее системот на династија

Тоа е само мал сегмент од она што се случува на полето на непотизмот во Македонија и другите земји Западен Балкан. Иако во нашата претходна сторија ги опсервиравме состојбите во Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина низ сторијата „Балканот и непотизмот: Немаме кралеви, но имаме династии“, слични состојби се присутни и во Србија и Црна Гора. Агенцијата за спречување на корупцијата во Србија констатира прекршување на Законот за спречување на корупцијата во делот поврзан со непотизмот, извршено од службени лица, во просек десет пати годишно. Најчесто се работи за тоа што вработувале роднини, им ги зголемувале платите, но и затоа што исплаќале народни пари на здруженија или фирми во кои тие лично или членови на семејството се застапници. По донесувањето на одлуката, Агенцијата вообичаено предлага разрешување на дотичните функционери.

Во последниот јавно достапен Годишен извештај на таа Агенција за 2022 година, се наведува дека, од 309 донесени решенија поради прекршување на Законот за спречување на корупција, најголем број решенија (162) изречени се мерки на јавни службеници поради акумулација на јавни функции, додека втора по големина (55) мерки се наметнуваат на јавните службеници во ситуации кои претставуваат конфликт на интереси. Од тие 55, седум случаи се поврзани со непотизам. Но, сосема е извесно дека бројот на случаи на непотизам е многу поголем од пријавените во Антикорупциската комисија.

Меѓу примерите од практиката на Агенцијата со кои се утврдува непотизам е случајот со декан на факултет кој склучил договор за соработка со спортско здружение чиј основач и претставник е тој. Работел како тренер во здружението без согласност на Агенцијата. Директорот на едно претпријатие без согласност на Агенцијата извршувал друга јавна функција како советник на општинското собрание и во улога на советник учествувал во донесувањето на одлуката на собранието на општината со која се дала согласност за планот за реорганизација на тоа претпријатие. Во двата случаи, Агенцијата дала препорака за разрешување од јавна функција.

Се тресеше гората, се роди глушец...               

Повеќето од овие случаи, пак, завршуваат според народната поговорка „се тресеше гората, се роди глушец“: функционерите официјално се повлекуваат од една од функциите, но остануваат владетели во сенка или наоѓаат некое друго „уживање“.

Во Црна Гора, новите власти ги продолжија старите практики, иако ветуваа меритократија. Директорката на Центарот за граѓански слободи (ЦЕГАС), Марија Поповиќ Калезиќ, оценува дека непотизмот во Црна Гора е сè уште доста распространет во сите области и силно се спротивставува на антикорупциските методи и обидите за реформирање и на судството и на целата јавна администрација.

Поповиќ Калезиќ: Непотизмот во Црна Гора сè уште силно се спротивставува на обидите за реформи

„Судството сè уште е под притисок на различни структури на моќ, а селективната правда нема да доведе до стекнување на довербата од граѓаните, туку само суштински реформи и неселективност, со постојани борби против различни политички и интересовни структури на власта“, вели таа.

По сѐ изгледа судството ги урива сите рекорди за непотизам затоа што и во Македонија првата асоцијација за непотизам се семејните врски меѓу адвокатите, судиите, обвинителите и примените кандидати за обуки во Академијата за судии и обвинители во Скопје која ја покрива целата држава. Но не само во судството. Државната комисија за спречување на корупцијата се обиде да застане на пат на овие појави, но безуспешно.

Ивановска: Ниту едно раководно лице не беше повикано на одговорност за непотизам

„Имавме бројни случаи за непотизам односно вработување  на блиски лица на носители на јавни функции. Од постапувањето по предмети констатиравме случаи на тенденциозно креирање на работното место, вработување и со неисполнети услови од систематизацијата, користење на интервјуто како единствен критериум и слично. ДКСК до Владата и до управните одбори кои ги именувале раководните лица поднесе иницијативи за одговорност, бидејќи ги злоупотребиле дискреционите права и не извршиле вработување според мерит систем, но за жал од одговорите што ги добивме констатиравме дека ниту едно раководно лице не беше повикано на одговорност“, вели Билјана Ивановска доскорешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата во Северна Македонија.

Синот поважен од другите кандидати

Во Македонија повеќе од 30 години колку што впрочем трае и транзицијата постои кованицата „дете на функционер“ која се потврди и при случајот со приемот на синот на шефот на парламентот и сегашен премиер Талат Џафери во Академијата за судии и обвинители, откако Џафери јуниор на магичен начин доби документ за кој не ги исполнуваше условите. Да биде иронијата поголема, синот е сега обвинител и гони криминал кој самиот го направи на стартот на неговата обука за обвинител. „И моето дете има право да конкурира и да биде примено на работа“ – се правдаше таткото Џафери.

Кованицата „дете на функционер“се потврди и при случајот со синот на шефот на парламентот и сегашен премиер Талат Џафери

Што е впрочем и вистина, но тоа право го имаат и илјадници други млади луѓе на кои им е одземено правото затоа што функционерскиот син добил предност.

Синот на Џафери е само едно од децата на политичарите што посетуваа обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Речиси 18 отсто од кандидатите кои ја поминаа обуката за судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители.

Слична е состојбата со непотизмот и во другите сфери, почнувајќи од образованието, здравството, културата, па дури и спортот. Синови и ќерки ги наследуваат своите татковци и мајки на факултетите, на клиниките, во институтите, буквално секаде каде што нивниот родител ќе може да ги пикне додека е на функција. Се разбира меѓу нив им и квалитетни кадри на кои не треба да им се одземе правото да извршуваат иста професија но кој може да ја постави границата и да ги одвои квалитетните од неквалитетните за да нема штети при работењето.

На тоа укажува и нашата соговорничка од Македонија, Билјана Ивановска.

„Ние подготвивме Анализа за ранливите точки на дискреционите права во 19 закони и предложивме над 40 препораки за надминување , т.е. ограничување на овие права, во за жал препораките не се спроведоа. Но, да не заборавиме дека доколку некој има интегритет, работи совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно, не се раководи од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице, тогаш и постојните законски решенија ќе дадат резултати“, вели Ивановска.

Вучиќ во сите варијанти

Ако непотизмот може да го припишеме на балканскиот дух, тогаш несомнено за тоа најдрастичен пример е Србија. Нејзиниот претседател Александар Вучиќ е официјален владетел, додека владетел во сенка е неговиот помлад брат Андреј Вучиќ. Според информациите објавени во различни медиумски анализи, братот на Вучиќ го контролира протокот на пари во градежништвото, земјоделството, угостителството и секоја друга дејност што се смета за профитабилна во партијата. Андреј Вучиќ е и член на Извршниот одбор на владејачката Српска напредна партија, од која Александар Вучиќ поднесе оставка минатата година.

Во Србија има повеќе примери на политички непотизам, иако никаде не е толку влијателен како во случајот со браќата Вучиќ. Класичен пример за непотизам во политиката е семејството Кркобабиќ од Партијата на обединети пензионери на Србија (ПУПС). Покојниот Јован Крокобабиќ беше основач на ПУПС, а на таа функција го наследи неговиот син Милан Кркобабиќ, додека Стефан Кркобабиќ стигна до пратеничката фотелја. Има и други примери на „политички династии“, како што е семејството Пастор, каде што покојниот татко Иштван беше наследен од неговиот син Балинт како претседател на партијата на националното малцинство, Унија на Унгарците од Војводина. Партијата за правда и помирување, каде што покојниот татко Муамер неговиот син Усаме го наследи како лидер. Слично сценарио се очекува и во случајот со лидерот на ултранационалистичката Српска радикална партија, каде што таткото Воислав најверојатно ќе го наследи неговиот син Александар Шешељ, кој веќе беше пратеник на радикалите во српскиот парламент. Поранешниот близок соработник на Шешељ и поранешен претседател на Србија и Српската напредна странка, Томислав Николиќ, исто така своевремено го „вработил“ својот син Радомир за градоначалник на Крагуевац.

