Медиумите во регионот се „сунѓер“ за странски влијанија

  • Регионот пулсира во согласност со геополитичките потреси, а тоа неизбежно се пренесе и на медиумите кои станаа бојно поле за пресметка со вистината.
  • Една од причините за продор на странско влијание во медиумите е и длабоката поларизираност на медиумската сцена на Балканот.
  • Ризиците се зголемуваат во изборните циклуси, безбедносни и геополитички кризи и случаи со висок јавен интерес, кога притисокот за брзи информации го забрзува ширењето на непроверени содржини.
  • НАТО и ЕУ клучни точки околу кои се прекршува странското влијание во медиумите од Западен Балкан.

Ранливост

Веројатно не постои по опсервирана сфера од медиумската, која постојано e под будното око на јавноста. Но, освен добронамерната опсервација која служи за подобрување на нивниот квалитет, можеби почеста е злонамерната опсервација или обидите за мешање од „трети страни“, со цел да се изменат информациите, да им се даде посакуван контекст или да се додаде тој мал невидлив зачин кој ќе го сврти вниманието на јавноста во друг правец. Земјите од таканаречениот Западен Балкан со децении се под странско влијание, пред сѐ поради историското бреме од комунизмот кое сѐ уште го носат на своите плеќи, и настојувањата на Западот како синоним за современиот прогрес, да помогне во нивното преобликување и воспоставување на демократски систем.

Медиумите во оваа мисија имаа(т) носечка улога, но со текот на времето пораснаа обидите од страна на геополитичките „математичари“ да ги претворат во инструмент за манипулација на јавноста. Во документот што неодамна го публикуваше Институтот за комуникациски студии насловен како „Медиумскиот еко систем и странското мешање и манипулирање со информации во Северна Македонија“ се укажува на факторите што ја зголемуваат изложеноста на медиумскиот простор на манипулативно влијание.

„Физичките и онлајн нападите, правните закани и недоволната институционална заштита го намалуваат капацитетот за истражување, верификација и критичко известување, кои се клучни за препознавање и разобличување на координирани информациски влијанија“, открива документот.

zastita od smmi vo mediumite bara sistemska otpornost a ne cenzura 4

Заштитата од странско влијание и манипулација во медиумите бара системска отпорност, а не цензура

За пробивот на малициозните информации од странство во медиумите во Македонија придонесуваат серија институционални ризик-фактори и системски слабости, а мерките за превенција не треба да бидат во насока на воведување цензура, туку кон зајакнување на независноста на медиумите и имплементација на европските закони.

Во Србија, пак, длабоката поларизација доведе и до фактот дека сè помалку граѓани им веруваат на медиумите. Ова е поткрепено со фактот дека главниот канал на информации се социјалните мрежи. Имено, истражувањето на Институтот Ројтерс за дигиталните медиуми за 2025 година покажа дека 67 проценти од граѓаните ги користат мрежите како главен извор на информации, што е највисоко во Европа.

И малиот, финансиски ранлив и политички поделен црногорски медиумски пазар е особено чувствителен на надворешни влијанија. Телевизијата и големите портали сè уште имаат најголемо влијание врз јавноста, додека социјалните мрежи сè повеќе служат како засилувач на веќе формираните наративи. Или како што вели новинарот Душко Вуковиќ, медиумите воопшто не се отпорни на странски влијанија, имајќи предвид дека тие не се економски независни во најголем дел, со исклучок на националниот јавен радиодифузен сервис.

Тоа значи дека медиумите зависат или од донаторски грантови или од некои бизниси, кои стојат зад нивното основање или евентуално преку реклами“, вели тој.

Во медиумите со јавна улога или со потенцијална зависност од јавни ресурси, ризикот од СММИ (странско мешање и манипулирање со информации) најчесто не се појавува како директна пропаганда туку како некритичко преземање, легитимирање или засилување на туѓи рамки, особено во кризни и геополитички контексти.

Долгогодишниот македонски новинар Бранко Ѓорѓевски во изјава за Само прашај констатира дека не може да се каже дека македонските медиуми се отпорни на странските влијанија. Всушност, додава тој, подобро би било да се каже дека македонските медиуми се многу малку отпорни на било какви влијанија, како внатрешни, така и надворешни.

Од она што го гледаме што се пласира преку македонските медиуми, како наслови, фотографии, како содржина на новинарски производи, многу лесно и секојдневно се уверуваме во тоа дека отпорноста на медиумите кон секој вид на влијание е многу ниска. Односно тие се ставаат во служба на одредени партиски или бизнис интереси, што значи дека на крајот ние не добиваме едно целосно објективно новинарство какво што им е навистина потребно на граѓаните“, укажува Ѓорѓевски.

Медиумска пустина

Една од причините за продор на странско влијание во медиумите е и длабоката поларизираност на медиумската сцена на Балканот. Пример за тоа е Србија каде медиумите се поделија на блиски до власта и медиуми кои се мета на власта. Или медиуми кои се слободни и медиуми кои не се, потоа проевропски или проруски настроени медиуми.

Затоа и медиумската слика во Србија е таква што медиумите не се секогаш на страната на вистината. Најдрастични примери се телевизиите со национална фреквенција, кои често го кршат законот, но не сносат никакви последици за тоа. Еден таков пример е ТВ Пинк, една од четирите телевизиски станици со национална покриеност, која во октомври 2017 година објави платен спот за медиумскиот линч врз Оливер Ивановиќ, лидерот на косовските Срби во Косово и Метохија, кој претходно ја објави својата кандидатура за градоначалник на Косовска Митровица. Во видеото, меѓу другото, се наведуваше дека Ивановиќ е „човек кој не плаче за убиени луѓе, туку за својот автомобил“, кој претходно бил запален. Три месеци подоцна, Ивановиќ беше убиен пред седиштето на неговата партија.

Во Србија не се поштедени ниту новинарите. На крајот на јануари годинава, на три телевизиски станици (од кои две имаат национално покривање) беше емитуван „документарец“ од Центарот за социјална стабилност, поврзан со владејачката Српска напредна партија, во кој отворено е на мета новинарот Веран Матиќ. Во овој „филм“, патем, се наведува дека Матиќ е предавник на Србија, странски платеник и агент, дека проневерил огромни суми пари.

Анѓела Крстовиќ, надворешно- политичка новинарка од Србија, посочува дека тамошното јавно мислење е доминантно проруско и про-Путин и дека медиумите пласираат содржини за кои проценуваат дека ќе ја заинтересираат јавноста.

Путин е најпознатиот странски лидер во Србија, и најпопуларниот, покажа неодамнешна анкета. Значи, ако пласирате содржина на вашата публика за која веќе е заинтересирана, тие ќе продолжат да кликнуваат, а вие ќе продолжите да заработувате пари. Толку е едноставно“, вели Крстовиќ.

Според неа, влијанието е врз речиси сите сфери, не само врз медиумите воопшто, туку и врз политичката ситуација и врз општеството. Знаеме, нагласува таа, дека тука има бројни организации кои шират руска пропаганда. Русија издвојува доста пари кога станува збор за пропаганда насекаде, особено во Западен Балкан, бидејќи ова е една од нивните сфери на интерес.

Во Македонија, од друга страна, има забележлива присутност на евроскептични пораки. Преку платформите Икс, Фејсбук и Јутјуб се појавуваат организирани онлајн кампањи кои ја предупредуваат јавноста на „бришење на македонската историја“, „антимакедонска преговарачка рамка за членство во ЕУ“ со што европската интеграција на земјата се посочува како закана за идентитетот на државата. Иако овие платформи не се сметаат за класични медиуми, нивната распространетост и користење, се сметаат како плодна почва за непречено странско влијание.

Професорката и медиумски експерт Марина Тунева, која е еден од авторите на публикацијата на Институтот за комуникациски студии – „Медиумскиот еко систем и странското мешање и манипулирање со информации во Северна Македонија“, посочува дека СММИ најчесто се препознава кога се совпаѓаат неколку индикатори: постои странски интерес, дејствувањето е координирано преку повеќе канали, се користат манипулативни техники како на пример лажно контекстуализирање, прикривање на изворот, имитирање кредибилни медиуми, злоупотреба на механизми за засилување на досегот. Сето тоа, како што истакнува, има јасна цел за влијание врз јавната сфера во државата.

На национално ниво се издвојуваат три слабости што директно ја намалуваат отпорноста на медиумите кон СММИ. Прво, појавата ретко е јасно именувана како посебен ризик во стратегиските и нормативните документи. Второ, институционалниот одговор е фрагментиран и често ад хок без стабилен механизам за координација и размена на информации. Трето, ранливоста на медиумскиот пазар и нетранспарентноста во дел од онлајн медиумите го олеснуваат локалното легитимирање и циркулацијата на манипулативни наративи“, смета Тунева.

Таа додава и дека посебно чувствителна точка за Македонија се етничките и идентитетските прашања каде што манипулациите се насочени кон продлабочување на недовербата меѓу заедниците или создавање впечаток дека евроинтеграцијата значи „губење идентитет“.

mediumite vo regionot se sungjer zasmmi marina tuneva
Ранливоста на медиумскиот пазар и нетранспарентноста на онлајн медиумите го олеснуваат локалното легитимирање на манипулативните наративи

И во Македонија, како и во останатите земји опфатени со нашата анализа, ризиците се зголемуваат во изборните циклуси, безбедносни и геополитички кризи и случаи со висок јавен интерес, кога притисокот за брзи информации го забрзува ширењето на непроверени содржини. Она што е типично само за Македонија, е што во изборните регистри се појавуваат и онлајн-медиуми регистрирани надвор од државата што отвора простор за злоупотреби и потенцијални влијанија. Оттука, медиумите во земјата не се само „жртви“ или „посредници“ на странско влијание, туку се дел од системот во кој операциите на СММИ може да се вградат, репродуцираат или оспорат. Таквата ситуација претставува предизвик не само за новинарската професија, туку и за медиумската регулатива, саморегулацијата и институционалната координација во државата која со децении ја бие битката да му се приклучи на европското семејство.

mediumite vo regionot se sungjer zasmmi trajcevski

Буџетски милиони за портали без содржина

Кај нас се пријавуваат портали кои се регистрирани во Албанија, Косово, Србија и кои воопшто немаат содржини од информативен карактер. Нека се обидат наши новинари да добијат пари во Србија или во Бугарија-таму сега ќе има избори. Никаде нема да добијат зашто не се исплаќаат пари од буџетот. Во 2024 се доделија 10 милиони евра буџетски пари на телевизии, радија и портали без критериуми. Средства добија и медиуми кои имаат минорна читаност… „Ваква пракса не постои никаде во светот“, вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги.

Иако социјалните мрежи не се класичен медиум, загрижува што во некои населени места во Македонија тие се единствен извор на информации за локалните состојби. Загриженоста доаѓа од фактот дека социјалните мрежи нудат бескрајни можности за извртување на вестите и информациите и се поле за кампања во режија на секакви заинтересирани страни, меѓу останатото и за надворешни влијанија. Во Македонија, иако истражувањата велат дека телевизијата и натаму е највлијателниот медиум, поради економското осиромашување на редакциите, локалните теми се ретко застапени. Од друга страна, неодамнешната анализа на новинарскиот синдикат покажа дека 60 отсто од територијата на државата е т.н. медиумска пустина и повеќе од една четвртина од населението не добива информации за својата локална средина.

Отсуството на локален медиум значи недоволна информираност кај јавноста, што носи ризик од половични информации, дезинформации, и простор за влез на странски актери. Така се случи новинската агенција од Бугарија, БГНЕС да испрати новинари во малото погранично гратче во Македонија, Делчево, и да направи репортажа со локалното население со наслов: „Македонците во Делчево: Без Бугарите немаме иднина, сите сте добредојдени“. Манипулацијата, се состоеше во тоа што локалните трговци се жалеа дека поради иселување на населението нивните бизниси стагнираат и дека викенд посетите на Бугарите за поевтино пазарење во Делчево им помагаат да се одржат. Но, во насловот, кој потоа се ширеше и на социјалните мрежи од страна на делчевци, зрачи лажна порака дека Македонија нема иднина без Бугарија.

Домашните слабости се пресудни

Значителен дел од ранливоста на медиумскиот простор произлегува, не само од странски центри на моќ, туку и од домашни слабости – нетранспарентно сопствеништво, зависност од рекламирање и политички врски, лоши услови за работа, кампањи насочени кон новинари и недоволно ефикасно процесирање на нападите врз новинари. Таков е примерот и со Црна Гора во која се формираше паралелен медиумски екосистем: еден дел од медиумите се обидува да дејствува професионално, додека другиот функционира како активистичко-пропаганден канал.

Иако во Црна Гора нема регистрирани официјални руски медиуми, анализата на DFC (Дигитален форензички центар) „Закани за демократските процеси во Црна Гора: Мапирање на влијанието“ наведува дека про-Кремљ пропагандата е присутна, со оглед на тоа што повеќето прорежимски српски медиуми ја пласираат својата содржина во јавниот простор на Црна Гора.

Анализата нагласува дека најзначајната улога во промоцијата на проруските и просрпските наративи во Црна Гора ја игра нерегистрираниот портал IN4S.

Порталот IN4S служи како продолжение на руските државни медиуми и интереси во регионот. Преку тој портал, Русија се претставува како алтернатива на Западот кон која треба да се сврти традиционалната Црна Гора. Покрај дезинформациите и лажните вести, IN4S со своите текстови поттикнува говор на омраза и мизогинија“, се наведува во анализата.

Според слична матрица, во анализата е додаден и порталот Борба, задолжен за промоција на наративи за заканата и дискриминацијата на Србите во Црна Гора и глорификацијата на српскиот и рускиот претседател.

Нашиот соговорник од Црна Гора новинарот Душко Вуковиќ оценува дека основниот предуслов за независност и независен став во однос на она за што се известува е да се биде независен од оние за кои се известува, без разлика дали станува збор за локалната политичка елита или за некоја регионална сила или за некоја сила воопшто, кога станува збор за меѓународни односи.

Се плашам дека во црногорскиот случај тоа не е лесно, бидејќи немаме економија, немаме пазар кој фаворизира независно однесување на медиумите, и од таквите медиуми не можеме да очекуваме новинарството да биде на трагата на она што е некаков услов за добро новинарство, а тоа е да се биде лојален на публиката, јавноста, а не на оној што стои зад неа, или со пари или со некое друго влијание“, ни изјави тој.

За Србија, пак, карактеристично е дека медиумите не се поделени само во однос на домашната политика, туку може да се забележи јасна разлика и во однос на тоа дали се на страната на Русија или Украина. Речиси по правило, медиумите блиски до српските власти се свртени кон Русија. Колку е длабоко вкоренета руската пропаганда во српските медиуми покажува насловната страница на Информер, главниот пропаганден весник на владејачката Српска напредна партија, два дена пред почетокот на војната во Украина. Главниот текст на насловната страница беше насловен како „Украина ја нападна Русија“, додека насловот наведуваше дека „Америка го турка светот во хаос“.

Новинарката за надворешна политика Анѓела Крстовиќ истакнува дека постојат неколку причини зошто медиумите во Србија пренесуваат проруски ставови во многу значајна мера. Факторите се историски, но пред сè политички и економски.

Постои многу силна врска помеѓу властите во Србија и властите во Русија. Тие врски се одржуваат со најтесните кругови на Владимир Путин, па затоа не е изненадувачки“, вели Крстовиќ.

Што се однесува до економските причини, нашата соговорничка смета дека тие најмногу одразуваат колку медиумите можат да заработат. Особено, медиумите во Србија се во можност да рекламираат без да проверуваат сè што рекламира некоја руска агенција, што се „исплати“ преку кликови, имајќи предвид дека јавноста во Србија е проруска и пропутинска.

Русија издвојува доста пари кога станува збор за пропаганда, особено во Западен Балкан, бидејќи ова е една од нивните сфери на интерес. Значи, прво, би рекла дека тоа има влијание врз општеството како такво – ако медиумите дистрибуираат еден вид содржина до читателите, тие ќе се навикнат на тоа и ќе побараат повеќе дури и без да ги проверат фактите. Мислам дека ова се случува овде во моментов. Ако на пример, имаме вест дека Русија ‘ослободила’ село во Украина, некако го прифативме и го воспоставивме терминот ‘ослободено’, без да ги провериме фактите и без да наведеме дека Русија всушност го окупирала селото“, објаснува Крстовиќ.

Таа нагласува дека блискоста на Белград и Москва уште долго ќе ги контаминира српските медиуми, но дека треба да јакне и одговорноста на уредниците и новинарите.

Се наоѓаме на таканаречената клацкалка помеѓу Западот и Русија, но тоа не е навистина нишалка, фокусот сега е апсолутно на страната на Кремљ, на страната на Русија. Друга работа, кога станува збор за медиумите, ни треба одговорност пред сè, и на уредниците и на новинарите, а потоа и на она за што пишуваме. Едноставно, медиумите мора да прифатат дека мора да ги прават работите на поинаков начин, а читателите мора да обрнат малку повеќе внимание на она што им се пласира на пазарот и во исто време да бараат од медиумите вистински, точни и проверени информации и на тој начин ќе добијат повеќе од нив“, заклучува Крстовиќ.

mediumite vo regionot se sungjer zasmmi informeri
Насловна страница на српскиот таблоид „Информер“ објавена на 22 февруари 2022 година, која служи како еклатантен пример за проруска пропаганда и дезинформации во регионалниот медиумски простор

Експертите, меѓутоа, предупредуваат дека манипулативното влијание може да се постигне и преку точни информации пласирани во манипулативен контекст, ако се засилуваат координирано и сè со јасна цел – за влијание. Тоа е затоа што медиумите во регионот се без јасни насоки, поддршка или заштитни механизми за справување со сложени форми на странско информативно влијание, додека безбедносниот сектор располага со ограничен аналитички увид во медиумските и дигиталните процеси  преку кои се манифестираат овие влијанија.

Така и во Македонија, странското мешање и манипулирање со информации не е регулирано како посебна политичка област. Оттука отпорноста на медиумите кон СММИ не зависи само од формалните стратегии и законски рамки туку и од реалните услови во кои функционираат редакциите и новинарската професија. Дополнително, анализите на медиумскиот пазар и довербата во медиумите покажуваат дека скромниот медиумски пазар, ниската доверба, политички мотивираните канали и извори со странско влијание го комплицираат јавниот простор и го олеснуваат нормализирањето на манипулативните содржини.

Зошто е тоа така – тоа е веројатно од самата природа и основата на која што се создаваат медиумите во Македонија. Јасно е, нема тука никаква дилема дека секој медиум во основа ја шири и ја пласира онаа уредувачка политика за која е заинтересиран сопственикот кој што стои зад тој медиум. Каква е таа општествена одговорност што ја има, какво чувство има кон својата публика, какви визии има за медиумите во едно демократско општество, такви медиуми имаме“, вели македонскиот новинар Бранко Ѓорѓевски, ветеран во известувањето од повеќе области.

Тој опсервира дека во една таква ситуација Македонија е многу погодна почва за навлегување на странски влијанија и наративи кои што имаат за цел менување на стратешкиот курс на Македонија.

Така во изминативе години сме сведоци на присутноста на емисии и медиумски содржини во кои што се вели дека НАТО и ЕУ ќе нѐ обезличат, дека таму нема иднина, дека таму нема да постои македонскиот идентитет. Тие наративи се многу силни, и имаат јасна цел. Живееме во време и во ситуација која што е многу податлива за странските влијанија и тоа надворешните фактори силно сакаат да го искористат“, смета Ѓорѓевски.

Слободата на медиумите е клучна

НАТО и ЕУ и во целиот Западен Балкан, не само Македонија, се лајт-мотивот противниците на овие две моќни организации да ги користат медиумите за да ги оцрнат со цел да предизвикаат отпор кај населението за приклучување кон нив. Црна Гора безмалку се најде на работ на граѓанска војна при влезот во НАТО кој беше проследен со демонстрации во земјата. Кога зборуваме за периодот пред влезот во НАТО, се споменува и IN4S, како најголем реиздавач на содржини на „Спутник Србија“ во Црна Гора, честопати со речиси идентично преземање на текстови. Меѓу најгледаните ТВ канали во Црна Гора тогаш беа и канали поврзани со сопственици од Србија, вклучувајќи ги Пинк М и Прва ТВ, преку кои се ширеше руското влијание.

Денес, пак, кога Црна Гора е на прагот на ЕУ, растат критичките гласови дека е потребен објективен наместо поданички однос на медиумите и кон евроинтеграцијата.

Имаме повеќе проевропска пропаганда во медиумите, отколку она што всушност е новинарски став и критички одраз на тоа што е европската агенда, но најчесто го прифаќаме како некоја вистина која не треба да се доведува во прашање, а тоа не е улогата на новинарството“, заклучува новинарот Душко Вуковиќ.

Слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан е ограничена со години, а авторитетот на новинарската професија е систематски поткопуван. Напредокот на патот на евроинтеграцијата треба да ги јакне браните против влијанија во медиумите од странски актери, но засега такво нешто не може да се види. Регионот пулсира согласно геополитичките потреси, а тоа неизбежно се пренесе и на медиумите кои станаа бојно поле за пресметка со вистината.