fbpx

Се тресеше гората, ќе се родат висококатници кај „Холидеј Ин“

Извесно дека спроти „Холидеј Ин“ ќе се градат висококатници и дека ќе продолжи градежната офанзива во центарот на Скопје според детални урбанистички планови коишто беа прогласени за незаконски. Ваквиот епилог доаѓа откако комисија при Министерството за транспорт и врски утврдила дека Општина Центар поднела елаборати за суспензија на спорните планови со кои не успеала да докаже дека се штетни по јавниот интерес. Иако мислењето на стручната комисија при Министерството не е обврзувачко, градоначалникот на Општината, Саша Богдановиќ вели дека повеќе нема аргументи да се спротивстават на подигањето на висококатниците.

Se tresese gorata ke se rodat visokokatnici kaj Holidej In 1„Ги добивме мислењата за сите 11 елаборати поднесени за суспензија, каде што ни се укажува дека параметрите кои тврдиме дека се надминати може да се надополнат во линиските центри како што предвидува ГУП-от 2012-2022 година. Несовпаѓањето на линиите ДУП со ГУП, кое е наведено во елаборатите исто така не влијае на јавниот интерес, односно со еден збор, во мислењето немаме за што да го суспендираме планот, со што останува да си важи планот којшто бил донесен“, вели Богдановиќ за „Само прашај“.

Пропусти при подготовката на елаборатите

Општина Центар до Министерството за транспорт и врски поднела 11 елаборати за суспензија на примената на деталните урбанистички планови. Во предвидениот законски рок од 15 дена, стручната комисија составена од пет членови, меѓу кои и професорот од Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев и вработени во Министерството за транспорт и врски детално ги анализирале елаборатите.

Se tresese gorata ke se rodat visokokatnici kaj Holidej In 2„Поднесените елаборати за суспензија не се изготвени во согласност со Законот за урбанистичко планирање од причини што е применет погрешен законски основ. Наместо врз основа на член 23 се изработени врз основа на член 35. Доставените елаборати за суспензија не содржат конкретни податоци со кои се докажува несомнената штета врз јавниот интерес што е воочена во текот на спроведување на планот. Елаборатите за суспензија не треба да се однесуваат на целиот плански опфат од урбанистичкиот план доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже односно предметот на елаборатот за суспензија е лоциран само на дел од планскиот опфат“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој вели дека доколку елаборатот се однесува на целиот урбанистички план неопходно е да се докаже штета врз јавниот интерес на сите плански одредби за површината на целиот опфат.

„Тоа значи дека не може да барате суспензија на план кај сегашната зграда на Владата ако штетата ја гледате кај зградата на Министерството за транспорт и врски“, вели Бочварски.

Во однос на деловите од стручните елаборати кои се однесуваат на содржини од јавен интерес, од Министерството за транспорт и врски велат дека ги поддржуваат заложбите на Општина Центар за заштита на градежното земјиште во државна сопственост и пренаменување во објекти и површини од јавен интерес со локално значење.

„Но при тоа укажуваме дека предмет на елаборатите за суспензија не можат да бидат делови од планови кои се спроведени или делови од планови каде спроведувањето е во тек согласно постоечките закони“, изјави Бочварски.

Тој потенцира дека станува збор само за стручно мислење на комисијата при Министерството за транспорт и врски коешто е правно необврзувачко.

„Согласно своите законски надлежности, Општината има суверено право да одлучува за суспензија или реализација на урбанистичките планови“, вели Бочварски.

Одобрението за градење на висококатниците е веќе издадено

Министерот Бочварски на брифингот соопшти дека Општина Центар веќе издала одобрение за градење за проектот „Гранд“ со кој се предвидува изградба на висококатници спроти „Холидеј Ин“. 

Професорот Мирослав Грчев рече дека во елаборатот за суспензија на ДУП кој се однесува за парцелата спроти „Холидеј Ин“ не е спомната штета врз јавниот интерес.

Se tresese gorata ke se rodat visokokatnici kaj Holidej In 3„Доколку се добие дозвола за градба како што е случајот од паркингот кај „Холидеј Ин“, не може планот да се суспендира. Во планот кај „Холидеј Ин“ не е споменато ниту збор за штета што би настанала. „Таму е посочено несовпаѓање меѓу границите на планскиот опфат со границата на четврта која е исцртана во Генералниот урбанистички план. Меѓутоа, тоа се граници кои можат да се наречат административни и нема никаква практична или релеватна штета“, рече Грчев.

Кули по неусогласен ДУП со ГУП – „сè по закон“

ДУП за „Градска четврт Ц 08“, во јавноста познат како паркингот спроти „Холидеј Ин“ долго време беше ставен под мораториум, но ова се промени со последната одлука на Уставниот суд. Времето во коешто планот беше „замрзнат“ не се искористи да се отстранат аномалиите и пропустите.

Se tresese gorata ke se rodat visokokatnici kaj Holidej In 1Контроверзниот план останува на сила

Планот не е усогласен со повисокиот, ГУП на Град Скопје и според пресметките, истиот за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители. Дозволената густина на население според ГУП-от е 805 жители на хектар, а со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители.

На ова, неодамна жестоко реагираше и поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска – Циги.

Se tresese gorata ke se rodat visokokatnici kaj Holidej In 1„Таа анализа е направена, направени се споредбени податоци во коишто се гледа колку е пробиено она што е предвидено со ГУП. И таквото нешто е упад во системот, таквото нешто е атак на градот, а ние имаме право на град како граѓани. Токму затоа јас ги поттикнувам, не само оние кои се одговорни како професионалци, тие секако и пред сопствената совест и пред јавноста се одговорни, меѓутоа граѓаните да застанат да си го бранат интересот. Градот ни го узурпираат оние кои се полни со незнаење и користољубие, не смее да се дозволи такво нешто“, вели Павловска-Циги.

Еден од клучните проблеми е што со проектот за изградба на висококатници спроти „Холидеј Ин“ ќе се акумулираат најголем дел од дозволените 1.250 жители со ГУП. Ова значи дека постои опасност жителите на куќите во Ново маало, кои се надеваат дека со изградбата на висококатниците ќе им се решат долгогодишните инфраструктурни и имотни проблеми, на крајот да извисат.

Se tresese gorata ke se rodat visokokatnici kaj Holidej In 6Претставници од архитектонско-урбанистичката фела предупредија дека на ова место не треба да се градат висококатници

За парцелата кај „Холидеј Ин“ предмет отвори и Обвинителството. Се проверува дали поранешните градоначалници Владиот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески од редовите на СДСМ. Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела.

Денес, три години по продажбата на земјиштето станува јасно дека во Македонија при урбанистичкото планирање  приоритет е приватниот наместо јавниот интерес. Со изјавата на министерот Бочварски дека мислењето на комисијата е исклучиво стручно и не е правно обврзувачко, топката е повторно кај Општина Центар. По изјавата на Богдановиќ очигледно следува капитулација во борбата за заштита на квалитетот на живеење и бетонизација на последниот отворен простор во срцето на Скопје.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски
Фоторепортер: Томислав Георгиев