fbpx

На неполн месец пред изборите Министерството за правда без оглас набрзина формира комора на вештаци

  • Формирањето на комората е пропишано во најновиот Закон за вештачење кој е во сила од јули минатата година.
  • Министерот за правда Кренар Лога ги избрал раководителите на одделенијата и нивните заменици, а неговата Одлука во февруари годинава е објавена на страницата на Министерството.
  • Претходно, не е објавен повик, ниту критериуми кои се потребни за изборот на раководителите, од чии редови ќе бидат избрани управувачките тела на Комората со мандат од четири години.
  • Дел од вештаците реагираат дека во Министерството, дискреционото право кое го добиле по сила на закон, го помешале со некаков султански декрет.
  • Од Министерството за правда за „Само прашај“ не објаснија кои се критериумите и на кој начин одлучил министерот кои вештаци ќе бидат раководители на одделенијата, и зошто токму во ова време.
 

Вештаците ве земјава по една деценија ќе добијат Комора која треба да биде здружение преку кое овие професионалци ќе се борат за своите права, интереси и заштита на фелата. Фомирањето на комората е пропишано во најновиот Закон за вештачење кој е во сила од јули минатата година. Речиси сите активности поврзани со формирањето на Комората, според законското решение се обврска на Министерството.

Вештаците се професионалци кои своите специфични знаење ги користат за изработка на стручни анализи во повеќе области кои потоа се клучна алка особено во судскиот систем. Тие нудат специфични анализи од бројни области кои неретко се пресудни во судските процеси.

Но, Министерството за правда со задоцнување од пет месеци, непосредно пред парламентарните избори, ќе ја формира Комората на вештаци. Основачкото собрание е закажано за в понеделник (15.04.2023). Пред да го организира Собранието, обврска на Министерството е да формира професионални одделенија од сите области од вештачењето и да избере нивни раководители кои треба да присуствуваа на основачкото собрание на Комората.

Дел од вештаците забележуваат на начинот на формирање на одделенијата, а особено на начинот на кој се избрани раководителите

Дел од вештаците забележуваат на начинот на формирање на одделенијата, а особено на начинот на кој се избрани раководителите. Министерот за правда Кренар Лога ги избрал раководителите на одделенијата и нивните заменици, а неговата Одлука во февруари годинава е објавена на страницата на Министерството. Претходно, не е објавен повик, ниту критериуми кои се потребни за изборот на раководителите, особено што токму од нив ќе бидат избрани управувачките тела на Комората кои имаат мандат од четири години, вели за „Само прашај“ вештакот Благоја Грозданов.

„Некако впечатокот е дека дискреционото право кое си го толкуваат дека го добиле по сила на закон го помешале со некаков султански декрет. Едно е да има право, друго е начинот на кој се спроведува да биде фер, транспарентен и во некоја постапка која е пропишана и која е со однапред познати правила. Немаше никаков оглас, немаше никакви критериуми, немаше никаква комуникација со јавноста и со останатите вештаци во постапката за бирање на тие претставници кои треба да бидат на тоа иницијално собрание. Конкурс за претставници од фелата коишто треба на тоа иницијално собрание да го оформат тоа професионално здружение кое 10 години беше нефункционално и сега наеднаш, пред избори, во некоја малку чудна постапка се формира. Навистина би сакал да го чујам одговорот на прашањето врз основа на кои критериуми се избрани оние кои се избрани да ја почнат постапката и преку нив да се оформи ова здружение. И навистина би сакал да знам кој во Министерството одлучил за ваков начин на спроведување на ова решение“, вели Грозданов.

Од Министерството за правда за „Само прашај“ не објаснија кои се критериумите и на кој начин одлучил министерот кои вештаци ќе бидат раководители на одделенијата. На нашите прашања како е донесена одлуката и зошто Министерството не објавило критериуми за избор од Правда ни дадоа ваков одговор:

„Со донесување на новиот Закон за вештачење , обврска на Министерството за правда е да ги избере раководителите и замениците раководители на професионалните одделенија и по еден член од секое одделение како претставник во Основачкото Собрание на Комората. За таа цел, министерот за правда Кренар Лога основаше 18 професионални одделенија кои ќе треба да го подобрат квалитетот на вештачењето, заштитата и унапредување на стручноста,следење на односот на вештаците кон општеството и граѓаните. Согласно Законот за вештачење, основани се професионални одделенија за вештачење од областа на архитектурата, криминалистика и криминологија, геодезија, градежништво, електротехника, земјоделство, информатички технологии, материјално, сметководствено и финасиско работење, машинство, психијатирија, шумарство, општа хирургија, ортопедија и трауматологија, сообраќај, судска медицина, интелектуална сопственост, безбедност и здравје при работа и професионално одделение од областа на други области“, се вели во одговорот.

Решението не е наметнато, туку произлегува од Законот, велат од Министерството

Законот за вештачење навистина предвидува, министерот да ги формира посебните одделенија и да ги избира нивните раководители, но никаде ниту во законското решение не се наведени конкретните критериуми.

„Министерството за правда во рок од два месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ги основа првите професионални одделенија на Комората, ќе ги избере раководителите и замениците-раководители на професионалните одделенија и ќе се избере по еден член од секое професионално одделение како преставник во Основачкото собрание на Комората.

Основачкото собрание на Комората го свикува министерот за правда најдоцна во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон за што се известуваат вештаците најрано 15 дена пред одржување на седницата на основачкото собрание. Во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон сите вештаци со важечка лиценца за вештачење се должни по електронски пат да достават до Министерството за правда свои податоци и тоа: име и презиме, адреса на живеење, телефонски број и број на лиценца заради нивно групирање во професионални одделенија согласно членот 32 од овој закон и избор на раководител и преставник како членови на Собранието на Комората“, стои во членовите 65 и 66 од Законот за вештачење.

Министерството за правда, еден месец по донесувањето на Законот во јули минатата година ги повика сите вештаци да се пријават за официјалниот регистар за да бидат формирани специјализираните одделенија, во февруари годинава ги објави 18 одделенија и нивните раководители, а на крај на март објави дека ќе се оддржи основачкото собрание на Комората.

Министерот за правда веднаш по донесувањето објавил соопштение во кое ги повикува вештаците да конкурираат за раководители

На забелешката дека на овој начин, без пропишани и објавени критериуми за избор на раководителите, процесот се сведува на личен избор на министерот, и тоа за здружение кое би требало да ги застапува вештаците, некогаш потенцијално и против државата, од Министерството за правда кусо ни одговорија: „Изборот е извршен согласно законските одредби кои се наведени“. Краток и без дополнително објаснување е одговорот и на прашањето, зошто се наметнува Комората да ја формира Министерството, а не самите професионалци и каде во други држави има вакви решенија.

Според Законот, дозволено е да постои само една комора и сите вештаци се обврзани да бидат нејзини членови. Но, и ова решение наиде на забелешки. Георгиев потенцира и дека откако се пробиени роковите пропишани со Законот, Комората набрзина се формира точно пред изборите.

„Начинот, генерално во сите сфери на професионално здружување кај нас во интелектуалните услуги, нишката која провејува последниве години, е државата да е таа која ги формира овие професионални здруженија, што за мене не е логичен пат. Бидејќи ова се професии кои треба да се саморегулирачки. И во секој случај и да ја даде иницијалната каписла законот, тоа треба да е либерален, слободен пазар во кој ќе има повеќе, комори, здруженија во кои ќе можат да се здружуваат не само вештаците и другите интелектуални услуги кои се слични по нивната суштина. Така што, не е проблем тоа што по закон е дадена таа ингеренција на Министерстовто туку начинот во кој се спроведува во една нетранспарентна постапка и без соодветни критериуми и повик до јавноста. Не би сакал да влегувам во доменот на шпекулации, но во најмала рака е чудно тоа што еве баш сега пред избори, на помалку од еден месец од изборите, баш сега дојде до ова иако законското решение е од пред можеби не цела година, но речиси една година старо и имаше и пробиени рокови. Требаше некои работи да се спроведат и претходно, не се спроведоа и се чекаше до сега и сега некако работава се забрза, во најмала рака е чудно. Но, да не мислиме сега на најлошото“, вели

Од Министерството велат дека во изготвувањето на Законот биле консултирани вештаци, Бирото за вештачење и професори. Биле прифатени дел од забелешките од фелата по што било финализирано конечното решение на Законот.

„Во изготвување на законот учествуваа сите засегнати страни како што се министерства, Бирото за вештачење, професори и вештаци. Предлог Законот беше објавен на ЕНЕР и по завршување на констултативниот процес беа земени во предвид сите забелешки и коментари доставени до Министерството за правда. Беше одржана и една јавна расправа каде беше повикана заинтересираната јавност да го следи процесот и да даде свои забелешки и сугестии“, потенцираат од Правда.

И Министерството и вештаците кои имаат забелешки на начинот на кој се формира Комората се согласуваат дека ваквото професионално здружение конечно мора да профункционира за и оваа фела како и другите сродни кои нудат интелектуални услуги да има организација која ќе ја регулира работата, професионалното дејствување, но и ќе се бори за интересите на вештаците. Она што за едната страна е спорно е тајмингот и критериумите, кои фрлаат сенка врз транспарентноста на целиот овој процес.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Иван Поповиќ
Фото: Дарко Андоновски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