fbpx

Центарот за македонски јазик од Лерин ги „преживеа” националистите – Судот ги одби приговорите

  • Приговорите беа одбиени како неосновани, додека еден дел од нив беа квалификувани и како целосно неприфатливи.
  • „Начинот на кој секое национално законодавство ја воспоставува оваа слобода и нејзиното спроведување во пракса од страна на властите ја открива состојбата на демократијата во секоја земја“, навел Судот во одлуката.
  • Меѓу клучните цели на НВО Центар за македонски јазик во Грција се онлајн изучување на македонскиот литературен јазик и идно воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и среди) и универзитетите во северна Грција
 

Судот во Лерин го отфрли приговорот на леринскиот јавен обвинител и неколку други организации и поединци кои се приклучија кон него барајќи да биде поништена регистрацијата на невладината организација Центар за македонски јазик. Приговори поднесоа „Панмакедонскиот сојуз на македонската борба Грција - Австралија“ и „Панхеленското здружение на потомците на македономахите - Павлос Мелас“, „Здружението за одбрана на Македонија и Тракија“, „Друштвото за македонски студии“, „Здружението Аристотел“, „Здружението на пензионирани армиски офицери“ и „Регионот Западна Македонија“.

Приговорите беа одбиени како неосновани, додека еден дел од нив беа квалификувани и како целосно неприфатливи.

Адвокатот Кирос Спондис, кој го бранеше случајот „Центарот за македонски јазик во Грција“ пред Основниот суд во Лерин, во изјава за vetonews.gr, го изрази своето задоволство од одлуката „бидејќи сите аргументи за формирање и функционирање на Центарот беа целосно прифатени од судот“.

Во образложението на одлуката судот постапува со наод кој е лекција по демократија и владеење на правото, подвлече vetonews.gr.

„Здруженијата формирани за општествени или економски цели, заштитата на културното или интелектуалното наследство, потрагата по национален идентитет или потврдувањето на свеста на малцинствата се важни за непречено функционирање на демократијата. Начинот на кој секое национално законодавство ја воспоставува оваа слобода и нејзиното спроведување во пракса од страна на властите ја открива состојбата на демократијата во секоја земја“, навел Судот во одлуката.

Во одлуката се додава и дека „прифаќањето на приговорите за регистрацијата на здружението со цел ставање крај на наводната намера на неговите основачи да ја шират идејата дека постои етничко малцинство и дека правата на неговите членови не се почитуваат целосно, не се смета за неопходна и соодветна мерка бидејќи дури и да се претпостави дека горенаведената наводна намера е вистинска цел на здружението, тоа автоматски не се поистоветува со одредена закана за едно демократско општество. Ова е уште повеќе точно кога во конститутивните акти на здружението воопшто не се подразбира дека неговите членови ќе бранат употреба на насилство или недемократски или неуставни средства“.

Нови хоризонти

Во веста објавена од локалниот медиум се посочува дека „одлуката отвора нови хоризонти за сограѓаните од нашиот регион кои го зборуваат македонскиот јазик и сакаат да ги промовираат или зачуваат своите културни традиции”.

Центарот за македонски јазик во Грција јавно му се заблагодари на адвокатот Кирос Спондис за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на организацијата во судскиот регистар на невладини организации.

„Сакаме да нагласиме дека во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција. Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик - при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо. Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога ќе потсетиме дека македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува дел од населението во одредени региони. Ваквото достигнување не претставува крај, туку почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција“, соопшти Центарот за македонски јазик во Грција и најавува дека во наредниот период ќе се насочи кон исполнување на своите цели од статутот.

Најважната битка е добиена

Павлос Воскопулос Филипов од здружението на Македонците во Лерин и леринско „Виножито”, за Само прашај изрази задоволство од одлуката, и како што рече, храброста при нејзиното донесување. „Секако има можност за натамошни поплаки пред повисоки судови, но најзначајната битка е добиена”, ни рече тој.

НВО Центар за македонски јазик беше регистрирана на 27 јули 2022 година, што предизвика гнев кај националистичките кругови кој доведе до протести во Лерин во декември предводени од избришната од судскиот регистер Златна зора.

Само прашај беше меѓу Македонците од Лерин и леринско токму во времето кога приговорите беа примени во судот, а разочараноста и неизвесноста за исходот водеа кон прогнози дека грчкиот правосуден и политички систем нема да го издржат притисокот за поништување на регистрацијата.

Меѓу клучните цели на НВО Центар за македонски јазик во Грција се изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница, како и идно воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и среди) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија, Источна Македонија и Тракија.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Текстот е дел од серијалот новинарски производи „Македонското прашање во Грција - (и)сторија со почеток но без крај“ на Само прашај и Рес публика за положбата и правата на Македонците во Грција, кои Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги изработи во рамките на проектот „Користи факти“.