Предолгиот европски процес и слабите реформи создаваат идеална почва за анти-ЕУ кампањи

  • Дезинформациите насочени кон евроатлантските интеграции се секојдневен феномен во Македонија, кои се шират преку социјални мрежи, медиуми и политички интереси.
  • Хибридните наративи користат делумни вистини за да создадат полувистини и емоционални реакции, потхрануваат идентитетски стравови, меѓуетнички јазови и недоверба кон институциите.
  • Дезинформациите се резултат на комбинација од домашни актери (партии, олигархија, медиуми) и странски пропаганди, кои со години го еродираат кредибилитетот на ЕУ и НАТО кај јавноста.
  • Политичката волја и имплементацијата на стратегии се слаби, а дел од високите функционери понекогаш потхрануваат штетни наративи.
  • Постои растечки скептицизам и замор кај граѓаните кон ЕУ, особено кај младите, што ја поткопува довербата и забавува евроинтегративниот процес.

Дезинформациите насочени кон Европската Унија, НАТО и евроатлантските интеграции веќе одамна не се спорадичен феномен во Македонија. Тие се шират преку социјални мрежи и медиуми, потхранети од политички интереси, регионални пропагандни центри и внатрешни слабости, како што се недовршени реформи и блокади на патот кон ЕУ.

Најчесто се создава впечаток дека ЕУ намерно ја блокира Македонија, дека процесот на преговори е „лажна надеж“ и дека Унијата е инструмент во рацете на поединечни членки. Конзервативните групи додаваат дека ЕУ ќе го промени македонското образование, законодавство и културни традиции, а геополитичките наративи го спротивставуваат „авторитетот на Западот“ со „наводна искреност на Истокот“.

И покрај тоа, поддршката за членство во ЕУ останува висока, но довербата во институциите опаѓа, а бројот на граѓани кои се чувствуваат изморени или изманипулирани расте. Стручната јавност предупредува дека препознавањето и разобличувањето на овие влијанија е клучно за демократскиот развој и за успешен евроинтегративен процес.

Поддршка за ЕУ, но расте скептицизмот

Според најновите анкети од 2025 година, поддршката за членство во ЕУ кај граѓаните останува релативно висока – меѓу 65% и 70%, но истовремено се бележи значајно зголемување на скептицизмот и недовербата кон европските институции. Истите анкети покажуваат дека:

  • 35–40% од граѓаните веруваат дека процесот на преговори е неправедно блокиран поради политички притисоци;
  • над 50% сметаат дека дезинформациите се реален проблем, но дел од нив тешко ги препознаваат злонамерните наративи;
  • поддршката за NATO останува стабилна, но расте бројот на граѓани кои се изјаснуваат за „неутралност“ – наратив кој доминира во проруски пропагандни канали;
  • кај младата популација (18–29 години) се забележува поголема ранливост на онлајн дезинформации, особено преку ТикТок и Tелеграм.

Овие податоци покажуваат дека, и покрај генерално високата проевропска ориентација, постои систематски и координиран напор да се еродира јавното мислење преку комбинација од емоционални пораки, манипулативни „аналитички“ текстови и дезинформации спакувани како „патриотизам“ или „алтернативна вистина“.

Познавачите на проблематиката кои анализираат за „Само прашај“ се согласуваат дека мачниот пат на земјава кон ЕУ интеграциите, „сопките“ од соседите, слабостите на самата Унија, па дури и некои нејзини непринципиелности конкретно во процесот на проширување, но и зачестените изјави на претставниците на највисоката власт во контекст на „нефер играта на ЕУ“, отвораат широк простор за наративите и влијанијата кои кај македонската јавност, веќе отворено, лобираат контра евроинтегративниот процес.

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис објаснува дека многу од наративите кои циркулираат во Македонија имаат „зрно вистина“ – особено оние што ги користат реалните слабости на Европа. Но, токму тоа, вели тој, е главната техника во хибридното војување.

„Врз основа на една вистина, се создаваат стотици полувистини со кои се манипулира јавноста, Овие манипулации кај нас се дополнително засилени преку идентитетските прашања, каде што често се пласира порака дека ‘Европската Унија сака Македонците да исчезнат како нација’. Истовремено, се подгреваат меѓуетничките јазови и се поттикнува недоверба меѓу Македонци и Албанци, што е во интерес и на домашни и на регионални актери, но и на пошироки геополитички центри кои сакаат Балканот да остане поделен и нестабилен“, смета тој.

Трошановски додава дека одредени традиционални медиуми – порано влијателни печатени, а денес онлајн – со промена на сопственичката структура станале „главни памфлети и пропагандисти“ на таквите наративи. „На дневна основа нè трујат со идентитетски теми, со Бугарија, со Македонци и Албанци, и ги стигматизираат Албанците“, истакнува Трошановски.

Според него, корените на проблемот не се само политички, туку и длабоко социјални, при што ја посочува негативната транзициска траума.

„Нашето општество имаше горчливо искуство со демократијата – не затоа што демократијата е лош систем, туку затоа што начинот на кој ја практикувавме беше погрешен. Падот на животниот стандард, слабата правна држава и корупцијата создадоа кај граѓаните чувство дека ‘демократијата не донесе ништо добро’, особено кај повозрасните кои ги паметат материјалните бенефити од социјализмот. Втора причина е глобалниот тренд на засилување на десничарски и конзервативни идеологии, кои често се понаклонети кон авторитарни решенија. Кога луѓето не гледаат лична корист, кога не можат да ги задоволат основните материјални потреби, тие природно развиваат аверзија кон демократијата и капитализмот. Хибридните пропагандни наративи многу умешно го искористуваат ова разочарување. Тие нудат ‘алтернативи’ преку авторитарни модели како Русија, Кина или Турција, претставувајќи ги како ‘успешни демократии’, иако тие се далеку од демократски системи. Македонија и понатаму е хибриден режим, демократија во транзиција. Не сме најдобриот пример – треба да бидеме самокритични“, додава тој.

А структурата на комуникациски мрежи кои шират дезинформации е сложена, повеќеслојна и често не е централизирана, но функционира ефективно.

За Димитар Николовски од Евротинк, посочува дека овие наративи не се од сега и дека „корените“ им се уште од времето кога Македонија стануваше членка на НАТО.

„За мене беа многу интересни оние околу референдумот за промена на името, дека всушност сите лидери на ЕУ држави и од Европската Комисија се некои деца и внуци на СС-офицери, на активисти во нацистичката партија, па ги поврзуваа со слики, кој како личел. Факт-чекерите апсолутно ги разринкаа тие тврдења, но останаа меѓу народот дека всушност ние сме жртви на некој нацистички заговор во ЕУ“, вели Николовски.

Според него, голем дел од анти-ЕУ и анти-НАТО пораките што се шират во Македонија се речиси идентични со руските официјални наративи.

„Тие наративи особено се засилија откако станавме членка на НАТО, а целта е да се создаде недоверба, чувство на загрозеност и одвраќање од евроатлантскиот курс кој земјата го има поставено уште од раните 1990-ти“, додава тој.

Николовски нагласува дека дезинформациите не секогаш се резултат на организирани надворешни операции. Понекогаш домашните центри на моќ имаат интереси што се преклопуваат со странските – и без директна координација. Како највлијателен фактор тој ја посочува олигархијата, која, според него, има интерес статус-квото да остане непроменето.

„Кај нас постои сериозен проблем со олигархијата која не сака да влеземе во Европската Унија, затоа што тоа би значело построги правила за бизнис и ограничување на нивното политичко влијание. Дел од политичките партии јавно се залагаат за ЕУ, но на терен, преку анонимни кампањи, ботови и комуникациски центри, гледаме поинаков интерес. Затоа денес имаме комбинација од домашни и странски извори на моќ“, вели Николовски.

Иако внатрешните и надворешните влијанија се испреплетуваат, Николовски истакнува дека ЕУ не треба да биде амнестирана од сопствената одговорност.

Анкетите што ги спроведувале во Евротинк во 2020, 2021 и 2022 година покажале драматичен пад – дури 20 процентни поени во поддршката за членството во ЕУ. Овој пад, кој се случил уште пред францускиот предлог, укажувал на силен замор од самиот процес.

Тој објаснува дека е тешко да се измери колку падот е последица на реалното разочарување, а колку на дезинформациите. Фокус-групите покажуваат дека дезинформациите не доминираат, но се многу присутни и влијателни. Позитивно, додава Николовски, е тоа што кај граѓаните – особено кај младите – постои значителна резистентност и подготвеност да бараат повеќе извори за да донесат поинформиран и балансиран заклучок.

Борис Георгиевски, уредник на програмата на македонски јазик на Дојче Веле, објаснува дека дезинформациите и пропагандните наративи што кружат во Македонија, може да се групираат во неколку доминантни категории — со јасно препознатливи цели и извори.

Првата група, вели тој, е директно насочена против ЕУ и НАТО. Анти-ЕУ наративите најчесто го користат незадоволството од бугарската блокада како основа за создавање опасни конструкции: дека Европската Унија е „непријателска сила“, „фашистичка структура“ или организација која „работи на уништување на македонскиот идентитет“.

Анти-НАТО пораките, пак, главно се потпираат врз руската агресија врз Украина. Преку масовна дезинформациска кампања се напаѓа Украина и нејзиниот претседател, додека се велича руската политика и Владимир Путин. Секоја форма на македонска поддршка за Украина се претставува како „грешка“ или „наметната обврска“.

„И едната и другата подгрупа можат јасно да се забележат во коментарите на социјалните мрежи“, вели Георгиевски, додавајќи дека „меката“ пропаганда — комбинација од руски и српски наративи — е присутна и во дел од традиционалните медиуми, бројни портали, па дури и на некои национални телевизии. Дополнителен проблем е што граѓаните преку кабелските оператори имаат пристап до голем број српски телевизии кои отворено шират ваква пропаганда.

Влијанието врз македонската јавност, според него, е „големо и драматично потценето“.

„Особено кај граѓаните со ниско ниво на медиумска писменост и политичка култура — а такви, веројатно, се околу 90%“, предупредува Георгиевски.

Серија објави на социјални мрежи со изразено анти-НАТО и анти-ЕУ расположение чија цел е да поттикнат недоверба и негативен став кон евроатлантските интеграции (ФОТО извор: Фејсбук)

Најмногу се погодени луѓето кои целосно се информираат преку Фејсбук, ТикТок и Јутјуб, а нешто помалку оние што следат телевизии. Притоа, традиционалните медиуми често некритички преземаат содржини од портали од регионот, најчесто од Србија, што дополнително ја засилува репродукцијата на пропагандата.

Георгиевски оценува дека изворите на дезинформации во Македонија се мешавина од домашни и странски интереси — од незнаење и медиумска негрижа, до смислена злоупотреба и професионално водена пропаганда.

„Во моментов имаме и министри кои се отворено про-руски и про-српски. На власт имаме партија која со години ширеше црна пропаганда против ЕУ. И една од најголемите опозициски партии е јавно про-руска, анти-ЕУ и анти-НАТО“, вели тој.

Иако дел од дезинформациите се увезуваат, Георгиевски смета дека обрасците на домашна недоверба се делумно потхранети и од самата Европска Унија. Долгото чекање, блокадите и политичките условувања создадоа чувство на неправда — чувство што пропагандата го користи многу вешто.

Но, тој предупредува дека клучната одговорност е дома.

„И покрај сите грешки на ЕУ, домашните политичари се тие што со години го рушат нејзиниот кредибилитет. Владите зборуваа за Европа, но многу малку работеа на домашните реформи. Единствените резултати беа меѓународните договори, кои ја изиритираа јавноста и создадоа отпор кон ЕУ.“

Предизвици и последици

Борбата против дезинформациите е долг и сложен процес, а Македонија сè уште нема воспоставено вистински координирана, доследна и системска одбрана, предупредуваат нашите соговорници.

Трошановски објаснува дека главниот проблем е динамиката на дезинформациските напади, кои бараат брза и прецизна реакција.

„Проблемот е тешкотијата да се одбраните од ваков тип на војување. Бара мигновна реакција откако ќе биде пласирана дезинформацијата. Има софтвери, методологии кои можат да детектираат во момент кога одредена информација се шири на Твитер, на Фејсбук, целисходно, во организирани форми преку ботови, групни мрежи за да добие што повеќе внимание и да допре до што повеќе луѓе. Меѓутоа, реакцијата вие не можете да ја имате веднаш, во истиот момент, на ист начин да ги адресирате нападите од сите страни. И штетата е веќе направена. Додека вие реагирате, веќе гласината или дезинформацијата е толку проширена што веќе во вашата демистификација, деконструкција, одбрана од нападот односно од таа дезинформација, многу помалку луѓе ќе поверуваат, бидејќи цинизмот и онака веќе длабоко е вграден кај луѓето, не веруваат во ништо“, вели Трошановски.

