Одговара Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Иако ова е работа на Агенцијата за заштита на личните податоци, сепак размислуваме за еден онлајн и бесплатен курс за обука на сите граѓани којшто би требало да биде достапен на платформата uslugi.gov.mk и преку којшто на еден лесен и интуитивен начин сите граѓани ќе имаат можност да се запознаат со потенцијалите за напад и начинот на којшто би можеле да се заштитат и во сопствениот дом и на сопствената интернет-мрежа.
Ќе работиме на подготовка на вакви информативни видеа, но сакаме тоа да биде и еден интерактивен курс којшто граѓаните би можеле на лесен начин да го поминат и потоа да му се вратат доколку сметаат дека нешто заборавиле или би сакале да се надополни. На овој начин сметаме дека ќе имаме на едно место пристап на платформа, на којашто граѓаните ќе можат да се едуцираат за најновите состојби во сајбер светот. Не треба да се очекува дека сајбер нападите ќе запрат, напротив. Треба да се очекува дека такви ќе има постојано и сѐ позасилено, но пристапот треба да биде дека граѓаните треба да ги препознаваат и да знаат на кој начин би можеле да се заштитат.