Одговара Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Квалитетот на храната е исто така приоритет со правата на потрошувачот, но пред сè ќе кажам, треба да се консумира храна што ќе биде обезбедена. Контролата на храната, најпрвин, започнува од нивата, пред сите треба да се знае дека таму мора да биде присутна безбедноста на самата вода. Сите хемикалии, средства кои што се за заштита на растенијата, се во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно Државниот инспекторат за земјоделие.
Затоа имаме една поговорка што вели безбедност и контролата на храната од нива до трапеза. Кога ќе замине самата храна од нивата, ако готов производ, веќе надлежноста е во Агенцијата за храна и ветеринарство. Агенцијата за храна и ветеринарство, како надлежен орган, надлежна е и за транспортот, складирањето, означувањето на храната, како и продажбата и трговијата на самата храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така и во сточарскиот дел е надлежна во однос на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Што се однесува до увозната храна, задолжително кога храната ќе стигне на граничните премини, задолжително се бара потребната документација. После тоа, инспекторите, без разлика дали станува збор за инспектори, државни инспектори за храна или ветеринарни инспектори, пристапуваат кон втората фаза, тој е физичкиот преглед.
Согласно мониторинг програмите за увозна храна, но и од опасност од ризик и по проценка на самите инспектори, се зима таа пратка односно мостра и се доставува на лабораториско испитување до соодветна акредитирана лабораторија. Во моментот таа пратка е под инспекциски надзор се до добивање на задоволителен резултат од самата лабораторија. Доколку резултатот од лабораторијата не е во ред, тогаш, операторот ја враќа пратката во земјата извозник или нештетно ја уништува. Дополнително, секоја пратка која што се увезува со храна од животинско потекло, исто така кога ќе влезе во промет подлежи на вонредни инспекциски контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.