fbpx

Ниту има пари, ниту институциите се подготвени за да се спроведе Законот за употреба на македонскиот јазик

  • По шест години подготовка, пред еден месец е усвоен новиот Закон за употреба на македонскиот јазик.
  • Повеќедецениската негрижа за македонскиот јазик влијаеше да се ограничи неговата употреба дома и во странство, да се намали интересот за изучување, а јазикот да се користи со многу импровизации и грешки.
  • Никој досега не реагираше за прекршување на одредбите за употреба на македонскиот јазик и во Уставот, а да не зборуваме за казни.
  • Државата повеќе од десет години не финансира научно-истражувачки проекти, кои се основна дејност на Институтот за македонски јазик, а лекторатите во странство или се затвораат или се заборавени.
  • Игнорантскиот однос на државата кон институции и поединци што се грижат за промоција на јазикот, всушност ја отсликува и државната политика кон поддршката и заштитата на јазикот.
 

Повеќедецениската негрижа за македонскиот јазик влијаеше да се ограничи неговата употреба дома и во странство, да се намали интересот за изучување, а јазикот да се користи со многу импровизации и грешки. На местата кои му припаѓаат според Устав го има сè помалку, а во јавниот дискурс правилната употребата на стандардниот јазик е замената со јазични акробации и правописни и говорни грешки. Во странство, лекторатите за изучување на македонски јазик се затвораат или се заборавени, а дома интересот за изучување е мал, односно е сведен на едвај десетина студенти.

Новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, кој беше усвоен пред еден месец, се подготвуваше цели шест години. Авторите веруваат дека тој ќе придонесе за јазична ренесанса, односно дека јазикот ќе стане попривлечен за изучување дома и во странство и ќе се зголеми бројот на лингвисти кои потоа ќе се грижат за подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот јазик.

Во јавниот дискурс правилната употребата на стандардниот јазик е замената со јазични акробации и правописни и говорни грешки

Но, сите македонисти не го делат овој оптимизам. Дел од нив не веруваат во волшебна моќ на Законот да се спротивстави на сите негирања на јазикот и повеќе го гледаат како памфлет усвоен за изборен популизам и како пандан на Законот за употреба на јазиците.

Изборен популизам или вистинска грижа

Со Законот за употреба на македонскиот јазик е предвидено да се доделуваат стипендии за изучување на македонскиот јазик (од пет до десет за додипломски студии, од три до седум стипендии за магистерски студии и од две до пет за докторски студии), секоја институција задолжително треба да вработи лектор, а треба да се формира и инспекторат со задача да ја надгледува примената на Законот.

Околу 20 инспектори ќе даваат препораки, ќе изрекуваат опомени или ќе утврдуваат глоба за прекршување. Казните се во висина од 1.500 до 3.000 евра за правните и физичките лица ако:

  • не се употребува македонскиот јазик на јавни настани што се организираат во Републиката, а се финансираат со средства од Буџетот;
  • објави нелекториран текст;
  • не вработи лектор по македонски јазик;
  • не го употребува македонскиот стандарден јазик во органите на законодавната, извршната, судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва, во единиците на локалната самоуправа, во јавните установи итн.

Дел од овие одредби стоеја и во претходниот Закон за употреба на македонскиот јазик од 1998 година, но никој не ги спроведуваше. Токму затоа, професорката Симона Груевска-Маџовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ не верува дека овој закон, колку и да е добар, ќе заживее.

Прашањето што неминовно се поставува е како досега не се почитуваше претходниот закон и како сега овој ќе се почитува. Јас не сум чула дека некој бил казнет поради тоа што објавил нелекториран текст или книга итн., не знам дека некој воопшто бил казнет од 1998 година досега“, вели Груевска-Маџовска.

Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на РСМ, стои во член 1 од Законот

Таа додава дека не само што никој не е казнет туку никој и не реагираше за прекршување на одредбите за употреба на македонскиот јазик и во Уставот.

„Кој направил инспекција или напишал казна за непочитување на Уставот – не само на Законот – за (не)употребата на македонскиот јазик во меѓународните односи или во единиците на локалната самоуправа. Според Уставот, во меѓународна употреба службен е само македонскиот, а кај општините на прво место треба да стои македонскиот јазик, но тоа не е така“, вели Груевска-Маџовска, додавајќи дека молкот ќе продолжи, а употребата на македонскиот јазик сè повеќе ќе се ограничува.

„И овој закон, како и претходниот, се базира на Уставот. И овде, како и во стариот, имате кое е местото на македонскиот јазик, дека во меѓународна употреба се употребува само македонскиот јазик, но гледаме дека тоа не е така и никој не реагира. Потоа и во овој закон, како и во претходниот, имате дека во единиците на локална самоуправа на прво место треба да стои македонскиот јазик, а потоа на второ место јазикот на тие што зборуваат над 20 проценти, се работи за албанскиот и тоа не е случај. Никој не реагира за тоа што со овој закон се крши Уставот, дали некој некогаш изреагирал, направил инспекција, казнил некого за тоа што не се почитува македонскиот јазик. Не е точно дека не е загрозен. И уште, со вакви постапки, кога не се почитува Уставот и некојси прави како што сака и никој не реагира за тоа како да е тоа неважно. Значи, ако ние се однесуваме како тоа да е неважно, навистина ќе биде неважно. Потоа да не испадне да се чудиме од некоја ситуација. Немам многу верба, но дај Боже да сум во грешка“, вели Груевска-Маџовска.

Од примената на Законот зависат сегашноста и иднината

Авторот на законското решение, проф. д-р Људмил Спасов вели дека поентата на инспекторатот не е да казнува, туку да укажува на грешките.

„Нема да стануваме полициска држава со казни, туку поентата е да се поткрене свеста за користење на стандардниот јазик при јавните настапи“, вели тој. Спасов верува дека Законот носи нов квалитет за подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо и дека од неговата примена зависат нашата сегашност и иднина.

Во член 33 се регулираат глобите за прекршување на Законот

Со доделувањето стипендии за изучување на македонскиот јазик тој очекува да се зголеми интересот за изучување на јазикот, а задолжителното вработување на лектори во државните институции, општините и медиумите ќе значи и загарантирана работа за младите студенти.

Не се работи да се казнуваат луѓето, не правиме полициска држава, туку напротив, ќе им укажуваат да посветат внимание на својот јазичен израз, бидејќи тој јазичен израз носи одговорност и двосмислености. Не можат да следат сè што ќе се објави на денешниот ден, но можат многу работи да се оправат. Со тоа се подига свеста дека луѓето. Не зборуваме за дијалект, не зборуваме за разговорен јазик, туку дека во јавните настапи треба да го користат овој стандарден јазик и дека тоа е таа алатка којашто служи да именуваме културна комуникација. Овој закон е нов квалитет, особено со вработувањето на лекторите и младите луѓе, со негувањето, со поддршката која треба да биде материјална за издавање книги од научната област за македонски јазик, проучувањата итн., мислам дека е квалитативен скок. Дали ова ќе се направи, секогаш е поедноставно да бидеме песимисти, меѓутоа потешко е да бидеме оптимисти и мораме да бидеме оптимисти затоа што од нас зависи и од тоа зависат нашата сегашност и нашата иднина“, истакнува професорот Спасов.

Институтот за македонски јазик е без пари за капитални проекти

Во време кога јазикот се соочува со негирања и оспорувања од соседите, навлегувањето на странските зборови, особено од англискиот јазик, е сè повеќе присутно. Игнорантскиот однос на државата кон институции и поединци што се грижат за промоција на јазикот, всушност ја отсликува и големата слика, односно државната политика кон поддршката и заштитата на јазикот. Државата повеќе од десет години не финансира научно-истражувачки проекти, кои се основна дејност на Институтот за македонски јазик, а поддршката за отворање на лекторатите во странство е недоволна.

Во член 6 е наведено каде е задолжителна употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо

„Институтот за македонски јазик е заборавен од државата“, вели Груевска-Маџовска. Бројот на вработени е преполовен, а научно-истражувачки проекти не се финансираат. Немаат пари ниту да објавуваат трудови ниту да посетуваат научни конференции. Минатата година во Институтот се примила поголема група млади од кои преку ноќ не можат да се создадат научници. Покрај редовно вработување млади, државата треба да има план и стратегија како ќе се развива науката за македонскиот јазик.

„Ние долги години сме заборавени од државата, буквално сме заборавени. Ќе ви кажам дека Институтот за македонски јазик во време на СФРЈ имал 50 научници и дојдовме до 25, значи на половина. Научно-истражувачки проекти, кои се основна дејност на Институтот, од 2010 година не се финансираат, имаше само по еден проект пред две години, во сите институти по еден проект. И самиот конкурс за проекти беше крајно нетранспарентен процес. Како и да е, немаме проекти и со самото тоа не можеме ништо капитално да направиме, бидејќи никој не финансира. Да не зборуваме за процентот за инвестирање во науката во државата, не само за Институтот за македонски јазик. Ние се прашуваме понекогаш зошто го работиме ова што го работиме. Немаме средства ниту да одиме на конференција, да објавуваме трудови во таканаречени списанија со висок фактор на влијание, бидејќи сето тоа чини пари, а ние немаме и навистина преживуваме и тоа се одразува и на Институтот за македонски јазик. Кадровски од 1998 година ние немавме вработено подмладок. Пред 4-5 години примивме еден колега кој беше доктор на науки, до ланската година кога примивме поголема бројка. Но, што се случува? Ние генерациски сме веќе постари, сите, во неколку години, ќе отидеме во пензија и вие немате подмладок. А подмладок преку ноќ не се создава, треба да го обучите, треба да имате проекти за работа, коишто ќе ги обучувате да работат. Тоа е нешто што трае со години, тоа не е нешто што секој може да го научи за еден ден и затоа треба да има стратегија и план како ќе се развива науката за македонскиот јазик“, истакнува Груевска- Маџовска.

Со седење во фотелја не се отвораат лекторати

Хале, Минхен, Келн, Франкфурт, Брадфорд, Грацова се градовите во кои некогаш се изучувал македонскиот јазик. Лекторатите во овие центри каде што според упатените имало интерес за изучување на јазикот се затворени од финансиски причини. Македонија во моментов има 11 лекторати низ светот, вклучувајќи ги и лекторатите што се отворија лани во Анкара, Пекинг и во Тирана, но сите тие функционираат потпирајќи сè повеќе на ентузијазмот на самите лектори отколку на финансиска и друга поддршка од државата.

Лекторатите во странство функционираат потпирајќи сè повеќе на ентузијазмот на самите лектори отколку на поддршката од државата

Во повеќето од нив јазикот се изучува на почетно ниво, освен во лекторатите во Париз и Москва, во кои македонскиот јазик се изучува на специјалистички студии, односно додипломски, магистерски и докторски. Во преостанатите центри има двегодишни студии со по четири часа неделно за основно познавање на јазикот. Со секој затворен лекторат една битка е загубена, вели д-р Емил Ниами, лингвист- славист од УКИМ.

Тој вели дека ситуацијата со лекторатите е тажна. Иако се промотори на македонскиот јазик и може да се најдат во ситуација да бидат и напаѓани, лекторите добиваат мала или никаква поддршка од државата.

„Нема интерес за функционирање на лекторатите, со седење во удобноста на фотелјата и со едно декларативно писмо не се постигнува целта за промоција на македонскиот јазик“, вели тој.

„Платите на лекторите се многу мали, иако сега се зголемени. Јас можам да зборувам кога јас бев лектор, мојата плата изнесуваше 8.300 денари, сега е 600 евра, но морам да кажам дека кога живеете во странство тие пари се апсолутно мали“, објаснува Ниами, кој работеше во Лекторатот во Москва.  

Бројни се проблемите за ваквата тажна слика со лекторатите кои се метафорички кажано, јазични амбасадори на државата, но клучна е негрижата.

„Ние не покажуваме интерес, пред сè, за функционирање на тие лекторати. Значи, потребно е да покажете интерес, не може да седите во удобноста на вашата фотелја и со едно декларативно писмо да мислите дека ќе постигнете нешто, тоа не се прави така. Потребна е акција повеќе за да може да ја постигнете ваша цел. Нашата цел не е да се фалиме дека македонскиот јазик, еве, се изучува таму и таму. Нашата цел е македонскиот јазик да биде дел од европското, од светското јазично семејство кое се зборува и надвор од границите на Македонија. Не може да не ве интересира дека во некоја друга земја ќе има малку специјалисти по македонски јазик или воопшто ќе нема специјалисти. Тие лектори се претставници на овој јазик, култура, на оваа литература. Јас сум бил во ситуација да бидам напаѓан и сум бил во ситуација, не само да се бранам, туку и да се борам. Така што и тоа затворање на секој лекторат значи уште една загубена битка, а загубените битки една по една ќе доведат до изгубена војна, во наводници. Ние не водиме војна, туку во овој момент се браниме и во секоја одбрана ние имаме докази за тоа. Во славистиката е веќе јасно кажана целата вистина за македонскиот јазик. Ние немаме проблем, туку некој има проблем со нас, на што светот исто така реагира. Сите пораки што беа добиени во врска со македонскиот јазик од словенскиот јазичен ареал беа во одбрана на македонскиот јазик и тоа можеби од страни на коишто можеби најмалку сте се надевале, како што е на пример една Словачка. Ќе кажете зошто би била Словачка заинтересирана за Македонија? Затоа што науката вели така“, вели Ниами.

Тој истакнува дека треба да се даде поддршка на активностите на новата директорка на Семинарот за македонски јазик Кристина Николовска, за културна дипломатија – за да се крене нивото на изучување на јазикот во лекторатите и за повторно отворање на веќе затворените лекторати. За ова ќе биде потребно поголема поддршка да добие Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој сега, според Ниами, се третира како „лево сметало“.

фотографија на која се гледаат речници

Во повеќето лекторати во странство јазикот се изучува на почетно ниво, освен во Париз и Москва

Професорот Спасов се согласува дека е потребна поголема поддршка за лекторатите и жали што кога се пишувал Законот за македонски јазик не бил прифатен неговиот предлог тие да се стават под државна капа поради реакциите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ дека се нарушува автономијата. Во услови кога јазикот е негиран од соседите, и тој вели дека фокусот треба да се стави на промоцијата на јазикот надвор од државата и на отворање нови лекторати. Сепак, поинаку ја перципира позицијата на јазикот и вели дека бесмислените негирања се надминуваат, со отворање школи по македонски јазик во места каде што тоа не било замисливо до пред одреден период. Тој вели дека има напредок и во грижата за јазикот и дека се поткренува свеста за правилната употреба – се одбележува Денот на македонскиот јазик, унапредени се граматиката и лексиката, Правописот и Толковниот речник се достапни онлајн, има форуми и дискусии во кои луѓето се поправаат и убедуваат да зборуваат правилно.

„Проблем што мислам дека полека се надминува е негирањето на јазикот. Тоа е, исто така, како некој да ме негира мене дека јас не постојам, а постојам тука. Мислам, ние сме живи луѓе, постоиме. Мислам дека и тоа, благодарејќи повторно на процесите во Европската Унија, се надминува. Сакам да ве потсетам дека неодамна се отвори некој тип школа, лекторат во Република Грција, која тврдеше до неодамна дека таков народ и таков јазик воопшто не постојат. Да не зборуваме за негирањата кои доаѓаат од Бугарија, па и од Србија, но мислам дека тоа постепено се надминува, бидејќи нивото на култура во Европа се поткренува“, смета професорот Спасов.

Закон со одложено дејство

Законот за македонски јазик уште на стартот се соочи со пречки да заживее. Причините се објективни и субјективни. Изборот на директор на Инспекторатот за заштита на македонскиот јазик ќе се пролонгира поради изборите, а  ќе треба да се изгласа и ребаланс на државниот буџет, бидејќи за оваа институција не се издвоени пари во годишната државна каса. Од Министерството за култура велат дека кога се предлагал и носел буџетот, Законот за македонски јазик не бил усвоен, па затоа не се предвидени пари. Без формирањето на Инспекторатот, кој е главниот дел во Законот, практично се закочува примената и на другите одредби. Ова значи дека сите решенија ќе почнат најрано да се применуваат од следната година.

Неизвесно е и дали ќе се доделуваат и стипендии за изучување на македонскиот јазик од мај оваа година.

„Согласно новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, Министерството за образование  и наука најпрво ќе пристапи кон изработка подзаконски акт со кој ќе се уреди, односно прецизира постапката за доделување стипендии за ученици и студенти како стимулација за упис на програми за изучување на македонскиот јазик, по што конкурсите ќе бидат јавно објавени“, ни одговорија од МОН.

Фотографија од табла на Министерството за образование и наукаМинистерствата за култура и за образование и наука допрва ќе преземаат активности за да се обезбеди спроведување на Законот

И вработувањето лектори нема да се случи – за оваа одредба во самиот закон е оставен период од една година за институциите да можат да се подготват и истовремено во тој период да се зголеми бројот на лектори.

Ако треба да се суди по стартот, Законот ќе ја дели судбината како на секој проект во државата – еден чекор напред, три назад.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.