Знаење на продажба: со дипломска од стотина евра до хендикепиран академски граѓанин

Знаење на продажба: со дипломска од стотина евра до хендикепиран академски граѓанин

kopce1

Бизнисот цвета во полуилегалната индустрија на изработка на семинарски, дипломски, магистерски, па и докторски трудови. Треба да си само малку „изверзиран“, па за кусо време да можеш без проблем да го напишеш она што ти е порачано преку објавениот оглас. Резултатот е, од едната страна дополнителна заработка, а од другата хендикепиран човек со високо образование. И на крајот, никој не може или не сака да ѝ застане на патот на ваквата практика. 

 

До „експерт“ што ќе го стави „вашето“ знаење на хартија лесно се доаѓа. Доволно е да се сврти еден број од стотиците огласи што ги има на интернет-страниците за реклами и огласувања, но и на огласите на ливчиња залепени на факултетите. И првиот чекор е направен. Останува уште да се договорите за цената на услугата и за рокот, и го добивате „вашето“ знаење.

Нашиот експерт Борче, како што се претстави, го најдовме на оглас и детално нѐ информираше за зделката, семинарска на тема од економија.

„За семинарска работа ми требаат еден до два дена да ја подготвам и ќе ве чини 400-500 денари, а ако е темата потешка, тогаш цената е 600 денари“, ни рече Борче.

„Тежината“ на темата ја оценува самиот тој, бидејќи има подолго искуство во изработката на трудови. Кога го прашавме - a колку чини изработка на дипломска работа, веќе се посомнева за причината за нашето јавување.

„Ако сте ми конкуренција и вие исто така изработувате или сакате да изработувате семинарски и слично, кажете, па ќе ви ги кажам сите цени. Ама еве ќе ви кажам дека јас дипломска работа пишувам за 6.000-7.000 денари и за тоа ми треба околу половина месец или малку подолго, ако е потешка“, колегијално објаснува Борче.

И ако со Борче можеш да се ценкаш околу цената поради „тежината“ на семинарската или дипломската, Иван е попрактичен. На интернет објавил оглас со детална информација за цените.

Но семинарските и дипломските работи не се единствените трудови што се на продажба. Сега веќе студентите стануваат инстант-магистри со туѓи трудови што на пазарот имаат цена од околу 300 евра. Системот е „вие плаќате, тој/таа пишува, вие станувате магистер“.

За оние што ги пишуваат трудовите тоа не е криминал, туку легитимна работа, како и сите други. Во спротивно, велат дека не би се осмелиле да го работат тоа. Самоуверено ве тешат да не се грижите, бидејќи тоа не е кривично дело, а освен тоа „ќе го научите трудот, а вашето име ќе стои на него“.

„Единствената работа за која треба да се грижите е да научите да ја презентирате и да ја одбраните тезата“, е нивната порака.

Некои од нив, како извесна Ана, чиј оглас беше објавен на интернет, и која е спремна за околу 200-250, „а може и нешто повеќе“ евра да ви напише мастер-тема, ве смирува дека трудот нема да биде плагијат и дека истражувањето ќе биде оригинално. Таа е од неколкуте „експерти“ што ги контактиравме и кои ви ги растеруваат сомнежите со уверувањето дека ако треба, консултираат и професионалци, односно професори.

Се разбира, имињата остануваат тајна.

На што се должи оваа практика, или поточно бизнис? Дали е во прашање мрзливост кај македонските студенти или колапс на високото образование, од кој последиците допрва ќе се почувствуваат? Или, пак, идните дипломци и магистри се изверзирале за нарачки, како полесен начин да се дојде до целта, наместо да се оспособуваат за висока научноистражувачка работа што лежи во основата на магистерскиот труд, на пример?

За универзитетскиот професор Илија Ацески од Филозофскиот факултет, овој проблем е дел од коруптивното однесување во високото образование, но самите студенти не се најголемите виновници. А оваа широко распространета „култура на корупција“ е една од причините за неквалитетно образование.

Проф д-р Илија Ацески„Системот произведува корупција. Клучот лежи во професорите, кои го прифаќаат системот. Студентите се последни во синџирот на виновници, бидејќи тие не го прават системот, иако се дел од него. Но сите добиваат дел од колачот“, ни изјави професорот Ацески.

Тој додава дека системот е така поставен што поединци можат многу добро да заработуваат, па некои професори на пример, како што вели, „не излегле“ од комисиите за евалуација на кандидатите за мастер и докторски теми и тоа го претворија во вносен бизнис, без почитување на елементарните правила.

Затоа и не е изненаден што никој не се обидува да ја спречи практиката на изработка на сите трудови по нарачка.

„Мислам дека факултетите во Македонија едноставно не се заинтересирани за тој проблем. Стандардите се напуштени. Сега на факултетите им се важни парите од пријавите на студентите. Тоа е еден вид бизнис што функционира на база на профит“, вели Ацески.

Негови колеги од УКИМ додаваат дека ова станало нормална појава, во стилот „така треба да биде“. Институционализирано е и сите си молчат. А во суштина е класично штанцање трудови. Теоретски може да се санкционира, но зависи од управите на факултетите, универзитетите, професорите.

Ректорот на Универзитетот ФОН, професорот Нано Ружин, смета дека со општиот пад на вредностите во македонското општество, овој, како што го нарекува, феномен се рефлектира и во науката, домен во кој поранешните генерации се труделе да го покажат сопственото знаење со што подобри трудови, почнувајќи од семинарски па до докторски.

Проф. д-р Нано Ружин„Целиот систем, според него, е поставен на погрешни вредности, нема заштита на авторски права, а за препродавањето трудови што најчесто се сведуваат само на механичко спојување на делови од други трудови, преведени од други јазици, главно од регионот, постои речиси легитимен пазар и никој не презема одговорност, ниту се занимава со тоа.„Но денес работите толку се деградирани што дури почнаа да се јавуваат луѓе што нудат разни услуги од пишување дипломски, специјалистички трудови, магистерски, па и докторати. За жал, законот, па и Министерството за образование и другите институции, вклучувајќи го и МВР ги толерираат овие девијантни појави“, вели Ружин.

Кај кого е одговорноста за ваквата појава?

„Лична одговорност прво има студентот што сака на недоличен начин да дојде до труд што не е негов, потоа на оној што нуди изработка на труд за пари, на професорот, кој мора да навлезе во самата материја и да констатира дека трудот не е на студентот, а потоа и кај универзитетите и Министерството за образование зашто дозволуваат тоа да функционира и да се продава туѓо знаење за сопствена промоција. Тоа во најмала рака е некоректно и од морален и од стручен аспект, а системот го толерира“, одговара професорот Ружин.

Во оваа практика, според дел од универзитетските професори, се оди до толкава вулгаризација, што во група од 20-30 студенти, семинарските на најголемиот број од нив почнуваат со исти реченици.

Но дали навистина не може да се санкционира оваа појава на користење дупки во законот?

Од Министерството за образование и наука не добивме официјален одговор на прашањето, но некои правници од таму само кусо велат дека продавањето и купувањето напишани семинарски, дипломски, магистерски и докторски трудови технички и не е кривично дело.

„На крајот, незаслужената позитивна оценка се доживува како нормален производ на системот во кој културата на корупција длабоко ги поткопа основите на образовниот процес и доведе до состојба што тешко може да биде надмината со ограничени, парцијални и недоволно осмислени политики“, заклучува професорот Ацески.

А додека да се најдат такви политики, може само да се нагаѓа колку од оние 8.458 дипломирани, 2.202 магистри и 246 доктори на науки, кои звањето го добиле во 2015 година, според податоците на Државниот завод за статистика, ги користеле услугите на „огласните експерти“ што нудат квалитет. 

Жана П. Божиновска

Фото: Роберт Атанасовски