Но, има и спротивни примери, кога синовите на поранешни високи државни функционери велат дека тоа им го загорчило животот, како што е Марко Живковиќ, син на поранешниот демократски премиер на Србија, Зоран Живковиќ, кој на таа функција дојде по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

„Фактот што татко ми извршуваше важни државни функции само ми ја затвора вратата во Србија. Ниту татко ми, ниту јас не сме виновни за тоа, туку системот и тоа што нашата политика е главно валкана и одвратна“, изјави за Би-Би-Си на српски јазик помладиот Живковиќ.

Ѓорѓевиќ: Во Србија финансиските и партиските врски имаат предност пред семејните врски

Злата Ѓорѓевиќ, истражувач од организацијата Транспаренси Србија, вели дека во последните години во Србија финансиските и партиските врски имаат предност пред семејните врски, што, по дефиниција - е поблиску до клиентелизам и кронизам.

Кронизмот е ситуација во која предност се дава на пријателски или политички врски - кога партиските активисти се „наградуваат“ со работа во јавен сервис или јавно претпријатие, објаснува нашата соговорничка.    

И адвокатот Вељко Милиќ вели дека непотизмот е присутен во сите области на општественото живеење во Србија, почнувајќи од јавните претпријатија, судството, образованието, здравството... Непотизмот, напоменува тој, во Србија не се гледа како аномалија, туку како еден вид „наследно право“.

Во суштина, во Србија постои култура на непотизам која се негува со генерации. Сосема е вообичаено родителот да го чува своето работно место за своето дете, кое ќе го наследи на таа позиција кога ќе се пензионира. Или едноставно очекува работодавачот да го вработи и неговото дете. Дополнително, чести се случаите раководителите на органи да вработуваат свои блиски роднини во организациите со кои раководат“, вели Милиќ.

Ваквиот обем на непотизам поттикна широки општествени реакции во Србија, и станува една од централните теми. Според професорот по социологија на Филозофскиот факултет во Нови Сад, Алексеј Кишјухас, предмодерното општество во Србија е само по себе услов за нескротлив непотизам.

„Ова е сè уште многу традиционално, патријархално, во извесна смисла предмодерно општество, што е предуслов за нескротлив непотизам. Што значи дека луѓето овде сè уште претпочитаат да се потпираат на лични и роднински врски, наместо на непристрасна и ефикасна бирократија што е карактеристична за современиот Запад. И кога треба да закажете состанок со лекар, и кога треба да вработите некого. Па тогаш - ајде да вработиме жена, син, кум, па дури и 'земјак'. Макс Вебер, наводно омилениот социолог на Александар Вучиќ, опширно пишуваше за рационалноста на Западот, што го наметнува прашањето дали Вучиќ навистина го прочитал, а особено дали го разбрал“, вели Кишјухас.

Истиот заклучок важи и за Црна Гора каде непотизмот буквално го разорува судството. Дека не е многу променето и по заминувањето на ДПС (Демократската партија на социјалисти) покажува и фактот што ќерката, зетот и братучедот на Пеѓа Булатовиќ, висок функционер и член на ДФ (Демократскиот фронт) и претседател на Одборот за антикорупција, добиваат високи позиции во црногорското правосудство, по смената на власта. Неговата ќерка Исидора Пешиќ од работното место стручен соработник во Основниот суд во Подгорица премина на уставно-судски советник во Уставниот суд и во најголемиот дел од нејзиниот работен ангажман е или на боледување или на породилно отсуство. Нејзиниот сопруг и зет на Булатовиќ, Миодраг Пешиќ, од функцијата претседател на младината на ДПС премина на функцијата судија и член на Судскиот совет, а потоа на функцијата претседател на Управниот суд и претседател на Здружението на судии.

Судството непотистичко гнездо

Но, ова не е крајот на мрачните приказни за непотизмот во Црна Гора. Братучетката на Булатовиќ, Снежана (Булатовиќ) Арменко беше избрана за судија на Уставниот суд во раните 40-ти години. Момирка Тешиќ - кумата на вршителката на должност претседателка на Врховниот суд, Весна Вучковиќ, чиј сопруг седум мандати беше избран за претседател на судот во Котор, и дотогашна судијка на Основниот суд во Котор чии пресуди како судија беа правно оспорени, во 2023 година е избрана за судија на Уставен суд. Според неофицијални извори од судскиот врв, овие избори биле по желба на пратеникот од Демократите, Момо Копривица, вицепремиер за политички систем, правда и антикорупција.

Судството е една во алките на непотизмот во сите земји од регионот

Откако Владимир Нововиќ беше избран за главен специјален обвинител, неговата сопруга, која дотогаш ја извршуваше функцијата советник, стана судија на Управниот суд, а нејзината кума Весна Вучковиќ е член на Српска странка и претседател на Комисијата за тестирање на судиите. Новата претставничка на државата пред судот во Стразбур, која е избрана во уставно и законски оспорена постапка, Катарина Пековиќ е венчална кума на братот на Нововиќ.

Понатаму, судијката на Врховниот суд, Весна Јочиќ, е кума на Весна Меденица - поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора на која ѝ се суди за злоупотреба на службената положба, односно дека ја искористила положбата за завршување случаи за пријатели, кумови и слично.

Мираш Радовиќ, брат на сопругот на поранешната специјална обвинителка Стојанка Радовиќ, беше судија на Врховниот суд, поранешен министер за правда и судија на Уставниот суд. Нејзиниот брат Драгиша Балетиќ е судија во Вишиот суд во Подгорица, а нејзината ќерка Неда Радовиќ исто така работи како судија во Основниот суд.

Бранко Дујовиќ, синот на претседателката на Апелацискиот  суд, Мушика Дујовиќ, е судија во Основниот суд во Подгорица.

Исто така, во Судскиот совет на Црна Гора работи Милош Жижиќ, син на Сека Жижиќ, судијка на Врховниот суд. Нејзината снаа, а негова сопруга работи во Центарот за едукација на судии и обвинители, додека Жижиќ е и претседателка на Програмскиот одбор на Центарот за едукација на судии и обвинители.

И во последниот извештај на Фридом Хаус (ФХ) се посочува дека црногорското правосудство сѐ уште е подложно на притисок од владините структури, и дека корупцијата и непотизмот сѐ уште се проблем.

„Непотизмот совршено се рефлектира и во моделите за вработување во јавните претпријатија каде правната недоследност и немањето механизми за контрола, одговорност и санкции во голема мера го промовираат развојот на непотизмот. Не можеме да се надеваме на промена во во блиска иднина, додека не се случат клучните законски измени кога станува збор за вработување во јавниот сектор, посочува директорката на Центарот за граѓански слободи Марија Поповиќ-Калезиќ.

Приказните за непотизмот на Балканот немаат крај. За жал и многу квалитетни кадри кои се во семејна поврзаност, се жртви на бескрајната недоверба што се создава со давањето предност на „своите“ над обичните граѓани. Општествата сѐ уште не ја препознаваат опасноста од непотизмот иако последиците се видливи затоа што непотизмот е и најголемиот заштитник на корупцијата и криминалот поради кои регионот бавно се движи напред.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска, Катерина Ѓуровски, Динко Грухоњиќ (Autonomija Нови Сад), Маја Боричиќ (CIN Црна Гора)
Снимател: Далибор Ступар
Фото: Дарко Андоновски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
 

Поврзани стории: