Аутизам, вакцини и „чудотворни терапии“: Науката контра опасните наративи

Аутизам, вакцини и „чудотворни терапии“: Науката контра опасните наративи
  • Иако светските здравствени институции ги отфрлаат со факти и клинички докази, тврдењата дека вакцините или парацетамолот предизвикуваат аутизам, како и дека леуковоринот е лек влијаат врз јавното мислење.
  • Најновиот извештај на Центарот за контрола и превенција на болести на САД покажува дека 1 од 31 дете на возраст од осум години има дијагноза аутизам.
  • Трендот на зголемување е присутен и во Македонија, но конкретните стапки се непознати поради ограничениот пристап до информации и непостоечкиот регистар на лица со попреченост.

Темата аутизам игра сé повидлива улога во медиумите. Бројот на децата со нарушувањата од спектарот на аутизам во светот постојано расте, свеста се зголемува, но паралелно растат и дезинформациите кои го обликуваат јавното мислење за можните причинители, но и можните третмани и лекови со кои може да се излекува ова невробиолошко нарушување.

Проф. Д-р Силвана Марковска-Симоска, детски и адолесцентен психијатар и научен советник во МАНУ, експертка на оваа тема, вели дека некои од најчестите митови и заблуди за аутизмот се последица на различните начини на негова манифестација. Вели дека спектарот е широк, а со тоа и тој остава простор за слободно толкување.

„Некои вообичаени стереотипи сугерираат дека сите лица со аутизам се или насилни или исклучително надарени. Исто така, постојат заблуди за неговите причини, при што некои ги обвинуваат вакцините, лошото родителство или факторите на животната средина. Сепак, истражувањата покажуваат дека аутизмот има силна генетска основа, иако влијанијата од животната средина исто така може да играат улога“, вели таа.

 

Врската меѓу аутизмот и вакцините

Најшироко распространета здравствена дезинформација е тврдењето дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата. Оваа заблуда потекнува од студија на британскиот лекар Ендру Вејкфилд (1998), која посочува на можна врска меѓу вакцината МПР (морбили, паротит, рубеола) и развојот на нарушувањата од аутистичниот спектар. Иако студијата беше објавена во медицинското списание The Lancet, таа набргу беше жестоко критикувана поради методолошки слабости, конфликт на интереси и неточни податоци. The Lancet официјално ја повлече студијата во 2010 година, а Вејкфилд ја изгуби медицинската лиценца поради неетичко однесување. Во наредните години, голем број обемни научни истражувања ја отфрлија оваа поврзаност. Повеќе реномирани институции, како Светската здравствена организација (СЗО), Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) и Националниот институт за здравје на САД (NIH), потврдија дека не постои научен доказ кој ја поврзува МПР или која било друга вакцина со аутизмот.

Според  Проф. Д-р Марковска-Симоска врската помеѓу аутизмот и МПР вакцината е настаната поради временската поврзаност кога првпат се забележуваат првите знаци на аутизам.

„Временското совпаѓање не значи дека постои причинско-последична врска. Фактот дека инциденцата на ова нарушување продолжи да се зголемува дури и во време кога покриеноста со вакцинација значително се намали низ целиот свет, зборува против улогата на вакцинацијата во развојот на аутизмот“, вели Марковска-Симоска.

Сè повеќе деца се дијагностицираат со аутизам, а медиумите и социјалните мрежи често шират различни информации за неговите причинители и можни терапии.

Таа посочува кон повеќе од 40 епидемиолошки студии со различен дизајн кои не покажаа никаква поврзаност помеѓу MПР вакцината и ризикот од аутизам и дел од нив ги истакнува:

