Ехо од империјата или модерна стратегија

eho od imperijata featured

  • Бројките покажуваат дека во 2025 и 2024 нагло се зголемил интересот на турски државјани привремено да се доселат во Македонија.
  • Турција е водечки финансиер на изградбата на џамии во Западен Балкан, а на крајот на минатата 2025 година во Скопје беше потпишан протокол за реставрација на четири џамии и во Македонија.
  • Ништо не е споредливо со пропагандната моќ на турските телевизиски новели и други серии кои со децении се прикажуваат пред македонската публика.
  • Иако бројките покажуваат дека дел од македонското секојдневие пулсира во турски ритам, нема анализи дали тоа ќе го смени културниот и социолошкиот код, односно колку овие отворени канали ќе се користат за влијание.

Дали „ехото“ на Отоманската империја сѐ уште одѕвонува во Македонија со помош на модерната турска дипломатија? Билатералните односи меѓу двете земји имаат длабоки историски корени и континуитет уште од самото осамостојување на Македонија. Турција беше една од првите држави што целосно ја призна независноста на Македонија во 1991 година, со сите атрибути на сувереноста, на државата, името и македонскиот народ.

Во текот на сите години на македонската независност, Анкара обезбедуваше политичка и економска поддршка, особено во чувствителни периоди за земјата. Во времето на економската блокада што Грција ѝ ја наметна на Македонија во 1990-те години, Турција обезбедуваше помош во нафта, храна и други производи. На меѓународната сцена, турската дипломатија доследно ја поддржуваше македонската држава, често нагласувајќи дека ја признава под нејзиното уставно име. За потсетување, овој став Турција го демонстрираше и во рамките на НАТО, каде што во официјалните документи наведуваше фуснота со која ја признаваше Македонија под името – Република Македонија.

Македонија веќе има формална рамка за таква соработка преку т.н. Договор за стратегиско партнерство, кој сегашната влада го засили преку Договорот за проширување на билатералната соработка меѓу Македонија и Турција.

Новинарот Ердем Ахмет со кого разговаравме за влијанието што Турција го остварува во Северна Македонија вели дека како и секоја земја, Турција ги користи елементите на „мека моќ“, која што недвосмислено, во најголема мера, во Македонија ја имаат САД и ЕУ.

Турција по своето влијание, по мое мислење е на трето место. За тоа зборуваат многу фактори: Турција е еден од најголемите трговски партнери, на седмо место е, еден од најголемите инвеститори во Македонија, и тоа исто е во рамките на soft power“, посочува тој.

Преку телевизиските серии, пак, вели Ахмет, разбравме, на пример, дека Турците немаат многу поинаков начин на живеење од нашиот. Дури и почнавме да прифаќаме нивен начин на однесување, додава тој. „Исто како што е и Холивуд. На пример, ако повеќе гледате холивудски филмови, имате влијание од таа земја. Како што има American dream, Турција се труди да направи Turkish dream. И од тој аспект гледано, Турција на различни начини, но не на различен начин од другите земји, ја остварува својата мека моќ“, вели нашиот соговорник, кој е еден од познавачите на односите меѓу Македонија и Турција.

Денес кога македонската публика со децении живее со случките во турските семејства, преку нискобуџетните турски серии, појавата на нивната голема присутност прераснува во феномен. Многу често се случува некои од турските изреки да бидат усвоени и од современите Македонци, покрај старите турски зборови кои се дел од официјалниот и нормиран јазичен речник во Македонија. Речиси да нема семејство кое не гледало барем една од турските серии во кои, покрај приказната што ја третираат, суптилно се шири и пропаганда за успешноста на турското општество.

Универзитетската професорка по социологија д-р Антоанела Петковска анализира дека главниот фокус на турските серии што се емитуваат на македонските ТВ канали е евидентно концентриран на прашањата за моралните кодови, како што се доброто наспроти злото, поврзани со значењето на љубовта, семејството, религијата, традицијата и нејзиниот судир со современите културни матрици, лојалноста и локалната (дез)интеграција.

„Особено е интересно што тематиката на сериите често е посветена на турската историја, сакајќи да ја прикаже нејзината ‘грандиозност’, меѓутоа и на актуелните општествени прилики што укажуваат на класните, религиските, идејно-политичките, родовите и други разлики битни за општествената структура и динамика, за дискурсот на моќта, за корупцијата и за девијациите како и за јазот помеѓу генерациите. Многу од сериите се обидуваат да ја покажат и тенденцијата за почитувањето на човековите права – родова еманципација, класна еднаквост, граѓански права“, нагласува професорката.

Каналите за влијание широко отворени

Во последно време сѐ почесто се слуша шегата дека Турците повторно се враќаат во Македонија по петвековното ропство за кое учевме во историјата. Како што во секоја шега има малку вистина, така и во оваа, затоа што според податоците што ги добивме од МВР во 2025 година од 3.320 странски државјани на кои им е одобрен престој, 1.078 или една третина се од Турција. Причината поради која барале и добиле привремен престој е вработување. Во 2024 година оваа бројка била 1.161 турски државјанин, а во 2023 изнесувала 500. Бројките покажуваат дека во 2025 и 2024 нагло се зголемил интересот на турски државјани привремено да се доселат во Македонија.

Во МВР нѝ рекоа дека Измените на законот што ја третира оваа област во 2021 година придонеле за, како што нагласија, енормно зголемување на бројот на барања за стекнување македонско државјанство од иселеници кои живеат во Турција.

„Според извршените проверки за временскиот период од 2021 – 2025 година се примени околу 10.500 барања за стекнување/враќање на македонско државјанство“, ни изјавија од МВР.

eho od imperijata charsija 1
Според податоците од МВР, во 2025 и 2024 нагло се зголемил интересот на турски државјани привремено да се доселат во Македонија (Фото: Т. Георгиев)

Во однос на студирањето, велат официјалните податоци, во текот на 2023 регулирале привремен престој 1.521 турски државјанин, во текот на 2024 бројката изнесува 1.328 и во 2025 на студии дошле 1.003 турски државјани.

Каде и да одите во светот ќе најдете некој Турчин затоа што Турците се доста мобилни како бизнисмени“, вели нашиот соговорник Ердем Ахмет.

Несомнено и овие бројки покажуваат дека дел од македонското секојдневие пулсира во турски ритам. Но, дали тоа ќе го смени културниот и социолошкиот код, односно колку овие отворени канали ќе се користат за влијание – сѐ уште нема анализи, кои, бездруго би биле интересни.

Турција не го крие интересот за Балканот

Турција во актуелниот геополитички момент во светот се наоѓа во непосредна близина на двете воени жаришта – Иран, Израел и Палестина, а во еден наврат беше и медијатор за смирување на воениот конфликт меѓу Русија и Украина. Тоа значи дека има свои интереси за пласирање на информации и ширење на својата вистина за овие жешки точки кои го запалија светот.

Во анализата со наслов „Турција и војната против Иран: Меѓу шанса и катастрофа“, објавена на порталот на Арапскиот центар во Вашингтон се посочува дека турската политика не е подготвена отворено да ги артикулира своите ставови. Сепак, за да се разбере интересот не е секогаш потребно отворено искажување на ставот, туку постојат механизми да им се даде до знаење на околните држави што одредена држава мисли за некоја ситуација. Тоа го вклучува и инструментот мешање и манипулирање со информации во друга држава, со цел постигнување на цели за надворешната политика или други цели кои се од интерес за државата која сака да го шири своето влијание.

Самата Турција, пак, не се воздржува да каже дека има голем интерес кон Балканот вклучително и за Македонија. Како што наведува Министерството за надворешни работи во Анкара, Балканот е приоритет за Турција, не само од политичка, економска и географска перспектива, туку и поради неговите историски, културни и човечки врски со регионот. Балканот, како географска врска на Турција со остатокот од Европа, има големо значење поради посебното место што го имаше во историскиот процес што ја обликуваше турската нација и идниот потенцијал што го носи во контекст на регионалната интеграција и целта за пристапување во ЕУ што ја споделува со сите земји од регионот.

„Турција верува дека самите балкански земји можат да дадат суштински придонес кон сопствената иднина и интензивно размислува за развој на автентични механизми за соработка на Балканот“, се вели меѓу другото во декларираните цели на турската дипломатија.

eho od imperijata junus emre
Турскиот културен центар „Јунус Емре“ постојано организира настани кој ја потенцираат блискоста на двете држави и народи (Фото: ФБ страница на Институтот „Јунус Емре“ Скопје)

Аналитичарите во Скопје, сепак, не гледаат обиди Турција да влијае врз информациите со цел да го придобие јавното мнение. Еден од најсвежите конфликти, меѓу Израел и Палестина, според нив говори во прилог на тој став. „Турција тивко ги одржува односите без да ги загрозува“, вели Ердем Ахмет.

Македонија е малку повоздржана во надворешната политика, можеби е свесна дека е помала, дека не сака да го изгуби Израел како трговски партнер. Не верувам дека Турција би се мешала во интересите на оваа земја во однос на Израел. Нормално, реагираше на тоа што најголем дел од експертите го нарекуваа геноцид, како што и најголем дека на европските земји реагира. Македонија остана воздржана. Не гледам дека Турција се меша во внатрешните работи“, истакна Ахмет.

Некои настани од блиското минато, меѓутоа, даваат еклатантен пример за турското мешање. Станува збор за барањата од Турција до Македонија да им испорача граѓани од турско етничко потекло кои живеат во нашата држава, со образложение дека биле поврзани со движењето на Фетулах Ѓулен (ФЕТО) кого Анкара го смета за одговорно за обидот за државен удар во 2016 година.

Во Македонија, структурите на ФЕТО продолжуваат да бидат присутни во земјава затскриени зад превези како образовни институции и трговски друштва. Во секоја прилика до надлежните во Македонија ги пренесуваме нашите барања за оневозможување за дејствување на структурите на ФЕТО и депортирање на лицата поврзани со ФЕТО. Ставањето крај на дејностите на структурите на ФЕТО и депортирањето на лицата поврзани со ФЕТО ќе претствуваат конкретни чекори од аспект на билатералната соработка во насока на борбата против тероризмот. Ја користам оваа прилика одново уште еднаш да ги истакнам овие очекувања“, рече амбасадорот на Турција во нашата држава Хасан Мехмет Секизќок, на петгодишнината до државниот удар.

Јас се сеќавам дека имаше и остри изјави во смисла дека Македонија може да плати цена за тоа што го поддржува весникот Заман, кој што беше поврзан со ФЕТО. Меѓутоа, Турција не дека не можеше тогаш да стави вето на влезот на Македонија во НАТО. Можеше да реагира како што реагираше остро на Шведска, на пример, и нејзината дефиниција на тероризмот во однос на ПКК, па ги натера дури и да го сменат Уставот, како што имаме ние пример кај што други земји бараа да смениме Устав. Во тој поглед не го искористи своето право“, вели нашиот соговорник Ердем Ахмет.

Влијание преку џамиите

Според повеќе објавени анализи во медиуми, денес Турција е водечки финансиер на изградбата на џамии во Западен Балкан, а експертите велат дека тоа треба да се гледа во поширок геополитички контекст. На крајот на минатата 2025 година во Скопје беше потпишан протокол за реставрација и на четири џамии во Македонија, во турска изведба. Протоколот е потпишан од поглаварот на Исламската верска заедница кај нас и од Синан Аксу, генерален директор на Управата за вакафи од Турција. Документот предвидува реставрација на џамијата Хасан Баба во Битола и обнова на три скопски џамии – Балабан, Јахја-паша и Иса-бег. Со тоа, турската државна институција која управува со верски и хуманитарни фондови ја продолжи заштитата на исламското наследство на Балканот, што секако служи и за декларирање на турскиот интерес на овие простори.

Но, сето тоа е неспоредливо со пропагандната моќ на турските телевизиски новели и други серии кои со децении се прикажуваат пред македонската публика.

Професорката по социологија д-р Антоанела Петковска смета дека турските серии немаат само забавен карактер туку поседуваат латентни или експлицитни пораки кои содржат етички, емоционални, пораки за интеграција, за конкретни општествени проблеми и предизвици што на македонските гледачи им влеваат чувство на емпатија, солидарност кон, навидум, сродни културни матрици и менталитет. Ваквите тенденции, вели Петковска, имаат речиси неоспорно влијание на сите категории гледачи на телевизиските серии, вклучувајќи ја и младата публика.

antoanela petkovska 300x300 1Македонскиот аудиториум често усвојува одредени јазични фрази произлезени од турските серии, модни концепти, начини на однесување, расправа за нивните содржини како за значајна материја и ги споредува со сопствените животи. Турските серии имаат значително социо-културно влијание врз македонските гледачи и ги менуваат нивните светогледи“, анализира таа.

Во стратешки потег за засилување на нејзиниот меѓународен културен дострел, турската влада на 18 февруари оваа година воведе нова програма со која им се нуди на продуцентите субвенција од 100.000 долари во турски лири за секоја епизода од телевизиска серија емитувана во странство. Најавена од министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој на прес-конференција во Истанбул, оваа иницијатива е насочена кон продукции кои ја промовираат Турција, нејзиниот јазик и нејзината туристичка привлечност, а воедно ги исполнуваат и критериумите за извоз и гледаност.

Според Петковска, ваквата како што вели „инфицираност“ со овој тип на медиумски содржини што доаѓаат од Турција говори за еден вид културна дипломатија и „мека моќ“ за промовирање на вредностите на турската култура, особено на Балканот. Сите овие, додава таа, социолошки и културолошки аспекти на карактерот и влијанијата на турските серии во македонскиот медиумски простор, што од виртуелната сфера преминуваат во реалниот живот на македонските граѓани предизвикуваат сериозни дубиози.

Кои вредности, на каков начин и во кој степен имаат влијание на македонската култура и општество на идентитетот и интегритетот на граѓаните, особено кога се од други земји? Каков дострел на естетски и поетски доблести нѝ нудат ваквите производи, и особено какви се ефектите врз развојот на одредени категории на граѓани како млади, луѓе во подоцнежна возраст, помалку образовани и граѓани со понизок општествен статус?“, прашува Петковска.

Осврнувајќи се на извозот на турски серии, германскиот сервис Дојче Веле минатата година во својата анализа меѓу другото заклучи и дека турската влада, покрај другото, ги користи и како платформа за пропаганда, влијание врз јавното мислење и ширење на своите идеолошки вредности.

„Секоја година, националниот јавен радиодифузен сервис ТРТ нарачува бројни серии што ја интерпретираат историјата и вредностите на турската нација од конзервативна исламска перспектива“, се наведува во анализата.

Односите цврсти како Камениот мост

Истовремено, според податоците што беа изнесени на средба минатиот ноември пред турски студенти и штипската полиција, само во Штип студираат околу 500 студенти. Тие имале проблем со регулирањето на престојот во Македонија поради што некои биле и депортирани затоа што навреме не ги добиле потребните документи од овдешните власти.

eho od imperijata charsija 2
Стара скопска чаршија е место од кое туристите учат за историското минато на Скопје и на Македонија (Фото: Т. Георгиев)

Присуството на студенти кои се млади и агилни во создавањето контакти и дружење со нивни врсници овде, според аналитичарите, се смета исто така за канал за ширење на влијание. „Станува збор за студенти кои што не успеале да се запишат на посакуваниот универзитет во Турција поради тоа што немале доволно бодови на некој државен испит што го имаат тие секоја година“, појаснува Ердем Ахмет.

Според нашиот соговорник благодарение на турските студенти и работници, живнале некои градови во Македонија кои беа замрени поради отселување на населението.

Штип беше таков случај. Знам дека Скопје е доста живнато. Еден елемент е исто така доаѓањето на туристите. Најголем број туристи имаме од Турција. И таа бројка ги тера и бизнисите да се прилагодат на таа ситуација. Се отвораат ресторани кои се блиски на нивната исхрана, се нуди некоја забава која што е блиска на нивниот менталитет. Не се работи за доаѓање на мигранти, туку за луѓе што имаат привремен престој. Доаѓаат работници затоа што турските бизнисмени не можат да најдат квалификувана работна сила за некои проекти што ги работат. Значи, не се работи за емиграција. Пред сѐ Турција има поголем општествен производ. Има поголемо БДП по глава на жител од Македонија. Значи не е мигрирање од посиромашна земја во побогата“, објаснува Ахмет.

Според официјални податоци, до декември 2025 во Македонија се регистрирани 4.138 турски компании со вкупен профит од 32 милиони евра, а актива од 1 милијарда евра. Тоа го потенцира значењето што Македонија го има за Турција. Нашите односи се цврсти како Камениот мост“, рече турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган при минатогодишната посета на македонскиот премиер Мицкоски на Турција.

Ако се суди според расположението во Македонија кон оваа земја, „чувството“ е возвратено. Што не значи дека низ коридорите на јавната и тајната дипломатија понекогаш не прелетуваат и неконвенционални методи за да се засили таа „љубов“.

Оваа содржина е изработена од Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Соња Крамарска

Снимател и фото: Наке Батев

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

 

Поврзани стории:

Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание