Фото: Лерин, Грција
Регистрацијата на невладината организација Центар за македонски јазик ги разбранува духовите во Грција. Како што дознава „Само прашај“, до судот во Лерин веќе се пристигнати два официјални приговори, но процените на партијата на Македонците „Виножито“ се дека ќе следат уште такви поплаки. Разгледувањето на двата приговори ќе биде на 19 јануари и на 2 февруари.
„Има реакции од националистички организации и движења и ќе се знае во следниот период дали судот ќе стои на таа одлука. Тоа ќе се види. Затоа што во Грција за овие национални малцински прашања нема независно судство, да не се лажеме. Решаваат „длабоката грчка држава“ и нејзините органи како ќе признаваат или нема да признаваат“, ни изјави Павлос Воскопулос Филипов, претседател на „Виножито“.
На прашањето дали има сознанија кој ги поднел приговорите тој ни одговори:
„Реагираат ултранационалистички движења, како што е Macedonian, движења од Австралија, од Канада, една мала партија чиј лидер е ултранационалист, потоа Златна зора која е веќе незаконска партија. Но не е исто како што беше пред 10-20 или 30 години кога таква судска одлука како што е регистрацијата на Центарот за македонски јазик, беше невозможна“.
Претседателот на невладината организација Центар за македонски јазик Георгиос Костидис вели дека одлуката на судот по приговорите се очекува на почетокот од наредната година. Сослушувањата се закажани на 19 јануари и на 2 февруари на кои ќе присуствува и нивниот адвокат.
„Во јануари и февруари ќе се решава по поплаките што ги поднесоа адвокатите на овие движења и на овие ултранационалистички организации, тогаш ќе видиме дали навистина грчкото судство отвара нова страница“, дополни Воскопулос Филипов.
Новинарска екипа на Институтот за комуникациски студии викендов ги посети и разговараше со Македонците од Лерин кои велат дека очекуваат уште приговори, но додаваат дека „и уште сто приговори да поднесат ние ќе истраеме во нашата борба“.
Како што ни објасни Воскопулос Филипов, противниците на регистрацијата на Центарот за македонски јазик нашле правна основа за приговорите во фактот дека Грција сè уште не ја ратификувала Рамковната конвенција за заштита на малцинските права.
„Грција се согласи во Стразбур уште во 1999 година околу Рамковната конвенција за заштита на малцинските права, но за да биде и домашен закон мора да ја ратификува грчкиот парламент. Според таа конвенција Грција треба да дава на секои пет години информација за положбата на малцинствата, а комисија од Стразбур да ја посетува Грција и да зборува со претставниците или припадниците на малцинството за евентуални проблеми и непочитување на одредбите од Конвенцијата. Но Грција до ден денес не ја ратификуваше таа Конвенција иако во Стразбур гласале позитивно“, вели тој.
Фото: Павлос Воскопулос Филипов
Против регистрацијата на невладината организација Центар за македонски јазик, во неделата во Лерин се одржа протест на припадници и симпатизери на неофашистичката и ултранационалистичката Златна зора. На протестот дојдоа и членови на Комунистичката партија кои го бранеа правото на Македонците од северна Грција да го изучуваат мајчиниот јазик.
За овие и други теми поврзани со положбата и правата на Македонците во Грција Институтот за комуникациски студии направи пошироко интервју со претседателот на „Виножито“ Павлос Воскопулос Филипов, кое ќе го објавиме во текот на оваа седмица на Рес публика.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текстот е дел од серијалот новинарски производи „Македонското прашање во Грција - (и)сторија со почеток но без крај“ на Само прашај и Рес публика за положбата и правата на Македонците во Грција, кои Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги изработи во рамките на проектот „Користи факти“.