fbpx

Судските вештаци не сакаат да се дел од Комората скроена пред избори по мерка на министерот за правда

Таблоидното известување за трагедии ги покоси сите новинарски стандарди
  • На иницијатива на министерот за правда Кренар Лога, на три дена пред почетокот на кампањата за парламентарните избори се одржа основачко собрание на Комора на вештаци, иако тоа требало да биде уште пред половина година.
  • Судските вештаци велат дека не сакаат да бидат дел од противзаконски активности.
  • Директорот на Институтот за судска медицина за Само прашај вели дека Министерството не прима документи за обнова на лиценците за што рокот истекнува во јули што може да го блокира судскиот систем.
  • Од Министерството за правда за сите одговори на нашите прашања нè упатија во Комората, од каде нѝ посочија да чекаме соопштение за јавност.
 

Непосредно пред почетокот на изборната кампања за парламентарните избори, Министерството за правда ја формира Комората на вештаци. Пред одржувањето на основачкото Собрание на комората, вештаци алармираа за прекршувањето на законските термини и за недоследностите во изборот што сам го направил министерот. Само прашај веќе пишуваше за овие проблеми. Но, алармот од вештаците не смени многу во планот на Министерството за правда да ја формира Комората, иако рокот за формирањето на вакво професионално здружение е пробиен веќе шест месеци.

Веројатно малкумина се прашуваат зошто толку бурни реакции за формирање на здружение на вештаци? Со просто пребарување на Интернет се наоѓа основното објаснување за оваа професија. Едно од нив е дека нивната работа, нивните експертски наоди во повеќе области во многу случаи директно влијаат и врз конечниот исход на судските случаи. Поради сето ова, значењето на правилната постапка во формирањето на Комората на вештаци е клучна за оваа струка конечно да има вистинска организација која ќе воведе систем на работа, лиценцирање и заштита на професијата.

Вештачењата се на првото место во проценката што ја објави ОБСЕ минатата година како ризик за корупција во судството. Наодите на вештаците се најдоа како највисок фактор на ризик пред слабите обвиниенија, блискоста меѓу адвокатите и обвинителите, блискоста меѓу адвокатите и судиите, злоупотребата на АКМИС - системот и уште серија други ризици кои го прават судството коруптивно. Во ваква ситуација, вештаците велат дека формирањето на Комората како тело кое треба да воведе ред и дигнитет во фелата е поставено на нездрави темели и со низа прекршувања на законите.

Карванот си помина

Но, на 15 април Комората се формира, а Министерството за правда остана глуво на сите забелешки и реакции. Меѓу најгласните во битката со спорното формирање на Комората се вештаците од Институтот за судска медицина и криминологија. Тие со писмо веќе го информирале министерот Кренар Лога, кој беше тој што се залагаше за формирањето на Комората среде изборна кампања, дека нема да учествуваат во нејзината работа. Директорот на Институтот, Александар Станков за Само прашај вели дека не сакаат да бидат дел од противзаконски активности кои потоа можат да предизвикаат верижна реакција и блокада на судскиот систем.

Станков: Овој Институт има преголема традиција за ние да си го валкаме образот

„Ние одлучивме како Институт да не учествуваме во незаконски дејствија, не смееме да го валкаме образот на овој Институт и затоа испративме писмо до министерот за правда каде што кажуваме дека нема да учествуваме во работата на Комората. По закон, мора да бидеме членови заради лиценците, а нема да учествуваме во работата и во незаконските дејствија. Комората за да функционира како што треба, треба да се постави на здрави нозе, законски да се формира, да се испочитуваат сите делови од законот, а има одредени членови кои што не се испочитувани, односно се прекршени“, вели Станков, додавајќи дека за ова има поддршка од сите колеги кои би требало да бидат дел од Одделението за судска медицина.

Спoред него и неговите колеги, постапката е промашена уште од почетокот. Првата забелешка му е дека  Законот за вештачење кој е во сила од јули минатата година не е она решение за кое разговарале во периодот на подготовките. Друга забелешка се пречекорените рокови, од формирањето на посебните одделенија до одржувањето на конститутивната седница на Собранието на Комората. Исто како и нашиот соговорник, вештакот Благоја Грозданов кој за Само прашај предупреди дека се турка формирањето пред избори, така и Станков смета дека раководителите на одделенијата се избрани без никаков критериум. Како доказ за тоа се посочува самиот тој кој е именуван за заменик-раководител на одделението на кое припаѓа, без претхдно да биде прашан и информиран. Дополнително на сето тоа, Станков потенцира дека конститутивната седница била без кворум.

„Овој Институт има преголема традиција за ние да си го валкаме образот и утре сè може да се случи. Може некој да поднесе пријави за тоа како сме одлучувале. Треба секој човек да знае дека има одговорност, кривична одговорност за непочитување на законот или прекршочна одговорност. Меѓутоа има одговорност. Не може до бескрај вака да поминуваат работите, за кршење на законот да нема никаква одговорност“, вели Станков.

Вели дека засега немаат никаков одговор од МП и не знаат дали министерот воопшто го прочитал писмото, поради што не знаат како ќе функционира Комората без Одделението за судска медицина. Но, децидини се дека нема да дозволат да бидат вовлечени во незаконски дејствија.

„Ние како граѓани, еден ден да задоцниме да поднесеме во законскиот рок којшто е предвиден жалба, нема да нѝ ја примат жалбата, овие доцнат по шест месеци, не е играчка ова. Се игра со работи од коишто зависи целиот судски систем и како тој ќе работи понатаму. А, сите велат судскиот систем мора да се поправи, најмала доверба има, но судскиот систем не зависи само од судиите и обвинителите, зависи од многу други чинители“, објаснува за „Само прашај“ директорот на Институтот за судска медицина.

Од Министерството за правда за Само прашај велат дека 15 присутни на конститутивната седница е повеќе од доволен кворум со оглед дека, како што објаснуваат, според Законот требало да бидат присутни 18 раководителни на одделенија. Но, Законот нема таква одредница, односно во ставот 1 од членот 66 само се вели дека основачкото собрание го свикува министерот за правда.

„Основачкото собрание на Комората го свикува министерот за правда, најдоцна во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон, за што се известуваат вештаците најрано 15 дена пред одржувањето на Основачкото собрание“, се наведува во Законот.

Но, во друг член, пак, се посочува дека покрај раководителите, на Собранието треба да присуствуваат и избраните претставници од сите одделенија.

„Собранието на Комората (во понатамошнниот текст Собранието), го сочинуваат раководителите на професионалните одделенија и избраните претставници од професионалните одделенија во зависност од бројот на членови на овие одделенија. Начинот на утврдување на бројот на претставници на овие одделенија се утврдува со акт на Комората“, стои во членот 33 од Законот за вештачење.

За сите одговори на нашите прашања од Министерството нè упатија во Комората од каде најавија соопштение за јавноста кога ќе се комплетира постапката

Во кусите одговори кои во голем дел се состојат од цитирање на членови од Законот, од Министерството за правда на нашите прашања повеќепати потенцираат дека Комората ќе донесе акт кој ќе се однесува на професионалните одделенија. Па затоа нејасно е дали Комората со овој акт за формирање професионални одделенија ќе ја измени одлуката на министерот за правда кој сам ги формираше одделенија и по свој избор назначи нивни раководители, особено ако се има предвид дека раководителите на одделенијата по Законот се и членови на Управниот одбор со мандат од четири години.

Од Министерствто, кое е организатор на основачкото собрание, на нашето прашање, дали на инагуративната седница биле донесени актите и се избрани управувачките структури како што предвидува Законот, упатија одговор да побараме од Комората на вештаци.

„На Основачкото собрание на Комората се донесуваат Деловникот за работа на Комората, Статутот и Правилникот за дисциплинска одговорност и се избираат оганите на управување вели ставот 2 од членот 66 од Законот за вештачење“, ни рекоа од Правда.

Затоа се обративме кај новоизбраниот претседател Виктор Исјановски. Тој, пак, кусо нѝ рече дека кога ќе биде комплетирана постапката за формирање на телата на Комората, ќе биде објавено соопштение.

Ако не се обноват лиценците ќе се блокира судскиот систем

Станков, покрај сите овие проблеми со пречекорувањето на законски пропишаните термини и со недоследностите и недореченостите во Законот, потенцира дека се отвора уште еден проблем токму поради член во Законот кој се однесува на лиценците на вештаците.

Тоа е членот 67 во кој се вели: „Лиценците за вештачење издадени пред денот на влегување во сила на овој закон продолжуваат да важат, за што вештаците во рок од една година од денот на влегување во сила на овој закон се должни да достават барање до Министерството за правда за издавање лиценца за вештачење со одредбите од овој закон“.

Станков потенцира дека според ова, лиценците на сите вештаци треба да бидат обновени до јули годинава, или во спротивно ќе биде блокиран судскиот систем.

„Сега има и една друга, многу чудна ситуација каде што има еден член во Законот кадешто вели дека сите лиценци мора да се продолжат во рок од една година од стапување во сила на Законот. Да се обноват, сите лиценци од сите вештаци. Според моите информации, Министерството за правда не прима документи за обновување на лиценците. Што ќе се случи кога ќе дојде, еве го 28 јули, ќе дојде многу брзо, мај, јуни, јули, тоа се три месеци. Што ќе правиме после, ќе престанат судовите да работат, ќе престанат да се вршат вештањечата? И тогаш ќе се доведе во опасност целиот судски систем, поради ваквите постапки. И многу судбини на луѓе ќе се пролонгираат, ќе се пролонгираат судски процеси. Лиценци мора да имаме за да вршиме вештачење меѓутоа излегуваме во јавност, кажуваме дека ова е неправилно, дека е незаконски и нема да учествуваве во работата на начинот на којшто сега е конципирана Комората“, вели Станков.

На нашето прашање до Министерството за правда, дали е во тек постапката за поднесување барање за обнова на лиценците, нѝ одговорија со една реченица со кој одговорноста за префрлаат кај Комората.

„Комората е обврзана да спроведе обуки од 60 часа, што е еден од условите што мора подносителот на барање на лиценца да го исполни“, велат од Правда.

Комората на вештаци осум години беше нефункционална поради пропусти во Статутот, но Станков во име на судските вештаци вели дека не смеело да се направат истите грешки.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Зоран Догов
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Фото: Дарко Андоновски
 

Поврзани стории:

Тагови: