- Владата во заминување распродавала државно земјиште во непосредна спогодба за изградба на соларни електрани.
- На 19 декември 2023 година донесени се одлуки за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Македонија по пат на непосредна спогодба за изградба на соларни електроцентрали „Скај Солар 1,2,3,4“.
- Во скратена постапка е испратен предлог законот за стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ за изградба на мега соларна електрана во Источна Македонија по услови кои ја нарушуваат конкуренцијата на пазарот.
- Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека има резерва за една од трите стратешки инвестиции и ќе бара од комисијата во Владата да се репреговара со инвеститорот.
- Стручната фела смета дека ваквите инвестиции не гарантираат транзитирање кон зелена енергија и можат да го доведат во опасност нормалното снабдување со храна на населението во иднина.
Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски во последните триесетина дена пред да биде распуштена донела одлуки за склучување неколку договори за продажба на државно земјиште за изградба на соларни електрани. Истовремено, Владата до Собранието во скратена постапка го испратила предлог законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ кој исто така предвидува изградба на мега соларна електрана во Источна Македонија по услови кои би можеле да ги нарушат основните начела за конкуренција на пазарот.
Во двата случаи ќе се гради на државно градежно земјиште и на огромни површини земјоделско земјиште. Стручната фела смета дека ваквите инвестиции не гарантираат транзитирање кон зелена енергија и можат да го доведат во опасност нормалното снабдување со храна на населението во иднина со оглед на тоа што и сега Македонија е зависна од увоз за многу основни прехранбени производи.
Молк од Владата за спорните случаи
Во првиот случај, Владата на 209 седница одржана на 19 декември 2023 година донела одлуки за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Македонија по пат на непосредна спогодба за изградба на соларни електроцентрали „Скај Солар 1,2,3,4“. Станува збор за инвестиција на конзорциумот „Биг шопинг центерс“ од Израел кој преку компанијата „БИГ Енергија“ од Унгарија купува проекти за изградба на сончеви електрани во Македонија кои се во почетна фаза и ги финализира.
За стратешкиот проект „Стипион“ се предвидува земјоделското земјиште опфатено со урбанистичкиот план да се пренамени во градежно земјиште
Во вториот случај, Владата во заминување на 24 јануари 2024 година до Собранието испраќа предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка. Како стратешки инвеститор е избрано друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР ДООЕЛ“. Се предвидува изградба на мега фотонапонска електроцентрала на подрачјето на Штип и Свети Николе. Наводно станува збор за инвестиција од 270 милиони евра.
„Стратешки“ ќе се пренаменува земјоделското земјиште
Во член 8 од предлог-законот за стратешкиот проект „Стипион“ се предвидува земјоделското земјиште опфатено со урбанистичкиот план да се пренамени во градежно земјиште за изградба на градбите од стратешкиот инвестиционен проект како градби од стратешки интерес.
Ваквиот потег Владата го правда со потребата да се направи зелена транзиција преку поголемо производство од обновливи извори, како и обезбедување стабилност на цените. Централата треба да биде со вкупна инсталирана можност од 400 MW, плус/минус 10%, а договорот треба да се склучи на 30 години. Инвеститорот има „кец на десетка“ и сигурни пари зашто државата се обврзува да го откупува произведеното по цена од 56 евра за мегават час. Земјоделско земјиште во овој случај не е приоритет, иако има и друга поволност за инвеститорот, односно, ако не ги обезбеди потребното земјиште или други одлуки за проектот да може да изгради и централа со капацитет помал од 360 MW.
Од Владата не одговорија на нашите прашања поврзани со овие два случаи.
Прашања коишто Владата не ги одговори
- Колку земјиште е продадено за изградба на фотонапонските централи „Скај солар“ 1,2,3,4 и по кои цени?
- Дали и какви поволности се предвидени за стратешкиот инвеститор „Остро солар“?
- Каква класа е земјоделското земјиште на кое се предвидува изградба на соларниот парк „Стипион“?
- Колку државно земјиште е досега продадено преку непосредна спогодба за изградба на фотонапонски електоцентрали и по која цена?
- Како се одредува цената по која се продава државното земјиште?
- Колку државно земјоделско земјиште е пренаменето во градежно во текот на 2023 година и за какви градби?
Губиме обработливо земјиште
Драги Димитриевски, професор од Земјоделскиот факултет во Скопје предупредува дека Македонија во континуитет губи обработливо земјоделско земјиште, кое никако не смее да се пренаменува за други потреби.
„Македонија има многу ограничен ресурс со обработливото земјоделско земјиште, посебно во повисоките класи, а тоа се класите од прва до четврта. Мојот став е изразито против тоа земјиште да се пренаменува за други потреби, односно за активности што не се земјоделски. Стратешки инвестиции може да се прават, особено ако зборуваме сега за големиот интерес што е за фотоволтаиците, може да се прават на понеквалитетни земјишта, на земјишта коишто претходно се еродирани или јаловини од рудници, а никако не смее да се дозволи да земјоделското земјиште коешто многу во изминатите години е загубено, посебно обработливото земјиште, ние преку 150 илјади хектари имаме помалку обработливо земјоделско земјиште ако го компарираме периодот од она што сме го имале во 1990 и она што го имаме денес“, вели професорот Димитриевски.
Од друга страна, Владата, тврди дека ќе се овозможи и производство на струја и земјоделски активности, иако не е јасно како тоа воопшто ќе се изведе, а дополнително, во самиот предлог-закон стои дека стратешкиот инвеститор ќе врши надзор и контрола над оние кои вршат земјоделска дејност.
Експертите предупредуваат дека Македонија во континуитет губи обработливо земјоделско земјиште
Професорот Димитриевски вели дека може да се направи стратешка грешка, бидејќи ако се продолжи вака, Македонија може да стане енергетски независна, но, комплетно зависна од увоз на храна.
„Ние секако за одредени основни прехранбени производи секоја година го зголемуваме увозот и го намалуваме производството, а ако и ова го направиме, на крајот секако дека ќе стигнеме до тоа ниво. Затоа, јас сум изразито против да земјиштето од прва до четврта класа се пренаменува за неземјоделски активности“, вели професорот Димитриевски.
Работа за Комисијата за заштита на конкуренцијата
Очигледно е дека и во самата Влада има разногласие во однос на предлог-законите за стратешките инвестиции, кои по брза постапка влегоа во собраниска процедура. Тоа го потврди и министерот за економија, Крешник Бектеши, кој рече дека има резерва за една од трите стратешки инвестиции. Не сакаше да открие за која инвестиција станува збор, но најави дека ќе бара од комисијата во Владата да се репреговара со инвеститорот.
„За некои од тие стратешки инвестиции, јас лично, заедно со моите советници мислиме дека има одредени работи кои треба да бидат променети или, пак, да се репреговараат со заинтересираните страни за одредени инвестиции, моментално се три, за една од нив имам мои сомневање дека треба да се репреговараат зашто ние како Министерството за економија не сме биле директно вклучени во преговарањето“, изјави Бектеши.
Но, она што не сакаше да го каже Бектеши, се чини дека се дознава од потезите што изминатиов период ги влече Министерството за економија. Од Комисијата за заштита на конкуренцијата за „Само прашај“ потврдуваат дека Бектеши барал мислење од КЗК за стратешкиот проект за изградба на соларниот парк „Стипион“.
„Во Комисијата за заштита на конкуренцијата е стигнато Барање за мислење од страна на Министерството за економија во врска со стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“. Во Комисијата е оформен предмет и ќе се произнесе со соодветно Мислење во рамките на своите надлежности“, велат од КЗК за „Само прашај“.
Се губи енергетскиот суверенитет
По бурните негативни реакции во јавноста за предлог-законите за стратешки инвестиции, кои Владата ги стави на брза лента и ги прати на гласање, вицепремиерот Фатмир Битиќи најде оправдување во фактот што за време на енергетската криза се субвенционирала струјата за граѓаните и за стопанството, па се потрошиле парите за изградба на новите енергетски капацитети, вкупно 400 милиони евра, па затоа се бараат стратешки партнери.
Битиќи се пофали дека неколкуте потенцијални стратешки инвеститори веќе имаат доставено банкарска гаранција, а според нивните бизнис-планови треба да инвестираат 786 милиони евра.
Минатата недела Битиќи во Собранието ги образложи четирите Предлог - закони за реализација на стратешки проекти за забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија (Извор: ФБ профил)
„Договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк „Стипион“ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час, а балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ 50 спрема 50 отсто. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум 2 отсто, но согласно инфлацијата на еврозоната“, рече Битиќи.
Вицепремиерот ја уверуваше јавноста дека оваа инвестиција, заедно со гасната когенеративна електрана на „Митилинеос“ што треба да се гради во Скопје, стратешкиот проект за соларна електрична централа во Пехчево и проектот „АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ“ ќе бидат добри за градење на енергетската независност на земја, што наиде на жестоки критики од Здружението на инженери.
„Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Договорите кои се составен дел од овие четири предлог закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија“, велат од Здружение на инженери.
Незначително производство од соларните електрани
Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека производството на електрична енергија од фотонапонски централи учествува во вкупното производство само 5%. Иако Државниот завод за статистика пресмета дека тој процент е уште помал, односно 1,2%, од РКЕ за „Само прашај“ појаснуваат дека тоа се должи на разлики во методолошкиот пристап, односно ДЗС објавува прелиминарни податоци врз основа на примероци, а РКЕ тоа го прави со податоци од сите носители на лиценци.
Зголемениот интересот за изградба на фотонапонски централи и на ветерници прави притисок врз преносниот систем
„Заклучно со 31.12.2023 година, вкупниот број на фотонапонски електроцентрали изнесува 1002, со вкупна инсталирана моќност од 506 MW. Од досега прибраните и обработени извештаи за 2023 година, заклучно со ноември 2023 година, производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали изнесува околу 282 GWh“, велат од РКЕ за „Само прашај“.
Во услови кога значително е зголемен интересот за изградба на фотонапонски централи и на ветерници, експертите по енергетика предупредуваат дека мора да се внимава, бидејќи се прави притисок врз преносниот систем, а батерии за складирање нема доволно.
„Во Македонија, преносната мрежа за пренос на електрична енергија е веројатно заситена и како што е познато во јавноста има многу поголем број за изградба на постројки, сончеви колектори, фотоволтаици и постројки на ветер отколку што може преносниот систем тоа да го поднесе. И второ, бидејќи таа е веројатноста, ако тие престанат да работат, ние немаме капацитети во истиот момент да постигнеме управување со системот, таканареченото балансирање на системот, не може да се оствари во тој временски период кога има нагло престанок на ветер, нема сонце, два облака го спречиле производството. Веднаш мора да има базна енергија, којашто ќе се вклучи во тој момент“, вели професорот Константин Димитров.
Според него, алтернативата е изградба на големи капацитети за акумулација на енергија.
„Моментално кај нас, во нашата техничка пракса, знаење, размислување имаме акумулаторски батерии, но тие се со мал капацитет, не се размислува да се постават за сопствени потреби акумулаторски батерии или да се принудат овие производители на енергија од ветер, ако поставиш 1 мегават, минимум половина мегават да имаш батерии, да акумулираш и кога нема ветер да дадеш во мрежата, да балансираш, да нема удари на мрежата“, вели професорот Константин Димитров.
Факт е дека само мал дел од ветерниците произведуваат многу повеќе струја од сите фотонапонски централи. Иако од РКЕ тоа го објаснуваат со технологијата на производство и условите, сепак, малиот процент на нивното учество во вкупно произведената електрична енергија е главен показател дека не смее да се дозволи обработливото земјоделско земјиште да се користи за изградба на фотоволтаици бидејќи лесно можеме да останеме без храна.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.