fbpx

Државата е „заробена“ во партизирана јавна администрација и корупција

 

Европската комисија со години наназад внимателно ги следи состојбите во јавната администрација и борбата против корупцијата, две теми во делот на извештаите за напредокот наречен „фундаменти“ кои се од клучна важност за приближување на Република Северна Македонија кон Унијата. Врз основа на индексите на корупцијата во државата и јавните перцепции за недоволна ефикасност и ефективноста на јавната администрација заклучокот е дека резултати нема. За системските проблеми во овие две области, како и за можните решенија, во месечниот поткаст In medias res разговараме со Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје и проф. д-р Драган Гоцевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Кога СЈО престана со работа, овој медиумски простор во голема мера го пополни ДКСК. Сепак очекувањата на граѓаните за улогата на Комисијата се многу поголеми. Прашање е дали ДКСК го има потребниот човечки и финансиски капацитет за во потполност да ја одигра својата улога на институција која ќе биде прва брана и систем за предупредување за коруптивните практики во македонското општество?

Поповиќ: Што и треба на ДКСК за подобро да функционира?

Широко распространето мислење е дека јавната администрација во голема мера е партизирана. Партиите на власт, независно дали на локално или централно ниво, имаат паралелен систем на „филтрирање“ на пријавените кандидати според политичка припадност, која секако мора да одговара со структурата која владее. Но сепак останува голема мистерија дали и зошто партизирањето на јавната администрација се случува на толку масовно ниво, кои се придобивките за вклучените страни но и дали размерите на оваа партизираност се толку големи колку што се верува?

Поповиќ: Зошто се партизира јавната администрација?

Синтагмата „заробена држава“ беше еден од најчесто употребуваните поими во последната декада во државата, регионот но и во политичката наука на глобално ниво. Сепак, малкумина знаат што таа точно значи. Јавната перцепција, или барем на оној дел на јавноста кој ги следи овие теми, е дека заробена држава се врзува за корумпирање не само на изборниот процес, туку и за воспоставување на контрола врз поголем број на општествени сфери од страна на една елита, а во функција на останување на власт на една политичка елита. Сепак, прецизното дефинирање на овој поим е важно заради неговото точно користење.

Поповиќ: Што е всушност заробена држава?

Широко распространетата предрасуда за јавната администрација кај нас е дека таа е исполнета со кадри кои не ги исполнуваат условите за местата на кои се пријавени, но и дека системот по кој кадарот се регрутира е длабоко корумпиран и многу малку поврзан со квалитетот на кандидатите кои се пријавуваат. Со оглед дека науката за јавна администрација познава два система, мерит и споил, интересно е да се чуе каде спаѓа македонскиот систем на регрутирање на јавната администрација. Дали се заснова на системот базиран на квалитет и заслуги (мерит) или на поделба на политичкиот плен од страна на оние кои ја освојуваат власта (споил)? Дали е можеби некаде помеѓу?

Проф. Гоцевски: Дали моделот во РСМ е поблиску до споил или мерит систем?

Недостатокот на јасни индикатори за мерливост на работата на јавната администрација создава неможност да се оцени работата на истата, но и недоверба кај јавноста која нема никаква ориентација во тоа што, колку и на кој начин се работи во органите и институциите на јавната администрација. Од друга страна, изработката на вакви индикатори не е нималку лесна работа, со оглед на различитоста на профили и работни места, но и работни задачи, кои постојат во целокупниот систем на јавна администрација. Сепак, добро е да се чуе дали постојат и кое се индикаторите за мерливост на работата на јавната администрација кај нас, но и дали е можно и потребно да постојат во сите сфери на јавната администрација.

Проф. Гоцевски: Како да изградиме систем на мерливост на работата на јавната администрација?

Една од непосакуваните и исцрпувачки практики во нашата држава е вадењето на документи од повеќе различни институции за завршување на одредена работа. Дали е ова нужно во пост-информатичко општество во кое не постои никаква пречка институциите да ја обавуваат цела електронска комуникација меѓу себе, без дополнителни побарувања од граѓаните кои им се обраќаат за помош. Дали воопшто институциите имаат ваква обврска и можност? Што е со компатибилноста на компјутерските системи на различните институции? Постои ли централизиран систем или системот е комплетно фрагментиран?

Проф. Гоцевски: Можна ли е и потребна електронска комуникација на институциите меѓу себе и со граѓаните?

Целиот поткаст под наслов „Незавршени поглавја - јавна администрација и антикорупција“ може да го слушнете на следниот линк