fbpx

Со познат рецепт сакаат да го уништат Влае

  • Една од најспорните точки во предлог ДУП-от е промената на трасата на улицата „Есперанто“ со која што се предвидува таа продолжи во непосредна близина на основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и при тоа да се урне училишната кујна.
  • Инвеститорите ја користат спорната одредба од Законот за градежно земјиште која овозможува субјект кој поседува 30 проценти од одредена парцела да може да ја дооформи до 100 проценти преку откуп на државно земјиште.
  • Иако спорниот ДУП е во постапка на ревизија и не постои важечки урбанистички план за оваа локација, трасата на улицата ќе се менува, за што се користи можноста да се изработи урбанистички проект согласно Регулациски план на ниво на Град Скопје, за кој советниците на Општина Карпош не можат да одлучуваат.
  • Од „Борба за Влае“ планираат да поднесат иницијатива до советниците на Град Скопје, да се поништи Регулацискот план за градска четврт C3 19.
 

Градежни инвеститори со поддршка на Општина Карпош и Град Скопје туркаат нехумана бетонизација во Влае и покрај тоа што не постои важечки детален урбанистички план за голем дел од населбата, тврдат од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“. При тоа, се користат веќе добро познати рецепти за приграбување на државно земјиште и за заобиколување на основните урбанистички правила со единствена цел да се овозможи максимален профит за инвеститорите на штета на јавниот интерес.

Од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ најавуваат жестока борба

Граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ беше формирана минатата година, како револт на деталниот урбанистички план што го предложи Општина Карпош за дел од населбата. Граѓаните открија многу спорни моменти, вцртани маркици за голем број на висококатни и други објекти чија реализација би предизвикала влошување на условите за живот во Влае.

„Генералниот урбанистички план предвидува 559 жители на еден хектар. Согласно овој предлог ДУП требаше да се зголеми бројноста на населението на 1.600 на хектар, значи три пати повеќе “, вели Јована Стефановска од „Борба за Влае“.

Спорниот предлог-детален урбанистички план за Градска четврт СЗ19 беше презентиран во февруари, минатата година и го опфаќа просторот помеѓу Бул. Партизански одреди, ул. Ацо Шопов, ул. Војвода Васил Чакаларов (Циборовски) и река Вардар.

Една од најспорните точки во предлог ДУП-от е промената на трасата на улицата „Есперанто“ со која што се предвидува таа продолжи во непосредна близина на  основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и при тоа да се урне училишната кујна.

Со исправањето на 'Есперанто', децата во основното училиште 'Димо Хаџи Димов' ги изложуваме на една многу небезбедносна сообраќајна ситуација. Во минатото, Општината Карпош инвестираше во надвозникот Влајко околу милион евра за да ја подобри безбедноста на децата во сообраќајот и за да можат тие безбедно да стигнат до училиштето. Без обзир на високата цена, тоа е за поздравување. Меѓутоа, сега имаме контроверзна ситуација, од една страна милион евра се инвестирале за подобрување на безбедноста, а од друга страна сега повторно се носи сообраќаен метеж до самото училиште“, вели Стефановска.

Трасата на „Есперанто“ ќе се менува без важечки ДУП

Во моментот, спорниот ДУП за градска четврт Ц-3 19 е во постапка на ревизија и не постои важечки урбанистички план за оваа локација. Сепак, трасата на улицата ќе се менува, а за тоа се користи можноста да се изработи урбанистички проект согласно Регулациски план на ниво на Град Скопје, за кој советниците на Општина Карпош не можат да одлучуваат.

Урбанистичкиот проект за сервисната улица го изработила планерската куќа „Билд Урбан“.

Од „Борба за Влае“ тврдат дека трасата на улицата „Есперанто“ се менува со единствена цел да се овозможи  инвеститори кои поседуваат градежни парцели да купат државно земјиште со непосреден договор за да градат висококатници. При тоа, тие ја користат спорната одредба од Законот за градежно земјиште која овозможува субјект кој поседува 30 проценти од одредена парцела да може да ја дооформи до 100 проценти преку откуп на државно земјиште.

Парцелата каде што треба да се градат спорните кули е во сопственост на Јонче Спирковски, односно, сопственикот на фирмата „Аполо Инженеринг“. Тој е сопственик на оваа парцела од 2020 година. Ако видиме како се движела сопственоста, во 2007 година одредени граѓани со денационализација им биле вратени парцелите. Јонче Спирковски почнува да ги откупува. Тој успева да откупи мал број парцели од сопственици, а потоа согласно спорниот Закон за градежно земјиште кој што е, за жал, актуелен успева да дооткупи голем дел од државното градежно земјиште со непосредно договарање и на тој начин станува сопственик на огромна парцела од 2.225 квадрати“, вели Стефановска.

Фотомонтажа на предвидените висококатници во Влае. Извор: Борба за Влае

Таа додава дека со промената на трасата на улицата „Есперанто“, овој инвеститор ќе добие можност да откупи уште 1.600 квадрати државно земјиште.

Општина Карпош ја префрла топката во Град Скопје, оттаму молк

„Само прашај“ за оваа проблематика побара одговори од Општина Карпош и од Град Скопје. Од Општина Карпош добивме краток одговор дека „сервисната улица „С5“ е планирана во планска документација од повисоко ниво како ГУП на Град Скопје и Регулациски план на Генерален урбанистички план и при детално планирање истата во целост се презема“.

Од Град Скопје не сакаа да одговорат на нашите прашања.

Од „Борба за Влае“ планираат да поднесат иницијатива до советниците на Град Скопје, да се поништи Регулацискот план за градска четврт C3 19.

„Се надеваме дека советниците од Град Скопје ќе нѐ поддржат да го поништиме овој штетен Регулациски план и во новиот ДУП кој што се обработува, согласно кој веќе нема да има регулациски планови, да направиме едно хумано планирање за нашата населба и за нашето основно училиште 'Димо Хаџи Димов'“, велат од „Борба за Влае“.

Што велат претставниците на советнички групи во Општина Карпош?

Став за урбанистичките планови во Влае побаравме и од сите советнички групи во Општина Карпош. Одговорија советници од Левица, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од Независни за Карпош – за заштита на Карпош.

Бранко Ристов, советник од редовите на Левица вели дека за наведениот ДУП,  советничката група на Левица остварила неколку средби со жителите од овој дел од Влае на кои се разговарало за измените.

Ја споделивме загриженоста за овој ДУП. Не само наведената зграда, овој ДУП има бројни аномалии. Имено, на повеќе катастарски парцели во државна сопственост се планирани станбени згради. Дополнително, не се предвидуваат нови зелени површини како и содржини за рекреација. Оттука, сметаме дека во планирањето на овој урбанистички план, не е тргнато од реалните потреби на жителите и како таков тој не дава додатна вредност во поглед на хуманото живеење и хуманиот развој на населбата. Земајќи го предвид сето ова, советничката група на Левица во Општина Карпош нема да гласа за овој ДУП. Се надеваме дека на истиот став се и останатите советнички групи“, вели Ристов.

Владимир Бислимовски, советник од редовите на СДСМ исто така смета дека спорните елементи треба да се изземат од ДУП-от.

„Одговорот е не. Има друго решение, затоа што има други граѓани кои имаат куќички, да има можност да се иземат спорните точки, две три во тој дел на Влае. Да не се гради, законот дозволува таква можност. Тоа што е во ред да си помине, да се изгласа, меѓутоа, тоа што е спорно да се изземе од ДУП-от. Да се најде некое решение, затоа што голем дел од граѓаните притискаат да се донесе ДУП-от за да може да си пуштат сопче, да си ја кренат куќата, затоа што во овој момент не може ништо да се прави заради овие спорни точки и не е само Влае во прашање, и Млечен и Тафталиџе, никаде не се гласаат ДУП-ови. За ‘Есперанто’ нема да поддржуваме градби и исправање на улицата, дооформување на парцела за да можат да се градат згради“, вели Бислимовски.

Роберт Вељановски, советник во Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ вели дека нивната советничка група и Коалицијата за обнова на Македонија не се против донесување на детални урбанистички планови во Општина Карпош, но дека конкретниот ДУП нема да го поддржат.

„Но, согласно изборната програма и она што го понудивме пред граѓаните како изборни ветувања и како ставови на ВМРО ДПМНЕ во Карпош ние нема да поддржиме ниту еден урбанистички план, ниту еден ДУП во кој што се вцртани висококатници. Тоа е изборно ветување и ние стоиме зад тоа. А особено не ДУП-ови со висококатници од оваа страна на Вардар. Ние сметаме дека Карпош треба да почне да се развива на левиот брег на Вардар. Дека десниот брег на Вардар е веќе пренатрупан со згради. Но, притоа, инсистираме и во овие делови да биде овозможена целосна и комплетна инфраструктура за граѓаните кои што таму ќе живеат. Што значи, водовод, канализација, довод на електрична енергија, училишта, градинки.Што се однесува до конкретното прашање и улицата ‘Есперанто’ односно ДУП за Влае 2, сосема јасно сме посочиле дека нема да го поддржиме овој ДУП. Затоа што сметаме дека во него се вцртани премногу објекти, висококатници кои што ќе го усложнат живеењето на граѓаните во тој дел“, вели Вељановски.

Тој додава дека за жал, врз работите кои што се почнати на улица „Есперанто“, советниците во Општина Карпош не можат никако да влијаат, затоа што овие работи, односно градежните работи се прават врз основа на урбанистички проект кој што не доаѓа на одобрување кај советниците.

„За овој урбанистички проект се повикуваат на некој регулациски план кој што не е во ингеренции на Советот и на советниците во Општина Карпош“, вели Вељановски.

Невена Георгиевска, советничка од групата избирачи „Независни за Карпош - за заштита на Карпош“ вели дека за предложениот ДУП СЗ 19 за кој што реагираа голем број граѓани од Влае пред една година не би гласале.

„Не би го поддржале поради повеќето забелешки кои ги имаат самите жители, а и во однос на нашите предизборни залагања за градење само доколку се задоволени хумани услови на живеење. Исто така, се противиме на голем број нови станови без реална потреба од нив, со единствена цел – нов прилив на пари во општинската каса. Но како што беше кажано овој ДУП претрпел измени и најверојатно ќе биде повторно изложен на Јавна анкета и презентација доколку тие промени се значителни“, вели Георгиевска.

Таа додава дека на една од последните седници се обидела да покрене дискусија за проблемот со улицата „Есперанто“, но претседателот на Советот го прекршил Деловникот и не го поставил предлогот на гласање за да одлучат советниците дали ќе се додаде таа точка на дневен ред.

Проблемот е што не се чека на изгласување на деталниот урбанистички план туку се планира да се изведе со урбанистички проект, кој пак не е предмет на одлучување на Советот. По информации што ги имаме, урбанистичкиот проект е нарачан и одобрен од Општина Карпош и прашање на денови е кога ќе заврши процедурата и ќе се отпочне со реализација. Самата процедура е вон очите на јавноста, а од тие информации што ги имаме за нас се спорни неколку работи. Зошто УП се води според Регулациски план кога во Законот за урбанистичко планирање член 58 став 2 се вели доколку нема донесен ДУП инфраструктурен проект се води според ГУП. Зошто се брза со реализација на ова решение за Есперанто’, а не се чека на ДУПот СЗ 19 кој е во процедура?“, вели Георгиевска.

Според неа, се добива впечаток дека по секоја цена со оди на реализација на дел од спорните промени на првобитната верзија од ДУП-от спротивно од жалбите и барањата на граѓаните од Влае.

„Се покажува сила и моќ и на тој начин претпоставувам очекуваат демотивација и пасивизирање на граѓанскиот активизам на иницијативата „Борба за Влае““, вели Георгиевска.

Сличен став има и нејзината колешка Татјана Стојановска, исто така советнича од „Независни за Карпош - за заштита на Карпош“.

„Мојот глас за овој ДУП секако ќе биде против, поради незадоволството на голем број жители во овој ДУП. Но менувањето на трасата на улицата, општината го прави преку постапка која не оди преку Советот и со тоа го става пред свршен чин Советот да гласа за ДУП-от кога улицата веќе ќе биде одобрена за изградба. Мојот став со тоа само се зацврстува, проблемот е како да се спречи ваквата манипулација“, вели Стојановска.

„Само прашај“ во повеќе наврати пишуваше дека локалната самоуправа во Скопје и Владата декларираат заложби за средување на градежниот хаос, но истовремено усвојуваат детални урбанистички планови и законска регулатива која им овозможува на инвеститорите лесно да оформат парцели и да градат висококатни објекти на локации каде што нема соодветна инфраструктура. Тоа се покажа во повеќе примери во Општина Центар, а пред се во централното градско подрачје и во населбите како Дебар Маало и Капиштец. Очигледно е дека Влае е следно на удар и дека се користат сите можни начини да се заобиколат основните урбанистички правила за да почне бетонизацијата на населбата која е препознатлива по куќите и хуманите услови за живот.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Ангела Рајчевска
Снимател: Марјан Петковски
Монтажер: Давид Милошевски