fbpx

Изгор патарини, крш патишта

Македонија станува транспортен парадокс. Од земјава е поевтино со нискобуџетен лет да заминете за некоја од странските метрополи отколку со автомобил да се движите низ Коридорот 10. Ако летово одлучивте да се сончате во Грција, од Скопје до Гевгелија и назад за патарини потрошивте 720 денари. Движењето низ цел Коридор 10 од север до југ е 760 денари во двата правци или над 12 евра.

Izgor patarini krs patista 1Патарините по Коридорот 10 чинат повеќе отколку нискобуџетен лет до Барселона или Париз

Од граничниот премин „Табановце“ до „Богородица“ се стигнува за нешто помалку од 2 часа, по поминати 166 километри. Македонските 166 километри чинат над 12 евра, но ако продолжите кон север кон Белград ќе поминете уште 381 километар, над двојно повеќе ама за патарини ќе платите исто 12 евра.

Izgor patarini krs patista 2Патарините по Коридорот 10 во Србија многу пониски отколку во Македонија

Наскоро и за делницата до Штип во должина од 47 километри ќе се плаќаат уште две патарини коишто веќе се градат, па патувањето Скопје-Штип-Скопје ќе чини вкупно 320 денари. Оттука, граѓаните со право се прашуваат што добиваат за возврат, односно по какви делници се возиме, дали се одржуваат и дали собраните пари од патарини оптимално се трошат?

Модерни автопати или крпеници?

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во екот на летната сезона изјави дека граѓаните плаќаат за да имаат модерни автопати.

Izgor patarini krs patista 3„На сите автопати се плаќа патарина по такса која што е утврдена со закон. Тоа е исклучиво само заради аспектот да имаме модерни патишта, да можеме да ги одржуваме, да можеме при зимски услови да ги исчистиме од снежни наноси и почесто да ги реконструираме за да бидат во добра кондиција заради тоа што патиштата се лицето на државата и за нашите граѓани и за оние коишто влегуваат и транзитираат низ Република Северна Македонија“, рече Бочварски.

Дупките, крпениците, „шините“ и добитокот коишто се редовна слика на патиштата може да доведат до несакани последици во сообраќајот

Но, еден поглед на делницата кај ТЕЦ Неготино која во летната сезона дневно ја минуваат илјадници возила или на автопатот Тетово – Гостивар, каде што и самата брзина е ограничена на 80 километри е доволен показател дека македонските патишта се далеку од модерни. Ова не носи до клучното прашање – како се трошат парите од патарини?

Армија нововработени во ЈП за државни патишта

Јавното претпријатие за државни патишта е основано од Владата. Негови главни задачи се планирање, изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на јавните патишта, управување со државните патишта и секако наплата на надоместоците за користење на јавните патишта. Ова е јавно претпријатие е наследник на некогашната Агенција за државни патишта. Но, со една клучна разлика - бројот на вработени значително се зголеми.

Драстично е зголемен бројот на вработени во ЈП за државни патишта

Тоа јасно може да се види од Ревизорските извештаи кои компанијата „Мур Стивенс“ ги направила за работењето на Јавното претпријатие за државни патишта во изминативе години. На крајот на минатата година, ова претпријатие броело 481 вработен. Од 2017-та кога дојде новата Влада, бројот на вработени е зголемен за речиси 100 луѓе.

Izgor patarini krs patista 4Извор: ревизорски извештаи на „Мур Стивенс ДОО“

Последниот ревизорски извештај содржи уште интересни информации. Поради пандемијата со Ковид-19, приходите од патарини се намалиле за 23%. Но, патарините не се единствениот надоместок што го плаќаат граѓаните, бидејќи освен нив, Јавното претпријатие собира пари и од акцизата на горивата и од регистрацијата на возила.

ЈП за државни патишта: Приходите од патарини недоволни

„Приходот од патарина, како и сите други приходи остварени од работењето на ЈП за државни патишта и приливите од странски кредити на годишно ниво за 2020 година изнесуваат 191,5 милиони евра. За инвестиции во патишта се реализирани околу 114 милиони евра или 60%, а за плати и други трошоци за вработените се реализирани 4,6 милиони евра или 2,4% од вкупните приходи, како и од приливи преку странски кредити“, велат од ЈП за државни патишта.

Оттаму признаваат дека надоместокот од патарина не е доволен за обнова на инфраструктурата, а овие пари и не се само за одржување, туку и за нови инвестиции, што сугерира дека на земјава најверојатно и е потребен нов модел, како во дел од земјите од регионот каде што за одржувањето на автопатиштата се грижи посебно претпријатие.

„До подобра инфраструктура може да стигнеме со повеќе домаќинско и економично работење, иако ова не е материја на која може да се заштеди. Ако сакате патот што го градите да трае подолго ќе го изградите од квалитетни материјали, а тоа чини пари. Ете затоа она што се остварува како приход или што се зема како заем не секогаш е доволно. Се гради по приоритет, бидејќи има делови во државава каде што има повеќе фреквенција на возила, па со самото тоа патиштата побргу стасуваат до фазата за санација“, додаваат од претпријатието.

Ревизорскиот извештај покажува дека вкупните лански приходи од надоместоци изнесувале 6,8 милијарди денари или над 110 милиони евра. Од нив, 33,8 милиони евра се собрани од патарини. Претходната 2019 година, кога го немавме проблемот со коронавирусот и рестрикциите во патувањата, ова јавно претпријатие од патарини инкасирало околу 44 милиони евра.

Македонија „вози“ како во времето на Југославија

Патната мрежа треба да се разгледува од неколку аспекти - нејзината изграденост, нивото на услуга кон граѓаните и од аспект на безбедноста во сообраќајот, појаснува професорот од Катедрата за патишта при Градежниот факултет, Горан Мијоски.

Тој за „Само прашај“ посочува дека одлуките се носат врз основа на средствата што се прибираат, но евидентно е дека во некои сегменти заостануваме зад земјите од поранешна СФРЈ, кои уште пред 30 години направија промена на моделот на одржување на патиштата.

Професорот гледа напредок во одржувањето на патиштата во изминативе години, но предупредува дека секогаш треба да се прави повеќе за подобрување на инфраструктурата. Тој потенцира дека е потребно континуирано да се инвестира во одржување на патиштата.

Јасно е дека Македонија мора да менува нешто во одржувањето на патиштата, затоа што граѓаните плаќаат преку повеќе канали за тоа и логично очекуваат модерна патна инфраструктура. Сепак, и покрај повеќегодишните декларативни заложби на политичарите на власт за сериозни вложувања во овој сектор практиката покажува дека бавно оди реорганизацијата и реализацијата на ветените проекти. Имено, 30 години по осамостојувањето ние се‘ уште немаме модерен автопат до Охрид, Албанија и Бугарија. 

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Слаѓан Милошоски
Фоторепортер: Дарко Андоновски
Монтажер: Ристо Душковски