fbpx

Општина Карпош ќе ја плати цената за незаконското градење кај Воена болница

  • Огромното бетонско здание за кое веќе две недели се копаат темели во близина на Воената болница незаконски се гради, откако е поништено конзерваторското мислење.
  • Веќе две недели се копаат темели врз основа на градежна дозвола издадена според ова конзерваторско мислење.
  • Парцелата се наоѓа во две зони на заштита, факт кој поранешниот директор на Конзерваторскиот центар Скопје го забошотил.
  • Градежните работи треба да се прекинат и сите тие активности што ги презел инвеститорот како трошоци треба да му бидат вратени од буџетот на Општината.
  • Оваа е победа за еко активистите кои водат битки на повеќе фронтови со градежната окупација на Карпош.
 

Протестите на граѓаните и бурните реакции на екологистите конечно допреа до ушите на институциите. Огромното бетонско здание за кое веќе две недели се копаат темели во близина на болницата „8 Септември“ или Воената болница во скопската населба Карпош 3 не смее да се гради. Ова е одлуката на работната група во Министерството за култура, која побарала итно поништување на позитивното конзерваторско мислење издадено од Националната установа „Конзерваторски центар“ – Скопје врз основа на кое е издадена и градежната дозвола. Тоа е спротивно на правилникот и на Законот за заштита на културно наследство.

Багери, камиони и машинерија веќе две недели работат на изградбата на 17 – катницата, иако на почетокот на овој месец, жителите со поддршка на О2 Иницијативата“ и други загрижени граѓани и некои политички партии, излегоа на протест за да ги отрезнат властите дека ваквото насилно бетонизирање е противзаконско.

„Скопје не е бавча да се ора“, „Правда пред профит“, „Скопје сака да дише“беа дел од транспарентите на протестот (Извор: О2 Иницијатива)

„О2 Иницијатива“ од првиот ден кога е издадена градежната дозволата за изградба на 17-катницата на 18 јануари, а стана правосилна на 1 февруари се бори со институциите, и локални и државни да докаже дека донесеното позитивно конзерваторско решение од Националната установа „Конзерваторски центар“ – Скопје е против сите прописи, правилници и закони.

Според Невена Георгиевска, од „Независни за Карпош“ и членка на „О2 Иницијатива“, една од спорните работи во ова мислење е тоа што сега разрешениот директор на „Конзерваторски центар“- Скопје Константин Димитров, бил воедно и член на Комисијата на урбанизам во Општина Карпош.

На некој начин веќе од Општината прима пари за да даде едно одобрение, а потоа во функција на директор дава уште едно одобрение. Имаме информации дека самиот составил комисија која потоа добила позитивно конзерваторско решение кое е во согласност на неговите барања и на барањата на градоначалникот. Меѓутоа, не е во согласност со правилникот по кој се изработува едно такво конзерваторско решение“, вели таа.

Димитров во моментов е во притвор за случајот со уривањето на заштитениот објект „Шар ан“ во Старата скопска чаршија. Од „О2 Иницијативата“ бараа од сегашната директорка на „Конзерваторски центар – Скопје“, Љиљана Китановска да се заложи да се поништи ова позитивно, и да се врати во сила првичното издадено негативно конзерваторско мислење за овој објект, кое нејзиниот претходник, од нему познати причини, преку тричлената комисија, го преиначил.

Како друга спорна работа е и тоа што самата парцела е во две зони на заштита, едната во втора, другата во трета зона.

Така, северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на споменикот - Воена болница и има режим на заштита од втор степен, што подразбира нови објекти со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминанатната класа на намени В - Јавни институции, утврдена со ГУП-от на Град Скопје од 2012-2022. За овој дел потребно е обезбедување Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење.

Парцелата е вистинско градилиште

Јужниот дел на парцелата со површина од околу 2.880 м², пак, е во границите на контактната зона на Споменикот (Воена болница) и има режим на заштита од трет степен, што подразбира можност за доградба и надградба на постојните објекти и изградба на нови објекти, со габарит и катност што нема да ги нарушуваат визурите на Споменикот. За овој дел потребно е да се обезбеди конзерваторско мислење од „Конзерваторски центар“ - Скопје, како услов за издавање на одобрение за градење.

Врз основа на овие факти, „Конзерваторски Центар“-Скопје не смеел да издаде позитивно конзерваторско мислење, вели Георгиевска.Токму затоа од „О2 Иницијативата“ испратиле претставка и до „Конзерваторски центар“ – Скопје, и до Министерството за култура за запирање на издаденото позитивно мислење и негово поништување.

Следејќи ги барањата на „О2 Иницијативата“ Само прашај се обрати до „Конзерваторскиот центар“ – Скопје, од каде, пак, по долги преговори, кусо ни одговорија дека во моментов не се во состојба да дадат одговор.

Висококатницата со огромна површина влегува во две заштитени зони

Во Општина Карпош прашавме и дали се запазени сите законски прописи за изградба на планираниот објект и каков е ставот на Општина Карпош во врска со барањата на граѓаните од протестот на 3 февруари. Одговор на ова прашање не добивме, а во меѓувреме, Општината ги демантира информациите објавени во медиумите дека објектот всушност не ги има сите одобренијата од надлежните институции, преку соопштение со следнава содржина:

„За да се издаде градежна дозвола за каков било објект, прво, тој мора да биде предвиден со Генералниот урбанистички план кој го носи Градот Скопје. Во конкретниот случај, на оваа локација со истиот план уште од 2012 година, а кој е во важност до денес, е предвидено домување. По носењето на овој план кој е од повисок ранг, локалната самоуправа донесе Детален урбанистички план во 2013 година и на оваа локација е предвидено колективно домување за што дале согласност Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура, Министерство за одбрана. Овој Детален урбанистички план, токму од овие луѓе е обжален на Уставен суд на Република Македонија и нивната иницијатива највисокиот судски орган ја отфрли како неоснована, се вели во писмената реакција од Општина Карпош.

Тие се повикуваат на четирите согласности од надлежното министерство,  кои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив.

„На 21 ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа ‘Конзерваторски центар –Скопје’ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27 декември 2023 година. Потоа и Министерството за култура потврдува дека издадените согласности се согласно закон и пропишаниот образец“, стои во соопштението.

Општината ќе плаќа за виртуелно право на хартија

Татјана Стојановска од „Независни за Карпош“ и членка на „О2 Иницијативата“, се обиде да долови што значи изградбата на бетонскиот џин на овој простор.

На оградата на градилиштето стојат податоци за објектот што се гради

„Тоа не е една висока зграда од 18 ката, тоа е еден цел ѕид од П+1, П+10, П+16+Пк и П+17+Пк згради, деловен простор. Тоа се некои 2.000 нови жители, нови 1.000 возила. Зборуваме за простор кој максимално ќе се ‘затнае’ за движење и функционирање. Не сакам да навлезам, сите тврдат дека не се стопира ветрот, но, знаеме и сами што значи да поставите еден ѕид и колку тоа нема да го сопре струењето на ветрот во една населба која што важи за најзагадена во моментов“, вели таа.

Невена Георгиевска посочува дека сите параметри што се по основа на Деталниот урбанистички план од 2013 година се веќе стари. Иницијатива за преиспитување на одлуките во врска со оваа парцела во моментов има и во Уставниот суд со која се оспорува Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт З 05 помеѓу булевар „Илинден“, булевар „8-ми Септември“, булевар „Партизански одреди“ и улица „Љубљанска“. Како што ни одговорија од Уставен, оваа иницијатива ќе чека втора шанса, откако на седницата одржана пред една година, не го добила потребното мнозинство.

Уставниот суд информира дека предметот У.бр.52/2022 беше разгледан на седница одржана на 11 јануари 2023 година. Предлогот во рефератот не го доби потребното мнозинство гласови, што значи повторно ќе биде ставен на седница, за што ќе бидете дополнително информирани“, велат оттаму.

Надежта и на Стојановска и на Георгиевска, но и на жителите дека на крајот ќе се покаже дека градбата е нелегална се остварија. Тоа значи дека градежните работи треба да се прекинат, но она што следи е и сите тие активности што ги презел инвеститорот во однос на трошоци да му бидат вратени, што, ќе се одрази врз буџетот на Општината.

„Ќе има тужби, како што има и многу пати до сега до Општина Карпош и сѐ се тоa тужби од големи инвеститори, од луѓе моќници, во однос на тоа што добиле виртуелно право исцртано на хартија, а ние со укинатиот ДУП сме им го одзеле на некој начин. И сега ние не носиме ДУП-ови и тие имаат изгубено право и ја тужат општината. И за чудо, во нашиот правен систем добиваат оштети, повторно влечат пари од општината за никакви активности, за некои работи што се изгласани на совет и тоа нелегално“, вели таа.

Ова може да се смета за победа на Стојановска и Георгиевска, на „О2 Иницијативата“, на жителите и сите екоактивисти кои со години се борат против градежната окупација на Карпош. Но ова е само еден од фронтовите. Само прашај во повеќе наврати објавуваше за за бетонизацијата на Влае, последно во ноември кога се туркаше Деталниот урбанистички план за Градска четврт СЗ 19 во Влае 2, за изградба на 12- катница.  При тоа, се користат веќе добро познати рецепти за приграбување на државно земјиште и за заобиколување на основните урбанистички правила со единствена цел да се овозможи максимален профит за инвеститорите на штета на јавниот интерес, како што е случајот со висококатниците кај „Холидеј Ин“, но и случаи во Дебар Маало и Капиштец. Тоа покажува дека заложбите на локалните власти во Скопје, но и на Владата за средување на градежниот хаос, се само декларативни и во служба на предизборните кампањи, додека во реалноста носат одлуки во корист на инвеститорите, наместо на јавниот интерес. А цената на крајот ја плаќаат граѓаните.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска
Снимател и фотографии: Наке Батев
Монтажа: Ристо Душковски
 

Поврзани стории