fbpx

Гласањето за бетонизацијата на Влае се турка пред да има техничка влада

Општина Карпош - Влае - ДУП
  • Во јули Советот на Град Скопје изгласа поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на ГУП за четврт СЗ 19, но набрзо потоа по жалба на градоначалничката Арсовска, оваа одлука на градскиот совет е запрена.
  • Над 700 анкетни листови се поднесени во обид да се разубеди Општина Карпош во решеноста да го донесе Деталниот урбанистички план за Градска четврт СЗ 19 во Влае 2.
  • „Борба за Влае“ откриле дека деталните урбанистички планови ги финансираат исклучиво приватни лица, инвеститори, и ги цртаат приватни проектантски бироа.
  • Заложбите на Иницијативата се секаде каде што има државно земјиште да остане со намена парковско зеленило со јавна намена, а не да се дава на окрупнување за изградба на згради.

Над 700 анкетни листови се поднесени во обид да се разубеди Општина Карпош во решеноста да го донесе Деталниот урбанистички план за Градска четврт СЗ 19 во Влае 2, кој, според активистите претставува нехумана бетонизација на Влае.

Од Иницијативата „Борба за Влае“ кои се најупорни во оваа битка велат дека на јавната анкета во врска со повторната Јавна презентација на овој предлог ДУП за само 5 дена, колку што им биле дадени во минималниот рок, успеале да достават 527 анкетни листови со забелешки директно во архивата на Општината Карпош и околу дополнителни 200 по пошта и преку алатката на е-урбанизам.

Фотографија од ДУП - Влае
Спорниот предлог-детален урбанистички план за Градска четврт СЗ19 беше презентиран во февруари, минатата година и го опфаќа просторот помеѓу Бул. Партизански одреди, ул. Ацо Шопов, ул. Војвода Васил Чакаларов (Циборовски) и река Вардар. (Извор 2, Предлог-ДУП С319)

„Бараме да се направи ДУП кој ќе биде во согласност со Законот за урбанистичко планирање, Законот за урбано зеленило и ГУП-от, кој ќе овозможи хуман развој на населбата. Сегашниот предлог ДУП не е во согласност со овие закони. Бараме Општина Карпош да направи ДУП за нашата населба кој ќе овозможи хуман живот и хуман развој на населбата, а не ДУП во интерес на урбаната мафија. Од советниците на Град Скопје бараме континуирана поддршка до конечно поништување на Регулацискиот план“, велат од „Борба за Влае“.

Повторната Јавна презентација  и Јавна анкета за овој ДУП следува по поништувањето на одлуката за поништување на регулацискиот план.

„Борба за Влае“ преку граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ во Советот на Град Скопје на 11.07.2023 достави Предлог Одлука за поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19. Оваа предлог одлука беше изгласана од советниците во Град Скопје на 32-та седница одржана на 20-ти јули 2023 и објавена во Службен Гласник на Град Скопје бр.10/23.

Одлука на Советот на Град Скопје за поништување на СЗ 19
Советниците во Град Скопје во јули изгласаа поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19
 

На 09.08.2023 градоначалничката на Скопје Данела Арсовска ја обжалила одлуката пред Државниот инспекторат за локална самоуправа, а овој на 01.09.2023 година донесува Решение со кое СЕ ЗАПИРА оваа одлука.

ДИЛС по жалба на градоначалничката Арсовска ја запре одлуката на Советот на Град Скопје
 

Одлуката, потоа стигнала и пред Уставен суд, кој, пак, побарал мислење од советниците кои ги доставиле своите аргументи против решението од Државниот инспектор за локална самоуправа (ДИЛС).

Од Уставниот суд велат дека активно се постапува по предметот.

„Активно се постапува и се води претходна постапка. Добиено е мислење од донесителот на актот и штом тимот на советник и судија го завршат рефератот кој ќе содржи предлог како да постапи, Уставниот суд веднаш ќе биде ставен на седница“, велат оттаму.

ДУП-от се форсира да дојде на гласање на Советот на Општина Карпош

Според Иницијативата, ДУП-от се форсира за да дојде на гласање на Советот на Општина Карпош, каде што, како што велат, ќе зависат од гласовите на советниците.

„Поголем дел од нив засега ветуваат дека ќе гласаат против ваквиот ДУП. Ние во меѓувреме ја обжалуваме постапката по која се носи овој ДУП до надлежни институции и ја обжалуваме приватизацијата на улицата ‘Есперанто’ пред надлежни инситутции“, велат од „Борба за Влае“.

Улица Есперанто - Влае
Една од најспорните точки во предлог ДУП-от е промената на трасата на улицата „Есперанто“ со која што се предвидува таа продолжи во непосредна близина на  основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и при тоа да се урне училишната кујна

„Само прашај“ досега повеќепати пишуваше за овој насилен обид за бетонизација на Влае. Во јуни разговаравме и со сите советнички групи во Општина Карпош. Одговорија советници од Левица, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од Независни за Карпош – за заштита на Карпош, и најголем дел од нив се изјаснија дека не би го гласале спорниот ДУП за Влае.

Заложбите на Иницијативата се секаде каде што има државно земјиште да остане со намена парковско зеленило со јавна намена, а не да се дава на окрупнување за изградба на згради. Голем дел од нивните забелешки се сумирани во анкетни листови кои ги споделиле и со советниците во Општина Карпош преку архивата. Во нив, во кои „Само прашај“ имаше увид, се стручно аргументирани од дел од нивните активисти кои професионално се бават со архитектура, урбанизам и урбанистички планирања.

„Со тоа ќе ја спречиме изградбата на  бетонското чудовиште од 12 ката. Единствената зелена парцела поред Вардар која е државно земјиште бараме да остане слободна. На објектот кој отсекогаш бил планиран за градинка бараме да се избришат компатибилните намени кои овозможуваат пренамена на овој објект. Исто така, бараме да се избришат сервисните улици кои се планираат низ дворови на куќи, а кои ќе бидат со пристап до нови згради“, посочуваат оттаму.

Местото на кое треба да никне дванаесеткатница во Влае
На ова место треба да се издигне дванаесеткатница

Ставот, пак, на Општина Карпош е дека станбената зграда се прави согласно генералниот план, кој, како што наведуваат, вели дека таму е предвидено домување и согласно регулацискиот план, кои ги носи Град Скопје и се правни акти од повисок ранг во однос на ДУП-от и истиот мора да почитува правила и прописи кои се надредени над локалната самоуправа.

„Што се однесува до станбената зграда, правилата велат дека секој што има над 1.000 метри квадратни мора да му се дозволи минимум П+8 ката. Предметната парцела има околу 4.000 метри квадратни“, објаснуваат од Општината.

Но, тие не одговорија целосно на нашите конкретни прашања во врска со ДУП-от,  неговите инвеститори и поднесените анкетни листови.

Од Град Скопје, како и претходно, не добивме никаков одговор на прашањата во врска со оваа проблематика.

Јована Стефановска од „Борба за Влае“ во разговор со „Само прашај“ вели дека при борбата за Влае, откриле дека деталните урбанистички планови ги финансираат исклучиво приватни лица, инвеститори, и ги цртаат приватни проектантски бироа. Според нив, токму затоа, досега сите ДУП-ови се правени во интерес на градежната, урбаната мафија, а не во интерес на граѓаните и јавниот интерес за хуман начин на живеење.

„Ние направивме едно мало истражување во различни општини и видовме дека, сепак, некои општини распишуваат јавни повици за изработка и финансирање на детални урбанистички планови. Она што како образложение го кажува Општина Карпош, дека не може да финансира ДУП затоа што законските одредби ја оневозможуваат, сега гледаме дека можеби и не е вистина. Затоа што некои општини веќе ги финансираат и се повикуваат на член 45 од Законот за урбанистичко планирање од 2020 година. Па се прашуваме зошто и Општина Карпош не ги финансира ДУП-овите“, вели таа.

Граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ беше формирана минатата година, како револт на деталниот урбанистички план што го предложи Општина Карпош за дел од населбата. Граѓаните открија многу спорни моменти, вцртани маркици за голем број на висококатни и други објекти чија реализација би предизвикала влошување на условите за живот во Влае.

Стефановска е децидна дека и после една година од постоењето се уште поубедени дека борбата за Влае не смее да престане. Следните чекори кои планираат да ги преземат се лобирањето кај советниците и притисоци до сите релевантни институции.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Ангела Рајчевска

Снимател и фото: Наке Батев

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Поврзани стории:

Со познат рецепт сакаат да го уништат Влае

Нова битка меѓу приватниот и јавниот интерес во скопско Влае