Николовски додава дека суштински проблем е некоординираноста на институциите и недостигот од вистинска политичка посветеност. Иако стратегиите постојат на хартија, имплементацијата е слаба, фрагментирана и без јасно водство.

Време е изградба на национален систем против хибридни напади
Хибридните закани се глобална опасност која влијае на безбедноста, јавната доверба и демократските процеси. Тие се подмолна и моќна закана која ја поткопува и урива демократијата и има за цел да го подели општеството по сите можни линии – создаваат страв, нервоза и недоверба кон институциите и ги напаѓаат ранливите категории граѓани и основните политички и индивидуални слободи и права. 

Според Георгиевски, борбата мора да се гради двонасочно — и вертикално и хоризонтално: од врвот на институциите надолу, но и преку образовни, медиумски и граѓански иницијативи.

„По вертикала, борбата треба да ја започнат Владата/Премиерот, Претседателот и Собранието. Тие треба да бидат главниот извор на проверени информации и треба да се спротивстават на штетните наративи. Но, доколку од таму доаѓаат штетните наративи за ЕУ и НАТО, макар и во завиена форма, тогаш ќе биде многу тешко. Секако, без политичка волја и без одговорни медиуми — битката со организираните дезинформации останува тешка, а понекогаш и однапред загубена“, потенцира тој.

Токму тука тој го поставува клучниот проблем: наместо да ги спротивставуваат штетните наративи, дел од највисоките државни функционери дополнително ги потхрануваат — особено во однос на „битката со Бугарија“ и реформите во правосудството.

Пример е односот на премиерот Христијан Мицкоски кон уставните измени и европскиот процес. На изјавите на Европската Комисија дека земјата нема направено обид да ги усвои уставните измени, тој реагираше со иронија:

„Ако ги направиме уставните измени, ќе бидеме најдобри. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, фронтранери, па потоа ќе добиеме ново вето и нови проблеми“, рече Мицкоски (06.11.2025).

Сличен тон користеше и во изјавите за законите за реформата во правосудството, кои, според него, се „само за големување на платите на судиите и обвинителите“.

„Јас како претседател на Владата сум прв тоа да го добијат... Ајде да видиме дали е тоа пречката или е нешто друго“, рече Мицкоски (14.11.2025).

Овие примери, велат соговорниците, создаваат дополнителна конфузија и недоверба кај јавноста — точно во момент кога државата најмногу има потреба од јасна, доследна и координирана борба против дезинформациите.

Повеќе од две децении Македонија се движи по европскиот пат — процес кој, иако често изгледа бавен и тежок, останува клучна стратешка цел на државата. Од добивањето кандидатски статус во 2005 година, преку решавањето на спорот со Грција и историскиот напредок со НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ во 2022 година, земјата помина низ серија политички, реформски и билатерални предизвици.

Но, отворањето на новата фаза носи и нова сериозност: блокадата со Бугарија, прашањето за уставните измени и забележаната стагнација во клучните реформи го забавуваат процесот и ја поткопуваат довербата. Европскиот ентузијазам во општеството веќе не е онаму каде што беше — ерозиран е од дезинформации, политички кризи и од разочарувањето од долгиот и неизвесен пат кон Унијата.

„Бајати“ наративи го разгоруваат македонско-бугарскиот спор
Македонско-бугарските односи често се цел на дезинформации и историски митови кои се шират во медиумите. Понекогаш се вмешуваат политички и економски интереси, создавајќи дополнителни тензии меѓу двете држави.

Во таков контекст, борбата против штетните наративи не е само медиумско прашање, туку темелно прашање на стратешка стабилност и на иднината на евроинтеграциите. Без доследна политичка волја, функционален институционален систем и јасна државна координација, земјата ризикува дополнително забавување — токму во момент кога е најпотребно спротивното.

 

Ова содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски

Снимател и фотографии: Наке Батев

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Поврзани стории:

„Бајати“ наративи го разгоруваат македонско-бугарскиот спор

Кина и Западен Балкан: Дали јуанот ќе проговори и на политички јазик?

Време е изградба на национален систем против хибридни напади

Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција

Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста

Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?

Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации

Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани