Македонија не е директна цел на хибридни закани, но ова безбедносно прашање не смее да се потцени, со оглед на неговите ефекти, кои можат длабоко да навлезат во сите сфери на општествениот живот, да придонесат за подривање на довербата во системот и постепено да доведат до негов распад, во ситуација кога државата сѐ уште не е на ниво да гарантира соодветен степен на безбедност од ваквите дејства. Ова е заклучокот на безбедносните експерти за соочувањето на Македонија со хибридните закани, откако прашањето се актуализира по низата сајбер-напади во изминатите неколку години, во кои цели беа и државни институции. „Нова Македонија“ во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) преку серија текстови ќе ги анализира безбедносните предизвици од хибридните закани и дезинформации, капацитетите на државата за справување со нив, како и можностите за подобрување на отпорноста, осврнувајќи се и на искуствата на други земји поврзани со оваа дестабилизирачка појава.
- Терминот хибридни закани е измислен со цел да покрие еден сет недозволени дејства од страна на лица што од различни побуди и мотиви преземаат активности да ги остварат своите замислени цели. Дел од нив смислено, а други спонтано, на тој начин дефинитивно работат на урнисување на општествениот систем на државата. Во ваквите ситуации се прават празнини во системот, кои постепено и во подолг рок ќе бидат фатални за безбедносниот, економскиот, политичкиот и севкупниот општествен живот. Таквите „деформации“ постепено ќе добиваат несогледливи размери и народот со време ќе подразбира дека системот не функционира, ќе губи верба во институциите и на крајот ќе бара промена на власта, која во севкупните односи ќе мора да го носи товарот на недовербата. Во вакви ситуации се јавуваат т.н. шарени револуции, пучеви, диверзии, тероризам и сепаратизам - објаснува универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски.
Зачестените хакерски напади пак ги актуелизираа хибридните закани во Македонија
Појавата на хибридни закани деновиве повторно го привлече вниманието на македонската јавност, откако наводната хакерска група која се огласува преку твитер-профилот „Моќна грчка армија“ излезе со тврдења дека извршила хакерски напади врз неколку македонски банки, по што Народна банка соопшти дека пристапот до интернет-страниците на домашните банки бил отежнат како резултат на ДДоС напад, нагласувајќи дека доверливоста на податоците не е доведена во прашање. Истата хакерска група на почетокот на месецов преку Твитер се пофали дека го пробила компјутерскиот систем на Министерството за образование, што МОН го негираше преку соопштение до јавноста. А наводните хакери тогаш соопштија дека нивни цели и биле министерствата за надворешни работи и за одбрана, во меѓувреме заканувајќи се со нови напади. За веројатно најсериозен упад во македонскиот сајбер-простор се смета блокирањето на интернет-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), односно на системот за сумирање на изборни резултати, извршен на денот на предвремените парламентарни избори во 2020 година. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Минитерството за внатрешни работи го истражуваше хакерскиот напад, а Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против против четворица членови на Државната изборна комисија (ДИК) и еден управител и сопственик на правно лице поради сомнение за злоупотреба на службената положба при вршење на јавни набавки, односно во врска со набавката за софтверот за изборите.
Забележливо е дека се јавува зголемен ризик од интензивирање на хибридните закани кога има важни политички случувања во Македонија, а повод за нивна зачестеност можат да претставуваат и регионалните и глобални кризи од пошироки размери.
- Хибридните закани постојат во континуитет во долги временски интервали, но се отвора простор за нивно интензивирање низ формата на ширење гласини или невистини кога има некакви поактивни политички збиднувања. Моментната ситуација со Украина и другите светски кризи, со оглед дека се далеку од нашата територија и не допираат во нашата јурисдикција, оправдано не предизвикуваат големи поместувања во перцепцијата за безбедност на граѓаните, но доколку сето тоа се однесува за блиското опкружување, или внатре во државата, тогаш се јавуваат деформации во нормалниот тек на животот во една држава - смета Димовски.
Хибридните закани во Македонија главно се присутни преку дезинформациите, додека сајбер-нападите се тешки за докажување, според универзитетскиот професор од областа на безбедноста, Методи Хаџи-Јанев.
- Македонија не е директна цел, а главно се дејствува преку дезинформации, но хибридните закани се безбедносно прашање што не смее да се потцени. Поразително е што надворешните закани се уфрлаат без напор, поради крахирањето на политичкото водство во надминувањето на транзицијата и неуспехот да ги реши идентитетските прашања и меѓународните спорови. Сајбер-нападите се тешки за докажување бидејќи се случуваат преку прокси-актери, кои навлегувајќи во порите на слободното општество го корумпираат системот. Треба да се држиме до стандардите на НАТО, да има одговорност, отчетност и да се решат внатрешните прашања, тоа е најдобра одбрана од хибридните закани - вели Хаџи-Јанев.
Клучни за заштита од хибридните закани се издигањето на свесноста за нивната појава и размената на искуства и знаења преку меѓународната соработка.
- Нашата држава во однос на одбрана од ваквите напади сѐ уште не е на ниво да гарантира соодветен степен на безбедност. За создавање услови за заштита, потребно е најпрво подигнување на нивото на знаењата и размена на искуства за заканите со земјите што имаат изграден систем на мерки за идентификација и спротивставување. Се наметнува констатацијата дека мора итно да се направи анализа на состојбите од тела и институции што се независни од политичките влијанија, продолжување на соработката со надворешни невладини и владини институции и што поитно преземање мерки на заштита на општественото ткиво. Во спротивно, последиците можат да бидат далекосежни и опасни - заклучува Димовски.
При соочувањето со хибридни закани, во Македонија досега беа забележани негативна пропаганда, оцрнување на дел од државните и меѓународните институции, како и извртување на легитимните интереси на државата. Токму затоа треба да се вложат напори на државно ниво за зголемување на отпорноста од ваквите безбедносни ризици.
Новинар: Милко Живковиќ Фото: Игор Бансколиев
Оваа содржина ја изработи „Нова Македонија“ во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ што го финансира Британската амбасада во Скопје.