fbpx

Изјавите за изградените патишта ја откриваат пропагандата

  • Откако Димитар Ковачевски е премиер не е започната ниту една автопатска делница, ако не се земат предвид подготовките за коридорите 8 и 10Д кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
  • Од Јавното претпријатие за Државни патишта велат дека во изминативе неколку години има интензивна изградба на неколку експресни патишта.
  • За ПР експертите пласирањето непрецизни и често пати неточни информации не се грешки туку е плански за да не се отвораат во јавноста вистинските теми.
 

Помпезни изјави за големи инфраструктурни успеси. Премиерот Димитар Ковачевски и министрите во Владата се обидоа во јавноста да протнат информација дека откако СДСМ се врати на власт во 2017 година, државата направила 1.300 километри нови патишта.

По бурната реакција во јавноста околу оваа фантастична бројка за нови патишта кои граѓаните не ги гледаат никаде, власта почна да ретерира со бројките и да ги доближува до реалноста. А таа е следна:

Извор ЈП за Државни патишта

Откако Димитар Ковачевски е премиер не е започната ниту една автопатска делница, ако не се земат предвид подготовките за коридорите 8 и 10Д кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, што предизвика лавина остри, но засега неуспешни реакции поради нетранспарентниот избор за изведувач и поради менувањето на законите. За овие коридори во наредните 4,7 години од државниот буџет ќе се одвојат 1,3 милијарди евра. Сите останати делници во изминативе дваесетина години се почнати во времето на ВМРО ДПМНЕ, а пуштени кога премиер беше Зоран Заев од СДСМ.

  • Автопатот Демир Капија – Смоквица, во должина од 28,2 км се градеше од 2012 до  2018 година, а чинеше вкупно 216,9 милиони евра. Во функција е  од 2018 година.
  • Автопатот Миладиновци – Штип, во должина од 47 км се градеше од 2014 до 2019 година, со вкупна цена на чинење од 177,3 милиони евра. Во фуннкција е од 2019 година
  • Автопатот Кичево – Охрид, во должина од 57 км, започна да се гради во 2014 година и тоа сè уште трае. Досега се потрошени 400,3 милиони евра од вкупно предвидените 598 милиони евра.
  • Автопатот Скопје – Блаце, во должина од 12 км започна да се гради од 2020 година. Во тек е првата фаза од 2 км, со вкупна сума од 24,3 милиони евра. Втората фаза од 10 км е предвидена за наредната година, со вкупна сума од 186 милиони евра.

Од Јавното претпријатие за Државни патишта велат дека во изминативе неколку години има интензивна изградба на неколку експресни патишта кои што се исто така значајни за Македонија.  Тоа се експресните патишта Штип – Крупиште, Крупиште - Кочани и Штип – Радовиш кои се веќе завршени, а во тек на изградба се експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Крива Паланка – Ранковце и Крива Паланка – Деве Баир.

Грешки или смислено сценарио

Играта со бројки кој колку изградил при што се откри дека не е точно дека за пет години се изградени 1.300 нови патишта отвори две дилеми. Една економска, другата од аспект на владиниот однос кон и со јавноста.

Економистите имаат јасен став зошто секоја влада е фасцинирана од нови километри, пред сѐ ако станува за автопатишта.

„Кога ќе отворите магистрален пат или кога ќе ревитализирате магистрален пат, тој опфаќа одредена мала група на луѓе кои што ќе бидат засегнати од неговото отворање или пуштање во употреба. Кога отворате автопат тоа значи дека поврзувате, или два поголеми градови или две точки кои имаат поголема фреквенција и оттука видливоста на таквите проекти е секогаш многу поголема“, вели Виктор Митевски, од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ.

Втората дилема е дали овие непрецизни и често пати неточни информации пласирани во јавноста се ненамерни грешки или зад ова стои план што да се каже во јавноста.

„За грешка можеме да зборуваме само тогаш кога станува збор за инциденца. Во случајов станува збор за правило, правило кое го гледаме секојдневно во нашиот јавен живот. Па оттука не можеме да речеме дека се работи за случајно. За жал, лажните вести се повеќе го преплавуваат јавниот простор не само во Македонија туку воопшто, тоа е светски тренд кој е застрашувачки, загрижувачки“, вели Магдалена Михајловска, ПР експерт.

Оправдување за високите буџетски дефицити

Најново од власта е дека изградбата на патиштата, но и на другата инфраструктура е оправдување за високите буџетски дефицити. Односно, велат дека новите задолжувања во странство, дома и најново кај граѓаните преку народната обврзница ќе бидат за да се пополни недостатокот на пари во државниот буџет што ќе се јави поради изградба на новата инфраструктура. Министерот за финансии Фатмир Бесими на брифинг за новинари се пофали дека капиталните инвестиции се повисоки од дефицитот, што значи дека со задолжувањето се финансира развој на државава. Сепак, податоците кажуваат дека Бесими не е баш во право.

Анализирајќи ги буџетите од 2017 до 2022 година, од шест години, само во две ова било точно, односно капиталните расходи го надминале буџетскиот дефицит со што парите од задолжувањата завршиле за инфраструктурни проекти.

За оваа година се планира буџетски дефицит од 695 милиони евра, а капитални расходи од 793 милиони. Сепак, останува да видиме дали ова ќе се реализира, бидејќи при ребаланс на буџетот, прво се кратат овие расходи.

Економистите, исто така, сметаат дека во јавноста не треба да се отвори само прашањето колку реално чинат капиталните инвестиции туку дали ќе има пари и за нивно одржување.

„Многу е важно кога зборуваме за автопатишта да не заборавиме дека автопатиштата не носат само бенефит туку истите тие имаат и трошоци за нивно одржување и долгорочно користење на тие патишта. Што ќе ни е автопат ако истиот не обезбедува безбедно и брзо возење затоа што условите на патиштата кои што се изградени не се во согласност со стандардите“, вели Митевски.

Како пример може да послужи делницата во близина на Катланово од автопатот „Пријателство“ каде околу пет километри не можат да се ревитализираат повеќе години.

Михајловска, пак, смета дека пласирањето на информации кои не се до крај точни го дава резултатот. Не се отвораат во јавноста вистинските теми.

„Естаблишментот, без разлика дали доаѓа од политички или бизнис кругови пласираат вести кои се сосема неточни или извртени. Тие создаваат забуна во јавноста. Прво, создаваат забуна кај луѓето. А кога создаваат забуна кај луѓето, луѓето не можат да се фокусираат на вистинскиот проблем, во смисла непостапување на политичарот, работење на работ на законите или надвор од тоа што е јавен интерес итн, барање на одговорност за не сработено или недобро сработено“, смета Михајловска.

Михајловска која доаѓа од ПР индустријата посочи дека таа се заснова на вистина и на демократија и дека ако Владата не се придржува до овие начела, веќе не станува збор за односи со јавноста туку за пропаганда.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Давид Милошевски