Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција

od ramkoven do prespanski kako nadvoresnoto vlijanie ja menuva percepcijata naslovna

  • И Охридскиот и Преспанскиот договор се длабоко етаблирани во државното уредување на Македонија, но иако едниот донесен пред 24 години, а другиот пред седум, тие сѐ уште предизвикуваат жестоки дискусии дома поради нивната специфичност и отстапките што беа направени.
  • Неисполнувањето на ветеното за напредокот кон ЕУ само го зголеми чувството на разочараност од странските фактори, а ја продлабочи и внатрешната поделба меѓу левиот и десниот политички блок.
  • И по седум години од Преспанскиот договор новото име е етаблирано, но не и прифатено од сите.
  • Ако се погледнат случувањата по распадот на Југославија каде што Македонија претходно припаѓаше, некои од чекорите кои уследија потоа може да се оценат и како промени за државата да преживее затоа што емоциите не можат да ги запрат геостратешките пулсирања.

„Ние имаме што да му подариме и на западниот свет. Тоа е нашиот начин – како најдовме решение на горливи прашања, почнувајќи од Охридскиот договор и поттикот од тој договор за постигнување на другите два договори, оној со Бугарија и секако Договорот од Преспа. Дијалогот, дипломатијата, меѓусебното разбирање, солидарноста и тоа како можеме да ги споделиме и да им ги поклониме на многу поразвиени земји коишто за жал ги имаат предизвиците кои еве Северна Македонија ги имала многу поназад“, рече поранешниот премиер Заев на 20-годишнината од Охридскиот договор.

Оваа изјава е добар вовед за темата за која не се говори во нашето општество, но многу често се шепоти, а тоа е дека странските актери често ги експлоатираат чувствителните прашања поврзани со националниот идентитет и меѓуетничките односи, особено во контекст на договорите како Преспанскиот и Охридскиот. Македонија како мултиетничко општество е сама по себе интересна за странците не поради разноликоста на народите кои живеат во неа, туку поради нивната рамноправност во поглед на официјалната употреба на јазикот, што е своевидна уникатност на државно уредување.

Етничката фрагментираност, од друга страна, носи и повремена ескалација во односите. Така и се случи, Охридскиот рамковен договор кој и по 24 години односно речиси четвртина век од неговото воспоставување, сѐ уште предизвикува најразлични реакции на домашен план – кај Албанците наидува на поддршка, а кај Македонците предизвикува несигурност во поглед на идниот статус на државата.

Охридскиот рамковен договор

Охридскиот договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

od ramkoven do prespanski kako nadvoresnoto vlijanie ja menuva percepcijata ramkoven

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта. Охридскиот договор, кој беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот.

Јас мислам дека странските политичари и меѓународниот фактор се заинтересирани за стабилноста на Македонија и на регионот. И затоа тие на Рамковниот договор гледаат како на документ кој го реши спорот меѓу Албанците и Македонците“, вели Флориан Несими, политички аналитичар од Тетово кој ги сподели со нас своите размислувања за оваа сѐ уште деликатна тема.

Меѓународниот фактор смета дека сите меѓуетнички прашања и теми се решени со Охридскиот рамковен договор, и тие ако и после 24 години уште го спомнуваат, тоа значи дека сакаат да испратат пораки до домашните политичари и до Македонците и до Албанците дека треба тие принципи доследно да се почитуваат, особено од македонска страна, а до албанските политичари тие праќаат порака дека сите права на Албанците веќе се опфатени во Охридскиот рамковен договор и тие не треба да користат националистичка реторика“, додава Несими.

Иако за разлика од Рамковниот договор, вториот позначаен во македонската историја – Преспанскиот договор третира сосема други прашања, и тој се чини длабоко ги повреди националните чувства на Македонците кои и до денес гледаат со недоверба кон меѓународната заедница. Неисполнувањето на ветеното за напредокот кон ЕУ само го зголеми чувството на резерва кон странските фактори, а ја продлабочи и внатрешната поделба меѓу левиот и десниот политички блок.

Антагонизам кон договорите

Емотивната засегнатост и овде не изостанува иако, како што вели поранешната независна пратеничка Никица Корубин, Преспанскиот договор, не е и никогаш не бил само билатерален договор помеѓу две соседни држави, туку став на ОН (светот) и Советот за безбедност кон младата држава, денес Република Северна Македонија.

Историскиот сегмент содржан во членот 7, е всушност своевидно политичко ‘легитимирање’ на научни и историски наративи и факти, за ‘разбирањето на термините Македонија и македонски’ и во Северна Македонија, но за првпат и во Грција. На сличен начин, во помал и генерален обем и поврзан со ЕУ, треба да биде третиран и Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија“, вели Корубин.

Оттука таа истакнува дека антагонизмот кон спроведувањето и прифаќањето на Охридскиот рамковен договор, „кој паралелно се спроведуваше со манипулацијата и извртувањето на Времената спогодба и нејзино сведување на промена на името, а не на политичко дефинирање и позиционирање на современа, европска и хумана држава кон соседите со кои го споделува историскиот и географскиот регион Македонија“, освен што брутално ја доведе во заблуда како што вели, целата македонска јавност за природата и политичката тежина и неопходност на овие договори – преку константни манипулации со идентитетски прашања, го создаде додава Корубин, и просторот за сатанизирање и на последната фаза од целосното дефинирање на современоста и независноста на државата, а тоа е Договорот со Бугарија и нашето конечно членство во ЕУ.

Јавноста, инаку се сеќава, на инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кога при положувањето заклетва одбегна да го каже уставното име Република Северна Македонија. Тоа ја подели јавноста а од странство стигнаа реакции со осуда на нејзиниот настап и пораки дека како претседателка е должна да ги употребува новото име. Дома, претседателката за некои беше херој, а за некои неодговорна вршителка на највисоката функција. Но, заеднички именител на домашните реакции беа емоциите кои покажаа дека и по седум години од Преспанскиот договор новото име е етаблирано, но не и прифатено од сите.

Преспанскиот договор

На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа. Со него беше надминат деценискиот спор, поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија стана 30-та членка на Северноатлантскиот воен сојуз – НАТО и се надеваше на напредок на патот кон ЕУ, но истиот не се случи.

od ramkoven do prespanski kako nadvoresnoto vlijanie ja menuva percepcijata prespa

Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас,  посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Договорот на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила. Согласно договореното, Република Македонија се преименува во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Што се однесува до Рамковниот договор, еден од учесниците во неговото создавање Љубомир Фрчкоски навраќајќи се на деновите на преговори во една прилика ќе изјави дека „интензитетот на странското вмешување е поради важноста за мирот што Македонија го претставува за регионот во очите на странците“. Тој притоа рече и дека договорот е успешен, но „неразбран“.

Странските гарантори го зедоа на себе товарот на ‘рационализирање или артикулација’ на буновничките барања кои одеа од отворен расизам во почетокот на судирите во насока на агенда за човекови права“, ќе оцени тој.

Рамковниот договор и по 24 години од неговото донесување сѐ уште „дига прашина“ ако така може да се каже, на меѓународната сцена. Флориан Биебер, директор на Центарот за југоисточни и европски студии и универзитетски професор од Грац го нарекува Охридскиот рамковен договор „успешен пример за спречување на конфликтот“. Џејмс Пердју, кој беше американски посредник при неговото склучување, на 10-годишнината ќе порача дека договорот уследил по неуспехот на дипломатските посети за време на конфликтот.

Не помогнаа дипломатските посети на високо ниво. Шефот на надворешната политика на ЕУ Хавиер Солана и генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон доаѓаа и заминуваа со напори да ја смират состојбата, но насилството продолжи да се шири. Јас не знам подобар пример за соработка меѓу САД и ЕУ за сериозни безбедносни и дипломатски прашања“, рече тој.

Ни денес не спласнува интересот поради што кај македонската јавност тлее незадоволство дека странските фактори им ги дразнат националните чувства. Нашиот соговорник Флориан Несими, од друга страна вели дека инсистирањето да се почитува Рамковниот договор е нешто друго, а мешање во внатрешни работи е нешто сосема друго.

Меѓународниот фактор не се меша во внатрешните работи туку праќа пораки кои насоки треба да ги следиме. Мислам дека двата договори, и Охридскиот и Преспанскиот, беа договори со кои се решаваше спор: Во Охридскиот внатрешен меѓуетнички спор, додека со Преспанскиот еден надворешен, меѓудржавен. Во едниот случај се работеше за соживотот, а во другиот случај за добрососедството. И затоа мислам дека Македонија и во двата случаја покажа голема политичка зрелост и го помина тестот на донесување тешки одлуки, за што некои други балкански земји и балкански народи уште не се подготвени за такви работи“, вели Несими.

Тој потсети за големата важност на двата договори која ја истакнале странците, како на пример Ангела Меркел која велеше дека Преспанскиот договор е историски договор, Трамп рече дека е инспиративен договор, а Макрон го нарече договорот „добар пример за многу други држави во Европа па и во светот“.

Ако се погледнат случувањата по распадот на Југославија каде што Македонија претходно припаѓаше, некои од чекорите кои уследија потоа може да се оценат и како промени за државата да преживее, затоа што емоциите не можат да ги запрат геостратешките пулсирања.

Тоа што истовремено (Преспанскиот договор) е креиран како „стратешко партнерство“ е всушност дефинитивното осамостојување на државата од ексклузивното наследство од поранешната СФРЈ и нејзино независно поставување во регионот, која инклинира кон „природните партнерства“ – Грција, Бугарија, Албанија, но и пошироката зона на Источниот Медитеран, со кои секако се споделува историскиот и географскиот регион Македонија, но сега точно политички дефиниран и определен, без монополизација на истиот“, оценува Никица Корубин.

Перцепцијата за Балканот

Како што вели Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции и дипломат, „перцепцијата за Балканот во ЕУ отсекогаш била дека постојат сложени меѓуетнички односи и стабилизацијата на регионот во голема мера зависеше и сѐ уште зависи од одржувањето на тие сложени меѓуетнички односи како внатре во поединечните држави така и меѓу соседните држави“. Во мини-интервјуто што го објавуваме во рамките на оваа анализа, тој нагласува дека постои чувство кај македонскиот народ дека двата договори се склучени на штета на неговите национални интереси.

Во 2001 тоа значеше штета на домашен план односно овозможување на поголеми права на заедниците, што не се карактеристични за држави членки на ЕУ или пак во држави во соседството, и сето тоа на штета на Македонците. Во однос на Преспанскиот договор тоа беше чувство на губење на идентитетот и загрозување на националните интереси, како на внатрешен, така и на надворешен план. Последиците од ваквите договори се една ситуација кога Македонците се чувствуваат обесправени“, подвлече тој.

И Охридскиот и Преспанскиот договор се длабоко етаблирани во државното уредување на Македонија, но иако едниот донесен пред 24 години, а другиот пред седум години, тие сѐ уште предизвикуваат жестоки дискусии дома, поради нивната специфичност и отстапките што беа направени.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Сниматели: Наке Батев и Иван Поповиќ

Монтажа: Ристо Душковски

Фотографии: Томислав Георгиев

Категорија На ачик

Поврзани стории

Дали порталите од странство повторно ќе оживеат во предизборието?

Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста

Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?

Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот

На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете

Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации

Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани

 Тагови

#Дезинформации #СММИ #Охридски договор #Преспански договор

Тагови: