Каква реторика нè очекува: ШТЕТ-НА го отвори прашањето пред пратениците

  • Политичарите треба да користат факти и аргументи наместо навреди и манипулации – особено во предизборен период.
  • Истражувањето „ШТЕТ-НА“ покажа дека штетните наративи често се користат за поларизација, поткопување на институции и лични напади.
  • Претставници од Собранието и истражувачкиот тим на ИКС се согласни дека носителите на јавен дискурс имаат посебна обврска за тонот и содржината на комуникацијата.
  • Додека дел од пратениците ги прифаќаат наодите од истражувањето, има и критики дека реториката само ја отсликува реалноста – што ја отвори потребната дискусија.
  • Учесниците се согласија дека мора да се поттикнува дискурс базиран на почит, а не на поделби – за да се намали насилството и да се гради инклузивна јавна сфера.

Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази е еден од заклучоците од денешната презентација на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи“ (ШТЕТ-НА) пред пратениците, која ја организираше Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието на РСМ.

Станува збор за наоди од деветмесечниот мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на ТВ и во онлајн медиумите. Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања, имајќи предвид дека следуваат локалните избори на есен.

Одговорноста е на политичарите

Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во воведот истакна дека одговорноста е поголема кај политичарите кои спротивставените ставови треба да ги бранат со аргументи, а не говор на омраза.

„Добро е да се разговара, бидејќи сметам дека во Република Македонија од определени центри и индивидаулци, долниот праг на скалата е премногу спуштен. Секој политички чинител, секој пратеник, министер, јавна личност има право да има свој имиџ, има право да има своја политичка комуникација и со  граѓаните или преку вас, медиумите и со политичките ривали, но долните граници мора да се почитуваат, бидејки тоа го гледаат оние кои не работат секој ден заедно како што работиме ние. Во оваа публикација има повеќе од бројки и зад неа стојат девет месеци работа, илјадници следени говори, вести и објави на разни чинители  и една порака која се издвојува е - ако една петтина од јавниот говор е штетен, тоа не е само политички проблем, тоа  е наш заеднички предизвик, тука се мисли како општество и сметам дека денеска можеме многу да размениме искуства, можеме многу да научиме да придонесеме кон она што значи минимални стандарди на комуникација“, рече тој.

Денешната дискусија е повик за одговорност посебно кога се приближуваме до нов изборен циклус, нагласи Бојан Георгиевски, член на истражувачкиот тим на ИКС.

„Новото е што овие наративи во последно време се шират побрзо, се појавуваат во посуптилни и пософистицирани форми и сè потешко се препознаваат, како за граѓаните, така и за институциите. Затоа и денешната дикскусија е повик за одговорност, особено во период кога се приближуваме до нов изборен циклус. Во целото истражување, ние немавме цел да бараме виновници, туку да идентификуваме трендови и шаблони, да разбереме кои наративи најчесто се користат, како се пренесуваат и кои се можните последици од ваквата штетна комуникација за јавниот политички дискурс. Од анализираните содржини четири категории на штетни наративи утврдивме дека се најзастепени во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери. Тоа се поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање на факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби. Овие наративи не се безопасни. Според бројни псхилошки студии, тие можат да предизвикаат апатија, избегнување на вести, зголемена лутина, омраза и секако замаглување на рационалната проценка кај граѓаните, а токму рационалната проценка ни е најпотребна кога одлучуваме за иднината на изборите“, потенцира Георгиевски.

Елеонора Серафимовска, членка на истражувачкиот тим, детално ги претстави клучните наоди за прекршување на стандардите за етична политичка комуникација и ги посочи најчесто застапените штетни наративи во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери: поткопување на довербата во институциите, пристрасното селектирање на факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби.

Таа укажа на огромниот потенцијал на овие наративи да предизвикаат штета во многу сфери, истакнувајќи дека тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги, а поривот да се пласираат е да се заострат поделбите и поларизацијата во општеството по национална, верска, а пред сè политичка основа.

„Се обидовме што поточно да дефинираме што подразбираме под штетни наративи, а тоа се наративи на политичките актери што не се со беневалентна цел и содржина и наместо да служат за информирање на јавноста наместо да служат за промовирање на граѓанскиот активизам тие во суштина служат за манипулирање на јавноста, со тоа што во истиот момент тоа што го прават е подривање на демократските и хуманите вредности со огромен потенцијал на штетни последици во многу сфери на општествено политичкото живеење. Нападите на личност се едни од најстрашните би рекла, етички недозволена е нивната употреба, меѓутоа јавноста во многу голем дел ги слушна сите овие зборови, ова се најчестите зборови кои што беа употребени кога се конструираа нападите на личност - пион, вошка, вазал, нема да ги читам сите - навистина се многу страшни само и да се прочитаат - шизо, ретард, тиранин, најголема политичка алапача, спотер, неспособен итн. Доволно е само да ги прочитаме да сфатиме што сè предизвикува кај јавноста со овие зборови. Јавноста слушна штетна реторика од вас. Политичката социјализација и култура може да се каже дека се на пониско ниво. Ние ги следиме медиумите 25 години и можеме да кажеме дека е на најниско ниво досега. Таа политичка комуникација и комуникацијата  со јавноста и меѓусебна комуникација може да се каже со сигурност дека е на многу ниско ниво“, објасни Серафимовска.

Тенка е линијата од штетен говор до насилство

Пратеничката Весна Бендевска порача дека сите учесници во политичката комуникација треба да понесат дел од одговорноста за она што се случува и дека секој треба да тргне сам од себе.

Овие пет најчести штетни наративи, поткопување на доверба, пристрасно селектирање, ад хоминем напади, напади на личност, поттикнување на поделби и популизам ако ние не ги разграничиме и ако не седнеме заедно да дискутираме на кој начин можеме да ги намалиме ништо не сме направиле. Мислам дека ќе е смешно да потпишуваме етички кодекси, етички кодекси во Собрание, етички кодекси кај новинари, етички кодекси кај сите можни професии, а штетните наративи најлесно можеме да ги видиме на социјалните мрежи, како медиумска алатка најчесто користена во 21 век. И не сакам да посочувам, и нема да одам понатаму, на крај на денот да не се чудиме зошто после ни се случуваат онкави испади на улиците, онакви испади кај навивачки групи во една вжештена атмосфера кога секој навива за својот тим. Што треба да направиме, да станеме свесни - еј,јас ова го кажав, истакна потпретседателката на Собранието.

Таа повика сите активно да се вклучат во процесот на борба против говорот на омраза, истакнувајќи дека тоа е основа на секое насилство - започнува како вербално, а завршува како физичко.

Потоа, џабе е да го вперуваме прстот кој прв почна – не, не е битно кој прв почна, најважно е кој ќе заврши и тоа многу свесно, како заедничка одлука“, порача таа.

За пратеничката Марија Петрушевска истражувањето е значаен инструмент за воспоставување на етички критериуми, кои нема да останат само на хартија.

Во таа демократска битка или заложби за тоа кој субјект или политички актер ќе го има просторот во медиумите, мораме да воспоставиме одредени етички критериуми кои што нема да бидат само на хартија, туку ќе значат многу поголем учинок од сите ние кои што партиципираме во тој јавен простор и затоа веруваме дека ова е прв чекор во таа насока во градење на еден позрел демократски капацитет на сите институции, но и на субјектите внатре, за да придонесеме заедно кон една поголема свесност во однос на пораката и како таа ќе биде перцепирана од страна на јавноста.  Тргнувам од себе, но верувам и моите колеги сериозно во даден момент, како што кажа професорката по комуниколошки науки, дека многу работи можат на ист начин да бидат презентирани и кажани, а при тоа да внимаваме дали и како стигнува до јавноста. За мене навистина е серриозно, не би сакала да се повторувам, но она насилство кое што за жал има пораст веќе подолго време - тоа ќе го кажат и многу постручни - треба да се внимава и на јавниот простор и дискурс, кои пораки праќаат и чинам дека сите треба да имаме одговорност во таа насока“, рече во дискусијата пратеничката Петрушевска.

Од друга страна, пратеникот Реџеп Исмаил изрази несогласување со наодите од истражувањето, потенцирајќи дека реториката која се употребува ја одразува реалноста и не може, ниту пак треба да се преземат чекори за намалување на штетните наративи.

„Вашето истражување поставува невозможна мисија, а тоа е да ги наречеме работите во реалноста некако поинаку. Како поинаку да кажеме дека довербата навистина ја нема во институциите, не се работи само за судството, во многу инстуитуции во државата довербата ја нема, затоа што не се функционални, затоа што секој домен од нашето општествено живеење е со катастрофални резултати и во споредба со регионот и во споредба со Европа. Од тука ние не можеме поинаку да кажеме, освен дека се неспособни и затоа недовербата е оправдана во тие институции од страна на граѓаните. Тоа е еден голем проблем. Потоа, зошто мислите дека наративите кои што создаваат поделба се штетни? Во една класна раслоеност каква што ја имаме ние, вие како човек со левичарска идеологија, каков наратив очекувате од мене да создадам освен да апелирам односно да покажам на есктремната класна поделба затоа што сметам дека политичарите, односно владечката класа која сите овие години владее создала класна поделба“, коментираше пратеникот Реџеп Исмалил од Левица.

На ова му одговори Серафимовска која работеше на истражувањето.

„Во однос на поткопување на довербата би сакала да Ве насочам кој е индикаторот како ние го гледваме. Не било кое поткопување на довербата во институциите ние го сметавме за штетен наратив - само кога имаме тврдење за корумпираност, нетранспаретност , непрофесионалност и злоупотреба на служебна должност без обид да се поткрепат тие тврдења, е штетен наратив. Апсолутно не секое поткопување на довербата  е штетен наратив. Во однос на поттикувањето на поделби-едно е да ги кажувате поделбите дека постојат и дека имаме класна поделба а едно е да ги поттикнувате. Јас се надевам дека вие верувате во тоа дека ние штетен наратив го сметаме оној кој поттикнува поделби, а не оној кој што зборува за поделби. Кој беше индикаторот за поттикнување на поделби - употреба на зборови, формулации со кои се оцрнува одредена група на луѓе со цел да се предизвика поделба и раздор  помеѓу нас, нашето и вас, вашето. Па таман работа ние да не кажуваме вистината дека имаме класна поделба во општеството“, објасни таа.

Потребна е комуникација со вредности

Учесниците во дебатата се согласија дека политичарите имаат далеку поголеми можности за меѓусебна размена на ставови и усогласување од граѓаните, поради што носат и зголемена одговорност за тонот на јавната комуникација. Тие потенцираа дека употребата на говор полн со навреди и емоционални манипулации има директно влијание врз порастот на насилство во општеството – од фемицид до врсничко насилство.

Затоа, се повика на зголемена свесност кај политичарите за последиците од јавно изречениот збор, на промена на личното однесување, и на промоција на дискурс што вклучува почит и аргументираност. Само преку ваков пристап може да се обезбеди инклузивна и праведна јавна сфера, ослободена од реторика што продлабочува поделби и поттикнува насилство.

Политичките наративи се легитимна, но и моќна алатка на политичарите во нивните заложби да ја информираат и да ја мобилизираат јавноста, да ги обликуваат нашите перцепции, нашите ставови и однесувања, но тоа подразбира и огромната одговорност. Вкрстувањето на аргументи, реториките, па и ораторските вештини се неминовен дел од политичките процеси, но постои консензус за етичност во јавната и политичката комуникација, што би требало да го дефинира однесувањето на политичките актери кога споделуваат информации со јавноста и граѓаните. Само ставете се во улога на родител кој што го пратил детето на училиште-кој јазик сакате да го употреби учителот кон вашите деца“, објасни Јорданка Черепналкова Трајкоска, истражувачка на ИКС.

Таа одговорноста на политичките актери во културата на јавното говорење ја поврза со   почитување на начелата на транспарентност, на професионалност и непристрасност во комуникацијата, на комуникација базирана на докази, етичка комуникација, зачувување на слободата на говор, забрана за ширење на говор на омраза и дискриминаторски говор.

Ова не се само убаво кажани работи, би требало да имаат конструктивна и хумана вредност, истакна таа.

Објаснувајќи што значи етичката комуникација, Черепналкова- Трајкоска рече дека таа ја гради основата меѓу политичарите и граѓаните.

Презентацијата на истражувањето е достапна тука. Сите детали за истражувањето, методолошката рамка и примероците се достапни тука. Дополнителни информации може да се најдат и во монографијата, како и во водичот со насоки за идентификување и објаснување за штетните наративи, наменети и за политичките актери и за медиумите. Истражувањето го спроведе ИКС со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Ристо Душковски

Фотографии: ИКС

Тагови: