fbpx

Скопјани ќе треба да се молат да не се „налути“ Вардар

Скопјани ќе треба да се молат да не се „налути“ Вардар

kopce1

Може ли да се садат дрвја во големото корито на реката Вардар во Скопје кое е изградено да се спречи поплавување е прашање што заслужува сериозно внимание откако градоначалникот Петре Шилегов најави дека се планира да се засадат 400 дрвја високи по 14 метри на потегот од „Александар Палас“ до мостот „Гоце Делчев“. Главната цел на овој дрворед, како што вели скопскиот градоначалник, е „да шетаме и рекреираме под сенка покрај реката“. Поради тоа што Скопје веќе има поминато низ голем број поплави и токму затоа е изградено големо заштитно корито прашавме повеќе експерти што мислат за ваквата идеја. Тие или целосно ја отфрлаат или бараат претпазливост бидејќи нејзината реализација дополнително може да ја зголеми опасноста од поплави.

„Треба да им се остави простор на реките. Некои грешки што се направени пред неколку години не треба да бидат оправдување за нови грешки“, вели хидротехничарот Ангел Панов, кој потсетува дека многу брзо може да ги почувствуваме негативните последици од градбите кои се дел од „Скопје 2014“.

Тој нагласува дека реката Вардар е регулирана по принципи уште во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, како и дека во тоа време нивото на заштита на Скопје е подигнато на многу високо ниво.

„Максималниот проток на вода за димензионирање на регулираното корито бил 1.150 кубни метри во секунда. Потоа е изградена браната Којзак, која колку и да е опасна, толку и го штити Скопје од поплави. Нивото на заштита тогаш е зголемена за пет пати. Меѓутоа, сите интервенции на коритото во центарот ја намалија неговата пропусна способност до 30 отсто. Дополнително, кај таканареченото Панорамско тркало веќе половина од капацитетот на Вардар е загрозен, ако не и повеќе. Сте виделе ли колку има нанос, камења, бетонски градби?“, вели Панов.

  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-1
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-10
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-2
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-3
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-4
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-5
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-6
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-7
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-8
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-9
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-1
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-10
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-2
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-3
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-4
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-5
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-6
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-7
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-8
  • Skopjani-ke-treba-da-se-molat-da-ne-se-naluti-Vardar-g1-9

Во рамките на проектот „Скопје 2014“ во реката Вардар беа поставени галии и изградени неколку мостови и декоративни водоскоци на кои сега се собира ѓубре. Во случај на поголеми дождови тие може да станат своевидна брана од отпад и дрвја и да ја зголемат опасноста од поплави

Панов беше дел од тимот што правеше „Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот регион“, како дел од поширок проект „Отпорно Скопје“ на УНДП и Град Скопје.

Сега токму Градот Скопје, односно градоначалникот Шилегов, тврди дека нема опасност од поплави ако се засадат 400 дрвја во големото корито. Шилегов на својот двегодишен отчет ја објави ваквата идеја, а таа моментално се разгледува во институциите. Ако добие „зелено светло“, Градот би тргнал со нејзина реализација во 2020 година.

„Во моментов со Министерството за животна средина и просторно планирање се прават напори да се изведе дрворед, на потегот од хотелот „Александар Палас“ до мостот „Гоце Делчев“. Идејата на овој проект е да се обезбеди сенка по овој дел од кејот на реката, кој е најпосетуван од рекреативците. За садењето на самите дрвја и цената, во моментов е прерано да се говори, бидејќи е потребно да се направат соодветни проекти и постапки за јавни набавки“, ни рекоа Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање до објавување на текстов не вратија повратен одговор на нашите прашања дали е направена проценка, анализа каде и колку дрвја би се посадиле во големото коритото, и како тоа би влијаело на Вардар и околината.

Регулативата налага чисти корита

Законот за води забранува да се градат насипи, прегради, други објекти и насади во коритата на водотеците кои го влошуваат режимот на течението на водите. Тоа го пишува и во „Студијата за моделирање на поплавите во Градот Скопје“. Таму се направени и симулации, проекции на ризик од можни поплави во урбаниот дел од Скопје.

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 1Визуелна симулација за штети од поплава во урбаниот дел на Скопје

Во документот се подвлекуваат барањата за забрана за активности во речните корита и за чистење на целиот шут и градежен материјал кој е внатре. Се бара воведување карти за ризик во урбанистичко планирање и регулација на пороите, па сѐ до нови правила за управување со акумулациите поради конфликт на интереси со енергетските компании. Имено, тие сакаат производство на струја, а Град Скопје сака добар систем против поплави.

„Потврдено е дека сегашниот максимален проток на регулираното корито на Вардар во урбаното подрачје е 900 m3/s. Покрај тоа, со последните архитектонски измени во рамките на регулираното корито, првично проектираниот максимален капацитет од 1.150 m3/s е намален за 25-35%“, стои во документот од пред две-три години.

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 2

Според документот, сегашното ниво на заштита од поплави на урбаната зона во Скопје е сѐ уште на разумно ниво. Сепак, нагласено е дека Градот ја игнорира можноста за постоење на многу високо ниво на заштита од поплави, како и фактот дека понатамошно намалување на капацитетот на протокот во урбаниот дел не може да се оправда на ниту еден начин.

„Што се однесува до идните мерки за заштита од поплави во урбаната зона на градот Скопје, минималните мерки вклучуваат чистење (од депонираните остатоци, итн.) и обнова на целата постоечката инфраструктура за заштита од поплави, односно враќање во почетна состојба и долгорочно одржување на истата. Просечниот годишен трошок за овие активности се проценува на 200.000 евра“, се вели во опсежниот документ.

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 3

Цветанка Поповска, експерт за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеците и долгогодишен професор на Градежниот факултет вели дека „на Вардар му се доста активности“. 

„Мора во Вардар сѐ да се исчисти. Со години давам изјави и мислам дека е веќе без ефект да давам нови изјави на секоја нова глупост. Едноставно, нема ефект кога реагирам. A, за оваа идеја (со дрворедот) немам чуено. Нема што да коментирам“, вели таa.

Во истражување/анализа на „Плоштад Слобода“ и Фондацијата Хајнрих Бел од 2017 наречено „Напред Вардар“, таа напомена дека Скопје веќе не е безбедно место од поплавување.

„И она што највеќе смета е дека овој простор наменет за контрола на големите води е веќе скапа градежна зона. Би се запрашала, дали ова е резултат на тоа што институциите го изгубија својот професионализам, својот инженерски кодекс, па дадоа градежна дозвола, но што е уште поинтересно, и водостопанска дозвола?“, рече таа.

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 4

Андреа Јанков, магистар архитект, се навраќа на историјатот на Вардар. Иако етимолошки гледано, името Вардар најверојатно доаѓа од Тракискиот Bardários, со значење Црна Вода, вели тој, постои и легенда дека реката го добила ова име во чест на римскиот префект на Скупи. Се викал Варда Склир и го регулирал течението и со тоа го спасил градот од поплави. „Тоа значи дека опасностите од поплави биле присутни од антиката до денес“, вели Јанков.

Десет големи поплави за 300 години

Во последните 300 години, нагласува Јанков, Вардар 10 пати го поплавувал градов и непосредната околина. Пример, поплавата во 1778 година е архивирана во списи од старата скопска митрополија, потоа во 1876 година кога најмногу погодено и разурнато селото Долно Лисиче, а во 1916 регулацијата спречила излевање на Вардар на левиот брег, но затоа Скопско Поле било целосно поплавено.

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 5Поплава во Скопје во 1962 година

Јанков ја споменува и поплавата 1962, катастрофа документирана и позната меѓу населението, по што е утврдено дека е потребна нова регулација. Самата регулација е изградена до 1975.

„Пред оваа регулација, во Скопје во Вардар се наоѓале и два острова. Едниот сега е дел од градскиот Парк, и е познат по тоа што на него во периодот помеѓу двете светски војни се одржувале коњички трки, а другиот всушност е сегашната населба Острово во Аеродром. Во целиот систем на заштита влегува и планирањето на хидроцентралите на реката Треска со кои се контролира најводната притока на Вардар. Тука се изградбата на ХЕЦ „Козјак“ и ХЕЦ „Св. Петка“. Со „Скопје 2014“ направен е огромен упад во малото и големото корито на Вардар. Тука веќе се поставени објекти - таканаречените галии кои се водат како времени, а всушност претставуваат цврста градба фундирана директно во малото корито. На начинот на кој се поставени, околу нив се собира ѓубре и шут кое мора константно да се чисти, а истите претставуваат перманентна закана за безбедноста“, нагласува тој.

Покрај нив, дополнува Јанков, профилите на мостот „Око“ и „Мостот на уметноста“ се премногу ниски, па во случај на поплава, истите би претставувале своевидни брани и места на кои би се излевал Вардар.

„Жалните врби во Вардар мислам дека нема ни потреба да се коментираат. Кејот на Вардар и во планот за регулација бил разгледнуван како зона за рекреација и парковско зеленило, како што и функционираше извесен период, па така, замислата за велосипедски, пешачки и трим патеки, и поставување на урбана опрема во големото корито не e ниту нова, ниту потенцијално опасна насока за размислување. Самата велосипедска патека на некој начин претставува и главна вело-артерија која го поврзува Карпош со Ново Лисиче“, потенцира тој.

Од друга страна, најавениот проект за садење 14-метарски дрвја во големото корито го карактиризира како потенцијална опасност при поплави. Замислете, вели тој, каква штета можат да направат овие дрвја или друг речен нанос кога ќе се заглави во арките на Камениот мост?

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 6Прелеан Вардар во 2017 г.

„Токму од тие причини тука и е проширено големото корито, а на пример мостот „Гоце Делчев“ е дизајниран така да нема фундаменти во малото корито. Зошто добрата пракса е занемарена при дизајнот и изведбата на градбите од ‘Скопје 2014' е прашање кое треба да се адресира до проектантите, урбаните планери и ревидентите на проектите“, нагласува Јанков. Секако, дополнува тој, тоа не значи дека големото корито на Вардар треба да остане и запоставено. Покрај набројаните спортско-рекреативни содржини, има можност да се одржи како зелен коридор со ниско и некаков вид на парковско зеленило, и со урбана опрема која не би претставувала ризик при поплавување.

„Тоа не исклучува и летни тераси, кафе барови и ресторани кои би се тргале во месеците опасни за поплава (ноември-декември), односно истите би функционирале само во летните месеци“, потенцира Јанков.

Трендафилов: Дрвја на шеталиштето или веднаш до ѕидот на големото корито

Професорот Александар Трендафилов од Шумарскиot факултет е еден од ретките кој вели дека идејата за 14-метарски висок дрворед во големото корито во Вардар е можна, но под строги услови што треба да се почитуваат. Односно, со избор на дрвја, со соодветни карактеристики кои ќе обезбедат сенки, но нема да сметаат на течението на Вардар.

„Како идеја - да, но при изборот на дрвјата треба да се внимава на видот бидејќи сите имаат различни физиолошки и други карактеристики, развој на коренов систем итн. Постојат две варијанти. Зборувам за варијанти што со „хидрашите“ сме ги разговарале на времето. Дрвјата можат да дојдат до 70-80 сантиментри, максимум еден метар од крајбрежниот ѕид на големото корито. Никако до водата! Треба да се запази оддалечувањето и максималниот развој во дијаметар. Значи, со текот на времето да се „залепат“ до ѕидот, бидејќи не би ги саделе за една, туку за сто години. Единствено така. Што е најважно, бидејќи горе над коритото има пешачка патека, првите гранки од крошната би биле 5-6-7 метри од земјата. Од коренот до горе да нема гранки, кои евентуално утре не би сметале на доаѓање на големи води. Сѐ ова е во функција на сенка и разубавување, а коренот да не прави нарушувања“, посочува Трендафилов.

Skopjani ke treba da se molat da ne se naluti Vardar 7

Тој предлага и втора варијанта, за која вели дека можеби е подобра - дрвјата да бидат насадени горе на шеталиштето, над големото корито. И за тука постојат критериуми и стандарди.

„Пак треба да бидат оддалечени од потпорниот ѕид, минимум барем метар, за да не му сметаат и да се овозможи нивен развој. Дрвја горе не треба да имаат висока крошна, за да има сенка за луѓето под нив “, вели Трендафилов.

Според него, дрвјата не можат да станат препреки ако се до ѕидот. Тој додава дека главни препреки се мостовите. И за него, мостовите и бродовите во Вардар се глупост бидејќи служат како собиралиште за отпад и се потенцијална опасност.

„Во случај на поројни надоаѓања, тие ќе откорнат стебла и ќе ги носат со себе. Како што коритото се полни со отпад, ќе земе и откорне неколку стебла и ќе ги препречи на мостот, а другите ѓубришта ќе се собираат и ќе направат брана, а браната ќе прсне. Затоа не смее вегатација во Вардар. Во тој поглед, дали некој зборува за ситуацијата кај Железничка станица, кај десниот брег на големото корито? Таму има направено цел парк. Тие се пречка. И никому ништо! Си растат. Во корито не смее да се сади, евентуално на страна“, смета Трендафилов од Шумарски факултет.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Бојан Шашевски