Депониите го трујат Скопје, ќе се чистат со нов закон

Депониите го трујат Скопје, ќе се чистат со нов закон

kopce1

Во Карпош и Аеродром, исто како и во другите скопски општини, со години има пространи диви депонии, затрупани со шут и ѓубре на кои анонимни луѓе горат најразличен нелегален и опасен отпад и кои придонесуваат за загадување на воздухот во Скопје. Исто така, мини депонии на кои се расфрлани материјали од непознато потекло се и круговите на индустриските зони, без разлика дали се активни или напуштени, како на пример кај поранешна „Стакларница“ во Кисела Вода. Ѓубрето се фрла и покрај скопските реки, под мостовите, насекаде.

deponii go trujat skopje 1

Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, главни загадувачи на воздухот се затоплувањето, автомобилите и индустријата во метрополата. Во насока на почист воздух, тој најави и голема акција за чистење на депониите и правот од улиците, како една од мерките за намалување на ПМ10 честичките, но депониите се уште постојат и на нив секој исфрла и гори што ќе стаса.

Депонијата во Карпош 4 се наоѓа во околина на мостот „Газела“, во горниот дел од кејот на Вардар. Станува збор за државно земјиште. Во радиус од 500 метри, може да се забележат планини шут, дупки со отпадни градежни материјали, секаков вид ѓубре, но и изгорени места каде луѓе палеле кабли, гуми, пластика, делови од телевизори или бела техника. Ова место често е пријавувано и од граѓаните како црна екоточка, каде непознати луѓе навечер палат хемиски материјали и се шири смрдеа.

deponii go trujat skopje 2

Надлежните од општината Карпош изјавија досега неколкупати ја чистеле депонијата и поставувале заштитни столпчиња на мостот за да се оневозможи пристап, но просторот повторно се полнел со смет, отпад и шут.

- Се предвидува целосно покривање на оваа површина со земја и разеленување - велат од општинското одделение за односи со јавност и додаваат дека површината ќе ја покријат градските претпријатија со нивната механизација, за што веќе го контактирале Градот Скопје.

Општинарите од Карпош тврдат дека нивните инспектори реагираат на дојавите од граѓаните за разни загадувачи на воздухот. Досега санкционирале изведувачи на градежни објекти кои не ги почитуваат правилата за градба и го узурпираат јавниот простор, но не одговорија на прашањето колку и кои градежни инвеститори се казнети.

- На дел од градилиштата беше евидентирано дека не се поставени заштитни мрежи и  механизација не е редовно чистена при напуштање на градежниот простор, со што дополнително се загадува животната средина. Заради аерозагадувањето, комуналните редари постојано се на терен и изрекуваат опомени и санкции на физичките и правни лица кои загадуваат - потенцираа од локалната самоуправа.

На веб-страницата на Карпош е наведен телефонскиот број 078-257-640 на кој граѓаните можат да пријавуваат палаење на смет, гуми, пластика и друг отпад. Нема издвоена информација за тоа колку контроли се извршени во зимските месеци и колку казни се напишани.

deponii go trujat skopje 3

Во Аеродром, поточно во Ново Лисиче кај станицата на последна 5-ка и 15-ка, е истата приказна - огромна депонија се простира се до кејот на Вардар. Депонијата се наоѓа веднаш до паркот. Има и рампа со цел да се спречи истурањето на ѓубре, но таа е само шминка за некаква забрана - може да ја крене кој сака, не е заклучена.

Локалните власти изјавија дека нивните инспектори се постојано на терен, а во последниот месец регистрирале само еден палеж на оган во овој реон, за што изрекле опомена на луѓето кои го запалиле.

- Општина Аеродром по доаѓањето на новото раководство и во соработка со Град Скопје реализираше голема екоакција во чии рамки се мапираа сите депонии. Голем дел од нив тогаш се расчистија. Општината продолжува самостојно со расчистување на останатите депонии, меѓу кои е и посочената локација.

По расчистувањето, ќе продолжиме со тековното одржување. Исто така правиме планови за трајно уредување на просторот - одговорија од Аеродром. 

Иако станува збор за најзагадена општина, која урива рекорди во високи концентрации на ПМ10 честички, надлежните изјавија дека во изминативе месеци немале ниту една поплака за правно лице кое е потенцијален загадувач, ниту изречена казна.

- Пријавите кои ги добиваме се однесуваат на палење оган на отворено и за индивидуалните домаќинства. Општина Аеродром има постапено по сите пријави со санација на огновите на отворено и издавање опомени на сторителите, како и опомени и едукација на домаќинствата кои користат несоодветни огреви - посочија од Општината.

На почетната веб-страница на оваа урбана општина нема поставен телефонски број на дежурен инспектор на кој може да се пријави загадување.

deponii go trujat skopje 4

Состојбата со дивите депонии и сметилишта, кои се големи загадувачи, е актуелна во секоја општина во  Македонија, а проблемот трае со децении. Градоначалниците досега требаше да го надминат со отворање регионални депонии за преработка на отпад, но досега нема ниту една. Од Министерството за животна средина најавуваат нов закон за управување со отпадот.

- Се утврди дека општините недоволно се ангажираат за решавање на управувањето со отпадот на ефикасен и одржлив начин. Министерството ги разгледува сите можности за подобро управување на отпадот на регионално ниво. Поради различното ниво на соработка на општините, МЖСПП ја разгледува и можноста да го предводи воспоставувањето на регионалниот систем до ниво кога ќе се обезбеди негова функционалност, по што ќе биде дадено на управување на општините. Сепак во овој момент е рано да се каже исходот, - велат од ресорното министерство.

Приказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Соња Христовска Угриновска и Јорданка Ивановска