„Авторите (Калифорнија) го истакнаа фактот дека покриеноста со MПР вакцинација се зголемила помеѓу 1980 и 1994 година, но ова зголемување не било придружено со зголемување на аутизмот. Потоа ретроспективна кохортна студија од 2002 година, спроведена од Мадсен и сор. во Данска, вклучуваше репрезентативен примерок од над 500.000 деца родени помеѓу 1991 и 1998 година. Студијата покажа дека повеќе од 80% од децата во примерокот биле вакцинирани. Релативниот ризик за аутизам кај вакцинираната група бил 0,92, додека кај невакцинираната група бил 0,83. А во Јапонија, најзначајниот и највпечатлив наод во студијата, е дека стапките на аутизам продолжиле да растат откако била повлечена МПР вакцината и не се намалиле во петгодишниот период (1988–1992) во кој покриеноста со имунизација паднала на само 69,8%. А како исклучително податлива се студијата која вклучува 57 епидемиолошки студии, со 14.700.000 деца и мета-анализа од 2013 година, која вклучуваше 5 кохортни и 5 студии на случаи и контроли. Резултатите од мета-анализата покажаа дека ниту компонентите на вакцината (тимеросал или жива), ниту администрацијата на мултивалентната вакцина МПР не носат ризик од развој на какво било нарушување од аутистичниот спектар“, објаснува д-р Марковска- Симоска.

Парацетамолот во време на бременост го зголемува ризикот од појава на аутизам

Претседателот на САД Доналд Tрамп на прес-конференција во септември 2025 година најави дека ФДА (Администрацијата за храна и лекови на САД) наскоро ќе ги извести лекарите дека употребата на парацетамолот го зголемува ризикот од аутизам. Светската здравствена организација (СЗО) реагираше на изјавата на претседател Трамп бидејќи нема конзистентни докази дека постои врска меѓу употребата на употребата на парацетамол за време на бременост и аутизам. А американската академија за педијатрија (AAP), ги нарече тврдењата „опасни“ и сигурно ќе бидат збунувачки за родителите.  Европската агенција за лекови се оградува од ова тврдење. Сепак потребни се уште студии ова да се отфрли и докаже.

Проф. Д-р Марковска-Симоска за оваа дезинформација вели дека истражувањата за врската помеѓу парацетамолот и аутизмот не се нови. Таа посочува на шведска студија од 2024 година, во која беа вклучени два милиони деца, и која не пронајде врска помеѓу употребата на парацетамол за време на бременоста и аутизмот, нарушувањето на хиперактивноста со дефицит на внимание и други невроразвојни нарушувања.

Таа укажува дека сепак, парацетамолот  останува да биде е најбезбеден лек во бременоста за високата температура.

„Секој од нас го пие и еден од најбезбедните лекови уште од 50-тите години. Треба да се пие Кратко време и во ограничени дози. Штетата би била поголема доколку не се земе лек при фебрилност или доколку се земе друга поопасна алтернатива како ибупрофен или аспирин“, потенцира таа.

Леуковорин е лек за аутизам  

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, во септември 2025 објави дека ФДА го одобрила лекот леуковорин за лекување на аутизам. На ова соопштение реагираа здравствените експерти, бидејќи го заобиколи вообичаениот процес на одобрување, кој е долг и ригорозен, а комесарот на ФДА, Мартин Макари, изјави дека лекот ќе биде одобрен за пациенти со церебрален дефицит на фолна киселина (CFD), состојба која понекогаш се поврзува со нарушувања на аутистичниот спектар. Со оглед на тоа што мал број студии покажаа одредено подобрување кај децата со аутизам третирани со леуковорин, многу истражувачи и застапници на аутизмот тврдат дека објавата е прерана и дека се потребни понатамошни истражувања, а меѓу нив и нашата соговорничка.

„Исто како што некои студии го поврзуваат парацетамолот со аутизмот, други го поврзуваат ниското ниво на фолна киселина во мозокот со развојот на аутизам и други вродени дефекти. Леуковоринот или фолинска киселина, е биолошки активен дериват на фолна киселина, неопходен за синтеза на ДНК и клеточна делба. Нашето тело нормално мора да ја претвори фолната киселина во нејзината активна форма пред мозокот да може да ја користи, но леуковоринот е веќе активен, па затоа веднаш почнува да дејствува. Истовремено, ФДА го одобри лекот левковорин (концентрирана форма на фолна киселина) за третман на симптоми на аутизам кај деца со одредени невролошки состојби, по мали студии што покажуваат подобрување на вербалните и социјалните вештини и намалена раздразливост. Сепак, експертите бараат поголеми клинички испитувања за потврда, бидејќи безбедносните податоци се ограничени“, истакнува проф. Д-р Марковска-Симоска.

Истражувањата за третмани на аутизам се сé уште во тек, а стручната поддршка и точните информации се клучни за семејствата и децата.

Таа оптимистички потврдува дека иако раните истражувања се ветувачки, особено за подгрупа на деца со церебрален дефицит на фолати, ова не е универзална терапија и треба внимателно да се прима.

„Неколку студии, вклучително и рандомизирана контролирана студија од 2024 година, покажаа дека децата кои се позитивни на овие антитела имаат поголема веројатност да доживеат подобрувања во вербалната комуникација и социјалната интеракција кога се лекуваат со леуковорин. Сепак, целокупната јачина на доказите во најдобар случај останува ограничена. Повеќето испитувања се мали, краткотрајни и во голема мера се потпираат на резултатите пријавени од родителите. Додека некои деца покажуваат значајни придобивки, други не доживуваат подобрување. Затоа клучно е да се советуваат семејствата дека ова не е докажан или универзално ефикасен третман. Премногу високите надежи можат да доведат до разочарување или фрустрација ако промените се суптилни или отсутни, затоа оваа информација се уште не ја сметаме за ниту за заблуда, ниту за факт, туку постои резерва“, посочува нашата соговорничка.

Канали преку кои стигнуваат (дез)информациите до семејствата

Сензационалистичкиот начин на информирање го зголемува јазот меѓу „вистинскиот и штетниот лек за аутизам“. Проф. д-р Наташа Станојковска – Трајковска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација посочува дека медиумите во потрага по сензационалистички статии пласираат наслови што шират страв, а за сметка на тоа има ретки позитивни и едукативни прикази за аутизмот.

Има повеќе канали преку кои дезинформациите или недоволно проверените информации стигнуваат до семејствата. Најчесто тоа се социјални мрежи потоа неформални родителски заедници, каде семејствата личнитe искуства ги прикажуваат како доказ или факт, a алгоритмите го засилуваат стравот, бидејќи пласираат слични содржини. Често со свои размислувања и ставови се јавуваат недоволно информирани здравствени или образовни професионалци, објаснува д-р Станојковска – Трајковска.

Нејзиниот став  го потврдува и проф. д-р Марковска – Симоска, која посочува дека емотивните сведоштва се шират побрзо од научните факти. Таа вели дека постојат и псевдонаучни веб-страници и блогови, односно сајтови со медицински звучни имиња што продаваат производи и третмани, често користејќи манипулативен јазик и селективни „докази“, а посебна група се инфлуенсерите и т.н. „експерти" односно самопрогласени гуруа, алтернативни терапевти и личности со сомнителни квалификации што градат следбеници и профитираат од ранливоста на родителите. Во тие затворени онлајн заедници дезинформациите циркулираат без критичко проверување, создавајќи „ехо-комори“ каде членовите взаемно ги зајакнуваат погрешните верувања.

А стручњаците од областа ги посочуваат и новинарите како слаба алка во ширењето на (дез)информациите  на темата аутизам затоа што тие се недоволно информирани и во обид за "балансирано" известување создаваат платформа со непроверени тврдења.

Ширењето на дезинформациите ги изолираат и експлоатираат физички и финансиски семејствата и го одложуваат пристапот кој соодветна поддршка и ефективна интервенција потврдуваат нашите соговорнички.

Дезинформациите предизвикуваат страв и недоверба кон здравствениот систем и постојана анксиозност при секоја медицинска одлука. Дезинформациите не се само здравствен проблем, туку психосоцијален и системски ризик, бидејќи ја поткопуваат довербата во институциите и ја продлабочуваат стигмата кон лицата со нарушување од спектар на аутизам. Професионалците кои се среќаваат со овие лица и нивните семејства низ целиот систем на здравствена и социјална заштита, како и едукација и рехабилитација, имаат професионална и етичка одговорност активно да се спротивставуваат на дезинформациите и да ја зајакнуваат научната писменост и да градат наративи засновани на докази, почит и различност“, вели проф. д-р Станојковска  - Трајковска, затоа што, сепак, лекот за овие штетни наративи може само да ви го препишат, како што вели проф. д-р Марковска-Симовска „вистинските доктори и лицата од науката“.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 Новинарка: Ана Зафирова Арсеновска

Монтажа: Ристо Душковски

Фотографии: Архива Само прашај

Тагови: