Дебатата за македонскиот идентитет, јазик и историја што доведе до бугарското вето во ЕУ влезе во третата година, но излезот тешко се наѕира. Двете страни говорат за позитивна атмосфера, за поинаков наратив, за враќање на довербата, како и за почетни чекори, ако може така да се нарече нотата испратена во ОН за користењето на кусото име на земјава и стартувањето на работните групи. Факт е дека и на двете Влади, и во Софија и во Скопје, им е неопходно потребен успех и дома и меѓународен, но јавноста и од двете страни на границата не е убедена дека ќе се дојде до решение без отстапки. А отстапките никој не ги сака.
Со формирањето на новите влади во двете земји наративот навистина е поинаков, но се чини дека суштината на спорот останува. И покрај тврдењата дека бугарскиот премиер Кирил Петков е сериозен во намерите да се постигне напредок и прави сѐ што може, барањата од Софија во суштина остануваат исти, само што ги сменија позициите на приоритетната листа. Откако бугарските власти сфатија дека кај Европејците не „палат“ историските прашања, прилично умешно на врвот на скалата ги качија правата на Бугарите во Македонија, користејќи ја европската посветеност на човековите права и слободи. Но, промената на учебниците, отстранувањето на натписите на спомениците кои содржат „бугарски фашистички окупатор“, решавање на, како што велат, сите прашања од црните страници на историјата, прекин на говорот на омраза..., остануваат на листата на услови, само со сменет редослед.
Сепак, останува впечатокот дека со заминувањето на Зоран Заев од премиерската функција и промената на власта во Бугарија како наеднаш преку ноќ повторно да се „затоплија“ односите меѓу двете земји.
Ивајло Дичев
Професорот по културна антропологија на Софискиот универзитет, Ивајло Дичев, ваквото „затоплување“ го гледа во фактот што новата Влада во Бугарија е прагматична, либерална, бизнис-ориентирана и се обидува да излезе од оваа „збрка“. Се разбира, вели, и Западот има улога, бидејќи внесувањето на историјата во преговорите со ЕУ, по примерот на Бугарија, е многу опасно - може само да се замислат евентуалните вета на Хрватска кон Србија, на Грција кон Турција и на крајот нема проширување.
„Петков е исклучително сериозен и прави сѐ што може, но ситуацијата е тешка. Што се однесува до ЕУ, не се потпирајте премногу на нив, неколку држави не се ентузијастички расположени за понатамошно проширување. Прадоксално е, но украинската криза, би можела да помогне, бидејќи се повикува на единство на Западот“, вели Дичев во разговор за МКД.мк и Само прашај.
Но, според него, кога се зборува за „затоплувањето“ сериозноста на Петков не е доволна.
„Прашањето имаше емоционален одѕив кај обичните граѓани, па разни политички играчи ќе ‘јаваат‘ на него, почнувајќи од претседателот Радев кој веќе го критикуваше премиерот дека ‘избрзал‘ и самиот се понижил затоа што го посетил прво Скопје. Владејачката коалиција од 4 партии не е многу стабилна и ако има изгледи за нови избори (што не е исклучено со оглед на рекордната инфлација годинава), партиите како што се социјалистите и Има таков народ, како и трите партии во опозиција, сигурно ќе играат на ‘македонската карта‘ за да предизвикаат националистички страсти“, објаснува Дичев.
Но, дали промената се должи на меѓународен притисок или можеби на скриена агенда?
Според политикологот Дејан Кјуранов од софискиот Центар за либерални стратегии, прво треба да се каже дека грешките за тоа до каде стигнавме во меѓусебните односи и од двете страни се кај политичарите кои потоа се затскриваат зад историчарите.
Дејан Кјуранов - Фото: ЦЛС
„А мнозинството од историчарите во Бугарија и во Македонија ни ја поднесуваат ‘историската вистина‘, а таа пак, е збир од полувистини – полулаги, од кои повеќето луѓе ги слушаат само лагите и им веруваат“, вели Кјуранов.
Што се однесува, пак до причините за „затоплувањето“ во односите, потсетува дека меѓународен притисок имаше и врз претходната власт на Бојко Борисов, па не ја гледа во тој правец причината за промените. Ниту пак, во некаква скриена агенда. Како што вели, „на Балканот секогаш бараме скриени цели, понекогаш со основа, но во овој случај нема такви“.
„Во последно време бугарската Влада е нападната како од приврзаниците на корупциското статус-кво (овластено од Борисов), така и од ‘антиамериканистите‘. Во однос на Македонија, пак, Владата е нападната од националистичките партии, пасивно поддржани од мнозинството Бугари, индоктринирани од официјалната фалсификувана историја. Но, од друга страна, духот за промена, благодарение на кој што оваа влада дојде на власт, сѐ уште е доволно силен, па Владата малку се ‘наведнува‘ но не се ниша“, објаснува Кјуранов за МКД.мк.
Ако се суди според некои од изјавите на Петков, новата бугарска влада навистина го има духот за промена. По критиките од Радев дека избрзал со посетата на Скопје, тој одговори дека таа била „ужасно задоцнета“, бидејќи било доцна за бугарската страна да заземе активна позиција, да има конструктивен тон, јасни цели и прецизен пристап.
„Убеден сум дека ако не сакаме Балканот да остане најсиромашниот, најкорумпираниот и најнекоординираниот дел од Европа, пристапот мора да се смени. Мора да биде базиран на добрососедство, економски развој и заедничка работа. Тоа е како куќа – не може да се карате со соседот и да мислите дека е тоа добра идеја“, објаснуваше неодамна Петков.
Наративот на оваа влада во Софија, според професорот Васко Наумовски, поранешен македонски амбасадор во Вашингтон, може да придонесе за нормализација на реториката меѓу двете земји.
Васко Наумовски
„После три изборни циклуси во една година, формирањето на политичка влада во Бугарија овозможи продолжување на разговорите со соговорници кои имаат јасен политички легитимитет, на што се надоврза и изборот на нова влада во Македонија. Наративот што го промовира оваа нова бугарска влада е различен од оној на минатите влади, и создавањето на позитивна атмосфера може да придонесе за нормализација на реториката од двете страни, што пак ќе има влијание и врз решавањето на отворените прашања“, вели Наумовски.
Според него, интересите на ЕУ и на НАТО се поврзани со една конечна стабилизација на Западниот Балкан, и во тој контекст охрабруваат решенија за споровите кои го спречуваат овој процес. Па таа насока, додава, секако дека постојат и дискретни дипломатски пораки и до двете страни.
Овој нов пристап, како што оценува Наумовски, овозможува постигнување на видливи резултати во области кои не се поврзани со историските прашања, односно проблеми кои се полесно решливи.
„Севкупната агенда на премиерот Петков се однесува на решавање на наталожените проблеми и внатре во бугарското опшетство, и доколку овие напори вродат со плод, ќе можеме да зборуваме за нова страница во нашите билатерални односи“, ни изјави тој.
Дали ќе се постигнат резултати за проблемите кои се полесно решливи од историските прашања на пример, ќе покаже реализацијата на прилично оптимистичката агенда што ја наметнаа двете влади со формирањето на работните групи од повеќе области. Како прв успех веќе ја најавија авионската линија Софија – Скопје и дадоа серија изјави за засилена економска соработка. На забелешката дека 30 години слушаме дека со инсистирањето на развој на патната и на железничката инфраструктура и зголемување на економската соработка Кјуранов кусо вели: „И ние го слушаме тоа 30 години“. Сепак, мисли дека овој пат од бугарска страна намерите се сериозни и искрени.
„Во секој случај, Владата има итна потреба од успеси, и внатрешни и меѓународни. Немаат време и сили за лажни акции“, додава тој.
И Дичев се согласува дека транспортот, бизнисот, безбедноста, академската и културната размена се средства за ставање на страна на историските прашања за кои треба подолго време за дискусија. Но, потсетува дека во сегашната фаза на бугарската страна ѝ требаат некои концесии за да прикаже „добивка“ пред гласачите.
„Се чини дека новиот владејачки тим го пронајде тоа: правата на Бугарите во Северна Македонија. Јас не знам на кој начин се тие дискриминирани и сѐ уште не знаеме колку ги има на последниот попис. 120.000 побарале бугарски пасош и, иако знаеме дека ги извадиле за да можат да работат во ЕУ, тоа е значајна бројка. Значи, ако Бугарите се внесат во Уставот на Северна Македонија, заедно со другите етнички групи, тоа може да ѝ даде причина на нашата влада да го симне ветото. Ковачевски вети дека ќе го стори тоа, но дали ќе има 2/3 мнозинство во македонскиот Парламент, не знам“, вели Дичев.
Сепак, новиот дух во односите, оптимистичките изјави, насмевките и прегратките не се никаква гаранција дека Софија ќе дозволи да се одржи првата меѓувладина седница, со што практично Македонија би го почнала преговорите со ЕУ, иако после тоа на секој чекор можат да ставаат сопки или вета кои ги овозможува самиот процес. Со почетокот на преговорите би се создала една општа подобра атмосфера, која ќе значи намалување на тензиите, зголемување на соработката на различни нивоа, со што ќе се стесни просторот за нови блокади во иднина.
Бугарија, како што вели Дичев, во таков случај може да реагира на Поглавјето 23 кое што се занимава со човековите права и тоа го поткрепува со честите интервјуа во бугарските медиуми на македонски граѓани со бугарски идентитет кои се жалат на дискриминација.
Но, за Кјуранов, пак, таквата варијанта – почеток на преговори па решавање на отворените прашања е малку веројатна.
„Тоа е малку веројатно. Веќе реков дека нашата Влада има потреба од политички успех и еден пробив во ќорсокакот на односите меѓу Бугарија и Македонија би бил таков успех. Што се однесува до вашата Влада, вие знаете подобро“, вели Кјуранов.
Новинар: Жана П. Божиновска
Истражувањето го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.