fbpx

Таблоидното известување за трагедии ги покоси сите новинарски стандарди

Таблоидното известување за трагедии ги покоси сите новинарски стандарди
  • Вакви случаи имало и порано во историјата, меѓутоа во случај на едно контролирано, службено јавно мнение, кое што исто така беше проблем, вакви хистерии не се правеа во јавноста.
  • Гладта на јавноста за сензационализам не е оправдување за неетичкото известување и на медиумите мора да им е јасна границата меѓу служењето на јавниот интерес и прибегнувањето кон сензационализам.
  • Огромна е одговорноста на секој поединец кој преку социјалните мрежи, намерно или не, шири такви информации, но, ако на овие информации се закачат медиумите и неселективно, без проверка ги пренесуваат овие лажни вести, тогаш еиднственото решение е судот.
  • Не може секој да се занимава со новинарство и од тој аспект, треба да се воспостават општествени филтри, за тоа кој може да поседува таков портал и кој може да пишува за тие јавни гласила.
 

Случајот со изчезнувањето и смртта на двегодишната Данка од Србија е последен во серијата кој предизвика огромно внимание кај медиумите, особено порталите, па практично во минута се следеа случувањата и се пласираа вести, чиј извор беа пред сè српските таблоиди. Вестите се движеа од „мајката ја продала“, „организирани групи криминалци киднпираат деца од Србија“, „Романки го однеле во Виена“, „Што гуглала мајката на интернет“. Вестите се пренесуваат буквално, комплетно преведени заедно со сензационалистичките наслови. А, како по правило колку насловот е поспектакуларен и надвор од новинарските стандарди, толку веста е почитана. Ваквите вести стануваат вирални на социјалните мрежи и потоа тргнува спиралата на креирање теории кои формираат комплетно погрешна слика за настанот, влијаат врз најблиските на жртвите и многу често ја попречуваат истрагата.

Случајот во Србија е само еден во низата трагедии кој станаа фокус на вниманието на јавноста и за кои се пласираа информации речисти истовремено во повеќе земји од регионот. Трагичниот случај со грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска кај нас, исто така, не беше далеку од овој сензационалистички пристап, потоа и маскарот во основното училиште „Рибникар“, исчезнувањето на младиот Хрват во Белград, но и низа настани кои не предизвикаа толкаво внимание во јавноста, при што многу често не се бираат зборови за да се добие атрактивност во насловот, без при тоа да се води сметка дека се работи за лични трагедии, од една страна и целосно се погазуваат новинарските стандарди, од друга.

Професорката Јасна Бачовска Недиќ од Правниот факултет во Скопје, Марина Тунева, експертка за медиуми и новинарот Александар Дамовски велат дека проблемот е комплексен, но дека сепак, најголемата одговорност е кај медиумите кои многу лесно ја забораваат борбата за вистината кога се во борба за кликови. Но, вина гледаат и кај институциите кои навремено не пласираат точни и прецизни информации за да го сузбијат сеназационализмот, но и податливоста на јавноста за „крвави„ приказни и „Агата Кристи мистерии“.

Во овие транзициски простори, во овие проблематични општества, можеби малку повеќе се гледа тој неред во медиумската сфера и пониска одговорност, вели професорката Бачовска Недиќ, додавајќи дека со новите медиуми, односно со комерцијализацијата на новинарството, тоа е и глобален проблем. Борбата за кликови од што заработуваат порталите, создава сензационализам, а тоа, пак, низок квалитет, кич, дезинформираност, лаги, создавање паника во јавноста, хистерија, одвлекување на вниманието од суштински области во несуштински, објаснува таа.

„Навистина, ова на некој начин ги отсликува општествата, цивилизациското ниво на одредени општества, колективната свест. Гледаме дека нашите општества се подложни на афери, на теории на заговор, многу ниско ниво на аналитичко и критичко мислење, однос кон другите, општествената одговорност од луѓето. Не само што порталите пишуваа, туку и самите коментари, споделувањето на тие вести од јавноста, значи јавноста дозволува таква клима да вирее. И дава подобра природна средина, добра почва за таквите информации да виреат. Затоа, ние навистина треба да работиме и на тоа ниво, на подигнување на свеста, тука голема улога имаат и институциите, значи официјалните институции, министерства, професионални организации, навистина да бидат погласни и да бидат  свесни за моќта и влијанието на информацијата денес“, истакнува Бачовска Недиќ, додавајќи дека вакви кривични дела и случаи имало и порано во историјата, меѓутоа во случај на едно контролирано, службено јавно мнение, кое што исто така беше проблем, апсолутно вакви хистерии не се правеа во јавноста.

Профитот пред стандардите

Најлесен начин да се заработува во онлајн просторот е преку сензационализим со препис и превод на туѓи текстови и затоа ваквите случаи треба да ги решава судот, смета Александар Дамовски, кој е долгогодишен новинар и сопственик и главен и одговорен уредник токму на  портал, Мкд.мк. Тој ја објаснува разликата меѓу портал „со еден човек“ базиран на сензационализам и непроверени инфромации и портал со редакција и уредувачка политика, базиран новинарските стандарди. Патот за првите е лесен, додека за вторите е исклучително тежок.

„Се разбира дека е огромна одговорноста на медиумите. Огромна е одговорноста на секој поединец кој преку социјалните мрежи, намерно или не, шири такви информации. Но, ако на овие информации се закачат медиумите и неселективно, без проверка, без официјална потврда ги пренесуваат овие лажни вести, тогаш еиднственото решение објавувањето на ваквите информации е судот. Денеска е многу лесно да регистрираш портал и од дома да си објавуваш што сакаш и да станеш читан. Најтешко е да основаш портал, да организираш редакција, да имаш новинари, уредништво, да се истражува, да се пишуваат теми, да се продуцираат сопствени проверени, објективни и писмено срочени информации.  Најлесно е да станеш читан портал со ваквите сензационалистички наслови и празни текстови. Најтешко е да опстанеш на пазарот ако ги почитуваш основните, базичните правила на новинарството. Во ова море од портали, малкумина тоа го прават. А за ова придонесуваат и маркетинг агенциите и огласувачите за кои поважни им се бројките од реализираната реклама, отколку од средината каде нивниот бренд се појавува, во каква средина, покрај какви наслови... Тука веднаш се отвора и прашањето за нивната општествена одговорност“, смета Дамовски.

Трагичниот случај со Вања Ѓорчевска беше „жртва“ на сензационалистичкото известување

Но, дали интересот на јавноста може да биде алиби за ваквиот сензационалистички пристап на медиумите? Марина Тунева, која од 2015 до 2022 година беше звршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, вели дека гладта на јавноста за сензационализам не е оправдување за неетичкото известување.

„За вестите што се позајмени од таблоидите (како, на пример, онаа дека мајката пребарувала информации на интернет за романската граница), за жал, постои јавен апетит, односно евидентна е гладта за сензационалистички содржини. Но, со тоа не се оправдуваат неетичките практики во информирањето. На медиумите мора да им е јасна границата меѓу служењето на јавниот интерес и прибегнувањето кон сензационализам. Никако не смееме да дозволиме ситуација кога сензационалистичкото информирање ќе се оправдува со високите бројки на читателска публика. Тоа (ќе) значи дека медиумите ја занемариле својата улога како платформа за потрага по вистината и  нејзиното пласирање.Ваквиот пристап во известувањето, иако привлекува внимание, неретко води до искористување на тагата и трагедијата заради кликови и гледаност, засенувајќи го достоинствениот третман на лицата и почитувањето на приватноста и болката на засегнатите семејства и блиски. Освен тоа, бројни студии потврдуваат дека сензационалистичкото известување може да има длабоко психолошко влијание како врз семејствата и блиските, така и врз пошироката јавност. Зголемена состојба на вознемиреност, страв во општеството, јавна паника и ширење дезинформации се дел од последиците кога наместо на вистинитото информирање приоритет му се дава на сензационализмот.Таквото информирање може да има реперкусии и врз ефикасното функционирање на системот ‘Амбер алерт’, којшто е креиран брзо да шири критични информации до јавноста на одговорен и фокусиран начин, што е спротивно на сензационалистичкото информирање кое може ја искриви вистината“, вели медиумската екпертка д-р Марина Тунева.

Културолошката и јазична блискост со Србија нè прави апсолутно подложни на прелевеање на таблодниот информирање особено кај трагедии. Забележително е дека вестите за трагичните настани во регионов, меѓу земјте од поранешна Југославија буквално се прелеваат и во селекцијата и во начинот на пренесување на информацијата. Особено со Србија. Таму, пак, иако сензационализмот при трагедии не е реткост, случајот со Данка предзвика бурни реакции, особено што  не само традионално „жолтиот печат“ туку и медимите кои имаат статус на сериозни ги преминаа границите, велат за „Само прашај“ од Советот за печат на Србија.

„Немилосрдноста и ‘лешинарството’ достигнаа ново дно во борбата за кликови. Прекршени се 80 проценти од членовите на Кодексот за професионално известување. Ваквото масовно кршење на кодексот и ваквото скандалозно однесување на медиумите веќе не е домен на професионалната новинарска етика туку е прашање на човечки и цивилизациски вредности. Со пренесување (точни или измислени) детали за криминалот, одредени медиуми ги прекршија сите етички стандарди на новинарството, како и основните норми на пристојност и хуманост. Ние неколкупати ги повикавме сите новинари и уредници да престанат со скандалозното, сензационалистичко, вознемирувачко и срамно известување за смртта на двегодишното девојче од Бор и да покажат минимум почит кон жртвата, како и обѕир и сочувство за нејзиното семејство“, велат во писмениот одогвор од српскиот Совет за печат за „Само прашај“, од каде уште и потенцираат дека го повикале Министерството за информации и телекомуникации веднаш да реагира и да ги санкционира медиумите кои ги прекршиле законските норми.

Голем дел од македонските медиуми буквално без селекција ги преземаат овие вести и таблоидниот начин на известување во трагедии се прелева и кај нас.

Mакедонските медиуми буквално без селекција ги преземаа таблоидните вести за случајот до Данка

„За жал, во овој случај голем дел од информациите, кои неретко се добиваа од српски таблоидни портали, се реобјавуваа, преведуваа и пренесуваа, без да се проверува содржината што се пласираше. Оваа практика може да доведе до дезинформации и непотребни шпекулации, притоа попречувајќи ја и правдата. Во некои земји, законската рамка дава основа и содржи одредби за потенцијални казни за медиумите кои се занимаваат со клевета. Кај нас конкретно, сопствениците на медиуми, новинарите и главните уредници сносат граѓанска одговорност за навреда и клевета, искажана преку медиумите. Предвидени се парични износи што можат да му се изречат на сопственикот, главниот уредник или новинарот ако судот утврди одговорност.Сепак, правните дејствија можат да бидат меч со две острици, односно потенцијално да ја загрозат слободата на изразување доколку не се спроведуваат внимателно. Оттука, пристапот што се препорачува е посилна саморегулација во медиумската индустрија, при што медиумите ќе се придржуваат до стандардите за етичко известување, под надзор на саморегулаторните тела или професионалните здруженија“, вели Тунева.

За Дамовски, пак, не е проблем што се преземаат информациите туку што тие притоа не се проверуваат.

„Не е битно од каде е информацијата. Проблематична е леснотијата со која се пренесуваат таквите информации за кои најчесто сметаме дека сме ја завршиле работата ако ставиме линк. И кога преземаме, цитираме, неопходна е двојна/тројна проверка“, додава тој.

Контролата и ризикот по слободата на говорот

И покрај постоечките тела за саморегулација во медиумите, Советот за етика во медиумите, Советот на честа на ЗНМ, ваквите ситуации го отвораат прашањето за тоа дали регулацијата и контролата треба да бидат простроги. Но, тоа отвора нов проблем, односно дека построгата котрола може да има контраефект и да биде закана за слободата на говорот.

„Можам да кажам дека не сум за тоа да влезат порталите во тоа медиумско законодавство, да има одредени филтри затоа што тоа од друга страна може навистина да ја загрози слободата на изразување. Можеби сега живееме во таков еден момент на хаос, војните на глобално ниво што се водат во Украина, во Газа, оваа девалвација на вредности што ни се случува, политичка криза малку подлабока, особено зголемена и по коронавирусот, значи многу општествени настани коишто го направија овој хаос. Така што, во вакви услови навистина можеме да почнеме да зборуваме и она што не сакаме да го зборуваме. А тоа е некоја регулација, законска, некои филтри, некое ограничување и сите оние придобивки што ги донесе интернетот, сега ќе треба да ги задушуваме. Тука навистина треба да се седне, да се зборува, пак за некоја мека регулатива од етички карактер. Но, ни требаат професионалци во тој дел и јас во таа дисперзирана општествена и институционална реакција од многу страни, функционирање на судството, значи, ако некој ги загрози моите лични позиции јас да сум охрабрена да одам и по лесен пат да ги остварам моите права. Свесност дека ќе имам брза реакција. Многу луѓе ќе кажат ‘каде во овие наши судови’. Тоа е еден широк општествен проблем. Не можеме сега ние проблемот да го бараме само во порталите, туку во комплетното општество“, вели Бачовска Недиќ.

Бачовска Недиќ истакнува дека професионалните новинари треба многу попрофесионално да се штитат, односно да бидат малку погласни. „Не може секој да се занимава со оваа работа. Од тој аспект, треба да се воспостават тие општествени филтри, кој може да поседува таков портал и кој може се да пишува за тие јавни гласила“, додава таа.

Тунева, исто така смета дека благата регулација може да помогне, но во комбинација со поттикнување на медиумската писменост кај јавноста.

„Ширењето непроверени и сензационалистички вести го покренува прашањето дали е неопходна построга регулатива или контрола. Рамнотежата меѓу слободата на медиумите и етичката одговорност е деликатна. Иако регулативата може да помогне да се спречи неодговорното известување, од клучно значење е тоа да не ја нарушува слободата на новинарите или да стане алатка за цензура. Медиумската писменост кај јавноста и саморегулацијата во медиумската индустрија може да понудат поизбалансирани решенија. Во професионалната и експертската заедница постои консензус за потребата од таканаречена ‘блага регулација’ на онлајн порталите што подразбира дефинирање на сопствеништвото и редакцијата во онлајн медимите, обезбедувајќи јасна транспарентност и  одговорност преку закон. Сепак, клучно е и натаму да се развива саморегулаторната рамка како основа за унапредување на етичките и професионалните стандарди во медиумите. Доколку медиумите се придржуваат до новинарските стандарди ќе го задржат интегритетот и ќе бидат препознаени од публиката како релевантни“, смета Тунева.

Од нашите соговорници, Дамовски е најригорозен во ставот за потребата од регулација и контрола.

„Се разбира дека е потребна регулацијата. Вие знаете дека сега порталите едноставно не постојат, не се медиум, ги нема. Но, и кога ова ќе се регулира, неопходни се бројни измени, и законски и општествени, за тоа кој и како може да биде основач на еден медиум. Тука пак ќе кажам за критериумите според кои маркетинг колачот се распределува. Економската независност на секој медиум е сериозен предуслов за она што сите го посакуваме – објективно, независно и професионално новинарство. Се надевам дека сите го посакуваме“, потенцира Дамовски.

Кодексот на новинарите на Македонија е главниот принцип за етичко, одговорно и професионално новинарство во земјава. Членовите 6 и 7 од Кодексот даваат насоки токму за ваквите ситуации.

„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда“, пишува во членовите 6 и 7 од Кодексот.

Дополнително Советот за етика во медиумите има и Насоки за етичко известување во онлајн медиумите.

Одговорното и професионално новинарство е пред најголем предизвик токму при ваквите настани. Заштитата на жртвите, вистинитоста на информациите, точното следенње на истрагите, нивото на кое се комуницира, избегнувањето сеназационализам, избегнувањето фотографии и видеа без заштита на идентитетот се начинот на работа кој го предвидува и Кодексот на новинари на Македонија, но е и европски и светски стандард кој мора да се почитува за да се задржи дигнитетот на професијата.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