Десеткувани во борбата со криминалот

  • Обвинителствата низ Македонија се соочуваат со сериозен недостаток на кадар, а во некои градови како Ресен, Крива Паланка и Делчево нема ниту еден обвинител.
  • Иако е распишан конкурс за 47 нови обвинители, не се знае колку кандидати ќе се пријават, бидејќи повеќето претпочитаат да станат судии.
  • Истражните центри главно се финансираат од донации, нема доволно техничка опрема, а обвинителствата работат со само третина од предвидениот број службеници.
  • Владата покрена постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, обвинувајќи го за неефикасност, додека тој предупредува дека состојбата во обвинителствата е критична и се влошува.

Македонските обвинителства се соочуваат со сериозен недостиг на кадар, ресурси и финансии, што ја отежнува борбата против криминалот. Во некои градови нема ниту еден обвинител, а во останатите капацитетите се преполовени. Ситуацијата во три градови е дури и критична – во Ресен, Крива Паланка и во Делчево нема ниту еден обвинител, па се делегираат јавни обвинители од други подрачја. Капацитетите во Кочани и Штип се преполовени, Битола оперира со само петмина од предвидените 11 обвинители, Кичево наскоро ќе остане со двајца оти еден оди во пензија, од кои ниту еден не е се проширена надлежност.

Самото Републичко обвинителство е во минус од четворица, односно петмина зашто еден е член на Советот на јавни обвинители. ОЈО-Скопје е паднато на само 39 обвинители, премалку за обемот на работа во главниот град.

ОЈО Ресен, Крива Паланка, Делчево 0 обвинители
ОЈО Гевгелија, Берово по 1 обвинител
ОЈО Дебар 2 обвинители (единствено пополнето)
ОЈО Кичево 3 обвинители (треба 7)
ОЈО Битола 5 обвинители (треба 11)
ОЈО Кочани, Штип преполовени капацитети
ОЈО Скопје 39 обвинители
ЈОРСМ 11 обвинители (треба 15)

Легенда: Само обвинителството во Дебар е со целосен капацитет од двајца обвинители, сите други се преполовени (Извор: ЈОРСМ)

Ваквата состојба не е нова и тоа е уште поголем проблем. Бројот на обвинители од година в година се намалува што се одразува и на квалитетот на истрагите и на ефикасноста и должината на постапките, особено во делот на прибирање докази, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за Само прашај, непосредно откако Владата иницираше постапка за негово разрешување поради состојбите во Обвинителството.

Опомени за тоа секоја година стигнуваат од меѓународните организации кои ни ги оценуваат капацитетите. Последна „шлаканица“ дојде од Транспаренси интернешенал каде состојбите во Обвинителството беа меѓу оние кои ја симнаа Македонија неколку места подолу на листата во борбата со криминалот и корупцијата. Коцевски не сакаше да ја коментира владината одлука, туку ќе чека како ќе се одвива целата процедура, но затоа отворено зборува за состојбите во јавните обвинителства кои придонесуваат за вакви резултати.

Меѓу нив и можеби најбизарниот случај  - во Гевгелија, каде се наоѓа граничниот премин „Богородица“, град на мигрантска и шверцерска рута има само една обвинителка која 4 години немала ни ден одмор.

„Таа обвинителка таму е сама повеќе од 4 години. Се работи за обвинителство со проширена надлежност, што значи дека може да ги застапува и најтешките кривични дела за коишто се предвидени најтешки казни. Јавната обвинителка во Гевгелија буквално не знае што е одмор. Никогаш последните четири години не била на одмор. Самата вели, не знае што е ден, што е ноќ. Сега, за да се ублажи таа состојба, неколку месеци овластив две обвинителки од ОЈО-Велес да им помагаат и да застапуваат предмети во ОЈО-Гевгелија, тоа е од помош, но не е решение за подолго време. Состојбата во Јавното обвинителство по поглед на јавните обвинители, па и во поглед на јавнообвинителската служба е навистина алармантна зашто во моментов имаме над 95  јавни обвинители што се помалку, а ако се додадат и оние јавни обвинители што се членови на Советот на јавни обвинители, бидејќи нивната функција мирува и тие не работат предметна работа, тогаш бројката е над 100“, вели Коцевски.

Со последниот распишан оглас треба да се пополнат 47 места, но не се знае колкумина ќе пријават, бидејќи Академијата дава уверенија и за судија и за обвинител, а судската тога се чини е попривлечна. Кадар од нова генерација на Академијата може да се произведе за најмалку 3 години, а свежите сили не можат да постапуваат по предмети каде што казните се над 5 години.

„Само оваа година околу пет јавни обвинители ќе заминат во пензија, тоа е природен одлив. За другата година немам податоци, но состојбата ќе се влошува, што значи дека во наредните три години, освен оваа генерација, друга генерација не може да произведе Академијата за судии и јавни обвинители и состојбата ќе биде таква каква што е, може да се влошува, а да се подобрува не“, вели Коцевски.

Советот на јавните обвинители се „крсти“ во новиот оглас

Во моментов се пополнети  помалку од две третини, односно само 164 од вкупно 261 јавнообвинителски места на ниво на државата предвидени по систематизацијата. Советот на јавните обвинители, надеж за ублажување на проблемот гледа во распишаниот оглас за избори на нови 47 обвинители од осмата генерација на Академијата за избор на судии и јавни обвинители.  Од нив, 14 треба да се вработат во ОЈО-Скопје, четворица во Тетово, по тројца во Куманово, Прилеп, Штип и во Охрид, по двајца во Гевгелија , Битола, Гостивар, Кичево и во Струмица, и по еден во Крива Паланка, Ресен и Делчево каде нема ниту еден, како и во Велес, Ресен, Струга, Радовиш, Кочани.

Самиот недостаток на јавни обвинители влијае не само на квалитетот на истрагите, туку и на ефикасноста на самите постапки, а со тоа секако придонесува да има незадоволство од одредени странки и влијае на ефикасноста на постапувањето која се должи, пред сè, на објективни причини. Приоритетите ни се да ги пополниме местата, сепак, тоа зависи од самите кандидати коишто треба да се јават на огласот“, вели претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска.

За истраги се потпираме на донации

Истражните центри се финансираат од донации, бидеќи досега државата не вложила ни денар во нив. Центарот во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на пример, е донација од САД, вредна околу 500 илјади долари, донација е и истражниот центар во Скопје. Истражни центри има и во Тетово и Куманово со по двајца истражители, но не и во Битола и Штип за кои сѐ уште се чекаат согласности. А, последните истраги за ЕСМ му отворија полни раце работи на ОЈО-Битола, бидејќи се проверуваат шест тендери, а ова обвинителство нема истражен центар.

Но, недостигот од обвинители не е единствениот проблем. Обвинителствата во Македонија работат со само третина од предвидениот број службеници, согласности за нови вработувања нема, а нема ниту доволно техничка опрема.

„Во поглед на јавнообвинителската служба, состојбата исто така е алармантна зашто по сегашната систематизација која сѐ уште е во важност, предвидени се 1.126 јавнообвинителски службеници. Подготвуваме систематизација каде што бројката ќе се движи околу илјада, меѓутоа во моментов, Јавното обвинителство на цела држава располага само со 360 до 370 службеници, зависи од боледувања итн. Една третина, Јавното обвинителство работи со јавнообвинителска служба од една третина. Лани баравме вработување на 100 јавнообвинителски службеници. Лани, МФ не даде пари за ниту еден. За 2025 исто барав само 100 вработувања за јавнообвинителски службеници, барав да стигнеме од 370 на 470, не барав ни 200, ни 300, ни 500. И оваа година не ни дозволија ниту едно вработување. Компјутерите ни се стари повеќе од 10 години. Лани набавивме околу 50 компјутери, но тие ги чуваме кога ќе дојдат новите јавни обвинители, да им се подели компјутер на секој јавен обвинител. Но, проблемот е алармантен зашто немаме информатичари. Од страна на ЕУ има проект за дигитализација, меѓутоа замислете, треба дигитализација со пет информатичари во државата, тоа не може да се спроведе“, вели Коцевски.

Интересен е и случајот со вештачењата. Во Буџетот се предидени пари за тоа, но Обвинителствата фактички сами си ги плаќаат – Обвинителството прво ги плаќа, но, по правосилноста на пресудата, осудениот ја подмирува сметката и парите потоа се враќаат во централниот буџет. Од државната каса, Обвинителството треба да добие 0,4%, а добива 0,2% од буџетот.

„Во буџетот што ни го определуваат се определени парични средства и за вештачење. Имаме вештачења во нашата држава и во странство од по над 10 илјади евра. Можете да замислите колкав трошок е тоа? Но, што се случува? Вештачењето го плаќаме ние, а на крај кога ќе заврши постапката се задолжува обвинетиот што е осуден да ги плати трошоците за постапката и вештачењето, а тие пари одат во буџетот, што значи дека од една ние даваме средства за вештачење, тие ни се предвидени, а потоа тие средства одат пак во буџетот“, објаснува Коцевски.

Обвинителот Коцевски соочен со постапка за разрешување

 Додека обвинителствата дишат на „жабри“, власта ја бара „главата“ на Коцевски. Министерството за правда покрена постапка за негово разрешување, што е извесно дека ќе се случи и во случај Советот да не даде позитивно мислење, бидејќи одлуката се носи во Собранието. Премиерот Мицкоски вели дека Коцевски имал доволно време и можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и да постапи во случаите каде што има основано сомневање за сторен криминал, меѓутоа тој не ја оправдал довербата.

Имаше доволно можност да се размрда, да се покаже како бескомпромисен борец за правда и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал. Но, очигледно дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина. Така што мислам дека имаше доволно време да покаже, за жал, таа доверба не ја оправда“, изјави премиерот Мицкоски, истиот ден кога беше објавен извештајот на Транспаренси Интернешенал.

Конкретно, Владата смета дека Коцевски незаконски постапил при назначувањето на Наташа Крстевска-Цалевска, којшто го дојде на местото на суспендираниот Мустафа Хајрулахи во Вишото скопско обвинителство, иако Коцевски, тврди дека нема прекршување на законот зашто таа била назначена за времен раководител. На иста линија беше и Советот на јавните обвинители.

„Беше донесена одлука следејќи ги состојбите во Вишото јавно обвинителство каде што вишиот јавен обвинител е оддалечен од функцијата. Советот утврди дека е потребно во ова јавно обвинителство да се назначи обвинител што ќе раководи со Обвинителството. Таа одлука е едногласна, вели претседателката на Советот, Димитриевска.

Сепак, Владата реши да ја турка постапката. Коцевски подолг период е мета на критики на власта, особено по јавните препукувања со вишиот обвинител Хајрулахи, кој го обвини републичкиот обвинител дека му вршел притисок за предметот со бонусите на СЈО, односно, дека барал од него да не ја прифаќа жалбата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи партијата не е оштетена страна. Коцевски, пак, тврдеше дека обвинувањата произлегуваат од спроведените надзори, по кои обвинителите Хајрулахи и Цветановски се соочија со дисциплински постапки, а Хајрулахи беше и суспендиран.

И додека премиерот Мицкоски вели дека републичкиот обвинител треба да биде доблестен и да поднесе оставка, за на негово место да дојде човек што, според шефот на Владата, ќе се бори со криминалот и корупцијата, без да се решат хроничните проблеми со коишто се соочуваат обвинителствата, борбата за промени ќе се претвори во „донкихотовска“.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажер: Ристо Душковски