fbpx

Западен Балкан ќе го причека возот за ЕУ

  • Приказните на четирите држави од Западен Балкан кои во моментов го одат европскиот пат се различни, иако гледани преку двогледот од Брисел емитуваат иста слика: слаба економија, корупција, политички диригирано судство и проблеми со соседите.
  • Иако се добредојдени 6-те милијарди евра инвестиции што ги најави Фон дер Лајен, за нивните потенцијални корисници, тие се уште еден механизам на ЕУ да го одржува својот рејтинг во Западен Балкан откако стана јасно дека играта на мачка и глушец меѓу Брисел и земјите кандидатки не е ниту оддалеку завршена.
  • Прашањето што добива на интензитет е дали Албанија сама ќе го продолжи европскиот пат доколку во Скопје не се постигне согласност меѓу власта и опозицијата за уставните промени кои ги бара Брисел

Возот за ЕУ

ЕУ планира со шест милијарди евра инвестиции да им помогне на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите неопходни за европска интеграција. Оваа вест што ја соопшти шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при нејзината турнеја низ земјите од регионот, ги остави рамнодушни сите. Иако средствата се добредојдени, за нивните потенцијални корисници, тие се уште еден механизам на ЕУ да го одржува својот рејтинг во Западен Балкан, откако стана јасно дека играта на мачка и глушец меѓу Брисел и земјите кандидатки за членство во Унијата, не е ниту оддалеку завршена.

Северна Македонија не успеа да ги испорача уставните промени, што значи дека европскиот воз и овојпат помина без да застане во Скопје, но ако е за некаква утеха ниту останатите аспиранти Србија, Црна Гора и Албанија не можат да се надеваат на билет за славеничкото купе. Секоја од овие три земји се наоѓа во различни фази од евроинтеграцијата, но заедничкиот именител им е – за членство во ЕУ ќе треба да причекаат.

zapadniot balkan ke go priceka vozot za eu 1
Македонија не успеа да ги испорача уставните промени, а другите три земји се во различни фази од евроинтеграцијата (Извор: фб профил Димитар Ковачевски)

Во Македонија присуството на германската демохристијанка Фон дер Лајен која дојде да лобира и пред референдумот за Преспанскиот договор во 2018 година во тогашно својство на министерка за одбрана на Германија, помина тивко и без помпата со која беше дочекана претходните неколку пати. Причина за тоа е растечкото незадоволство од барањето за уставни промени за кое македонскиот дел од општеството изрази противење. Тоа, се разбира не може да се доведе во корелација со желбата земјата да и се придружи на Европската унија.

Во анкетата на Евротинк – Центар за европски стратегии објавена во октомври, 60,8 проценти од испитаниците рекле дека ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија, но 55,8 проценти рекле и дека односот на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки. Ако нашите пријатели европјани се прашуваат зошто е такво мислењето во Македонија еве зошто: Едно кусо пребарување на Интернет ќе ве доведе до наслов од 1995-та – „Македонија го фати европскиот воз“. 28 години подоцна македонскиот воз уште патува до Брисел.

Работите не стојат подобро ниту во другите земји од групата Западен Балкан која одамна е застаната на европскиот колосек, но или немаше место во возот или тој беше премногу залетан за да застане на прашливите и остарени станици на Балканот.

Црна Гора доби кандидатски статус во декември 2010 година, а преговорите за пристапување започнаа во средината на 2012 година. Преговара 11 години, сите 33 поглавја се отворени, а само три се затворени. Само Турција засега има подолго искуство во преговори од Црна Гора. Пристапниот процес со години тапка во место, меѓу другото и поради неможноста парламентарното мнозинство да ги заврши именувањата во правосудството.

Она што ја кочи Црна Гора со години е недоволниот напредок во поглавјата 23 и 24, кои сега го сочинуваат првиот кластер. Напредокот во сите други поглавја зависи од напредокот во областите на владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Според новата методологија за преговори, ниту едно поглавје не може да се затвори додека не се исполнат привремените одредници во тие области.

Ние сме за ЕУ, но дали ЕУ е за нас?

Сепак, магливиот хоризонт кон Брисел не ги обесхрабрува веселите Црногорци. Според последното истражување на јавното мислење, измерено е рекордно високо ниво на поддршка за членство во ЕУ. Според истражувањето на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) од Црна Гора од мај годинава, 76 отсто од граѓаните го поддржуваат членството на Црна Гора во Европската унија, што е за еден процент повеќе од претходното истражување од декември. Истражувањето е спроведено од 1 до 14 мај 2023 година на 1.003 испитаници. Според тоа истражување, доколку се распише референдум за членство на Црна Гора во ЕУ, би го поддржале 84,9 отсто, а против 15,1 отсто.

Албанските граѓани, исто така, сакаат да се придружат во Европа исто како и пред 33 години кога излегоа на протестите против комунистичкиот режим со слоганот „Сакаме Албанија да биде дел од Европа“. Нивната поддршка за интеграција во големото европско семејство не се поколеба, иако тоа го чекаат повеќе од три децении.

zapadniot balkan ke go priceka vozot za eu 2
Албанците се едни од најпроевропските луѓе, но тоа не им го олеснува патот на интеграцијата( Извор: фб профил Еди Рама)

Во летото 2022 година, во истражувањето спроведено од ЕУ Барометар, 93 отсто од Албанците изјавиле дека земјата ќе биде членка на Европската унија. Истражувањето беше спроведено на репрезентативен примерок од 1.012 граѓани од цела Албанија. Во друго истражување на Безбедносен барометар за Западен Балкан, во периодот септември-октомври 2022 година, одговорите покажаа дека дури 98,43 отсто од испитаниците го поддржуваат членството на Албанија во ЕУ.

Сепак, тоа што се едни од најпроевропските луѓе се чини дека не им го олесни патот на интеграцијата. По низа блокади, Европската унија официјално ги отвори преговорите со Албанија минатото лето. Во моментов земјата е во таканаречен скрининг процес, што значи аналитички преглед на законската регулатива.

Единствената во оваа група земји која иако со години води преговори за членство, Србија, не манифестира голем ентузијазам барем кога се во прашање граѓаните.

Поддршката на јавното мислење за пристапување во ЕУ е значително помала во Србија отколку во Албанија, Црна Гора и Северна Македонија. Причините се косовското прашање и нерационалниот однос кон Русија и кон Владимир Путин, кон кои мнозинството граѓани покажуваат позитивно расположение, а тоа го покажуваат сите истражувања. Општеството на Србија е поларизирано по прашањето за пристапување во Европската Унија.

Според резултатите од последното истражување на јавното мислење во Србија, спроведено во декември 2022 година, 43 отсто од граѓаните го поддржуваат влезот на земјата во ЕУ, додека 32 отсто се против.

zapadniot balkan ke go priceka vozot za eu 3
Србија е единствена од групата земји од регионот кои преговараат за членство со ЕУ, а која не се приклучи кон санкциите против Русија (Извор: фб профил Александар Вучич)

„Постојаната условеност и уцена“ од страна на ЕУ е посочена како најголема причина за проблеми во пристапувањето во ЕУ, според испитаниците. Половина од граѓаните сметаат дека проблемите во односите меѓу Белград и Приштина треба да се решат без оглед на очекувањата на ЕУ. Испитаниците ги препознаваат позитивните аспекти на ЕУ, како што се слободното патување и повисоката стапка на вработеност, но стравуваат од губење на културниот идентитет.

Наташа Драгојловиќ, поранешна координаторка на Србија за ЕУ вели дека односите со Косово им го отежнуваат патот до европското семејство. Тие се дел од таканареченото Поглавје 35 во графата „други прашања“.

natasa dragojlovijk 300x300 1

„Сè што се случува во преговорите меѓу Белград и Приштина е оценето во поглавјето 35, пред сѐ, спроведувањето на бриселскиот и охридскиот договор. Евроскептиците го гледаат фактот дека од Србија се бара нешто што не е побарано од ниту една друга земја-членка или кандидат, како превисока цена за влез во Европската унија“, објаснува таа.

Кај Србија може да се додаде и уште една карактеристика а тоа е дека е таа единствена од групата земји од регионот кои преговараат за членство со ЕУ, а која не се приклучи кон санкциите против Русија.

„Причините се целосната енергетска зависност на Србија од руските енергетски извори и руската поддршка за Србија во Советот за безбедност по прашањето за Косово, иако тој аргумент е целосно ирелевантен од моментот кога Русија ја нападна Украина. Таа земја повеќе не е кредибилна да се залага за нечиј територијален интегритет“, вели Драгојловиќ.

На повидок ново грчко вето?!

Еден од клучните критериуми за влез во Унијата – добрососедството може да се покаже како камен на сопнување и во случајот со Албанија откако дојде до затегнати односи со Грција поради апсењето и притворањето на избраниот градоначалник на Химара (општина во која живее грчко малцинство), Фреди Белери. Грција тврди дека

Албанија ги прекршила човековите права на граѓаните од грчкото малцинство. Според посматрачите овој конфликт може да има последици за патувањето на земјата кон ЕУ.

„Предупредувањата се реални, и за жал во последниве години често гледаме блокирање на процесот поради спорови или билатерални прашања, кои не се директно поврзани со членството во ЕУ“, вели Гледис Ѓипали, извршен директор на „Европско движење Албанија“. Притоа тој ја споменува Северна Македонија како најблизок пример, која со години беше блокирана од Грција, а потоа и од Бугарија.

„Ова е најекстремниот пример на негативни последици кои произлегуваат од несогласувањата со земја членка на ЕУ“, нагласува Ѓипали. Според него, иако ветото или едностраните блокади на интегративниот процес можеби ја измориле ЕУ, сепак недостасуваат правни инструменти за да се заобиколи таквата пречка.

Стравувањата околу динамиката на процесот постојат и во Црна Гора, иако пречките се од друга природа. Во пресрет на новиот извештај на Европската комисија за напредокот на Црна Гора, кој треба да биде објавен деновиве, во неофицијалниот документ, таканаречениот нон-пејпер на Европската комисија кој се однесува на спорните поглавја, Црна Гора е предупредена дека го изгубила фокусот на клучните реформи во областите на владеењето на правото.

Во Македонија, пак, Владата е на мака, бидејќи не може пред крајот на својот мандат да испорача резултат по капиталното прашање – продолжување на преговорите со ЕУ. Опозицијата одбива да гласа за уставните промени, а се чини дека на своја страна ги има и граѓаните кои сметаат дека ЕУ и САД не го одржаа ветувањето дека по промената на името на државата влезот во ЕУ е загарантиран. Според анкетата на Институтот за демократија и фондацијата „Конрад Аденауер“, 65 проценти од испитаниците не прифаќаат внесување на Бугарите во Уставот (што е услов наметнат од ЕУ на барање на Бугарија), а по етничка основа дури 80 проценти од Македонците се против.

Освен проблемот со уставните промени на Македонија и се случи и кривично-судско цунами откако властите преку ноќ наметнаа измени на Кривичниот законик со кои беа торпедирани високопрофилните случаи на корупција на функционери од претходната и сегашната власт. Многу од актерите чија вмешаност во висока корупција судството не успеа да ја утврди во рокот што го наложија новите правила, се најдоа на слобода бидејќи им застареа кривичните дела. Тоа го вклучи алармот и на Брисел, но се чини дека реакцијата е задоцнета.

Личности кои се упатени во процесот, меѓутоа велат и дека слабостите на нашата земја беа користени како алиби за солидаризирање на членките на ЕУ со соседите на Македонија кои приговараа на членството ЕУ.

„Во случаи кога не сме имале вето од некоја држава членка, ние повторно сме имале забелешки од европските институции и многу е тешко и за оние држави кои го употребуваат правото на вето да го оправдаат тоа пред другите земји членки доколку државата има беспрекорно европско досие. Ние во овој случај сме многу далеку од беспрекорно досие и е многу полесно за државите членки, во случајов Бугарија, во минатото тоа беа Франција или Грција да го оправдаат своето вето“, вели Васко Наумовски поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Иако другите земји од Западен Балкан не се соочуваат со вето од соседите, внатрешните проблеми се исто толку силна кочница на евроинтегративниот пат. Црна Гора веќе петта година по ред не успева да избере врховен државен обвинител со целосен мандат, а и повеќето други назначувања во судството се блокирани или се поставени вршители на должност. Собранието не успеа да ги избере врховниот државен обвинител, сите членови на Судскиот совет, но и судиите на Уставниот суд.

Според црногорскиот Устав, судиите на Уставниот суд, Врховниот државен обвинител и членовите на Врховниот суд треба да ги избира Собранието со двотретинско (54) или три петтини (49) мнозинство од пратениците.

За деблокирање на целиот правосуден систем и реформи во Црна Гора, клучно е да се избере врховниот државен обвинител, вели правниот аналитичар и извршен директор на Центарот за граѓански слободи (ЦГС) Марија Поповиќ Калезиќ.

„Требаше да се избере личност со интегритет која е подготвена да влезе во реформскиот процес, не само во суштинска смисла што ја очекуваат граѓаните и граѓанките на Црна Гора, туку и во нормативен дел, особено кога станува збор за оценувањето на државните обвинители, дисциплинските постапки, работата на комисиите за етички кодекс, работата на останатите комисии во рамки на Обвинителскиот совет, кои се многу сомнителни и кои навистина би доживеале реформа и промени и дали потребните резултати, на што повеќе години не предупредуваше и самата Венецијанската комисија“, вели таа.

Функционерката на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Симонида Кордиќ, нагласува дека не може да се очекува поранешниот режим да учествува во деблокирање на судството, бидејќи тој процес треба да доведе до гонење на поединци од тој режим.

„За да обезбедиме двотретинско или три петтинско мнозинство, мора да имаме договор во парламентот токму меѓу оние политички партии кои го поразија претходниот режим на 30 август 2020 година“, оценува Кордиќ.

Но, независно од тешкотиите во делот со правосудството во Црна Гора е присутно мислењето дека земјата заслужува да влезе во ЕУ порано од 2030 година, односно да го фати ветениот рок од 2025 година. На самитот Брдо-Бриони во Скопје, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ истакна дека сѐ уште е ентузијаст за влезот на Црна Гора во ЕУ, но дека инсистира декларацијата на ЕУ да укаже дека е можно влез во Унијата и пред таа година.

„Таа година е доста далеку, беше направен заеднички договор дека 2030 година ќе биде последниот датум и дека секоја земја може да стане членка на ЕУ многу порано од таа година со своја динамика во однос на подготовката и внатрешните реформи“, рече Милатовиќ. Тој смета дека Црна Гора може да стане следната членка на ЕУ во наредниот петгодишен период.

Овие очекувања ги отсликуваат амбициите на Подгорица да го преземе лидерското место во регионот на патот на евроинтеграциите. Ако се гледа според статусот на другите земји – кандидатки (Албанија ги почна преговорите минатата година, Србија се врти во круг со Косово и се уште не може да ја прекине папочната врвца со Москва а Македонија заглави со бугарското вето), засега изгледа дека овие очекувања не се без основа, но од друга страна ЕУ (ќе) инсистира на пакет проширување.

Во овој пакет најголем губитник е Северна Македонија бидејќи го доби кандидатскиот статус многу пред останатите земји од оваа група. Македонија доби кандидатски статус во 2005 година, првата препорака за преговори дојде во октомври 2009-тата, следните 7 години следуваа уште 7 препораки зачинети со грчко вето. Кога грчкото вето беше отстрането, на патот се испречи Бугарија.

Во најновата земја-преговарач Албанија, пак, работите исто така не се розови. Корупцијата, непотизмот и неказнивоста на функционери од висок профил го замаглуваат европскиот хоризонт на земјата. Минатото лето Специјалното обвинителство го обвини поранешниот вицепремиер Арбен Ахметај за пасивна корупција и перење пари. Тој ја напушти Албанија и по него е распишана меѓународна потерница.

Исто така, беа покренати обвиненија и против поранешниот премиер и претседател на Албанија Сали Бериша и неговиот зет за ќерка Џамарбер Малтези. Првиот е обвинет за пасивна корупција, додека вториот е осомничен дека поради врските со Бериша стекнал 5,4 милиони евра, преку користење на јавната функција на поранешниот премиер, неговиот дедо.

jordan daci 300x300 1„Во Албанија веќе подолго време се развива она што се нарекува законска корупција, која е и најопасната корупција, каде што преку правни механизми се обезбедуваат незаконски бенефиции во корист на одредени поединци или групи, но кои во исто време гарантираат заштита, еден вид имунитет од гонење се додека тоа се прави преку законодавен механизам, како што е законот. Оваа појава е крајно опасна и несомнено ја нарушува суштината на една демократска држава, која во последните години беше многу присутна во Албанија“, вели адвокатот Јордан Даци.

Долгата рака на политиката успеа да се вмеша и во обвинителството. На 27 јуни, Високиот совет на обвинителството со 10 гласа од присутните членови ја одобри ранг листата на кандидатите за три слободни места во Обвинителството на Тирана, при што за трите места прва на листата беше обвинителката на Валона, Еранда Фелај. Таа е сестра на заменик шефот на парламентот (пратеничка на Социјалистичката партија), Ермонела Фелај, која е назначена во Обвинителството на Тирана и четврти член од тоа семејство во ова обвинителство. Во март 2019 година, Високиот совет на обвинителството одлучи да го назначи сопругот на пратеничката, Бледар Валикај, за обвинител во Тирана, без претходно да помине низ процесот на проверка. Неколку месеци подоцна, во мај 2019 година, Јавното обвинителство го избра нејзиниот брат Армандо Фелај за службеник на судската полиција во Обвинителството на Тирана. На пленарната седница на 29 мај беше одобрен предлог-актот за префрлање на неговата сопруга Алма Фелај, од Обвинителството на Драч во тоа на Тирана.

Таквите случаи бодат очи и нанесуваат штета на евроинтеграцискиот процес на Албанија, но воочливо е дека правосудните кругови зборуваат мошне внимателно на овие теми.

„Не сакам да се занимавам со конкретниот случај, бидејќи за да се каже дека е непотизам ќе треба конкретни докази. Ова е од многу едноставна причина што иако сите тие се луѓе на потпретседателката на Собранието тоа не го прави автоматски непотизам ниту дека именувањата се незаконски, бидејќи тие можат да се засноваат на мерит систем, но несомнено остава лош вкус и секако секој може да претпостави можен непотизам“, нѝ рече адвокатот Даци.

Со каков двоглед гледа Брисел?

Прашањето што во Македонија добива на интензитет последниов период е дали Албанија сама ќе го продолжи европскиот пат доколку во Скопје не се постигне согласност меѓу власта и опозицијата за уставните промени кои ги бара Брисел.

Одета Барбулуши од Албанија, која беше одговорна за организацијата на самитите на ЕУ и Западен Балкан што се одржаа во Тирана, вели дека процесот сега се заснова на меритократија и какво било групирање е ирелевантно во овие моменти.

„Албанија води билатерален процес со Европската унија кој отсекогаш сме го гледале како многу важен за трансформација на земјата, на институциите, економијата, но и за трансформација на демократската култура. Како таков, тоа е процес кој беше многу важен да се започне и да се биде на преговарачката маса, затоа што, се разбира, во 2018 година почнавме со пред скрининг, имајќи предвид дека дури и законодавството на Европската Унија, се менува, еволуира, и затоа е многу важно што сме на преговарачката маса. Значи, тоа е билатерален процес, а ставањето на една земја во група со друга земја повеќе не е релевантно во овој момент. Секогаш сме ја поддржувале тезата дека ова е процес заснован на меритократија, на заслугите на секоја земја, така што ставањето во која било група билатерална, трилатерална или друго е ирелевантно во овој момент“, вели таа.

Приказните на четирите држави од Западен Балкан кои во моментов го одат европскиот пат се различни, иако гледани преку двогледот од Брисел емитуваат иста слика: слаба економија, корупција, политички диригирано судство и проблеми со соседите. Сето погоре кажано дава основа за загриженост дека Западен Балкан е сѐ уште далеку од Европската унија. Приказната за војната во Украина како можност за интегрирање на Западен Балкан во Унијата заврши како и што почна: со неуверлива аргументација дека на Брисел (ќе) му гори под нозете и ќе ги прибере четирите држави од регионот, која издиша откако војната на северот беше потисната од новиот израелско-палестински конфликт и се претвори во здодевна надворешно-политичка вест. Ако на проблемите во земјите аспиранти се додаде и разногласието во ЕУ за проширувањето, тогаш песимизмот е уште поголем.

Мала надеж се појави по предлогот на француско-германската експертска група за реформи во ЕУ меѓу кои и да се смени начинот на одлучување во Унијата и наместо консензус да се воведе квалификувано мнозинство а земјите членки да имаат право на вето само при конечната ратификација на пристапување.

Никола Димитров, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и поранешен шеф на дипломатијата на Северна Македонија вели дека овој чекор на претставниците на двете земји лидери на ЕУ укажува дека и кај најскептичните земји членки созреа сознанието дека проширувањето мора да се заврши. Но дали има шанси навистина да преминат на квалификувано мнозинство, тоа е прашање вели тој, на кое веројатно никој уште не го знае одговорот.

„Ние сме сега во ситуација во која и од страната на ЕУ е потребно големо лидерство, да излезе со конкретна понуда за Западен Балкан и да каже ‘еве што нудиме, еве го временскиот рок, еве што бараме од вас и ќе ви помогнеме, ајде оваа работа да ја завршиме’, а Западен Балкан од своја страна треба да покаже политичка волја за вистински реформи. Во моментов нема баш некоја земја која навистина ќе тргне напред и ќе ги поттикне и другите. Ќе биде ужасно трагично ако Европската унија нѝ отвори врата, а регионот не е спремен“, вели Димитров.

Тој смета дека регионов може да влијае врз актуелната дебата во ЕУ ако е гласен и единствен.

„На пример, ако сите 6 држави од Западен Балкан кажеме дека е време да се стави вето на ветото во процесот на преговорите за да се одбегнат торпеда на секој чекор, како што се гледа од македонскиот случај“, смета Димитров.

И покрај оптимизмот кој преовладува периодов сепак последните два самити на Унијата завршија без добри вести за земјите од Западен Балкан. Самитот на Европската политичка заедница во Гранада заврши со декларација во која 2030-та воопшто не беше спомената како година за проширување. Самитот на Берлинскиот процес во Тирана пак заврши со порака – прво реформи, па можност за отворање на вратите од заедничкиот европски пазар.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Крамарска, Деспина Тодоровска (Македонија), Маја Боричиќ (ЦИН Црна Гора), Алекса Тешиќ (БИРН Србија), Виола Кета и Есмералда Топи (Фактоје, Албанија)
Сниматели: Наке Батев и Славен Томовиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Извор фото: consilium.europa.eu , фб профил на Еди Рама , фб профил на Јаков Милатовиќ

Тагови: