fbpx

Измените на Кривичниот законик го вклучија алармот во Брисел

Фотографија со измени на Кривичен законик со европско знаменце, а во позадина се гледа Владата, заедно со знамето на ЕУ.
  • Во Македонија со европско знаменце се намалија затворските казни за злоупотреба на службена положба и за злосторничко здружување, што се коси со од скоро формираната мрежа на ЕУ против корупција.
  • Објаснувањето дека злоупотребите на јавните набавки ќе бидат опфатени со други одредби во КЗ кој е во подготовка, се неуверлив аргумент зошто во време кога нашата држава е посочена како корумпирана се прави таков потег, макар и да е привремен.
  • Индикативно е што во исто време се готви и закон за општа амнестија на затвореници со кој нема да бидат опфатени затворениците од „висок профил“ кои издржуваат затворска казна за злоупотреба на јавна функција.
  • Загрижува што стручната јавност даде слаб одговор на овој владин потег или решија да го одмолчат.
 

Во моменти кога Европскиот парламент носи мерки за засилување на борбата против корупцијата, во Македонија со европско знаменце кое би требало да означува усогласување со ЕУ, се намалија затворските казни за злоупотреба на службена положба и за злосторничко здружување. Тоа се коси со од скоро формираната мрежа на ЕУ против корупција која е клучната новина од мерките кои беа промовирани во мај 2023 година. Втората новина во ЕУ се построгите правила во борбата против корупцијата особено во јавниот сектор на кој му се наметнуваат највисоки можни стандарди во поглед на транспарентноста и пријавување на судир на интереси, и најинтересното за нас – регулацијата на соработката меѓу приватниот и јавниот сектор која директно ги засега јавните набавки кои се омилена алатка за богатење на партиите и поединци во нашата држава.

ЕУ според овие нови директиви препорачува хармонизација во државите членки на бројните дефиниции за корупцијата и особено се заложи тука да влезе и тргувањето со влијание – појава која толку многу е влезена во сите пори на македонското општество што веќе не ја ни забележуваме односно ја сметаме за нормална.

Во дефиницијата за корупцијата, според новите правила на ЕУ, влегува и опструкцијата на правдата – процес кој го користат многу наши судии и обвинители за да можат да ги задоволат барањата на „клиентите“ за застарување на кривични дела, како што е случајот со масовното прислушување на кое му „пресуди“, се разбира во корист на прислушувачите, судија од висок ранг во државава.

Втората новина во ЕУ се построгите правила во борбата против корупцијата особено во јавниот сектор

Сите овие промени ЕУ, која и самата не е имуна на корупцијата, ги направи со една цел - да се подигне нивото на санкциите за криминалот кој ги разорува општествата.

Само оваа реченица е доволна за да знаеме дека експресно донесените измени на Кривичниот законик во Македонија не се донесени за да се унапреди борбата против корупцијата и организираниот криминал туку мотивот е друг.

Според Еурактив новите директиви на ЕУ се во насока на зголемување на минималната казна за корупција во приватниот сектор од 1 до 3 години на 4 до 6 години затвор, а во јавниот сектор минималната затворска казна да изнесува 6 години за корупција, трговија со влијание или злоупотреба на функцијата. Исто така, мерките го таргетираат и периодот за застарување на делата да биде минимум 8 до 15 години со цел да има време да се истражат кривичните дела пред да се прогласи нивна застареност.

Во Македонија – милост за функционерите

Во измените, пак, на Кривичниот законик што ги направија македонските власти затворска казна е од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба добиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета. Во стариот закон за тоа следуваше казна од најмалку три години затвор при што немаше горна граница. Со новиот закон, исто така, е избришан дел од член 353 од стариот закон, во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Со измените, сега е само наведено дека „прибавената имотна корист се одзема“. Ова е можеби најголемата шлаканица за битката против корупцијата, бидејќи јавните набавки се еден од најголемите извори на корупција, не само во Македонија туку и во земјите од Европската унија.

Објаснувањето дека злоупотребите на јавните набавки ќе бидат опфатени со други одредби во Кривичниот законик кој е во подготовка, се неуверлив аргумент зошто во време кога нашата држава е посочена како корумпирана се прави таков потег, макар и да е привремен.

Освен вицепремиерката Славица Грковска ниту еден член на Владата не се огради од овие ад-хок интервенции без преседан

Во случајот со Македонија, намалувањето на годините затвор ќе значи и намалување на периодот за застарување на кривичните дела, бидејќи тој е поврзан со должината на предвидената затворска казна.

Блупринт: Погубно за борбата против криминалот и корупцијата

Блупринт групата за реформи во правосудството изрази голема загриженост од измените на Кривичниот законик. „Последиците ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела“, се вели во реакцијата.

„Се наведува потреба од усогласување на КЗ со меѓународни стандарди и посебно со актите на ЕУ, меѓутоа, не е воопшто наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето. Од достапните коресподентни табели во кои е даден преглед на релевантните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Овие предлози ниту се предложени, ниту дискутирани на работната група за изработка на нов Кривичен законик.

Сакаме да истакнеме и дека во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела со што се овозможи во дел од предметите иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот ‘Труст’. Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во споменатиот предмет.

Последиците доколку овие предлози се донесат како закон ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата. Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општетствено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната“.

Членот 353-в од Кривичниот законик ја покрива темата за несовесно работење во службата. Досега казната за ова дело беше најмалку три години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор. Пониски казни ќе има и за злосторничко здружување. Досега за ова кривично дело казната изнесуваше од една до десет години затвор, а со новите измени е една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторнички здруженија, наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години би добивале најмногу до две години затвор. Индикативно е што во исто време се готви и закон за општа амнестија на затвореници со кој, сепак, според одделни медиумски јавувања нема да бидат опфатени затворениците од „висок профил“ кои издржуваат затворска казна за злоупотреба на јавна функција. Тоа потврдува дека станува збор за политичка операција. Освен вицепремиерката Славица Грковска ниту еден член на Владата не се огради од овие ад-хок интервенции без преседан.

Неколку примери од странство

Во Австрија затворска казна за примање мито е минимум три години. Доколку вредноста на поткупот надминува 3.000 евра затворската казна е до пет години а за над 50.000 евра е до десет години. Има затворски казни и за оние што ќе понудат мито на државен функционер и тие се од две до пет години во зависност од вредноста на поткупот.

Во Франција е иста казната и за државни функционери и за приватни лица кои земаат поткуп. Таа изнесува до 10 години затвор, парична казна до еден милион евра (вообичаено паричната казна е двојна од вредноста на применото мито), забрана од десет години или трајно за вршење на функција за државен функционер кој примил поткуп или на друг начин ја злоупотребил функцијата за личен интерес.

Во Германија затвор од три месеци до пет години за државен функционер ако примил поткуп. Во потешки случаи на поткуп е предвидена казна и до 10 години затвор. Во Италија должината на затворската казна е од една до шест години и од шест до 10 години затвор во зависност од видот на корупцијата односно поткупот. Во Грција затворот за функционерите кои ќе примат поткуп изнесува од пет до 15 години, а се пропишани и парични казни до 100 илјади евра. Таму има посебен дел за судиите кои ќе примаат поткуп за кои исто така е предвиден затвор од пет до 15 години.

Пасивност владее и во правната фела каде има спротивставени информации околу тоа дали измените ќе бидат од корист за осудени лица од висок профил, и дали со оглед на тоа дека и во судските процеси кои се во тек, или во кои се уште не настапила правосилност на пресудата треба да важи поблагиот закон, ќе се најдат на слобода многумина од оние кои ги правеле кривичните дела кои се опфатени со измените. Интересно е и што овие измени за извршителите на корупција и злосторнички здружување ќе важат веднаш, додека инкриминацијата на делата против животната средина или т.н. екоцид ќе стапат во сила по шест месеци. И ова е уште еден индикатор кој укажува на политичка заднина на целата операција, а претпоставките кон кого е насочена досега се движат во два правци: ослободување од кривично гонење на функционери чие влијание може да го смени исходот од гласањето за уставните измени во парламентот и спас од одење во затвор на неколку функционери од редовите на власта кои беа вмешани во корупција.

Молк од професорите

„Одбраната“ на заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ која ги претстави измените во парламентот е дека новите одредби ќе ја засилат борбата против корупцијата, ќе го прошират опфатот на дела за кои се предвидува конфискација. Но, тоа наиде на подбивање кај опозицијата. „Побрзи сте од ветар во одбраната на корупцијата и криминалот“, рече Гордана Силјановска Давкова, уставен експерт и пензионирана професорка на Правниот факултет.

Во стратегијата за реформа на правосудниот сектор, во делот на казнено-правната област не се предвидени таков вид на измени на Кривичниот законик. Само е наведено дека има потреба од усогласување на казнената област со најновите ЕУ директиви. При експресното донесување на измените, пак, во владиното образложение беше наведено дека се појавиле ургентни прашање поради кои морале итно и брзо да се интервенира во Кривичниот законик.

Овие измени за извршителите на корупција и злосторнички здружување ќе важат веднаш, додека инкриминацијата на делата против животната средина ќе стапат во сила по шест месеци.

Загрижува, притоа, што стручната јавност даде слаб одговор на овој владин потег или решија да го одмолчат. За потребите на оваа анализа баравме мислења од професори на Правниот факултет како ексминистерот Никола Тупанчески кој е кривичар по вокација и од професорката Александра Деанова чие портфолио е, исто така, кривичната област и која е дел од работната група за подготовка на нов Кривичен законик, како и од многу други универзитетски професори од областа на правото – но освен професорот Калајџиев и Камбовски, сите избраа да молчат.

Професорот по кривично право на Правниот факултет Гордан Калајџиев вели дека не бил вклучен во подготвувањето на текстот за измените на законот. Ниту пак, вели, тој го пишувал образложението. Но, и покрај многубројните јавни реакции на неговата изјава тој го повтори ставот дека борбата против корупцијата не треба да се води со строги казни бидејќи ако тие имале функција на одвраќање од корупција, во Македонија немаше да има толку многу корупција.

„Тие тези што го изложив во мојата прва реакција за измените се општо прифатени во правната наука. Еве имавме строги казни па не се намали корупцијата. Понатаму, со овие измени се олеснува конфискацијата која може да се направи дури и без докажување на кривичното дело. Но, ме изненади брзината со која се донесоа измените на законот, тоа не е во ред и со право предизвикува сомневања“, вели Калајџиев.

Германија, посочи тој, на пример за секоја измена на закони од оваа област прави компаративна студија како е во другите држави.

Универзитетскиот професор и експерт за правни политики Владо Камбовски кој ја води работната група за подготовка на нов Кривичен законик вели дека е изненаден од експресната измена особено во сегментот каде што е отстрането кривичното дело злоупотреби на јавни набавки.

„Ние работевме три години на подготовка на нов Кривичен законик. Ова што се случи со измените е надвор од работната група, а ние не сме консултирани за тоа. Од законикот што го подготвуваме го ставиле во измените само делот за екоцидот. Реагирав да остане ставот 5, но очигледно се работи за некаков политички договор. Јас не можам да одам против себе и не се согласувам да биде избришан делот за јавните набавки кога се знае дека тие се најголемиот извор на корупција. Дознав за измените кога ги ставија на ЕНЕР. Барав да го видам предлогот но тие го отстраниле од ЕНЕР и веднаш почнале со собраниска процедура за негово усвојување. Новиот Кривичен законик задолжително треба да го предвиди кривичното дело со јавните набавки“, ни рече тој.

„Само прашај“ испрати и прашање до Министерството за правда преку Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, за тоа кои се членовите/експертите на Работната група која ги подготви  измените на Кривичниот законик. Оттаму бевме известени дека ќе добиеме одговор во законски предвидениот рок.

Меѓународната заедница од каде често пристигнуваат опомени за корупцијата генерално покажа воздржаност, но од Европската комисија вчера на нашето прашање да ги коментираат измените на законот, јасно ставија до знаење дека тие не се во прилог на јавните заложби за борба против корупцијата и владеење на правото, и притоа беше посочено дека се направени без консултација со Комисијата што во Брисел предизвикало изненаденост, и индицираат дека употребата на европското знаменце била непотребна.

„ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Законот за Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија - кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста - влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво.

Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ acquis. Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки.

Во овој контекст, зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење.

Комисијата ќе продолжи да го следи развојот на владеењето на правото многу внимателно, вклучително и во контекст на пристапните преговори“, ни рече Ана Писонеро Хернандез, портпаролка за соседство и проширување во Европската комисија“, се вели во одговорот од Брисел.

Став побаравме и од Амбасадата на Холандија, имајќи предвид дека Холандија заедно со Франција и Данска предтходно изразуваа задршка во однос на членството на Македонија и Албанија.  Во кусиот одговор се вели:  

„Амбасадата на Холандија многу сериозно ги следи настаните во однос на измените на Кривичниот законик и целосно е на ставот изразен во изјавата од ЕУ“, се вели во кусиот одговор за „Само прашај“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Дарко Андоновски