fbpx

Фантазијата од шарени бои го создаде брендот на чевли „Белмондо“

Фантазијата од шарени бои го создаде брендот на чевли „Белмондо“

kopce1

Светлана Пешовска дизајнерка и сопственичка на компанијата за чевли „Белмондо“

Желбата чевлите да не бидат слични едни на други, прераснала во животна професија на Светлана Пешовска, дизајнерка и сопственичка на компанијата за чевли „Белмонодо“. Во 2004-та година за прв пат своите идеи ги претставила во италијанска компанија. Идејата им се допаднала и таа почнала со работа кај нив. Нејзините иновации станале популарни на пазарот за обувки во Италија и останатите европски земји. Успехот во компанијата и донел нова идеја, да отвори своја фабрика за чевли. Во 2011 година Пешовска ја отвора својата фирма, а пазарот за чевли добива нов бренд „Белмондо“. Почетокот бил тежок, но денес „Белмондо“ е исплатлив бизнис и бренд кој со својата оригиналност и квалитет ги освојува и пазарите во соседството. Компанијата има 40 вработени, а уникатните модели на чевли можат да се најдат во четири продажни салони. Покрај тоа што е, главен дизајнер Пешовска е одговорна и за менаџирањето на компанијата. За неа ова е голема обврска и би било суетно и себично да се рече дека работи се сама. За Пешовска важно е да има соработка и доверба помеѓу вработените.

Fantazijata od sareni boi go sozdade brendot na cevli Belmondo

„На мене како деклариран чевломан е оставено да ги креирам моделите, да одлучам кои модели ќе се работат во одредена сезона, да се одбере кожа, принт и изборот на комбинации. Секако како тимски играч секоја критика или совет од тимот на „Белмондо“ се става на дискусија и заедно одлучуваме“, потенцира насмеано Пешовска.

Посветеноста, професионалноста и општествената одговорност се причина за позитивниот имиџ на компанијата што ја издвојува од конкуренцијата.

„Се зависи како ја разбирате конкуренцијата. Борбата на пазарот е неминовен фактор за секој бизнис. Сметам дека од ривалството не треба да се стравува, бидејќи на пазарот секогаш треба да бидете иновативни и да нудите стратешки производ кој во моментот е баран на пазарот. Имено конкуренцијата може да биде позитивна доколку сте способни да ги истражите компаниите слични на вас и нивните слабости да ги претворите во ваши можности“, раскажува храбро првата жена на оваа компанија.

На прашањето како се справуваат со проблемите и грешките Светлана одговара: „Грешки има без разлика дали се сопствени или од друг фактор“. Но, за неа тоа се причина да се научи и да се оди кон целта „кон успехот“.

Пешовска вели дека во Македонија има многу жени кои се на чело на врвни македонски компании, но сопственички на фирми има малку. Таа верува дека секој кој има добра идеја и план за реализација може да успее без разлика дали е маж или жена.

„Има добри можности со кредити за започнување бизнис, но секако планот, поддршката, препознавањето на квалитетот кај вработените навистина е успех кој мене ми стана реалност“, советува дизајнерката на чевли.

Тешко е да се направи рамнотежа помеѓу работата и приватниот бизнис. „Јас и сопругот работиме заедно, во таква состојба навистина е потребен баланс помеѓу она што се вика дома и бизнис“, потенцира Пешоска. Многу често работата од фабриката доаѓа и дома. Но, тука се нивните две деца со кои се трудат да поминат што е можно повеќе време.

Мотото на Светлана Пешовска е „Тишината е извор на голема сила. Тогаш добивате можност да се преслушате да се фокусирате на сегашноста. Не зборавајте ја моќта на имагинацијата. Проектирајте ги успесите во идни резултати“.