- За сите оние за кои беа запрени постапките поради застареност која настапи по измените на Кривичниот законик, може да се спроведе постапка за конфискација таму каде што има основа и да им се одземе имотот стекнат со кривичните дела за кои беа гонети.
- Дали некои од имињата кои се спомнуваа во изминатите години сѐ уште се моќни за обвинителите да не покренат постапка за одземање на имотот кој го стекнале преку вршење на кривично дело?
- Експертите укажуваат дека треба да се подобри подготовката на обвиненијата и пресудите за да може прецизно да се дефинира имотот кој треба да биде конфискуван.
Откако стивна бурата за измените на Кривичниот законик, повеќемина правници „срамежливо“ прашаа, зошто не се водат постапки за конфискација на нелегално стекнатиот имот преку застарените кривични дела? Можноста за тоа е предвидена во Законот за кривична постапка. Членот 540 од тој Закон вели дека кога постојат фактички или правни пречки за водење на кривична постапка против сторител на кривично дело, судот по предлог на јавниот обвинител ќе спроведе посебна постапка за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети, ако се исполнети условите од Кривичниот законик. Во Кривичниот законик, пак, во членот 97, исто така, стои дека судот може да донесе одлука за конфискација во постапка определена со закон и кога од фактички или правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на кривичното дело. Во истиот член се наведува и дека „никој не може да ја задржи непосредната и посредната корист прибавена со кривично дело“.
Правниците кои ги консултиравме велат дека оваа одредба јасно кажува дека за сите оние за кои беа запрени постапките поради застареност која настапи по измените на Кривичниот законик, може да се спроведе постапка за конфискација, таму каде што има основа и да им се одземе имотот стекнат со кривичните дела за кои беа гонети.
Измените на Кривичниот законик предизвикаа лавина реакции во јавноста, бидејќи нивното донесување стави крај на прогонот на многу сторители на кривични дела. Опашките од овие измени сѐ уште се влечат. Најсвеж е примерот со случајот „Империја“ од пред дваесетина дена, во кој станува збор за перење пари – кривично дело кое во секоја држава завршува со конфискација на незаконски стекнатиот имот. Обвинителството го повлече во целост обвинението против бизнисменот Зоранчо Митровски, а другиот бизнисмен Цветан Панделевски нема да одговара за злоупотреба на службена положба и перење пари, но судењето против него продолжува за измама и за друго дело перење пари.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал велат дека повлекувањето е поради измените на Кривичниот законик односно делото „искористување на службена положба и овластување“, за кое одговараа обвинетите, повеќе не постои во изменетата одредба за злоупотреба на службена положба.
Поединци помоќни од државата
Во моментот на донесувањето на измените на КЗ во Кривичниот суд, се водеа постапки против 197 обвинети лица според членот 353 кој со измените беше избришан. Паднаа во вода случаите „ТНТ“, „Траекторија“, „Титаник 2“. Во најмалку 14 судски процеси познати во јавноста, каде што на обвинителна клупа седеа поранешни функционери, настапи застареност на кривичните дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Застареност настапи и за „Талир“, „Талир 2“, „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Тендери“, „Титаник 2“, „Траекторија“, „Шпански скали“, предметот за градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Меѓу лицата кои ги почувствуваа благодетите од измените на Кривичниот законик, беа и три лица од црната листа на САД: Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.
Ве некои од нив не постои основа за конфискација, но во поголемиот дел постои, а Законот за водење на кривична постапка е јасен и недвосмислено пропишува дека таквата постапка е можна.
Па, зошто не се водат постапки за конфискација? Дали некои од имињата кои се спомнуваа во изминатите години сѐ уште се моќни за обвинителите да не покренат постапка за одземање на имотот кој го стекнале преку вршење на кривично дело?
Обвинител кој во минатото извршуваше високи обвинителски функции, кој е познат на Само прашај, но сака да остане анонимен, ни потврди дека може да се водат такви постапки и по застареноста на делото. Вели дека застареноста влегува во правните пречки кои се наведени во законската одредба за водење постапки за конфискација во услови кога постојат правни пречки за водење кривична постапка.
„Само некој што е правно неписмен или не сака да поведе постапка за конфискација може да даде поинакво толкување. Во теоријата добро е разработено што значат правните пречки а во нив е опфатена и застареноста на делото“, ни изјави обвинителот.
Пинг-понг со парите од Скопје 2014
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека пример за тоа е процесот што се водеше против инволвираните во Скопје 2014.
„Никој не покрена постапка за конфискација, а вмешани беа звучни имиња од политиката. Одговара само една личност. Обвинителите се откажаа од водење постапки за конфискација, а можеа да водат таква постапка и покрај тоа што делото застаре со донесувањето на измените на Кривичниот законик“, вели професорот Калајџиев.
Случајот со Скопје 2014 или судски познат како предмет „Феникс“ е сликовит пример за тоа како и покрај милионските злоупотребени суми (истрагата покажа дека околу 16 милиони буџетски средства се слеале во приватни џебови), државата не може да активира механизми за враќање на украденото. Од првично осомничените 15 лица на чие чело беа Груевски, Ставрески и Елизабета Канческа Милевска, и пет фирми, листата се стесни на пет лица и шест фирми на кои им се суди за перење пари. Во случајот е замрзнат и имот (хотел, деловни простории, станбени единици и други недвижни и подвижни предмети) кој ќе биде предложен од страна на обвинителството за конфискација.
Предметот „Феникс“ за Скопје 2014 е сликовит пример за тоа како државата не може да активира механизми за враќање на украденото
Притоа, важно е да се потсети дека за функционерската тројка застаре делото за злоупотреба на службена должност, а според обвинителот Љубомир Лапе со кого разговаравме, конфискацијата е тешко изводлива, бидејќи истрагата покажала дека парите завршиле во Италија. Обвинителниот акт што подоцна беше утврден и во кој беа обвинети пет други лица и неколку фирми главно во сопственост на првообвинетиот, наведува дека дел од парите преку банкарски трансакции и фиктивни фактури биле пуштани во оптек од Италија кон Македонија, а потоа од сметката на правното лице во Македонија биле подигнувани и предавани на еден од осомничените, а дел биле префрлани на други правни лица од каде повторно биле подигнувани.
Стечај како спас од конфискација
„Според истражувањата на коалицијата Сите за правично судење, постојат повеќе предизвици и пречки поради кои конфискацијата на имот бележи слаба примена, меѓу кои недостигот на човечки и материјални ресурси во јавните обвинителства и истражните органи, неповрзаноста на јавното обвинителство со релевантни институции“, вели Дарко Аврамовски директор на Коалицијата во чиј фокус е и конфискацијата како правен механизам.
Проблемот особено е видлив во постапките поврзани со организиран криминал и корупција, каде обвинетите лица најчесто се моќни личности или државни службеници кои имаат одлични познавања на законите во финанското работење.
„Тоа се воедно и лица кои располагаат со друг тип на моќ која може да биде искористена за дополнително да се отежни постапката за конфискација, вклучително и преку незаконски средства“, нѝ рече Аврамовски. Случајот со Скопје 2014 е само еден пример дека државата од разни причини тешко ја надоместува штетата што и е нанесена преку ограбување на буџетот.Вториот пример е неуспешната конфискација во случајот „Трансмет“, кога замрзнатиот имот како подготовка за конфискација, со разни правни вратоломии и изигрување на системот стана дел од стечајна маса а државата остана со кратки ракави. Со пресудата за предметот за овој случај познат како „Труст“ и во чиј центар се наоѓаше бизнисменот Сеад Кочан, требаше да се конфискува имот во вредност од направената штета односно 17 милиони евра за да се обештети државата поради наместен тендер во РЕК Битола во 2011 година. Но, конфискацијата пропадна.
Мијалкови не ги даваат становите
„Потребно е да се спроведат и соодветни истраги за да се увиди евентуална кривична одговорност на (службени) лица кои намерно дејствувале со цел да ја попречат конфискацијата на имот. Сепак, треба да се има предвид дека конфискацијата како мерка не застарува, а застарувањето на кривичното дело не е пречка за поведување на постапка за конфискација. Тоа значи дека формално постои можност ваква постапка да биде допрва поведена, но треба да се има предвид дека протекот на време има голем удел во веројатноста да се докаже нелегално потекло на имотот и воедно извршување на изречената мерка“, вели Дарко Аврамовски.
Третиот познат случај е конфискацијата на имотот на Сашо Мијалков која првично се изврши, но потоа неговиот син (от)купи дел од конфискуваниот имот. Тоа беше класично исмевање на државата и правосудниот систем кој падна во замката на моќници кои добро ги знаат правилата на игра. На Мијалков му беше конфискуван имот во вредност од 15 милиони евра, но иако државата се надеваше дека со продажба на имотот ќе наплати 21 милион евра, тоа не се случи и наплатената сума е далеку под очекуваното. Од Агенцијата за конфискација на имот се жалеа во јавноста дека имаат притисоци од Мијалкови да не ги продаваат конфискуваните станови.
Според експертите со кои разговаравме, потребно е да се научат лекциите и да се инвестира првенствено во капацитетите на судовите и јавните обвинителства, со цел да се овозможи темелно и навремено спроведување на финансиски истраги, навремено замрзнување на имотот кој треба да биде конфискуван со цел да се оневозможи негова манипулација, особено во случаите каде се инволвирани и трети лица кои располагаат со некакви права врз имотот кој треба да биде конфискуван. Очигледно е и дека треба да се подобри подготовката на обвиненијата и пресудите за да може прецизно да се дефинира имотот кој треба да биде конфискуван и правните дела кои треба да се поништат, бидејќи се преземени со намера да се оневозможи конфискацијата, како и да се подобри праксата за располагање со веќе конфискуваниот имот за истиот наместо да биде продаван, да биде пренаменуван во некаква поширока општествена цел.
Штетата е на сите и на никој
Обвинителката Ленче Ристовска која беше дел од СЈО и која гонеше некои од вмешаните во криминал смета дека покренувањето на постапка за конфискација по застарувањето на делото е индивидуална обвинителска надлежност и дека веројатно ќе следат такви постапки. Но, истовремено како проблем ја посочува недореченоста на законот и отсуството на таква пракса. Вели и дека треба да се има предвид дека со измените на Кривичниот закон одредени дела се декриминализирани.
„Треба да се внимава на делот од кривичното дело ‘искористување’ кој е декриминализиран со измените на Кривичниот законик со што се губи правната основа за поведување на постапка за конфискација“, вели Ристовска. Во обвиненијата што го застапуваше обвинителката нема основа за конфискација, нѝ рече Ристовска.
Согласно медиумските истражувања проценетата штета на буџетот е околу 160 милиони евра, не сметајќи ги трошоците на постапката и адвокатските трошоци кои државата ќе треба да им ги надомести на обвинетите, ниту трошоците за ангажирање на целокупниот државен апарат во овие постапки. Тоа се штетите за државата што ќе ги предизвикаат отштетите што ќе треба да се платат на оние кои се виновни но државата не успеа навреме да го докаже тоа. Штетите од украденото од државата се чини се на сите и на никој. Правната држава е фрлена на колена, а моќта не лежи во законот туку кај поединци на кои им е дозволено да го користат како им одговара.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Дарко Андоновски