Во детските умови се всадува политика, потребна е едукација на целото општество

Во детските умови се всадува политика, потребна е едукација на целото општество

kopce1

„Се радувам што имам ново другарче. Убаво беше да се дружиме со врсници од различни националности“, вака реагираа деца од основни училишта од повеќе градови во Македонија на неодамнешната конференција со која заврши петгодишниот проект за меѓуетничка интеграција во образованието во Македонија.

Стотици ученици, наставници, професори и гости учествуваа на завршниот настан полн со позитивна енергија и насмевки. Деца од различни националности, фатени за рака, уживаа во дружењето, покажувајќи дека можат ако сакаат, со надеж дека сите ќе размислуваат како нив.

Но дали е сѐ така во секојдневието, или реалноста во образовниот систем е посурова?

Проектите за интегрирано образование што ги спроведува главно невладиниот сектор се покажуваат прилично успешни, особено кај децата од предучилишна возраст, но образовниот систем во прво одделение ќе ги раздели, бидејќи законот им овозможува да учат на мајчин јазик. Па така, почнуваат да учат во различни училници, во различни смени, на одделни катови, па и во одделни објекти од исто училиште, кои често се наоѓаат во различни делови од градот. Таков е случајот со основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово, со „Перо Наков“ во Куманово. Заедно се главно кога ќе има активности на некој од проектите за интегрирано образование.

 

Поделеноста на учениците во различни одделенија не е нова работа во Македонија. Во Тетово и Гостивар, на пример, како што велат поранешни ученици, а сега професори во тамошните училишта, отсекогаш (уште во 70-те години на минатиот век) се учело во различни паралелки, македонски, албански, турски. Имало случаи на деца-Албанци што учеле во македонски паралелки, а разликата во однос на сегашната состојба е во соодносот (тогаш повеќебројни биле паралелките на македонски, а сега оние на албански) и во тоа што тогаш сите паралелки биле под еден покрив, во ист објект.

Ненад НовковскиПоранешниот министер за образование професорот Ненад Новковски вели дека „уште од АСНОМ било така“.

„Паралелките биле одделни, но секогаш биле во исти училишта, а најголемата поделеност била ако се во различни смени“, ни изјави професорот Новковски.

Според него, претераното мешање на различни фактори, вклучувајќи и политички, како и неуспешни експерименти, се причините за промена на нешто што си функционирало на одреден начин.

Сафет Незири, државен секретар во Министерството за образование и науки, оценува дека делењето, наместо зближувањето на учениците, е одраз на непрофесионализмот воопшто во образовниот систем во државата, почнувајќи од политиката, па сѐ до колективните барања и нивните посебни интереси, без да ѝ се обрне внимание на општествената потреба од приближување на младите од различна етничка припадност, особено во образовниот систем на Република Македонија.

Сафет Незири„Наместо тоа да биде интеграција, на некој начин дојде до сегрегација, а тоа влијае негативно и на општествените прилики и процеси во државата, каде што нашите деца многу помалку се познаваат меѓу себе. Во минатиот период сме имале и забелешки од нашите пријатели, ОБСЕ, УСАИД и други, кои бараат некако да се прекине тој процес на поделба, дури и во различни објекти.

Подобро би било децата да се дружат, ако не во текот на наставниот час, барем меѓу часовите или на одморот, или да имаат заеднички слободни активности. Тоа би било позитивно за целиот образовен процес во државата“, вели Незири.

Според него, во моментов има такви дружења, главно во рамките на проекти, но тоа не е она вистинското интегрирање, бидејќи би било подобро кога децата од различен етнички состав би учеле под ист покрив. Тоа е придобивката на една младина, една здрава младина, во здраво општество, во една здрава држава.

Што беше главната причина за ваквата поделеност?

„Често пати од дневнополитички потреби доаѓало до влошување на меѓуетничките односи, кое возрасните не можеле да го решат, па проблемот намерно или ненамерно, но повеќе би рекол дека е намерно, го префрлале кај младината, кај децата, кои ниту мислат лошо, ниту прават лошо. Им го сеат тоа во нивните умови, во нивниот мозок, во нивните глави и ги вжештуваат за дневнополитички настани. Во минатото беше така, па тоа се рашири како некоја метастаза кај нашите деца, дека тие не можат да се дружат со своите колеги, соседи од поинаква етничка припадност, да живеат заедно или да учат заедно. И тоа почна како општествена појава да опстојува во Република Македонија, за жал, и кај Македонците и кај Албанците“, објаснува Незири.

Како примери на поделеност наметната од дневната политика ги споменува училиштата „Нико Миновски“ во Кичево, во коешто учениците се поделени, но под ист покрив, потоа „Зеф Љуш Марку“, кое стана моноетничко откако македонските паралелки се префрлија во средното училиште „Здравко Цветковски“, „Перо Наков“ и „Буѓони“ во Куманово... Но Незири додава дека е добро што во последно време овој процес на прегрупирање е прекинат, па сѐ помалку има барања за физичка поделба на училиштата и учениците.

Паралелки според јазикот на настава

Pralelki spored jazikot na nastava
Извор: Државен завод за статистика

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија предупредува дека незнаењето генерално, па и едни за други, создава омраза, а неоспорен е фактот дека некои од децата во училиштата никогаш не биле со врсници од друга националност.

Уранија Пировска„По 2001 година со Охридскиот договор наместо да се зближат, децата од различни националности уште повеќе се разделија. Се гледаше на сѐ само од аспект на правичната застапеност, но не е сѐ во бројките, туку во чувствата“, вели Пировска.

Според неа, потребна е целосна реорганизација на образованието, учење за другите. Само така ќе се искорени говорот на омраза од етнички причини, ќе ги снема инцидентите од етнички причини.

Но немањето инциденти, што секако дека е позитивно, не значи и дека учениците се интегрирани. Во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово се учи на три наставни јазици, македонски, албански и турски. Од вкупно околу 2.700 ученици, 250 учат на македонски, 80-тина на турски, а другите на албански јазик. Дел од професорите во училиштето велат дека имаат заеднички активности на учениците, семинари за меѓуетничка толеранција на професорите, но треба уште многу да се работи.

„Имаме проблем, на пример, што многу ученици од албанските паралелки, иако имаат по два часа неделно македонски јазик, ниту сакаат да учат македонски, ниту сакаат да зборуваат македонски, па и кога ќе им се обратите, не сакаат да ве разберат“, коментираат професори од училиштето.

Како да се надмине ова?

Сафет Незири го споменува примерот од своето семејство.

„Моите деца имаа отпор кон своите први соседи, инаку Македонци, сѐ додека ние како семејство, како родители, не почнавме да работиме со нив. Им кажувавме дека нема никаква разлика меѓу Македонците и Албанците, освен што зборуваат поинаков јазик и имаат друга вера. Но ние сме први соседи и мора да живееме и да се дружиме. Сега најголемите пријатели на моите деца се Македонци“, вели Незири.

Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити смета дека прво треба да се разгледаат сите програми што во последните неколку години беа разединувачки, бидејќи во нив, како што вели, имало многу предрасуди. Наместо тоа, треба да се најдат прогресивни, односно заеднички точки и во самите текстови да се промовира заедништвото, а не ксенофобија.

Сулејман Рушити„Додека бев министер, една од моите идеи беше културните манифестации да бидат дел од наставните програми. Да има театарски, ликовни групи, да се посетуваат заедно театарски претстави, ликовни колонии, односно изложби, а заедно со помалите ученици да бидат и нивните родители, бидејќи важно е и тие да бидат дел од нивното секојдневие со цел да се намалуваат тензиите.

Во средните училишта да се направи театарски фестивал, што ќе ги посетува сите градови. Спортските натпревари исто така можат да придонесат. Овие активности значат чекор по чекор меѓусебно запознавање, за да нема предрасуди еден за друг“, вели Рушити.

Тој е свесен дека работите не може да се сменат преку ноќ, математички, само со одлуки за мешање на паралелките, без да се сменат содржините, без да се пречистат наставните програми од разните ксенофобични предрасуди и текстови.

„Зошто да нема заеднички часови по странски јазици, на пример, или часови по македонски? Зошто, на пример, децата-Македонци да немаат часови по албански или турски во општините во кои Албанците или Турците се мнозинство? Зошто да не се познава јазикот и културата на другиот?“, прашува тој.

Но, вели, илузорно е да се мисли дека децата се под влијание само на тоа што се случува во училиште. Целото општество треба на некој начин да се менува.

„Училиштата не се единственото место. Не лежи ѓаволот само во училиштата, треба општеството да наоѓа механизми за смирување на тензиите, да нема не само етнички, туку и социјални предрасуди. Со еден збор, треба генерална едукација на општеството“, додава Рушити.

Советите на експертите се да се оди чекор по чекор, почнувајќи од добрата волја на оние што ги водат педагошките процеси. Се работи за комплексно прашање, за кое треба мудри луѓе, добри законски одредби, конкретни механизми, треба визионерски да се размислува. Не помага многу ако се смени програмата, на пример, а од друга страна одреден директор или училиште „се храни“ со партиски влијанија.

„Ако дома има растоварени родители, ако во медиумите има растоварени вести, ако во училиштето има растоварени директори и наставници што нема да промовираат мразење, ксенофобија и делба, тогаш и децата ќе бидат растоварени“, вели Рушити.

Професорот Новковски само го дополнува овој став, изјавувајќи дека треба да се ослободиме од преголемото влијание на политиката, Министерството за образование да работи професионално, да се донесат прво луѓе-професионалци, бидејќи во последно време го водат луѓе што никогаш не виделе образование.

Тоа е решението, работите се сложени и треба да не се меша секој, туку внимателно да се работи.

„Но ќе треба време, затоа се вели дека во образованието еден ден трае една година. Ама прво треба да се спушти топката“, додава Новковски.

Ученици во Основното училиште „Имри Елези“

А додека да помине тоа време, ќе се споменуваат само оние позитивни примери на училишта во кои и нема посебни проблеми. Едно од нив е и основното училиште „Имри Елези“ во скопски Чаир, во кое се изведува настава и на албански и на македонски јазик. Директорката на училиштето, Мерита Коџаџику, вели дека немаат проблеми и дека сите учествуваат во заедничките активности. Како пример ја споменува прославата на 100-годишнината од Денот на знамето пред четири години, во која биле вклучени и учениците-Македонци.

Сепак, и натаму децата од Радовиш или Валандово, на пример, не знаат како функционираат и живеат нивните врсници во Тетово и Гостивар.

Жана П. Божиновска

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk