- Наивно е да се стави целата одговорност само врз наставничката во селото Челопек, бидејќи оваа приредба не е подготувана изолирано, туку имало проби, па и генерална проба, на која најверојатно присуствувал и директорот.
- Отсуството на посериозни санкции од институциите на јавноста за вакви настани и праќа порака дека вакви настани кои потпалуваат националистички страсти поминуваат без посериозна одговорност.
- Треба да се внимава и на содржината на претставите кои ги организираат, начинот на кој истите се изведуваат, порачува Народниот правобранител каде е отворен предмет за случајот во Челопек.
- Ова е последица од активностите на терен кои на еден или на друг начин ги раздвижија внатрешно политичките состојби во Македонија, смета Павле Трајанов кој е национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
- Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето според која децата не смеат да бидат подложни на политичка инструментализација и да се милитаризираат.
Инспекторите во вонредниот надзор на училиштето „7 Март“ во селото Челопек утврдија одговорност кај една од наставничките за организирањето на приредбата на Денот на албанското знаме, на која се појавија ученици облечени во униформи на УЧК со пластично оружје. Сега од директорот на училиштето и од градоначалникот на општина Брвеница се бара да постапат по Закон.
За Ѓорѓи Илиевски, долгодишен просветен инспектор сега во пензија, ваквата ситуација е апсурдна, бидејќи наивно е да се стави целата одговорност само врз наставничката, бидејќи оваа приредба не е подготувала изолирано, туку веројатно подолго време, имало проби, па и генерална проба, на која најверојатно присуствувал и директорот. Илиевски претпоставува дека за наставничката ќе биде поведена дисциплинска постапка, којшто ќе резултира со опомена да не се повтори делото.
![](https://cdn.samoprasaj.mk/wp-content/uploads/2024/12/zloupotreba-na-deca-za-partiski-celi-ilievski.jpg)
Ваквата „млака“ реакција на институциите на јавноста и праќа порака дека вакви настани кои потпалуваат националистички страсти поминуваат без посериозна одговорност. Но, она што во случајот има поголема тежина е што тоа се случува во училишта, бидејќи вакви „прослави“ имало и во училишта во Тетово, Чаир и Струга.
„Во даденава ситуација одговорноста е тука веднаш да се разрешат директорите на тие училишта . Да се повика училишниот одбор за разгледување и разрешување. Ако тоа не се испочитува, тогаш надлежноста на МОН е да им ги одземе ингеренциите на тие училишта и согласно законот да се постави раководство. Јас имам една забелешка: Зошто министерката заедно со заменик-министерот за образование не отидат во тие места каде што имаше проблеми? Не може министерката да се наоѓа во Штип или на друго место и од таму да ги чека извештаите на инспекторите“, вели Илиевски.
Слика на политичките состојби во општеството
И Народниот правобранител отвори предмет за овој случај по сопствена инцијатива, бидејќи сметаат дека улогата на образовните институции и на општеството воопшто е за правилно воспитување на децата, нивно едуцирање за почитување на демократските вредности, мирот, слободата и правата на другите.
![](https://cdn.samoprasaj.mk/wp-content/uploads/2024/12/zloupotreba-na-deca-za-partiski-celi-skolo-3.jpg)
„Во училиштата сите овие вредности мора правилно да се формираат и пренесат на децата. Треба да се внимава и на содржината на претставите кои ги организираат, начинот на кој истите се изведуваат, од причина што може негативно да влијаат на развојот и однесувањето на децата, со оглед на пораката која може да се испрати со вакви претстави, не само до ученици од конкретно училиште, туку и до децата општо, без оглед дали во нив се образуваат припадници од само една или различни етнички заедници“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
![](https://cdn.samoprasaj.mk/wp-content/uploads/2024/12/zloupotreba-na-deca-za-partiski-celi-trajanov.jpg)
Ова е последица од активностите на терен кои на еден или на друг начин ги раздвижија внатрешно политичките состојби во Македонија, смета Павле Трајанов кој е национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам. Ова укажува дека партиите делуваат подземно, едно зборуваат во јавноста, друго прават.
„Овие се радикални активности кои што се во функција на дестабилизација на државата, но се надевам дека преку политичките партии, преку сите други надлежни субјекти, невладиниот сектор, верските заедници . Клучен е образовниот процес, како ќе се постави, клучно е семејството. Многу фактори се клучни за да имаме силна превенција, и за да не преку овие екстремни настани создаваме незадоволство помеѓу етничките заедници и судири. Целта веројатно е да се дестабилизира државата, но после политички активности потребно е активности на државата неопходно е активноста на службите. Многу важно е се разбира да одговараат тие што пукаат, тие што палат знамиња и подготвуваат вакви приредби. Но, клучно е кој е носител на сите овие активности, кој ги иницира, кој ги организира и треба да се види, да не се става ништо под тепих, да е расчистат сите овие работи“, вели Трајанов.
Влијанието од семејството и медиумите
И додека надалежните ги расчистуваат работите во Челопек, во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во скопски Центар ученици од четри-пет етнички заедници, припадници на различна вероисповест без никакви проблеми го завршуваа рвото полугодие од оваа учебна година.
![](https://cdn.samoprasaj.mk/wp-content/uploads/2024/12/zloupotreba-na-deca-za-partiski-celi-skolo-2.jpg)
Наставата се одвива на македонски јазик, а за да имаат децата пошироки хоризонти се организираат работилници со училишта со албански наставен јазик. Директорката Соња Кирковска е гордаа на ваквата атмосфера во училиштето. Вели дека отворено разговараат за различностите, за да се прифатат и да се негуваат.
„Родителите кога ги запишуваат своите деца знаат дека има ученици од различни етнички заедници и можам да речам родителите многу позитивно го прифаќаат тоа. Кога тоа е прифатено од родителите и децата растат без предрасуди , ние имаме добра основа за да немаме проблеми во иднина. Децата се пречисти души и никогаш не би помислиле кој од која вероисповест е и на која етничка заедница припаѓа, тоа кај децата во нивна глава не постои, тоа е надворешно влијание, од семејството, од медиумите, од политиките кои се водат. Можам да кажам дека од нашево училиште може многу политичари да учат како функционира мултиетничката интеграција, во образованието и во општеството“, вели директорката Кирковска.
Но, наместо да учат од нив, возрасните не ја земаат предвид нивната ранливост и ги инволвираат во настани несодветни за нивната возраст. Со внимание треба да се пристапува кон реализирање на наставните и воннаставните активности, да се гради меѓу културализам и меѓуетничка интеграција. Настани кои подгреваат тензии имало и ќе има, важно е државата да има капацитет да ги решава, но и да дејствува превентивно.
„Бирото за развој на образованието се зачаурило на едно место, не дошло да ги согледа сите проблеми коишто ги има, кога се прават наставните програми и планови седи, кога Државниот инспекторат делува селективно во дадена ситуација и таму каде што ќе има пожар, или во дадената ситуација да ќе преземеме нешто но политиката која што длабоко е навлезена во образованието ги спречува сите овие работи“, смета просветниот инспектор во пензија Илиевски.
Илиевски посочува дека настанот во Челопек крши и неколку члена од Законот за основно образование - Членот 9 кој забранува партиско и верско организирање и дејствување во основното училиште и членот 46 кој обврзува на унапредување на мултикултурализмот и меѓуетничка интеграција.
Исто така, членот 7 ги посочува целите на основното образование и меѓу нив, петтата (воспитување за почитување на различностите, соработкаи почитување на различноста, основните човекови права и слободи) и осмата (развивање свест кај учениците за припадност на Р С Македонија и негување на националниот, граѓанскиот, етничкиот и културен идентитет) и ако подлабоко се размисли, преку организирање активности во кои само еднострано се потенцира етничкиот идентитет без притоа да се стави во контекст на овие две цели, не само што не се постигнуваат овие цели туку може и да се подриваат. Дополнително, внесување оружје во воспитно образовниот процес и средина е спротивно на секое етичко и морално воспитување и спротивно на најдобриот интерес на децата.Македонија е потписник и на Конвенцијата за правата на детето според која децата не смеат да бидат подложни на политичка инструментализација и да се милитаризираат.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска