fbpx

Стави фотоволтаик и легализирај ја дивоградбата

  • Владата дозволува легализирање на дивоградби од лесната индустрија ако во рок од една година постават фотоволтаик.
  • Со издавање одобрение за градба на веќе изграден објект се прескокнуваат сите инстанци што ги предвидува Законот за градење.
  • Архитектите обвинуваат дека се „бајпасира“ Законот за легализација на дивоградби кој е заглавен во Собранието, а правниците предупредуваат дека законските измени се противуставни.
  • Ниту една од институциите вклучени во аминувањето на ваквото решение не одговорија на прашањата за неговите правни нелогичности и безбедносни ризици.
  • Од Кабинетот на Претседателот на државата, кој го потпиша Указот, велат дека до нив не стигнале приговори, а ако има загрижност можело да се поднесе иницијатива до Уставниот суд.
 

Владата ги предложи, Собранието ги донесе по скратена постапка, а Претседателот го потпиша указот за стапување на сила на измените на Законот за градење. Ова го вклучи алармот кај архитектите и кај правниците, кои во новите решенија видоа нелогичности што поттикнуваат беззаконие и ја загрозуваат безбедноста, но и обид на „мала врата“ да се протне нова легализација на дивоградби. Со образложение дека е дел од мерките за олеснување на влијанието на енергетската криза врз бизнисот, по барање на Стопанската комора вметнат е членот 78–г што предвидува легализација на индустриски објекти, изградени без одобрение за градба, ако за една година на покривот постават фотонапонска централа.

Член 78-г од Законот за градење. Измените на Законот може да ги видите на следниот ЛИНК

Според архитектот Дамјан Цингарски, да се издаде одобрение за градење на веќе изграден објект, само по себе е бесмислено. Тој во ова гледа обид да се бајпасира Законот за легализација на дивоградби кој е „заглавен“ во Собранието.

„Тоа што е напишано во законот апсолутно треба да следи некаков ‘здрав разум’, треба има некаква логика. Ова не е неуспех на политичката опција на власт, ова е само еден момент, ова е всушност резултат на повеќегодишна ерозија на знаењето и на буткање на бесмислени решенија, каде што никој од нас архитектите не крена глас - факултетите за архитектура не кренаа глас, ААМ не крена глас, Комората не крена глас“, вели Цингарски.

Државата со години носи закони за легализација на дивоградби. Постојано се носеа нови решенија, се менуваа и роковите и условите, но реалноста е дека не само што проблемот не се реши, туку се создаде дополнителен хаос. Всушност, луѓето беа поттикнати да градат на диво и потоа да легализираат, како полесен начин да дојдат до „тапија“ отколку кога би оделе по регуларен пат. Адвокатот Александар Новакоски вели дека ова законско решение е комплетно неуставно, а како и Цингарски смета дека енергетската криза се користи само како параван за да се легализираат дивоградби.

„Овие измени сигурно се со цел да се легализираат некои дивоградби кои не можеле досега да ги легализираат, а ги користат новонастанатите околности за изградба на фотонапонски уреди. Сметам дека не се издржани измените, ниту законски ниту во согласност со Уставот, бидејќи се привилегираат одредени дивоградби и во прашање се доведува правната сигурност. Праќаме порака дека може да се градат дивоградби и потоа, на некој период, дали се работи за приватни објекти, дали се работи како сега за индустриски, да се легализираат. Не можело да се изнајде друг начин и сега ќе се легализираат и тие што треба и тие што не треба“, вели Новакоски.

Прескокнатите процедури ја загрозуваат безбедноста

Освен што се праќа порака со која се поттикнуваат граѓаните да градат на диво, новите измени предвидуваат решенија кои се опасни и од аспект на безбедноста. Со тоа што треба да се издаде одобрение за градење на веќе изграден објект се прескокнуваат сите инстанци што законски се определени.

„Кога во нормална процедура се издава одобрение за градење, се почнува со проект кој се ревидира, сите негови фази се ревидирани, се добива мислење од ИЗИИС или од друга институција што е надлежна за да ја провери механичката стабилност, сеизмичката заштита итн. На крајот, кога ќе се издаде одобрението за градење, објектот почнува да се гради, за по неговото завршување, надзорниот инженер да може да го провери сето тоа и да го даде документот дека тој може да се стави во употреба. Сега, во оваа ситуација објектот е веќе изграден, и тој треба да ги замени сите овие инстанци што ги набројав и практично да си ја стави ‘главата во торба’, да верува дека е тоа изградено како што треба, да потпише и ние како администрација да му издадеме одобрение за градење“, објаснува архитектот Цингарски.

И Новаковски се согласува со ставот на Цингарски дека на овој начин се прескокнуваат сите процедури, од идеен проект изработен од овластен архитект, основен проект и негова ревизија изготвена од овластен проектант за што се потребни извод од ДУП, имотен лист, оценка за влијание врз животната средина, елаборат за геомеханика и сеизмичност на локацијата, хидротехнички услови (водовод), геодетско испитување, геодетски елаборат, платени комуналии, до конечно одобрение за градба. На ваков начин само ќе се оди на добивање одобрение за градба, без претходните процедури, што претставува ризик.

„Ова е комплетно противуставно. Очигледно не ни доаѓа памет, со оглед дека имавме случаи со објекти кои изгореа, каде имаше и жртви. Не би сакал да прејудицирам, но секако е дискутабилно, бидејќи се прескокнуваат сите други процедури, посебно што некој прави правна и економска нееднаквост. Некои го запазиле законот претходно, граделе по правилата, по процедурите, по законите, по правилниците, и сега имаме привилегирана група која го користи овој момент. Ќе имате и друг случај, на пример, кога се прави легализација за да се задоволат некои лоби интереси, а се праќа порака дека секој треба да има храброст да изгради, а потоа дека државата кога тогаш ќе го легализира. Само обичните смртници ќе добијат кривични пријави за нелегална градба. Можеби го користат овој момент, но е многу брутално и мислам дека со ова сериозно се доведува во прашање правната сигурност, вели Новакоски.

Сложни браќа легализираат дивоградби

Во нашата потрага да ги откриеме причините, зошто ваков член, кој во себе има и правни нелогичности и безбедносни ризици, ги поминал сите инстанци без никој да го увиди тоа, се соочивме со бирократски и писмени одговори и од Министерството за транспорт и од Стопанската комора и од Претседателот на државата.

Членот 78-г е вметнат во измените на Законот за градење со амандман од Стопанската комора. Тие поминаа минатиот месец беа изгласани во Собранието по скратена постапка, со над 80 гласа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“. Потоа, донесеното решение е потпишано од претседателот Стево Пендаровски по што е објавено и во „Службен весник“.

Од Министерството за транспорт и врски како предлагач на измените кусо, писмено ни одговорија дека овој член е поднесен преку амандман за време на собраниската расправа по предлог на Стопанската комора, како мерка за намалување на влијанието од енергетската криза и за зголемување на сопственото производство на струја.

„За објектите кои се предмет на овој член, треба да е донесена урбанистичка планска документација и ќе потенцираме дека не треба да бидат нарушени урбанистичките параметри во рамките на урбанистичкиот план. Исто така за таквите објекти треба да биде поднесена целокупната документација предвидена за добивање на Одобрение за градење“, се вели во писмениот одговор од Министерството за транспорт и врски.

Министерот Благој Бочварски не сакаше да даде изјава за да објасни зошто во овој случај прифатиле вакво заобиколување на постапката која е задолжителна во нормалната процедура да се дојде до одобрение на градба и што е причината ваквите измени да поминат во Собранието по скратена постапка.

Се обративме и до Стопанската комора како предлагач на членот 78-г. Но, и оттаму, наместо одговори на прашањата за оправданоста и од економски и од правен аспект, добивме линкови до нивни соопштенија за јавност за барањето кое подоцна ќе се претвори во законски член.

„Постојат многу индустриски објекти и производни хали кои се изградени во согласност со урбанистичките планови, на сопствено земјиште. Меѓутоа, сè уште немаат обезбедена градежна дозвола и се водат како нелегални (без градежна дозвола), а сепак ги исполнуваат сите услови. Ова, пред сè, поради фактот што за да поставиш фотоволтаици на крововите од индустриските објекти, хали, потребно е истиот да има градежна дозвола, што значи да биде легален објект, за да можат да ги создадат условите да постават фотоволтаици“, се вели во одговорот од Стопанската комора.

„Само прашај“ побара мислење и од Асоцијацијата на архитекти, од каде само рекоа дека немаат став за спорниот член од Законот.

И на крајот, се обративме до Кабинетот на шефот на државата кој е последната алка во процесот на стапување на сила на овој Закон за изменување на Законот за градење. На прашањето дали го анализирале решението пред претседателот Пендаровски да го потпише Указот, ни одговорија дека до нив не стигнале приговори на неговата содржина. Сега, велат, доколку има, може да поднесат иницијатива за испитување на уставноста.

„Во минатото, секогаш кога имало реакции до Претседателот од страна на експерти, стручни лица, граѓански организации, граѓани и други засегнати страни за закони кои може да имаат негативно влијание врз општествените процеси и појави, Претседателот одржувал состаноци и средби, а двапати и го има искористено правото на вето, односно да не ги потпише указите за закони. Доколку некои од засегнатите страни со Законот за градење имаат загриженост во однос на Законот, можат да поднесат иницијатива до Уставниот суд“, се вели во одговорот од Кабинетот на Претседателот на државата.

Со измените, сопствениците добиваат легализирање на објекти по заобиколена процедура, државата добива пари во буџетот од двојно поскапите комуналии кои треба да се платат за легализацијата, а Комората аргумент дека придонеле за полесно справување со енергетската криза. Но, она што со ваквите решенија се испраќа како порака од институциите до пошироката јавност е нивната слога за да се заштитат интересите на мала група и по цена на губење комплетна доверба во правниот систем.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски
Сниматели: Иван Поповиќ и Марјан Петковски
Монтажа: Борче Крстевски