fbpx

Побрзо ќе ја отслужат казната отколку да дочекаат диплома за основно образование

  • Иако им следува по Устав, 15 деца во ВПД - Тетово како „новогодишен подарок“ добија можност за основно образование.
  • Во март лани МИА и „Само прашај“ во серијата стории алармираа дека цела година таму нема настава.
  • Штитениците сега се образуваат по експериментална настава без валидна диплома.
  • Народниот Правобранител бара законски измени за трајно решавање на проблемот со формалното образование во Домот.
  • МОН ветува решение со предложените измени на Законот за образование на возрасните.
 

Штитениците во Воспитно-поправниот дом - Тетово неспоредно пред Нова година „за подарок“ добија можност за посетување настава по основно образование, што иако е уставно загарантирано право, тие сепак не го остваруваат во целост, бидејќи образовниот процес во домот постојано е во прекин.

Петнаесет деца, кои во ВПД-Тетово отслужуваат мерка „упатување во воспитно поправен дом“ од јуни минатата година посетуваа настава за основно образование, но поради непродолжување на договорите со наставниците од Основното училиште за возрасни „Антон Семјонович – Макаренко“, процесот беше прекинат кон средината на октомври.

За речиси два месеци, поточно на 13 декември наставата продолжи, беа обновени договорите на наставниците, кои таму ги образуваат децата во рамки на проект на Министерството за образование и наука и УНДП. Овој пат прекинот беше кус, но решението старо и времено, со оглед на тоа што формалното образование се спроведува со проект, а по завршување на годината, штитениците наместо валидни дипломи, добиваат потврди, кои немаат карактер на јавна исправа.

Образование како „подарок“ за Нова Година

Претходниот прекин траеше подолго. Од септември 2021 година до јуни 2022 година штитениците во Домот во Волковија беа лишени од основното право на образование. За недостигот, во март минатата година алармираше МИА во серијата стории изработени во соработка со „Само прашај“, по што се активираа надлежните институции, а со свои реакции излегоа и Народниот правобранител, Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Хелсиншкиот комитет.

Проектното образование – времено решение

Во ВПД-Тетово во моментов има околу 20 штитеници на возраст од 14 до 21 година, од кои 15 посетуваат настава за основно образование.

Директорот на Домот, Даниел Антовски вели дека моменталното решение за образованието на штитениците е времено и додава дека финансирањето на овој образовен процес продолжува преку програма на УНДП.

Децата не смеат да останат без образовен процес

Очекувањата се дека интензивната соработка која се воспостави со МОН ќе резултира со континуиран образовен процес во ВПД-Тетово, бидејќи и покрај непрецизираните законски надлежности, МОН сепак изнајде решение децата да не останат без образовен процес. Ја поздравуваме нивната заложба и очекуваме да се изнајде соодветно функционално решение во периодот што следи. Се надевам дека временето решение, кое го изнајде МОН, ќе преставува основа за изнаоѓање на системско функционално решение кое ќе овозможи континуиран образовен процес за децата во ВПД-Тетово, вели Антовски.

Директорот потсетува дека во 2021 година додека се барало решение за продолжување на образованието за штитениците и во разговор со поранешната министерка за образование Мила Царовска било потенцирано дека на барање на Управата за извршување на санкции според законот, токму Министерството за образование треба да го организира и финансира образовниот процес во Казнено поправните установи и Воспитно поправниот дом.

Штитениците се образуваат по експериментална настава без валидна диплома

За образување и ресоцијализација на децата кои се судриле со законот потребна е посебна наставна програма, која треба да се адаптира со редовната, која ја посетуваат учениците во државава.

Од Министерството за образование и наука за МИА и „Само прашај“ велат дека во моментов се спроведува експериментална настава во Домот и појаснуваат дека со предложените измени на Законот за образование на возрасните ќе се донесат формални програми за осново образование за ученици кои ја имаат надминато возраста.

Програмата, која би ја изготвило Бирото за развој на образованието, би била усогласена со стандардите за учење, а штитениците слушатели на тој процес ќе се здобијат со свидетелства, идентични на оние во редовните училишта.

Дополнително, појаснуваат од МОН, со новиот закон, Центарот за образование на возрасните ќе ја преземе педагошката евиденција и документација за возрасните лица кои се вклучени во образовниот процес од казнено-поправните домови, а Бирото за развој на образованието за малолетните лица кои се вклучени во образовниот процес во воспитно поправните домови.

Наставата и натаму се спроведува по експериментални наставни програми изготвени од Бирото за развој во образованието. Во меѓувреме, повеќе институции работиме на изнаоѓање системско решение. Инициравме постапка за дополнување на Законот за основно образование, со цел основното општинско училиште А.С.Макаренко, кое е единствено училиште во државата каде се спроведува образовен процес за лица со надмината возраст за основно образование, да се трансформира во државно училиште. На овој начин, ќе се дојде до системско решение за предизвикот, бидејќи А.С. Макаренко ќе има надлежност да организира образование за возрасни на ниво на цела држава, велат од МОН.

Народен правобранител: Образованието не смее да зависи од проекти

Мора да има трајно решение за образованието во ВПД Тетово

Како и во февруари 2022 година кога МИА и „Само прашај“ го обелоденија проблемот со образованието за штитениците во ВПД-Тетово и овој пат се обративме до Народниот правобранител.

Државниот советник од канцеларијата на Омбудсманот, Васка Бајрамовска Мустафа, задолжена за Одделот за заштита на правата на децата и лицата со попреченост, која во октомври минатата година лично го посетила Домот во Волковија, е децидна дека образованиeто на овие деца не смее да зависи од проекти и мора да се најде трајно решение за овие деца да се стекнат со формален документ за натамошно продолжување на образованието. Всушност, ова е истиот став што Народниот правобранител го испрати до МОН на 30 ноември, со забелешка дека има прекин во наставата.

Мора да има формално образование

Образованието е задолжително и тоа го обврзува секој орган којшто е задолжен – во случајот Министерството за образование и наука во соработка со Управата за извршување на санкциите да преземат мерки да нема прекин на процесот на образование. Сметаме дека е добро тоа што се прават напори за воспоставување на образование, меѓутоа не е добро тоа што се решава проблемот со проектно изнаоѓање на решение на едно значајно прашање, кое што има големо значење во процесот на ресоцијализација на оваа група деца, вели Бајрамовска Мустафа за забелешките по посетата на ВПД-Тетово.

Таа потенцира дека по завршување на образованието во ВПД овие деца, освен што треба да се здобијат со знаење и вештини, мора да се стекнат и со сертификат во форма на јавна исправа, кој понатаму ќе им послужи да го продолжат образованието, откако ќе заминат од Домот.

Нашата забелешка е дека образование на овие деца мора да биде формално и мора на крај да заврши со добивање диплома, уверение или сертификат, од којшто нема да биде препознаено, да има знак, дека тие образованието го завршиле во казнено-поправна установа, воспитно-поправна установа, а на тоа впрочем укажува и Законот за правда на децата, нагласува Бајрамовска Мустафа.

Настава надвор од сите закони

Програмата по која моментално учат штитениците не може да се спореди ниту со Законот за основно, уште помалку со Законот за средно образование, ниту, пак со правилата кои ги бара образованието за возрасни. Затоа, Бајрамовска смета дека решението е образованието да влезе во Законот за возрасни, што МОН го најави уште на почетокот на минатата година

Ние го следиме процесот. Се уште не е донесен овој закон во Собрание, иако беше најавен дека е влезен во собраниска процедура, со што ќе се најде решение за моменталната состојба и секако ќе има поинаков ефект генерално на сето тоа што се вложува во процесот на образование, вели таа.

Бајрамовска Мустафа нагласува и дека потребна е изработка на посебна програма од страна на БРО или од другите надлежни органи во рамките на Министерството за образование и наука, која што ќе потпаѓа под режим на она што значи стекната квалификација, стекнат степен на образование, со цел понатаму да има валидност.

Бајрамовска Мустафа: Образование на штитениците во ВПД-Тетово нема важност како формалното

Штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово по речиси двомесечниот прекин во образовниот процес, од 13 декември повторно имаат образование.

Прочитај повеќе

Бајрамовска Мустафа: Образование на штитениците во ВПД-Тетово нема важност како формалното

Штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово по речиси двомесечниот прекин во образовниот процес, од 13 декември повторно имаат образование.

Прочитај повеќе

Почетоците на образованието во ВПД -Тетово од 2020 година

Образованието во ВПД-Тетово не е класично основно образование, кое се спроведува во училиштата од прво до деветто одделение. Станува збор за специфична структура на деца, кои се на различна возраст и со различен степен на образование пред да бидат упатени во Домот. Се работи за деца со минимум 14 години, од кои некои пред да влезат во Домот воопшто не посетувале училиште, а некои пак имаат завршено неколку одделенија.

Директорот Антоски појаснува дека врз основа на соработката на МОН и УНДП започнал да се реализира образовен процес од 12 декември 2020 година, кој завршил во јуни 2021 година. Им предавале предметни наставници од училиштето „Гоце Делчев" од село Стенче – Тетовско.

Нашите напори беа клучни за да продолжи наставата

Наставата се изведува во две училници на приземниот дел од управната зграда. Во учебната 2020/21 во образовниот процес биле вклучени осум деца кои претходно биле тестирани од страна на наставниците и поделени по нивоа на писменост.

Учебната 2021/2022 не започна навреме во однос на образовниот процес во ВПД-Тетово. За таа цел беше остварена и работна средба со тогашната министерка за образование и наука, која беше запозната со ситуацијата и истовремено беше посочено дека согласно ЗИС, Министерството за образование и наука на предлог на Управата за извршување на санкции го организира и финансира образованието во КПУ и ВПУ. Со стапување на должност на новиот министер за образование и наука повторно на наша иницијатива се одржа работна средба на која новиот министер се запозна со состојбата на полето на образование во ВПД-Тетово, вели Антоски.

За настава има две училници

Oсвен со министерот, за ова прашање се дискутирало преку директни разговори и со УНИЦЕФ и Хелшинскиот комитет. Ова резултираше со отпочнување на образовен процес, но како проектна активност, врз основа на соработката на МОН и УНДП, на 1 јуни 2022 година.

Наставата овој пат ја спроведувал наставниот кадар од Основното училиште за возрасни „Антон Сејменович Макаренко", кое е единствена установа со основна дејност образование на возрасни во државата.

Во периодот од јуни до октомври годинава, со образовниот процес биле опфатени вкупно 14 деца од Домот, поделени во две групи, одделенска и предметна настава. Тие следеле настава секој работен ден, од понеделник до петок, од 9:30 до 12 часот, по однапред изготвен распоред на часови. Истата завршила на 10 октомври 2022 година, по што продолжила на 13 декември 2022 година, сега за 15 деца на возраст од 14 до 19 години.

Клучно за децата е да има сериозно решение за образованието

И покрај добрите услови за престој, проблем е образованието

Домот кај тетовското село Волковија е отворен на 3 ноември 2020 година. Наменет е за машки деца, додека, женските деца кои дошле во судир со законот оваа мерка ја издржуваат во несоодветни услови, во Казнено-поправната установа – Идризово. Станува збор за воспитно-поправен дом, изграден по сите стандарди, кој и покрај добрите сместувачки капацитети, сепак се соочува со проблемот да им обезбеди траен образовен процес на овие деца. А без образование речиси е невозможна вистинската ресоцијализација, која на штитеници ќе помогне да ги поправат грешките кои ги сториле во тинејџерските денови.

Сериозниот пристап кон решение на проблемот со образованието на штитениците во Воспитно-поправниот дом е клучен за понатамошниот развој на секое од овие деца, особено поради тоа што најголемиот дел од нив потекнуваат од дисфункционални, необразувани, нецелосно образувани семејства.

Ако и во установата каде што ќе поминат една, две, три или пет години, не се успее преку процесот на образование да им се помогне кога ќе излезат да можат да се вработат, според Бајрамовска Мустафа, големи се можностите и шансите повторно некое од нив да биде вратено или во воспитно-поправниот дом или во малолетничкиот затвор или во некој од казнено-поправните установи, а на што впрочем, како што вели, наидувале во нивните посети.

Образованието е основа за ресоцијализација и за реинтеграција на децата кои дошле во судир со законот. Образовниот процес беше предизвик во ваквите институции со години и тоа беше нотирано во сите извештаи на надлежните институции. МОН уште од почетокот на минатата година најавува трајно решение на проблемот преку измени во клучните закони, но засега тоа се најави, за кои постои надеж дека можеби ќе добијат остварување оваа година.

 
Новинари: Ана Цветковска, Борис Куноски
Фото: МИА архива

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Употреба на новинарство, засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформации во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти), што го финансира Британската амбасада во Скопје