
- Преспанскиот договор и Дејтонскиот договор кои лидерот на САД Доналд Трамп своевремено ги изедначи според тежината и значењето, сѐ уште се предмет на различни интерпретации.
- Во политичките кулоари често може да се сретне констатацијата дека бугарското вето на европскиот пат на Македонија е ехо од грчкото вето, односно дека Преспанскиот договор зачнал амбиции и кај Бугарија.
- Дејтонскиот договор и по цели три декади некои сѐ уште го сметаат за „отворен“ за нови комбинаторики кои произлегуваат од различните интерпретации за неговата политичка цврстина.
- Големината на овие два договори кои ја сменија политичката траекторија на двете сиромашни балкански земји, продолжува да мобилизира домашни, но и други меѓународни реакции.
Поминаа седум години откако американскиот претседател Доналд Трамп во својот прв мандат, честитајќи му на тогашниот македонски премиер Зоран Заев го нарече Преспанскиот договор „најголемото историско достигнување за Балканот од потпишувањето на Дејтонскиот договор“. Таа не толку далечна 2019 година беше година за која се веруваше дека ќе биде пресвртна за меѓународната позиција на Македонија, но подоцнежните настани го демантираа тоа, а Преспанскиот договор и Дејтонскиот договор, кои лидерот на САД ги изедначи според тежината и значењето, сѐ уште се предмет на различни интерпретации. Тие главно се вртат околу тоа дали двата договора и служат на својата цел за мир, благосостојба и градење на иднина за двете држави на кои се однесуваат – Македонија и на Босна и Херцеговина.
Иако потпишан пред нешто повеќе од 30 години, Дејтонскиот мировен договор сè уште претставува фундаментален документ за опстанокот на денешна Босна и Херцеговина. Тој беше парафиран на 21 ноември 1995 година во американскиот град Дејтон, а потпишан на 14 декември истата година во Париз, со што заврши агресијата, односно три и пол–годишната војна во Босна и Херцеговина. Се состои од 11 анекси, од кои Анекс 4 е најважен бидејќи го претставува Уставот на Босна и Херцеговина.
Три децении по потпишувањето на Дејтонскиот договор, Босна и Херцеговина, како што е наведено во овој документ, сè уште е држава со два ентитета (Република Српска и Федерација на Босна и Херцеговина) и округ Брчко. Тоа е држава која сè уште има 10 кантони во еден ентитет (ФБиХ), додека другиот ентитет (РС) е унитарен. Токму како што е дефинирано со Дејтон, тоа е состојба во која политичарите во институциите на извршната и законодавната власт, под маската на витален национален интерес, можат да продолжат да блокираат многу процеси. Затоа, на пример, во процесот на европска интеграција, Босна и Херцеговина е „најлошиот ученик“ во регионот. Едноставно има премногу блокади. Премногу механизми што можат да ја блокираат работата на државата. Затоа, БиХ не можеше да се ослободи од таканаречената „лудачка кошула“ (наречена Дејтон), дури ни до 2026 година.
Оттука не е случајно што професорот Асим Мујкиќ од Факултетот за политички науки од Сараево вели дека сегашното раководство на Република Српска, Белград и оската кон Москва има амбиции, преку заострување на односите, да го нагласи своето присуство и дел од својата важност во некое идно геополитичко преуредување на овие области.
„Секако, покрај фактот дека ова може и предизвикува фрустрација, затоа што нашиот евроатлантски пат се забавува, мислам дека на долг рок ваквите акции нема да вродат со плод, затоа што едноставно целиот регион, вклучително и Србија, неповратно се движи во насока на евроатлантска интеграција. Но, како што велат, мора да издржиме и да се бориме за да се случи тоа“, коментира тој.
Овие состојби недвојбено посочуваат дека Дејтонскиот договор и по цели три декади некои сѐ уште го сметаат за „отворен“ за нови комбинаторики кои бездруго произлегуваат од различните интерпретации за неговата цврстина и каузата на која тој и служи. Впрочем, слично како и со Преспанскиот договор кој ја подели Македонија на половина според тоа кој како гледа на него: дали е добитнички или е губитнички за државата и за нејзината перспектива.
Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција
И Охридскиот и Преспанскиот договор се длабоко етаблирани во државното уредување на Македонија, но иако едниот донесен пред 24 години, а другиот пред седум, тие сѐ уште предизвикуваат жестоки дискусии дома поради нивната специфичност и отстапките што беа направени.
Долгогодишниот новинар и надворешно-политички аналитичар Љупчо Поповски, на таквите осцилации гледа како потврда дека има злонамерни интерпретации од оние што не го поддржуваа Преспанскиот договор уште од почетокот. Иако, подвлекува тој, дека тие сега се помалку.
„При промената на власта тие беа драматични. Пристапниот говор на Претседателката во Собранието, поднесувањето заклетва, потоа изјавите на премиерот и другите министри, но сега сето тоа се сведе на изјави во парламентот – Република Македонија, речиси сите, дури и опозицијата која го потпиша Договорот сега не вика Република Македонија, вика само Македонија“, анализира Поповски.
Преспанскиот договор, кој беше потпишан на 17 јуни 2018 година во Нивици, Република Грција, донесе ново име за Македонија која дотогаш дома имаше воспоставено уставно име Република Македонија, а во Обединетите нации и во меѓународни рамки беше позната како Поранешна Југословенска Република Македонија. Со менувањето на името беше означен и крајот на тридецениската ера на непријателство со соседот Грција кој се противеше на државното име Македонија, бидејќи беше идентично со името на северната грчка област. Со овој Договор се испиша и влезницата на Северна Македонија за НАТО. Уште при неговото склучување, Преспанскиот договор наиде на различни интерпретации. Додека за повеќето европски лидери, а и за Белата куќа тој беше историски договор и лекција по демократско решавање на конфликти, на внатрешен план излегоа анализи кои не говореа во прилог на неговата конструктивност. На шестгодишнината од неговото потпишување, тогашниот евроамбасадор во Македонија Дејвид Гир ќе забележи:
„Преспанскиот договор за којшто се води толку жешка дебата во овој момент има донесено енормни придобивки за вашата земја. Трговијата меѓу Северна Македонија и Грција се има двојно зголемено по потпишување на Преспанскиот договор, развиена е културната соработка, а комуникацијата помеѓу народите на двете земји се има зајакнато исто како и соработката помеѓу двете земји и соработката на воено поле помеѓу војските на двете земји“.
Но, од друга страна во научниот труд на универзитетската професорка Билјана Ванковска заклучокот беше дека Преспанскиот договор не го решава спорот за името Македонија туку дополнително ја усложнува идентитетската дилема.
Преспанскиот договор, во чија основа е промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија, се состои од 14 страници со преамбула и три дела со 20 одредби или членови. Во еден од финалните заклучоци се вели дека тој не е насочен против ниту една друга држава, ентитет или личност.

Во обид да ги запрат различните интерпретации на Преспанскиот договор и тоа што следуваше по него, неговите креатори екс премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, во заедничка колумна за Еуроактив, порачаа дека тој запрел една долга криза. „Речиси три децении по падот на Берлинскиот ѕид и по насилничкиот распад на Југославија нивните две држави беа поделени поради ‘оспорувањето на името’. Тоа ги попречуваше односите меѓу нашите народи и ја слабееше регионалната стабилност и европската иднина на Западен Балкан“, истакнаа тие.
Но, се чини дека нивните пораки не ги намалија апетитите за политичко подјадување на овој Договор, инаку официјално наречен и „Конечна спогодба за решавање на разликите околу името….“. Ако се следи траекторијата и на неговиот „постар брат“, Дејтонскиот договор, јасно е дека колку е поголема дипломатската победа толку се поголеми и контроверзиите.
Страв и сомнеж во Дејтонскиот договор
Во изминатите неколку години, нападите врз Дејтонскиот договор се случуваа речиси редовно. Владата на Република Српска, предводена од Милорад Додик, значително го интензивираше донесувањето на разни одлуки во обид да ја развласти државата БиХ и нејзините институции. Кулминацијата се случи минатата година откако Додик беше осуден на една година затвор од страна на Судот на БиХ за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, неформален шеф назначен од меѓународната заедница. Високиот претставник во Босна и Херцеговина е меѓународен претставник одговорен за надгледување на цивилните аспекти на Дејтонскиот договор. Тој има овластување да донесува закони, но исто така, на пример, да разрешува службеници кои го прекршуваат Договорот. Значи, тој е еден вид гувернер на Босна и Херцеговина и е над сите. Но, тој зависи од поддршката на клучните играчи во меѓународната заедница.

Според нашиот соговорник од БиХ, професорот Асим Мујкиќ, политичката институција на Високиот претставник ќе трае сè додека не се постигне фундаментален консензус во врска со структурата и иднината на оваа земја и не запрат калкулациите за нејзино преуредување.
„Високиот претставник го заменува, во моментов, непостоењето на тој консензус. И постои затоа што сè уште во некои радикални или радикални етнонационалистички кругови, геополитичките превирања се толкуваат или сакаат да се толкуваат како зелено светло за завршување на еден од нивните воени проекти, што мислам дека е погрешна калкулација“, изјави тој.
Осврнувајќи се на растечките воени конфликти Мујкиќ додава дека меѓународната компонента на Дејтонскиот мировен договор, сега во светлината на овие нови околности што се менуваат од ден на ден, предизвикува страв и сомнеж, со оглед на тоа што меѓународниот правен поредок од кој што е дел и Дејтонскиот мировен договор се доведува во прашање со едностраните дејствија на големите сили како САД и Русија.
„Ми се чини дека секако им дава надеж или причина на оние сили во нашата земја, нашата околина и пошироко, кои гледаат можност да го променат овој документ, кој е во согласност со меѓународното право, да го променат во согласност со некои нови движења кои, за жал, повеќе или помалку всушност го имаат својот извор во сила, а не во меѓународното право“, предупреди Мујкиќ.
Во Македонија, доколку ескалира војната на Блискиот Исток, Преспанскиот договор може да почне да се цени повеќе, бидејќи тој овозможи земјата да влезе под безбедносниот чадор на НАТО-Алијансата. Затоа, впрочем, беше и склучен, бидејќи Грција не се согласуваше Македонија да влезе со тоа име во оваа моќна безбедносна меѓународна организации која ги прима новите членки со консензус од сите држави членки. Но, независно од безбедносните гаранции што Македонија денес ги ужива како НАТО членка, дел од домашната јавност смета дека тој беше избрзан, и дека не ја постигна комплетната цел – членство во НАТО и во ЕУ.
Новинарот Љупчо Поповски смета дека не е точна интерпретацијата дека Договорот беше залуден затоа што не ја внесе државата и во ЕУ. Прашањето за приемот во ЕУ, вели тој, е сосема друго.
„Тука се 27 земји, сите со право на глас и на вето и тука не е Америка. Таа може да притиска, но начинот на функционирање на НАТО и на ЕУ е сосема друг. НАТО е политичка и безбедносна организација, ЕУ е организација која што го раководи цел континент, животите, правилата, влегувањето, увози, заеднички здравствени услуги, земјоделство. И мислам дека функционирањето на ЕУ без право на вето е речиси невозможно или пак ќе биде исклучително тешко, затоа што тогаш големите земји секогаш би надвладувале над малите. И ние ако станеме еден ден членка на ЕУ и нам ќе ни биде потребно да го имаме правото на вето за одредени политики“, наведува Поповски.
Грчкото вето „роди“ бугарско вето?
Проблемот на патот кон ЕУ за Македонија настана откако соседна Бугарија ѝ постави услови кои беа преточени во преговарачка рамка зад која застана целата Унија. Во политичките кулоари често може да се сретне констатацијата дека бугарското вето на европскиот пат на Македонија е ехо од грчкото вето, односно дека Преспанскиот договор зачнал амбиции и кај Бугарија. Во основата на таа констатација е логиката дека успехот што го постигнала Грција, притискајќи ја Македонија да го смени своето име, е стратегија која успеа, и затоа сега и Софија ја применува. Овој „соседски заговор“ против Македонија е инспириран од можноста државите членки да можат да блокираат кандидати сѐ додека нивните билатерални барања не бидат задоволени.
„После Преспанскиот договор Бугарите размислуваа ‘останавме со покуси ракави’. Ветото на Бугарија е мотивирано од нивните размисли дека Договорот што се случи 2017 меѓу Зоран Заев и Бојко Борисов е на штета на Бугарија, а додека Грците успеале да обезбедат нешто многу повеќе во однос на Македонија. Според мене таа теза не е точна иако политички им е исплатлива. Додека во Преспанскиот договор има јасна дистинкција кои се Грци, кои се Македонци со грчко потекло што потекнуваат од регионот Македонија или Северна Грција, кои се Македонци од словенско потекло, Бугарите не успеаја да ја остварат својата главна цел – дека наметнат дека сите потекнуваме од некаков бугарски пра- корен“, анализира Поповски.
Тој додава и дека е точно дека ние се чувствуваме измамени затоа што по Преспанскиот договор не се отвори патот на Македонија кон ЕУ, но вели, постигнавме 50 отсто од потребите што ни беа за склучувањето на Преспанскиот договор: членството во НАТО кое се оствари брзо, а ЕУ оди бавно. „Може и ЕУ да оди побрзо само ако направиме ние еден чекор“, посочи нашиот соговорник.
Ако може да послужи како заклучок за (не)точноста на интерпретација дека Преспанскиот договор го „родил“ и бугарското вето, професорот на Универзитетот во Грац, Австрија, Флориан Бибер во една прилика изјави дека ветото на Софија е повеќе безобразно и од грчкото затоа што става вето на Македонија, откако ја поддржуваше со години, не се спротивставуваше на претходните политики и потпиша договор за пријателство.

Големината на овие два договори кои ја сменија политичката траекторија на двете сиромашни балкански земји, продолжува да мобилизира домашни, но и други меѓународни реакции. Авантуризмот на Додик во 2025 година предизвика осуда од Европскиот парламент, од Конгресот на САД како и од Велика Британија. Проценето е дека ова се чекори кон сецесионизам.
Како што беше минатата година, Додик е сè уште „осоколен“ и денес, во 2026 година, со промената на американската администрација предводена од американскиот претседател Доналд Трамп. За него, во овој момент, „Дејтон пропадна“. Тој го најавува патот на самоопределување за Република Српска.
Други политички фактори, од друга страна, сè уште го гледаат Дејтон како спас, но и како зрел за ремонт. Членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, порачува дека лидерите на Република Српска мора да одговараат за нападот врз Дејтонскиот мировен договор. Претседателот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, смета дека Дејтон бил привремена рамка што мора да се подобри.
Зад сите тие интерпретации стојат и странски интереси, а кога се тие во игра, Москва и Кремљ го држат приматот на заинтересираност делот од Бих, Република Српска, да отиде во прегратка на Србија. Личното пријателство меѓу Додик и Путин е добро познат факт, како и честите средби меѓу нив. Адутот на Западот, пак, високиот претставник Германецот Кристијан Шмит, од друга страна ја прави противтежата, а според нашиот сараевски соговорник, и прилично успешно.
„Тој интервенираше и повеќе или помалку си ја вршеше работата во текот на изминатите неколку години. Според тоа, би го ценел и би дал позитивна оценка за неговиот придонес. Бидејќи на крајот на денот, да се потсетиме дека во нашите политички дискусии често се поставуваше прашањето: Зошто Високиот претставник молчи, или зошто спие. Е па ете добивме некој што не спие“, вели универзитетскиот професор Асим Мујкиќ.
Што се однесува до Преспанскиот договор, интересот за него по сензацијата што ја предизвика неговото склучување, се врати во рамките на регионот и на непосредното соседство на Македонија.
„Соседите немаат ништо против Договорот што го потпишаа Македонија и Грција, во кој Грција се согласува да биде активен дел од тој Договор. Сите соседи сакаат да имаат добри односи со Грција. И со Македонија сакаат, но поважни им се односите со Грција. Можеби Русија има некој спротивен интерес, Кина исто така нема, бидејќи има големи економски интереси во Грција“, истакнува македонскиот новинар и аналитичар Поповски.
Дома, пак, како што додава, „оние што беа гласноговорници, водачи на ‘херојскиот отпор’ против Преспанскиот договор, сега имаат главна корист од него“.
„Се сеќаваме во парламентот кога Мицкоски за ратификацијата за НАТО стана со рацете в џеб. Тој беше поканет таму како лидер на опозицијата. Сега тој, како и сите други главни фактори во ВМРО-ДПМНЕ, не го вади од уста членството во НАТО. А без Преспанскиот договор немаше да има членство во НАТО“, потенцира Поповски.
Една од „болките“ за Македонците бездруго е што во некои странски држави полека се одомаќини терминот „Северно-македонски“ и „Северно-Македонци“, што е спротивно на одредбите од Преспанскиот договор. Правилниот назив е „….на Северна Македонија“.
„Мислам дека тоа е повеќе во контекст на јазичните норми на одредени држави, отколку злонамерна интерпретација. Претпоставувам дека во некои јазици како во германскиот и францускиот тоа „North-Macedonian“ или во автоматски превод Северно-македонски, не е за да навредат туку да кажат одредена придавка“, вели Поповски.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска, Амил Дуциќ (БиХ)
Фото: Томислав Георгиев
Сниматели: Наке Батев, Дамир Беговиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории:
Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција

