- Околу 40-тина новинари чекаат правосилност на решението за застарувањето на кривичната постапка за прислушувањето за да почне „офанзивата“ со граѓанските тужби.
- Вкупно 5.827 телефонски броеви беа таргетирани во големата операција на прислушување во периодот 2008-2015 година, при што беа опфатени над 20 илјади граѓани.
- Додека аферата со прислушувањето во 2000 година заврши со судска пресуда и обештетување во 2007 година, прислушувањето од 2008-2015 сѐ уште лебди како мрачен облак над општеството.
На крајот на 2014 почна да се шушка во кулоарите, а во февруари 2015 експлодираше најголемата афера во историјата на Македонија – прислушувањето. Над 20 илјади граѓани беа прислушувани без никаква судска наредба или друг документ кој ги исполнува законските услови за прислушување. Случајот се најде на првите страници и во ударните вести на светските медиуми. Денес, 10 години подоцна од првите вести за прислушувањето, правиме рекапитулар на оваа најголема афера на грубо прекршување на основните човекови слободи која заврши како и што почна: магловито, со политичка конотација и без поднесување на кривична одговорност. Правната држава како да го изгуби слухот за „третото уво“. Но, судското продолжение се очекува со граѓански парници од страна на оние кои решија да ја тужат државата.
Адвокатот Филип Медарски, чија адвокатска канцеларија е правен застапник на 40-тина новинари вели дека чекаат правосилност на решението за застарувањето на предметот за да почне „офанзивата“ со граѓанските тужби. Но, битката тука не застанува.
„Со оглед на долготрајноста на постапките и масовното прекршување на човековите права со нелегалното прислушување, сметам дека веќе постои основ за повреда на правото на судење во разумен рок. Поради ова, упатно е судовите да ги забрзаат овие постапки и да постапуваат поефикасно во овие предмети“, вели тој.
Некои од тужителите со кои што разговаравме велат дека нивните тужби не се соодветно задоволување на правдата, бидејќи прислушувањето на кои беа изложени има далеку поголеми последици за државата и за довербата што граѓаните ја имаат во институциите. Новинарката Биљана Секуловска која е дел од граѓанската тужба додава и дека не се надева дека ќе има позитивен епилог во тој судски процес и смета дека и понатаму ќе има прислушувања.
„Познавајќи ги состојбите во судството не очекувам успех на тужбата, но очекувам и понатаму да има прислушување, со оглед на немањето механизми за контрола“, изјави Секуловска.
Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 11 лица, а првообвинет беше Сашо Мијалков (Извор фото: МИА)
Според обвинението кое беше поднесено, во периодот од 2008 до 2015 година преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени судски наредби како и по завршување на нивната важност и на 1 541 телефонски број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Со големата операција на прислушување на „непријателите“ на тогашната влада, беа опфатени над 20 илјади граѓани. Освен новинарите, беа прислушувани и бизнисмени, членови на тогашната опозиција, граѓански активисти, па дури и високи функционери на тогашната влада и на владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.
Но, судејќи според поднесените само 40-тина тужби, најголемиот број од прислушуваните само одмавнаа со рака. Недовербата во судскиот систем го направи своето.
„Не сакам да губам време со тужба бидејќи не верувам дека тоа некогаш ќе добие завршница“, нѝ изјави новинарот Горан Михајловски. Тој бил прислушуван две и пол години и смета дека случајот треба да добие некаков правен епилог кој ќе одврати слични намери во иднина.
Здружението на новинарите имаше средба и со тогашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески барајќи помош во обезбедување докази за случајот (Фото извор ЗНМ)
Незаконско следење на личната комуникација е најголемата повреда на човековите слободи и права. Уште во Универзалната декларација за човекови права на Обединетите Нации востановена во 1948 година и преведена на 500 јазици, а на која е потписник и нашата земја, се посочува на тоа право. Членот 12 вели дека „никoj нeмa дa бидe излoжeн нa прoизвoлнo вмeшувaњe вo нeгoвиoт привaтeн и сeмeeн живoт, дoмoт или прeпискaтa, ниту пaк нa нaпaди врз нeгoвaтa чeст и углeд. Сeкoj имa прaвo нa прaвнa зaштитa oд тaквoтo вмeшувaњe или нaпaди“.
И Уставот на нашата држава во членот 17 вели дека „се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење“.
Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Неда Здравева вели дека е очигледна потребата за зајакнување на правосудните институции и ослободување од политички притисоци за да се обезбеди правда и отчетност.
„Масовното прислушување во Северна Македонија останува најмасовното прекршување на човековите права кога станува збор за прекршување на правото на приватност и заштита на личните податоци права заштитени со Уставот и Европската конвенција за човекови права. Правната завршница за ова масовно прекршување на човековите права е неизвесна пред сѐ поради политичките притисоци кои ја отежнуваат работата на судовите, но и поради корупцијата и недостатокот на капацитет на правосудните органи“, нѝ рече Здравева.
На тапет во Стразбур
Досега во историјата на Македонија, во два наврати се случи таква груба повреда на основните човекови слободи. Покрај случајот што го обелодени Заев во 2015 година, вториот е случајот кој беше обелоденет во 2000 година од тогашниот лидер на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски. Тој го обвини тогашниот премиер Љубчо Георгиевски дека незаконски ги прислушувал разговорите на највисоките владини функционери и други истакнати личности, меѓу кои и околу 25 новинари. Црвенковски покажа 140 страници транскрипти во кои неколку новинари ги препознаа нивните телефонски разговори со политичари.
По неколкугодишен судски процес 17 прислушувани новинари кои решија да тужат во 2007 година беа обештетени еднаш за самиот чин на повреда на нивните слободи, а дополнително во 2013 година преку Европскиот суд за човекови права во Стразбур за несудење во разумен рок. Петнаесет години подоцна имаше реприза само што овојпат на местото на Црвенковски стоеше неговиот политички наследник Зоран Заев а прислушувањето кое го обелодени беше далеку помасовно.
Но, ако може да направиме споредба, додека аферата со прислушувањето во 2000 година заврши со судска пресуда и обештетување во 2007 година, прислушувањето од 2008-2015 сѐ уште лебди како мрачен облак над општеството.
Со оглед дека новиот „Вотергејт“ е од 2008-2015 година и во овој случај државата може да се најде на тапет во Стразбур. Случајот што во судската хроника се водеше под името Таргет-Тврдина во делот за прислушувањето застаре во октомври 2023 година без да добие правна разрешница, додека пак застареност сѐ уште нема настапено за делот на уништување на опремата за следење на комуникациите за што неодамна се одржа ново рочиште. Како што наведовме и погоре застареноста не е пречка за водење на граѓански парници на жртвите во прислушувањето.
Институциите спијат
Во изјавата што по повод застарувањето ја даде за медиумите надлежната обвинителка Ленче Ристовска изрази жалење што нема да има кривична одговорност.
„И во овој случај, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност, што е директна последица на измените на Кривичниот законик“, изјави тогаш Ристовска.
На 29 март 2016 СЈО отвори истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите од УБК, а на 17 ноември истата година и истрагата со кодно име „Таргет“, по што ги спои двата предмета во еден
Со застарувањето запре кривичната постапка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Груевски, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ констатира дека постапките не само во овој случај туку и во другите случаи траат долго.
„Не гледаме посериозен обид и пристап да се решат предметите односно во најголем дел се ‘решени’ со застарување, а не со осудителна или ослободителна одлука. Требаше подоследно да се водат предметите, поминаа 7 години од последните обвиненија за случаите од тоа време и тоа покажува несериозен пристап од страна на институциите“, нѝ рече тој.
Државите вообичаено се чувствителни на таков вид дела и не оставаат тие да поминат неказнето. Но, се чини не и Македонија. Нашиот Вотергејт 10 години подоцна можеме да го опишеме како „суден, непресуден и заборавен“.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Дарко Андоновски, МИА, СДСМ