Лекарот се исели во Германија, затворот остана без постојан доктор

Лекарот се исели во Германија, затворот остана без постојан доктор

kopce1

Затворот во селото К`шање близу Куманово повеќе од еден месец нема постојан лекар, па за здравјето на осудените лица трипати неделно се грижат доктори од Здравствениот дом Куманово. Според Народниот правобранител, тоа не е доволно со оглед дека во затворот престојуваат околу 200 затвореници, меѓу кои и луѓе со сериозни здравствени и психички проблеми, на кои им е потребно континуирано лечење.

ЛЕКАРОТ СЕ ИСЕЛИ ВО ГЕРМАНИЈА, ЗАТВОРОТ ОСТАНА БЕЗ ПОСТОЈАН ДОКТОРОдливот на стручни кадри во западноеверопските земји го остави без постојан лекар затворот во кумановското село К’шање, бидејќи лекарот што работел до пред еден месец заминал на работа во Германија; - експремиерот Никола Груевски го отвори затворот во К'шање на 30 септември, 2013 (Фото: МИА)

Во затворот престојуваат околу 200
затвореници, меѓу кои и луѓе со
сериозни здравствени и психички
проблеми, на кои им е потребно
континуирано лечење (Фото: МИА)

„Често имаме поплаки за здравствената заштита во затворот, бидејќи не се пружа навреме и тоа претставува голем проблем за осудените. Во деновите кога нема лекар, ако некој има здравствени проблеми нема кој да го прегледа. Од секторот за обезбедување нема што да му прават, а медицинската сестра е таму само да ја подели терапијата. Имајќи ја тежината на проблематиката за заштита на здравствената состојба на осудените лица, мислам дека треба да има постојано лекар. Меѓутоа, законското решение од пред неколку години дозволува да се склучува договор, а не како порано кога КПУ имаше сопствен лекар вработен во затворот во состав на секторот за здравствена заштита, вели Народниот правобранител од Куманово Насер Весељи.

Од затворот велат дека болните редовно се праќаат
на специјалистички прегледи во болниците во
Куманово и Скопје, во затворот 8 пати месечно
доаѓа психијатар и три пати неделно општ лекар со
цело работно време од 8.30 до 16.30 часот, додека
медицинската сестра работи секој ден и имаат
добро снабдена аптека со лекови (Фото: МИА)

Обврска да обезбеди постојан доктор во затворската амбуланта во К’шање има Министерството за здравство преку Здравствениот дом Куманово, кое има склучено договор со Министерството за правда и Управата за извршување на санкции за пружање на здравствени услуги на пациентите во казнено-поправните установи и затвори.

Директорот на Здравствениот дом Куманово Миомир Панковски вели дека затворот останал без постојан лекар затоа што досегашниот вработен заминал на работа во Германија, па додека не примат нов, трипати во неделата ќе праќаат лекари од Брза помош, во деновите кога се слободни.

„Немаме доволно лекари за да можеме да пратиме еден да работи само во затворот, затоа комбинираме со кадарот што располагаме за да не го оставиме затворот без здравствена заштита. Поднесовме барање до Министерството за здравство за објавување на конкурс за новото вработување, но поради изборите и блокадата на институциите во изминатиот период постапката се развлече. Сега се надевам дека новиот министер ќе даде што побрзо согласност и наскоро проблемот ќе се реши“, вели Панковски.

Народниот правобранител од Куманово Насер
Весељи вели дека луѓето се жалат оти не ги праќаат
со месеци во болница, а тешко се одлучуваат да ги
праќаат на операција туку им викаат да чекаат кога
ќе ја издржат казната (Фото: СДК.МК)

Од Казнено-поправната установа Куманово, затворско одделение К’шање, тврдат дека и покрај тоа што немаат постојан лекар осудените и притворените лица добиваат редовна и соодветна здравствена заштита, a во времето кога нема лекар на повик доаѓа службата за Брза помош од Куманово и досега немале проблеми во лекувањето на пациентите. Велат дека болните редовно се праќаат на специјалистички прегледи во болниците во Куманово и Скопје, во затворот 8 пати месечно доаѓа психијатар и три пати неделно општ лекар со цело работно време од 8.30 до 16.30 часот, додека медицинската сестра работи секој ден и имаат добро снабдена аптека со лекови.

Наспроти ова, Народниот правобранител вели дека луѓето се жалат оти не ги праќаат со месеци во болница, а тешко се одлучуваат да ги праќаат на операција туку им викаат да чекаат кога ќе ја издржат казната.

„Многу ретко ги пуштаат, само кога ептен им е загрозено здравјето. Имавме еден случај кога беше прекината казната заради операција“, вели Омбдусманот Весељи.

Народниот правобранител најмалку двапати во текот на месецот го посетува затворот К’шање, а некогаш и повеќе во зависност од претставките на затворените лица.

С. НИКОЛИЌ

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk