fbpx

Некои партии во предизборието се рекламирале на вересија

  • Кај дел од партиите ревизорите за време на изборна кампања нашле и помалку, но и повеќе пари од потребното, а посебно е спорно кога има помалку.
  • Нема јасна и поделена институционална надлежност за следење и известување на изборното медиумско претставување.
  • Платеното политичко рекламирање кај медиумите е „сива зона“, а најголем проблем се интернет порталите.
  • Државниот завод за ревизија гледа тенденција дека најмногу донации за изборните кампањи стигнуваат кај победничката партија или коалиција веднаш по објавувањето на резултатите од гласањето.
  • Ревизорите предлагаат да се ограничи времето за уплата на донации изборниот молк, а не како што е според актуелниот Изборниот законик, 45 дена по завршувањето на изборите
 

Контролите што ги врши Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиското работење на партиите за време на изборите покажуваат дека поединци или фирми кои даваат пари за кампањите парите ги уплаќаат откако ќе бидат објавени конечните резултати за тоа која партија победила. Од ДЗР велат дека токму после оваа информација на Државната изборна комисија има наплив на пари на сметката на партијата победник иако целта на донациите треба биде за потребите на изборната кампања, односно пред гласањето.

Оваа можност за продолжено финансирање на предизборните активности се должи на фактот што со Изборниот законик наменската трансакциска сметка која се отвора по распишување на изборите, мора да се затвори дури 45 дена откако ќе се објават конечните изборни резултати.

Член 71 од Изборниот законик со кој се регулира финанисрањето во изборната кампања

Ова за ревизорите е системски пропуст на Изборниот законик.

„Како препорака од страна на Државниот завод за ревизија е рокот на донации да биде до денот на завршување на изборната кампања, наспроти она што е уредено во закон дека средства може да се уплатуваат по објавување на конечните резултати. За да го избегнеме тој момент на најголем прилив на средства по основ на донации откако ќе бидат објавени конечните резултати, откако ќе се знае кој ќе биде, кој е пбедник на тие избори, препорачуваме за да се избегне тој момент до завршување на изборната кампања да се овозможи прибирање на средства на донации“, вели Татјана Димитровска, помошник на главниот државен ревизор, раководителка на Секторот за ревизија со овластување.

Димитровска не сака да коментира дали на овој начин донаторите сакаат да ги поткупат тие што победуваат за да им носат политички одлуки во нивна корист, па да им даваат тендери, односно да си купуваат некакво влијание кај политичките партии со така зголемено донирање после објавување на резултатите. Но, затоа вели, неопходно е да се превенира.

„Па можеби вакво прашање да упатите на друга институција која што и те како има надлежност да врши контрола во тој дел. За да го спречиме тој ризик од корупција од такви несакани последици препорачуваме подобро да превенираме отколку после да делуваме, препорачуваме да се избегне, односно да се уреди и да се забрани уплата на средства на донации по завршување на изборната кампања“, вели за www.samoprasaj.mk Димитровска.

Партиите знаат и да земат, а да не платат

Втор проблем што ДЗР го забележа во изборната кампања е и тоа што дел од партиите, спротивно на Законот, преземаат обврски за кои немаат покритие. Односно добиваат одредени услуги за кои не плаќаат. И бидејќи според Изборниот законик (Член 71 точка 12), партиската наменска трансакциска сметка за избори мора да се затвори и да се избрише од Централниот регистар, не може да се знае дали партиите платиле или не на добавувачите.

„Што значи, не смее никој учесник во изборната кампања да преземе повеќе обврски од она што му е дозволено, меѓутоа имавmе таков случај и тие обврски не се префрлија на сметката за редовно работење на политичката партија, што значи дали биле покриени или на кој друг начин, од Државен завод за ревизија немаме надлежност да утврдиме“, вели Димитровска.

Дополнителен проблем се јавува и кога на наменската сметка остануваат повеќе пари. Законот регулира како да се распредели вишокот кога станува збор за учесник во изборната кампања на група избирачи. Партиите пак си ги враќаат парите на редовната сметка.

Пред избори портали никнат како печурки

Ревизорите кои според Законот се должни да следат како се трошат буџетските пари, а предизборните кампањи на партиите од 2018 година се финансираат и од народни пари, ја детектираа и најголемата слабост. Тоа е финансирањето на кампањата во медиумите. Најголем проблем се интернет порталите, за што во повеќе наврати пишуваа Самопрашај и Призма.

„Од буџетот од вкупните средства кои што се обезбедуваат за платено политичко рекламирање, 25% се дозволени за рекламирање на електронски портали и дневни печати, меѓутоа веќе изумира рекламирањето по дневните печати или весниците што подразбира дека сите пари се насочуваат кон електронските портали. Како Државен завод за ревизија сметаме дека ова прашање и те како е потребно да се уреди се соочуваме со проблем односно тој проблем произлегува од нерегулирање на оваа прашање, еден орган или едно правно лице да формира односно да создаде повеќе електронски портали, а законот вели ‘За еден електронски портал дозволени се 15 илјади евра’. Што значи дека тој учесник во изборна кампања, во рамките на тие пари што ги обезбедува од буџетот може 25% од некои 5 милиони евра да ги даде на еден правен субјект кој што ќе отвори повеќе електорнски портали“, објаснува Димитровска.

Според Законот, за финансирање на партиите за нивно редовно работење се издвојува вкупно 0,15% од изворните приходи на буџетот на државава. Дел од овие пари може да се прелеат во кампања, но главното финансирање се дополнителни две евра по запишан избирач за локални, парламентарни и претседателски избори и дополнително едно евро само за локални избори во втор круг. Ова значи дека ко во наредниве 365 дена се одржат парламентарни и претседателски избори, над седум милиони евра преку ДИК ќе завршат во медиумите. Според законот 25% или во овој случај 1,75 милиони евра буџетски, народни пари, може да завршат кај интернет портали. За ревизорите спорно е кој стои зад нив и многу е тешко да се докаже дали се поврзани со политичките партии.

„Сето тоа е проблем бидејќи во Изборниот законик не е уреден дефиниран орган кој ќе го следи ова рекламирање. Понатаму, треба дефинирање на построги критериуми кој портал може да се јави во следните избори. Дали тој портал е некаде регистриран во некој регистар, дали има долгогодишно искуство за работа, да не бидат само формирани наменски формирани портали само за потребите на овие локални избори. И оваа прашање е многу значајно бидејќи станува доминантна форма на рекламирање“, вели Димитровска.

Поради бројноста на државно ниво, тешко се следи и кај другите типови медиуми, како телевизии и радија дали се поврзани со политичките партии. Затоа Државниот завод за ревизија предлага сет мерки за подобра контрола на медиумите.

„Сите овие радиодифузери, печатени или електронски медиуми да се уреди начинот како ќе потврдат дека не се поврзани субјекти со политичките партии односно учесниците во изборните кампањи, дали тоа ќе биде со изјава заверена на нотар, дали ќе биде друг правен механизам има институции кои можат да го уредат оваа прашање“, вели Димитровска.

Лидерите на четири политички партии, на СДСМ, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ и БЕСА, во 2018 година се договорија за буџетско финансирање на изборните кампањи, по што експресно, без никакви задршки, сложно ги изгласаа измените во Изборниот законик во Собранието на Македонија.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугова
Фото и видео: Наќе Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Поврзани написи