fbpx

Сè што треба да знаете за надоместот за пренос и дистрибуција на струја

Дали надоместот за пренос и дистрибуција на струја е нова ставка во сметките?

Со одлуката за цената на електрична енергија на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), која влезе во сила на 01.07.2022 година, се издвои ставката за надомест за пренос и дистрибуција за потрошена електрична енергија и за корисниците домаќинства, кои се снабдуваат со електрична енергија на регулиран пазар.

Оваа ставка и досега беше дел од структурата на сметката за електрична енергија, интегрирана во тарифите за енергија, а сега се издвојува посебно. Со тоа крајната сума на сметката за потрошена елeктрична енергија е иста без оглед дали преносoт и дистрибуцијата се одвоени со посебна ставка или не.

Зошто се изводи надоместокот за пренос и дистрибуција како посебна ставка?

Со оваа одлука на РКЕ, корисниците имаат транспарентен увид во целосната структура на сметките за електрична енергија. Овие измени се во согласност со европските регулативи за либерализиран пазар на електрична енергија кои поради целосна транспарентност препорачуваат одвоени ставки за сите тарифи во фактурите за потрошена електрична енергија.

Останатите корисници во државата, кои се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар и претходно имаа одвоени ставки во своите фактури за електрична енергија. Со оваа измена им се дава можност и на корисниците во случај на промени на снабдувач, да имаат преглед колку е мрежарина за одржување на системот на МЕПСО и Електродистрибуција, а колку е енергија, која е променлива сума во зависност од тековната цена на пазарот.

Како се пресметува надоместокот за пренос и дистрибуција струја?

Надоместокот за користење на преносниот и дистрибутивниот систем се добива како производ од потрошената енергија и тарифата за пренос и дистрибуција согласно Одлуката на РКЕ.

Секоја тарифа во врска со електричната енергија се одредува од страна на РКЕ. ЕВН Хоме не одредува цена за ниту една ставка во фактурите за електрична енергија.

Цената за надомест за пренос и дистрибуција на електрична енергија, која е одредена од Регулаторна комисија за енергетика, изнесува 3,3742 денари, а влезе во сила на 01.07.2022 и од истиот датум и се применува. Таа цена се множи со потрошените kWh на корисникот (исто така почнувајќи од 01.07.2022), а тоа е транспарентно и детално прикажано на задната страна на секоја фактура.

Одговараат од ЕВН Македонија.


Повеќе информации за новиот тарифен систем и фактурите: